Прашања од читателите
Дали би било во ред христијанските родители да седат до своето исклучено дете на собраниските состаноци?
Нема причина непотребно да се грижиме за тоа каде седи некое исклучено лице во Салата на Царството. Во нашите публикации, христијанските родители секогаш се поттикнати да му помагаат во духовен поглед на своето исклучено дете кое сѐ уште живее заедно со нив. На пример, во Стражарска кула од 1 октомври 2001, на страници 16-18, пишуваше дека родителите можат дури и да ја проучуваат Библијата со своето малолетно дете кое било исклучено и кое сѐ уште живее со нив. Можеби тоа ќе го поттикне детето да се поправи и да се врати во вистината.
Разбирливо е исклучениот малолетник да седи до своите родители во Салата на Царството. Со оглед на тоа што од исклучените не се бара да седат во последниот ред, никој не треба да има приговор ако исклученото дете седи до своите родители каде и да било во Салата. Бидејќи родителите се грижат за духовноста на детето, сигурно им е важно тоа да извлече што е можно поголема корист од состаноците. Затоа, многу е подобро детето да седи до нив наместо некаде кај што нема да го гледаат.
Но, што ако исклученото дете повеќе не живее со своите родители? Дали ова менува нешто? Во минатото, во ова списание беше јасно кажано каков став треба да имаат христијаните кога станува збор за дружење со исклучен член на семејството кој повеќе не живее дома. * Но, едно е некој да седи до исклучениот за време на состанокот, а сосема друго е непотребно да изнаоѓа начини за да се дружи со него. Ако христијаните имаат исправен став кон исклучениот член на своето семејство, и се трудат да ги следат библиските совети во врска со дружењето со исклучени лица, тогаш не би било погрешно тој да седи до нив за време на собраниските состаноци (1. Кор. 5:11, 13; 2. Јов. 11).
Сѐ додека исклученото лице се однесува исправно, не би било погрешно тоа да седи до некој од семејството или до кој и да било друг член на собранието. Ако се поставуваат правила за тоа каде треба некој да седи за време на состаноците, тоа би можело да води до разни проблеми. Доколку сите присутни, вклучувајќи ги и верните членови на семејството, се трудат да постапуваат во склад со библиските начела за исклучените и доколку соверниците не се спрепнуваат затоа што исклученото дете седи до некого, нема потреба да се прави проблем од тоа кој каде ќе седи на христијанските состаноци. *
^ пас. 5 Види во книгата Зачувај ја Божјата љубов, страници 207-209.
^ пас. 6 Ова е ново објаснување за она што беше кажано во англиското издание на Стражарска кула од 1 април 1953, страница 223.