Јехова ‚ми го носи товарот секој ден‘
И покрај тешките и непредвидливи здравствени проблеми кои понекогаш се чинат неподносливи, во текот на целиот мој живот ја чувствував грижата и љубовта на нашиот мил небесен Татко. Особено се радувам што повеќе од 20 години му служам на Јехова како пионер.
Родена сум во 1956 год. со спина бифида, вродена деформација на ’рбетниот столб, која предизвикува оштетувања на нервите. Поради тоа не можам да одам, а имам и други сериозни здравствени проблеми.
Некое време пред да се родам, еден брачен пар Јеховини сведоци, кои биле мисионери, почнале да ја проучуваат Библијата со моите родители. Кога бев дете, во мојот роден град Усакос (Намибија) имаше само неколку објавители. Бидејќи немаше собрание, материјалот за состаноците го разгледувавме како семејство. На седум години, имав уростомија, операција со која се прави вештачки отвор на телото од кој може да излегува урината. На 14 години, добив епилепсија. Бидејќи најблиското средно училиште беше далеку, а мене ми требаше посебна нега од родителите, не можев да го довршам школувањето.
И покрај тоа, решив да дадам сѐ од себе за да го зајакнам својот однос со Јехова. Во тоа време, многу од нашите библиски публикации не беа преведени на африканс, мојот мајчин јазик. Затоа научив да читам англиски за да можам да ги проучувам нашите книги. Станав објавител на Царството и се крстив на 19 години. Во текот на следните четири години, имав многу здравствени и емоционални проблеми. Освен тоа, бидејќи живеев во мало место каде што сите се знаеја, стравот од човек ме спречуваше ревносно да учествувам во службата.
Кога имав дваесетина години, се преселивме од Намибија во Јужноафриканската Република и за првпат станав дел од едно собрание. Тоа навистина беше прекрасно! Но, повторно морав да одам на операција, овој пат на колостомија.
Некое време потоа, слушнав еден говор во кој покраинскиот надгледник зборуваше за пионерската служба. Она што го кажа ме допре до срце. Знаев дека немам баш најдобро здравје, но дотогаш веќе имав почувствувано на своја кожа како Јехова се грижеше за мене кога ми беше најтешко. Затоа дадов молба да служам како општ пионер. Но, старешините се колебаа да ми ја одобрат молбата поради мојата лоша здравствена состојба.
И покрај тоа, решив да правам сѐ што можам во службата. Со помош на мајка ми и на другите, во текот на шест месеци успеав да ја исполнам квотата часови потребна за еден општ пионер. Со тоа покажав дека сум решена и дека можам да учествувам во оваа служба и покрај здравствените тешкотии. Повторно дадов молба, и таа беше одобрена. На 1 септември 1988 год., почнав да служам како општ пионер.
Јехова постојано ме поддржува во оваа служба. Наместо да мислам само на мојата состојба, ги поучувам другите за вистината, и тоа ме штити, ми дава сила и ми помага да станам уште поблиска со него. Чувствувам неизмерна радост затоа што им помогнав на мнозина да почнат да му служат на Бог и да се крстат.
Моето здравје сѐ уште може да се влоши. Сепак, Јехова ‚ми го носи товарот секој ден‘ (Пс. 68:19). Тој не само што ми дава сила да ги поднесувам тешкотиите, туку ми помага навистина да му се радувам на животот!