Родители — поучувајте ги децата уште од мали нозе
„ЕВЕ, синовите се наследство од Јехова; плодот на утробата е награда“, вели Библијата (Пс. 127:3). Затоа родителите многу се радуваат кога ќе им се роди бебе.
Но, освен што причинува радост, раѓањето на детето со себе носи и голема одговорност. За да стане здрав возрасен човек, тоа треба редовно да јаде здрава храна. Слично на тоа, за да развие блиско пријателство со Јехова, на детето му е потребна духовна храна и водство од родителите. Тие треба да ги всадат Божјите начела во неговото срце за да му помогнат да стане зрел христијанин (Изр. 1:8). Кога треба да почнат да го воспитуваат своето дете, и за што треба да го поучуваат?
НА РОДИТЕЛИТЕ ИМ Е ПОТРЕБНО ВОДСТВО ОД БОГ
Да видиме што се случило со Маној, кој бил од племето на Дан и живеел во израелскиот град Сора. Еден Јеховин ангел ѝ кажал на неговата жена, која била неротка, дека ќе роди син (Суд. 13:2, 3). Верниот Маној и неговата жена сигурно биле пресреќни поради тоа. Но, истовремено биле и многу загрижени. Затоа Маној се помолил: „Прости, Јехова. Те молам, пак нека дојде кај нас Божјиот човек, кого си го испратил, и нека нѐ поучи што треба да правиме со детето што ќе се роди“ (Суд. 13:8). Маној и неговата жена се прашувале како можат најдобро да го воспитаат своето дете. Без сомнение, тие го поучувале својот син, Самсон, за Божјиот закон, и очигледно нивниот труд родил плод. Библијата вели: „По некое време, Јеховиниот дух почна да дејствува врз [Самсон]“. Како резултат на тоа, додека бил судија во Израел, тој правел многу моќни дела (Суд. 13:25; 14:5, 6; 15:14, 15).
Кога треба родителите да почнат да ги воспитуваат своите деца? Тимотеј бил поучен за „светите списи“ од мајка му, Евника, и баба му, Лоида, уште „од рано детство“ (2. Тим. 1:5; 3:15). Значи, тие почнале да го воспитуваат Тимотеј уште од мали нозе.
Мудро е христијанските родители да го молат Јехова за водство и однапред да планираат за да можат да го поучуваат своето дете „од рано детство“. Во Библијата пишува: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изр. 21:5, фус.). Пред да се роди бебето, родителите внимателно се подготвуваат. Можеби дури и ќе направат список со работи што ќе му бидат потребни. Но, важно е да планираат и како ќе го учат своето дете за Јехова. Треба да си постават цел да почнат да го поучуваат уште откако ќе се роди.
Во една книга која објаснува како децата стануваат возрасни луѓе, се вели: „Првите месеци откако ќе се роди бебето се пресудни за развојот на неговиот мозок. Во тој период, бројот на синапси — врските од кои зависи процесот на учењето — се зголемува за 20 пати“ (Early Childhood Counts—A Programming Guide on Early Childhood Care for Development). Мудро е родителите да го искористат овој краток период од умствениот развој на детето за да почнат да му ги всадуваат Јеховините мисли и мерила.
Во врска со својата ќеркичка, една мајка која служи како општ пионер го рекла следново: „Ја носев со мене во служба уште откако имаше еден месец. Мислам дека тоа беше многу добро за неа иако не разбираше што се случува. Кога имаше две годинки, воопшто не ѝ беше тешко да им дава трактати на луѓето што ги среќававме во службата“.
Родителите можат да имаат многу добри резултати ако ги воспитуваат своите деца уште од мали нозе. Сепак, тие знаат дека тоа не е секогаш лесно.
„ОТКУПУВАЈТЕ СИ ВРЕМЕ“
На родителите понекогаш им е тешко да ги поучуваат децата затоа што малите обично не можат долго да седат на едно место и да се концентрираат. Тие се љубопитни и ги интересира сѐ околу нив. Што би можеле да сторат родителите за да му помогнат на детето да го насочи вниманието на она за што го поучуваат?
Размисли за она што го рекол Мојсеј. Во 5. Мојсеева 6:6, 7 пишува: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“. Зборот „всадува“ значи да се поучува со постојано повторување. Малите деца се како млади дрвца кои треба редовно да се наводнуваат. Исто како што возрасните учат со повторување, и децата можат многу полесно да учат ако работите им се повторуваат повеќе пати.
За да ги поучат своите деца за Божјите вистини, родителите треба да поминуваат време со нив. Тоа може да биде предизвик бидејќи родителите обично се многу зафатени. Но, апостол Павле советувал ‚да си откупуваме време‘ за поважните работи (Еф. 5:15, 16). Како може да го правиме ова? За еден христијански старешина, чија жена е општ пионер, било голем предизвик да најде рамнотежа меѓу воспитувањето на детето, грижата за теократските одговорности и световната работа. Како успеале да најдат време за да ја воспитуваат својата ќеркичка? Таткото вели: „Секое утро пред да појдам на работа, јас и жена ми ѝ читаме од Мојата книга со библиски приказни или од брошурката Секојдневно разгледување на Писмото. Освен тоа, се трудиме да ѝ читаме и секоја вечер пред да си легне, а ја водиме и во служба заедно со нас. Не сакаме да ги испуштиме овие први години од нејзиниот живот“.
‚СИНОВИТЕ СЕ КАКО СТРЕЛИ‘
Сигурно сите сакаме нашите деца да бидат одговорни личности кога ќе пораснат. Сепак, главна причина зошто ги поучуваме е за да им помогнеме од сѐ срце да го засакаат Јехова (Мар. 12:28-30).
Во Псалм 127:4 стои: „Какви што се стрелите во раката на јунакот, такви се синовите на младоста“ (Пс. 127:4). Овде децата се споредени со стрели кои треба прецизно да се насочат кон целта. Додека нишани, стрелецот ја држи стрелата во рака само кратко време и, откако ќе ја пушти, не може да стори ништо за да ја врати назад. На сличен начин, и родителите се заедно со своите деца само кратко време во животот. Затоа, треба добро да го искористат за да ги всадат Божјите мерила во нивниот ум и во нивното срце.
Во врска со своите духовни деца, апостол Јован напишал: „За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината“ (3. Јов. 4). Слично на Јован, и христијанските родители многу се радуваат кога гледаат дека нивните деца „живеат според вистината“.