Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше последните неколку броеви од Стражарска кула? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Што е библиомантија, и како треба христијаните да гледаат на неа?
Некои луѓе сметаат дека, ако само ја отворат Библијата на која и да било страница и го прочитаат првиот стих што ќе им падне в очи, тој ќе им го даде потребното водство за одредена ситуација во животот. Овој обичај е познат како библиомантија. Вистинските христијани не бараат предзнаци. Наместо тоа, тие ја проучуваат Библијата за добро да го запознаат Бог и да добијат водство од него (15/12, страница 3).
Што е „светот“ кој ќе помине?
„Светот“ кој ќе помине се сите луѓе кои не живеат во склад со Божјата волја (1. Јов. 2:17). Земјата, како и оние што му се верни на Бог нема да бидат уништени (1/1, страници 5-7).
Како Авел ни зборува иако е мртов? (Евр. 11:4)
Тоа го прави преку својата вера. Можеме да учиме од него и да се угледаме на неговата вера. Неговиот пример сѐ уште е жив (1/1, страница 12).
На кои полиња треба да внимаваме да не се оддалечиме од Бог?
Некои полиња се: нашето вработување или кариера, забавата и рекреацијата, дружењето со исклучен роднина, користењето на современа технологија, загриженоста за здравјето или погрешното гледиште за парите. Освен тоа, не смееме да им придаваме преголема важност на своето мислење или положба (15/1, страници 12-21).
Што може да научиме од понизноста на Мојсеј?
Наместо да се возгордее поради авторитетот што му бил даден, Мојсеј се потпирал на Бог, а не на себе. И ние никогаш не треба да се возгордееме заради положбата, авторитетот или природните дарби што ги имаме. Наместо тоа, треба да имаме доверба во Јехова (Изр. 3:5, 6; 1/2, страница 5).
Каде ќе живеат воскреснатите?
Еден ограничен број — 144.000 — ќе живеат на небото. Но, повеќето од оние што ќе воскреснат ќе бидат вратени во живот на Земјата и ќе имаат можност засекогаш да живеат на неа (1/3, страница 6).
Што значело тоа што Израелците биле со „необрежано срце“? (Ерем. 9:26).
Тие биле тврдоглави и непокорни, и требало да ги отстранат сите мисли, желби и мотиви кои го стврднувале нивното срце и ги наведувале да не ги слушаат Јеховините заповеди (Ерем. 5:23, 24; 15/3, страници 9-10).
Како примерот на Исус може да ни помогне да водиме смисловен живот?
Исус имал цел во животот — да ја врши Божјата волја. Освен тоа, многу го сакал својот Татко, а ги сакал и луѓето. Затоа бил уверен дека и неговиот Татко го сака и има доверба во него. Овие работи ни помагаат да водиме вистински исполнет живот (1/4, страници 4-5).
Што го сочинува земниот дел на Божјата организација?
Во земниот дел на Јеховината организација спаѓаат Водечкото тело, одборите на подружниците, патувачките надгледници, старешинствата, собранијата и објавителите (15/4, страница 29).
Зошто може да се каже дека Бог не бил суров кога ги извршувал своите пресуди?
На Јехова не му е мила смртта на злите (Езек. 33:11). Во минатото, тој секогаш ги предупредувал луѓето пред да изврши некоја казна. Ова ни влева надеж дека можеме да преживееме кога тој ќе ги изврши своите пресуди во иднина (1/5, страници 5-6).
Дали Израелците ги погубувале злосторниците на столб?
Не. Другите народи го правеле тоа, но не и Израелците. Барем во времето кога биле пишувани Хебрејските списи, тие најпрво ги погубувале злосторниците на друг начин, на пример, со каменување (3. Мој. 20:2, 27). Потоа мртвото тело на злосторникот понекогаш било обесувано на столб како предупредување за другите (15/5, страница 13).
Зошто луѓето не можат да постигнат светски мир?
Иако постигнале многу, луѓето сепак не можат да управуваат со своите чекори (Ерем. 10:23). Бидејќи Сатана владее со светот, луѓето нема да можат да постигнат мир (1. Јов. 5:19; 1/6, страница 16).