Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Старешини, ќе ја закрепнете ли „изморената душа“?

Старешини, ќе ја закрепнете ли „изморената душа“?

Анџела, * немажена сестра на околу 30 години, очекува да ја посетат старешините и малку е вознемирена. Си размислува: „Што ли ќе ми кажат? Знам дека пропуштив неколку состаноци, ама работата навистина ме исцрпува. По цел ден се грижам за стари лица и, кога ќе се вратам дома, немам сила за ништо“. Освен што има напорна работа, таа е загрижена и за лошото здравје на мајка ѝ.

Кога ти би бил еден од старешините што треба да ја посетат Анџела, како би ја охрабрил? Како би се подготвил пред да појдеш кај оваа ‚изморена душа‘? (Ерем. 31:25).

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ОКОЛНОСТИТЕ НА СВОИТЕ БРАЌА И СЕСТРИ

Повремено, секој од нас се уморува од работата и од христијанските одговорности. На пример, пророкот Даниел ‚се почувствувал сосема исцрпен‘ кога добил видение што не можел да го разбере (Дан. 8:27). Што му помогнало? Бог го испратил ангелот Гавриел, кој му го објаснил видението и му кажал дека Јехова ги чул неговите молитви. Освен тоа, му рекол дека сѐ уште е „Божји љубимец“ (Дан. 9:21-23). Подоцна, на Даниел му се појавил друг ангел и го зајакнал со слични зборови (Дан. 10:19).

И ти би можел да направиш нешто слично кога треба да посетиш некој соверник кој е изморен или обесхрабрен. Пред да одиш кај него, одвој си време за да размислиш за неговата ситуација. Прашај се: ‚Со какви проблеми се соочува? Како влијаат врз него? Кои убави особини ги има?‘ Ричард, кој служи како старешина веќе 20 години, вели: „Се концентрирам на добрите страни на браќата и сестрите. Кога внимателно размислувам за нивните околности пред да ги посетам, многу полесно можам да најдам соодветни зборови со кои ќе ги охрабрам“. Ако планираш да посетиш некој соверник заедно со друг старешина, би било добро да поразговарате за неговите околности пред да одите кај него.

ПОМОГНИ ИМ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ ОПУШТЕНО

Сигурно ќе се согласиш дека на секого не му е угодно да зборува за своите чувства. На пример, на некој брат може да му биде тешко да си го отвори срцето кога ќе го посетат старешините. Како би можел да го опуштиш? Една срдечна насмевка и неколку љубезни зборови можат да го скршат мразот. Кога ќе посети некој брат или сестра, Мајкл, кој е старешина повеќе од 40 години, обично вели: „Многу се радувам што како старешина имам прекрасна можност да ги посетувам браќата и подобро да ги запознаам. Едвај чекав да дојдеме кај тебе денес“.

Исто така, можеби би било добро заедно да се помолите уште на почетокот. Во молитвата би можел да ги спомнеш убавите особини на братот или сестрата. Апостол Павле ни дал убав пример во овој поглед. Тој во своите молитви ги спомнувал верата, љубовта и истрајноста на своите браќа и сестри (1. Сол. 1:2, 3). Ако и ти се молиш на ваков начин, ќе го подготвиш и твоето срце и срцето на твојот брат за изградувачки разговор. Освен тоа, твоите зборови можат да му влеат сила. Реј, еден искусен старешина, вели: „Понекогаш сите ги забораваме добрите работи што ги правиме. Затоа, многу сме зајакнати кога некој ќе нѐ потсети на нив“.

СПОДЕЛИ НЕКОЈ ДУХОВЕН ДАР

Би можел да го охрабриш својот брат и така што ќе му дадеш „духовен дар“. Тоа можеш да го направиш ако споделиш со него нешто од Библијата, макар и само еден стих (Рим. 1:11). На пример, некој што е потиштен веројатно се чувствува безвредно, слично како псалмистот, кој се споредил со исушена „мешина во чад“ (Пс. 119:83, 176). Откако накратко ќе му објасниш што значел тој израз во библиски времиња, би можел да му кажеш оти си уверен дека и тој, исто како псалмистот, сигурно ‚не ги заборавил‘ Божјите заповеди.

Како би можел со помош на Библијата да охрабриш некоја сестра која била неактивна или, пак, ја изгубила ревноста во службата за Бог? Можеби ќе ја охрабри споредбата за загубената драхма (Лука 15:8-10). Таа драхма можеби била дел од некој скапоцен ѓердан составен од многу сребрени драхми. Со тоа што ќе разговарате за оваа споредба, можеби ќе ѝ помогнеш на сестрата да сфати дека е скапоцен член на христијанското собрание. Потоа, би можел да ја увериш дека Јехова многу се грижи за неа бидејќи и таа е една од неговите скапоцени овчички.

Нашите браќа и сестри обично со задоволство зборуваат за некоја мисла што ја прочитале од Библијата. Затоа, за време на посетата, немој да зборуваш само ти. Откако ќе им прочиташ некој стих, би можел да избереш некој клучен збор или израз, и да ги прашаш што мислат за тоа. На пример, откако ќе го прочиташ Исаија 40:29, би можел да прашаш: „Дали ти лично си почувствувал како Јехова на некој начин ‚ти ја вратил силата‘ кога си бил исцрпен?“ Едно вакво прашање би можело да води до разговор со кој ‚заемно ќе се охрабрите‘ (Рим. 1:12).

Друг начин на кој би можел да охрабриш некого е ако разговарате за библиска личност која била во слична ситуација како неговата. Некој што е депримиран веројатно се чувствува слично како Ана или Епафродит, кои понекогаш биле потиштени, но останале скапоцени во Божји очи (1. Сам. 1:9-11, 20; Фил. 2:25-30). Во Библијата има и многу други убави примери кои би можел да ги користиш во такви прилики.

ПРОДОЛЖИ ДА ПОКАЖУВАШ ГРИЖА

Продолжи да покажуваш грижа за своите браќа и сестри и откако ќе ги посетиш (Дела 15:36). На пример, на крајот на разговорот, би можеле да се договорите да одите во служба на проповедање. Кога Бернард, еден искусен старешина, повторно ќе се сретне со братот или сестрата што неодамна ги посетил, тактично им поставува прашање во врска со советот што го дал, велејќи: „Па, како е? Дали сега е подобро?“ Со тоа што ќе покажеш таков личен интерес, ќе можеш да процениш дали сѐ уште им треба помош.

Денес, повеќе од кога и да било порано, на нашите браќа и сестри им треба грижа, разбирање и љубов (1. Сол. 5:11). Затоа, пред да одиш на пастирска посета, одвој време да размислиш за нивните околности. Моли се во врска со тоа. Внимателно избери соодветни стихови. На тој начин, ќе ги најдеш вистинските зборови за да ја закрепнеш „изморената душа“!

^ пас. 2 Имињата се сменети.