Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Послушноста кон Јехова ми донесе многу благослови

Послушноста кон Јехова ми донесе многу благослови

„Колку убава поука ни дал Ное!“, рече татко ми. „Ное му бил послушен на Јехова и си го сакал семејството, и сите го преживеале Потопот бидејќи целото семејство влегло во арката.“

ОВИЕ зборови се меѓу првите спомени кои ги имам од татко ми. Тој беше скромен и трудољубив човек. Многу ја сакаше правдата и затоа, кога ја слушна библиската порака во 1953 год., веднаш ја прифати. Оттогаш правеше сѐ што можеше за да ни го пренесе сето она што го учеше. Мајка ми во почетокот не сакаше да ги остави католичките обичаи, но, со текот на времето, ги прифати библиските учења.

На моите родители воопшто не им беше лесно да проучуваат со нас. Мајка ми беше речиси неписмена, а татко ми по цели денови напорно работеше на полето. Понекогаш беше толку уморен што заспиваше додека проучувавме. Сепак, неговиот труд се исплатеше. Јас бев најстарото дете, и затоа помагав околу поучувањето на сестра ми и двете братчиња. Честопати зборувавме за омилената тема на татко ми — за тоа колку Ное си го сакал семејството и колку му бил послушен на Бог. Многу ми се допаѓаше тој извештај од Библијата! За кратко време, сите почнавме да одиме на состаноци во Салата на Царството во градот Розето дељи Абруци, кој се наоѓа на италијанскиот брег на Јадранското Море.

Во 1955 год., кога имав 11 години, јас и мајка ми тргнавме на пат преку планините за да стигнеме до Рим, каде што присуствувавме на нашиот прв областен конгрес. Оттогаш многу ги засакав ваквите големи собири.

Се крстив следната година и, по кратко време, почнав со пионерска служба. Кога имав 17 години, заедно со една сестра почнавме да служиме како специјални пионери во градот Латина, кој се наоѓа јужно од Рим и кој беше оддалечен околу 300 километри од мојот дом. Латина беше прилично нов град и никој не се плашеше што ќе речат соседите. Бевме пресреќни затоа што можевме да дадеме многу библиска литература. Иако уживав во службата, бев сѐ уште млада и многу ми недостигаше семејството. Но, знаев дека Јехова сака да служам таму, и сакав да му бидам послушна.

Подоцна бев испратена во Милано за да помогнам околу подготовката на меѓународниот конгрес „Вечна добра вест“, кој се одржа во 1963 год. За време на конгресот, служев како доброволец заедно со многу други соверници, меѓу кои беше и Паоло Пичоли, еден млад брат од Фиренца. На вториот ден од конгресот, тој одржа впечатлив говор за самештвото. Се сеќавам дека си помислив: „Овој брат никогаш нема да се ожени“. Но, почнавме да се допишуваме и сфативме дека имаме многу заеднички работи. Имавме исти цели, двајцата го сакавме Јехова, и имавме силна желба да му останеме послушни. Јас и Паоло се зедовме во 1965 год.

СРЕДБИ СО СВЕШТЕНИЦИ

Во Фиренца служев 10 години како општ пионер. Беше многу убаво да се види порастот во собранијата, а особено духовниот напредок на младите. Јас и Паоло уживавме да разговараме за духовни работи со нив и заедно да се рекреираме. Паоло често играше фудбал со нив. Иако сакав да минувам повеќе време со мојот сопруг, ми беше јасно дека тој им е потребен и на помладите и на семејствата од собранието.

Срцето ми се исполнува со радост кога ќе се присетам на многуте библиски студии што ги водевме. На пример, проучувавме со Адријана, која им го раскажуваше она што го учеше на две други семејства. Тие договорија средба со еден свештеник за да разговараме за некои црковни учења како, на пример, за тројството и за бесмртноста на душата. На средбата дојдоа тројца високи свештеници. Нивните објаснувања беа нејасни и нелогични, и нашите интересенти можеа јасно да видат дека тие учења не се во склад со Библијата. Тој разговор беше пресвртница во нивниот живот. Со текот на времето, 15 лица од тие семејства станаа Сведоци.

Се разбира, денес проповедаме на поинаков начин. Во тоа време, Паоло честопати имаше средби со свештеници и стана вистински „стручњак“ за разговор со нив. Во една прилика, тој зборуваше со нив пред група луѓе кои не беа Сведоци. Стана очигледно дека свештениците им кажале на некои од присутните да му поставуваат незгодни прашања. Сепак, разговорот не се одвиваше онака како што тие планираа. Еден човек праша дали е исправно црквата да се меша во политика, како што веќе прави со векови. Свештениците се најдоа во ќорсокак. Одеднаш снема струја и дискусијата беше прекината. По неколку години дознавме дека свештениците однапред испланирале некој да ја исклучи струјата доколку разговорот не им оди во прилог.

НОВИ ТЕОКРАТСКИ ЗАДАЧИ

Десет години откако се зедовме, јас и Паоло бевме поканети да служиме во покраинското дело. Паоло имаше добра работа и не ни беше лесно да донесеме одлука. Но, откако се молевме и размислувавме за тоа, решивме да ја прифатиме новата задача. Многу убаво си минувавме кај семејствата каде што престојувавме. Навечер обично проучувавме сите заедно, а потоа Паоло им помагаше на децата околу домашните задачи, особено по математика. Паоло беше и страстен читател, па со воодушевеност ни ги раскажуваше интересните и охрабрувачки мисли што ги прочитал. Во понеделник имавме обичај да проповедаме во градовите каде што немаше Сведоци и да ги каниме луѓето да дојдат на говорот кој се одржуваше истата вечер.

По само две години поминати во покраинското дело, бевме поканети да служиме во Бетелот во Рим. Паоло служеше во правното одделение, а јас во Одделот за списанија. Оваа промена не беше лесна, но бевме решени да останеме послушни. Ни причинуваше голема радост кога гледавме како подружницата постепено се проширува и како бројот на Сведоци во Италија сѐ повеќе расте. Во тој период, Јеховините сведоци во Италија добија законско признание. Навистина уживавме во бетелската служба.

Во првата половина од 1980-тите, додека сѐ уште служевме во Бетел, имаше еден судски случај кој ја вознемири јавноста во Италија. Еден брачен пар Сведоци беа обвинети дека се одговорни за смртта на нивната ќерка затоа што не дозволиле да прими трансфузија на крв. Во суштина, таа починала поради тоа што имала сериозно заболување на крвта, од кое страдаат многумина во земјите околу Средоземното Море. Браќата и сестрите од бетелското семејство им помагаа на адвокатите кои ги застапуваа родителите. Беше отпечатен трактат, како и специјално издание на Разбудете се!, кои многу им помогнаа на луѓето да ги дознаат сите факти во врска со случајот и да разберат што вели Божјата Реч за крвта. Во тие месеци, Паоло работеше без престан по 16 часа дневно, а јас давав сѐ од себе за да го поддржувам.

УШТЕ ЕДНА ПРОМЕНА ВО НАШИОТ ЖИВОТ

По 20 години брак, се соочивме со еден неочекуван пресврт на настаните. Јас имав 41, а Паоло 49 години кога му кажав дека мислам дека сум бремена. Во неговиот дневник прочитав дека тој ден го напишал следново: „Молитва: Ако е вистина, помогни ни да останеме во полновремена служба, да не ослабнеме во духовен поглед и да бидеме добри родители. Пред сѐ, помогни ми да применам барем еден отсто од сето она што сум го кажал од бина последниве 30 години“. Исходот покажа дека Јехова навистина одговори и на неговите и на моите молитви.

Нашиот живот потполно се промени откако се роди Иларија. Јас и Паоло понекогаш бевме обесхрабрени, токму како што пишува во Изреки 24:10: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“. Но, постојано се поддржувавме бидејќи знаевме колку значи меѓусебното охрабрување.

Иларија неретко кажува дека е многу среќна што израснала со родители кои биле зафатени во полновремена служба. Таа никогаш не се почувствува запоставено, туку напротив, ѝ посветувавме многу внимание и ѝ покажувавме многу љубов. Во текот на денот, јас се грижев за неа, а навечер, кога Паоло ќе си дојдеше дома, си играше со неа и ѝ помагаше околу домашните задачи. Тоа го правеше иако потоа мораше да останува дури до 2 или 3 часот наутро за да ги заврши своите обврски. Иларија честопати велеше: „Тато ми е најдобар другар“.

Се разбира, ни беше потребна истрајност, а понекогаш и строгост, за да ѝ помогнеме на Иларија да научи да постапува исправно. Се сеќавам дека еднаш, кога си играше со една другарка, лошо постапи со неа. Ние ѝ објаснивме зошто Бог не сака да се однесуваме на таков начин. Освен тоа, ја поттикнавме веднаш да ѝ се извини на другарката.

Иларија вели дека е многу благодарна што ние како родители покажувавме толкава љубов кон службата. А сега, кога и самата е во брак, уште подобро разбира колку е важно да му биде послушна на Јехова и да живее во склад со неговата волја.

ПОСЛУШНОСТ И ВО ТЕШКИ МОМЕНТИ

Во 2008 год., Паоло дозна дека има рак. Во почетокот се чинеше дека ќе може да се избори со болеста, и тој многу ме храбреше. Освен што се погриживме да ја добие најдобрата медицинска нега, јас и Иларија долго го молевме Јехова да ни даде сила и помош за да истраеме во тој мачен период. Ми беше многу тешко додека гледав како Паоло, кој некогаш беше толку енергичен и силен, постепено станува немоќен. Неговата смрт во 2010 год. ми зададе неизмерна болка. Но, црпам голема утеха од спомените на она што го постигнавме заедно во изминатите 45 години. Му го дадовме најдоброто на Јехова, и знам дека тој никогаш нема да го заборави нашиот труд. Копнеам по денот кога Паоло ќе воскресне, во склад со ветувањето на Исус запишано во Јован 5:28, 29.

„Длабоко во себе, сѐ уште сум она мало девојче кое многу ја сака приказната за Ное. Решена сум да му бидам послушна на Јехова“

Длабоко во себе, сѐ уште сум она мало девојче кое многу ја сака приказната за Ное. Решена сум да му бидам послушна на Јехова, без разлика што ќе побара од мене. Уверена сум дека секоја препрека, жртва или загуба е релативно мала кога ќе се спореди со прекрасните благослови што со љубов ни ги дава нашиот Бог. Од лично искуство можам да кажам дека навистина вреди да му бидеме послушни на Јехова.