Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали си се преобразил?

Дали си се преобразил?

„Преобразете се така што ќе го обновите својот ум“ (РИМ. 12:2)

1, 2. Како влијаат врз нас домашното воспитување и околината во која живееме?

ДОМАШНОТО воспитување и околината силно влијаат врз сите нас. На пример, сакаме одредена храна, и се облекуваме и се однесуваме на одреден начин. Зошто? Делумно затоа што сме под влијание на пријателите, културата и средината во која живееме.

2 Околината и семејството влијаат и врз поважни работи од тоа каква храна јадеме и каква облека носиме. Додека растеме, поучени сме што е исправно и прифатливо, а што погрешно и неприфатливо. Врз нашите ставови и одлуки влијае и нашата совест. Библијата вели дека честопати оние „кои немаат закон, по природа го држат она што е во законот“ (Рим. 2:14). Дали ова значи дека, ако за одредена работа нема некој конкретен закон од Бог, треба едноставно да го правиме она што ни се чини дека е исправно или што е во склад со мерилата кои важат во нашето семејство и во околината?

3. Од кои две причини христијаните не се поведуваат по општоприфатените мерила во светот?

3 Има најмалку две важни причини зошто христијаните не постапуваат така. Прво, Библијата нѐ потсетува: „Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“ (Изр. 16:25). Бидејќи сме несовршени, не можеме секогаш да процениме што е најдобро за нас и да постапиме исправно (Изр. 28:26; Ерем. 10:23). Второ, Библијата вели дека Сатана, „богот на овој свет“, е тој што ги поставува мерилата во светот и наметнува што ќе биде општоприфатено (2. Кор. 4:4; 1. Јов. 5:19). Затоа, ако сакаме да ги стекнеме Јеховината милост и благослов, треба да го послушаме советот од Римјаните 12:2. (Прочитај.)

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе бидат обработени три важни мисли од Римјаните 12:2: 1) Зошто треба да ‚се преобразиме‘? 2) Што вклучува оваа преобразба? 3) Како може да се преобразиме? Да ги разгледаме овие прашања.

ЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРЕОБРАЗИМЕ?

5. На кого се однесувал советот што Павле го дал во Римјаните 12:2?

5 Околу 56 год. од н.е., апостол Павле го напишал своето послание до Римјаните. Но, не им го упатил на сите луѓе во Рим, туку на помазаните христијани кои живееле таму (Рим. 1:7). Тој ги поттикнал да се преобразат и ‚да не дозволуваат и понатаму да ги обликува овој свет‘. Кога го спомнал ‚светот‘, Павле мислел на мерилата, обичаите, однесувањето и начинот на облекување кои биле општоприфатени во римскиот свет. Тоа што ги советувал сохристијаните да ‚не дозволуваат и понатаму‘ да ги обликува овој свет, значи дека некои од нив сѐ уште размислувале и постапувале како останатите Римјани. Во кој поглед светот влијаел врз нашите браќа и сестри во тоа време?

6, 7. Зошто на христијаните кои живееле во Рим во времето на Павле не им било лесно?

6 Денес туристите во Рим можат да ги видат остатоците од храмовите, гробниците, спомениците, арените, театрите итн. Некои од нив датираат од првиот век. Тие неми сведоци на минатото ни помагаат да дознаеме каков бил општествениот и религиозниот живот во древниот Рим. И во историските книги можеме да читаме дека во тоа време се одржувале гладијаторски игри, трки со двоколки, како и драмски и музички претстави од кои некои биле неморални. Исто така, Рим бил и богат трговски центар што нудел многу можности за материјална заработка (Рим. 6:21; 1. Пет. 4:3, 4).

7 Иако имале многу храмови и обожавале безброј богови, Римјаните не се труделе да стекнат близок однос со нив. Нивната религија се сведувала на ритуали и обичаи — поврзани со раѓањето, бракот и погребите — кои биле дел од нивниот секојдневен живот. Затоа, на христијаните во Рим сигурно не им било лесно. Многумина од нив порано и самите им служеле на лажни богови, и затоа требало да се променат од корен за да станат вистински христијани. Било неопходно да продолжат да прават промени дури и по денот на крштавањето.

8. Зошто светот денес е опасно место за христијаните?

8 Исто како тогаш, и денес светот е опасно место за христијаните. Зошто? Затоа што духот на светот е раширен насекаде. (Прочитај Ефешаните 2:2, 3; 1. Јованово 2:16.) Бидејќи секојдневно сме изложени на желбите, размислувањата, ставовите и моралните вредности на овој свет, ние постојано сме во опасност да паднеме под негово влијание. Затоа имаме силна причина да го послушаме советот што го дал Павле, и ‚да не дозволуваме и понатаму да нѐ обликува овој свет‘, туку ‚да се преобразиме‘. Што мора да правиме?

ШТО ВКЛУЧУВА ПРЕОБРАЗБАТА?

9. Какви промени направиле мнозина пред своето крштавање?

9 Кога некој ја проучува Библијата и го применува она што го учи, почнува духовно да напредува. Како резултат на тоа, прави промени во својот живот. Престанува да ги држи лажните верски обичаи, ги остава поранешните лоши навики и почнува да развива христијански особини (Еф. 4:22-24). Среќни сме што секоја година над двеста илјади лица напредуваат на ваков начин, му го заветуваат својот живот на Јехова Бог и се крштаваат. Ова сигурно многу го радува Јеховиното срце (Изр. 27:11). Но, добро е да се прашаме: Дали тие промени се доволни?

10. Во кој поглед преобразбата се разликува од подобрувањето?

10 За да се преобразиме, не е доволно само да напредуваме или да се подобруваме. На пример, можеби на некој производ пишува дека е со „подобрена“ формула но, всушност, тоа е истиот производ на кој му била додадена само една нова состојка или, пак, има друга, поубава амбалажа. Еден библиски речник вели дека изразот „преобразете се“, кој се користи во Римјаните 12:2, се однесува на длабока внатрешна промена, односно обнова на размислувањето со моќта на светиот дух. Според тоа, за еден христијанин да се преобрази, не е доволно само да ги остави лошите навики, расипаниот говор и неморалното однесување. Дури и некои што не ја познаваат Библијата се трудат да не ги прават тие работи. Тогаш, што вклучува нашата преобразба?

11. Според зборовите на Павле, што е потребно за некој да се преобрази?

11 Павле напишал: „Преобразете се така што ќе го обновите својот ум“. Зборот „ум“ се однесува на размислувањето или разумот. Но, кога се користи во Библијата, може да укажува и на склоности, ставови и способност за расудување. Во почетокот на своето послание до Римјаните, Павле зборувал за луѓе кои „ги водат размислувања што [Бог] не ги одобрува“. Тие се полни со „неправда, злоба, лакомост, расипаност... завист, убиства, караници, измами“ и други штетни работи (Рим. 1:28-31). Јасно е зошто тој ги поттикнал оние што живееле во една таква средина и станале Божји слуги ‚да се преобразат‘ и ‚да го обноват својот ум‘.

‚Нека се отстрани од вас сета лутина и гнев и викање и навредлив говор‘ (Еф. 4:31)

12. Каков став имаат повеќето луѓе денес? Зошто е опасно христијаните да размислуваат на таков начин?

12 За жал, и ние сме опкружени со луѓе кои одговараат на описот што го дал Павле. Тие мислат дека е старомодно да се живее според утврдени мерила и начела, и дека никој не треба да ги присилува другите да живеат така. Многу родители и наставници се премногу попустливи и им дозволуваат на децата да прават што сакаат. За нив сѐ е релативно, односно секој може сам да одредува што е исправно а што погрешно. Дури и мнозина од оние што тврдат дека се побожни сметаат дека можат да постапуваат како што тие мислат дека е исправно, и дека не се должни да го слушаат Бог и неговите заповеди (Пс. 14:1). Овој став може да биде многу опасен за христијаните. Ако не внимаваат, би можеле да престанат да ги следат упатствата што ги добиваат од Божјата организација, па дури и да негодуваат против сѐ што ним лично не им се допаѓа. Би можеле и да не ги прифаќаат во потполност библиските совети во врска со забавата, користењето Интернет и високото образование.

13. Зошто треба искрено да се преиспитуваме?

13 За да не дозволиме и понатаму да нѐ обликува овој свет, мора искрено да ги преиспитаме нашите најдлабоки ставови, чувства, вредности и цели. Другите обично не можат да видат што навистина имаме во срцето. Можеби дури и ни велат дека сме супер. Сепак, само ние знаеме дали навистина сме дозволиле она што го учиме од Библијата да нѐ преобрази, и дали и понатаму нѐ преобразува. (Прочитај Јаков 1:23-25.)

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРЕОБРАЗИМЕ?

14. Како можеме да откриеме кои промени треба да ги направиме?

14 За да се преобразиме, треба да го промениме нашиот внатрешен човек, односно нашето срце. Што ќе ни помогне да направиме таква длабока промена? Кога ја проучуваме Библијата, дознаваме какви личности Јехова сака да бидеме. Нашата реакција на она што го читаме открива што имаме во срцето и кои промени треба да ги направиме за да постапуваме во склад со ‚совршената Божја волја‘ (Рим. 12:2; Евр. 4:12).

15. Како се преобразуваме кога Јехова нѐ обликува?

15 Прочитај Исаија 64:8. Од споредбата што ја дал Исаија учиме нешто многу важно. На кој начин Јехова, Грнчарот, нѐ обликува нас, глината? Тој не го менува нашиот надворешен изглед за да нѐ направи поубави. Напротив, ако му дозволиме да нѐ обликува, тој ќе нѐ преобрази однатре, односно ќе го промени нашиот внатрешен човек — а тоа е токму она што ни е потребно за да се бориме против влијанието на светот. Како Јехова нѐ обликува?

16, 17. а) Објасни што прави грнчарот со глината од која сака да направи скапоцен сад. б) Како Јехова ја употребува својата Реч за да нѐ обликува во скапоцен сад кој ќе може да го користи?

16 Кога сака да изработи еден скапоцен сад, грнчарот користи глина со висок квалитет. Но, пред да ја обликува треба да направи две работи. Прво, треба да ја измие глината за да ги отстрани од неа сите нечистотии. А потоа треба да додаде исправна количина вода и да ја обработи за да може садот да го задржи саканиот облик.

17 Забележи дека грнчарот користи вода и да ја исчисти глината и да ја омекне за да може да работи со неа. Потоа може да ја обликува како што сака, па дури и од неа да направи многу скапоцен сад. Дали сфаќаме како може Божјата Реч да има слично влијание врз нашиот живот? Таа може да ни помогне да го отстраниме стариот начин на размислување, и да почнеме да размислуваме како што сака Бог. Потоа тој може да нѐ обликува во скапоцен сад кој ќе може да го користи (Еф. 5:26). Зошто постојано сме потсетувани да ја читаме Библијата секој ден и да одиме редовно на христијанските состаноци каде што таа се разгледува? Бидејќи на тој начин му дозволуваме на Јехова да нѐ обликува (Пс. 1:2; Дела 17:11; Евр. 10:24, 25).

18. а) Зошто е неопходно длабоко да размислуваме за Божјата Реч ако сакаме таа да нѐ преобрази? б) Кои прашања е добро да си ги поставиме?

18 Ако сакаме Божјата Реч да нѐ преобрази, не е доволно само да ја читаме и да знаеме што пишува во неа. Многу луѓе понекогаш ја читаат Библијата и затоа прилично добро ја познаваат. Можеби си сретнал такви луѓе во службата. Некои можеби дури и напамет ќе ти кажат библиски стихови. * Сепак, тоа обично нема никакво влијание врз нивното размислување и начин на живот. Зошто? Затоа што Божјата Реч може да влијае врз некого и да го преобрази само ако тој дозволи да му продре длабоко во срцето. Поради тоа, треба да одвоиме време за да размислуваме за она што го учиме од неа. Добро е да се прашаме: ‚Дали сум се уверил од лично искуство дека ова е вистината, а не само некое религиозно учење? Дали она што го учам го применувам во својот живот или, пак, само сакам да ги поучувам другите за тоа? Дали кога ја читам Библијата чувствувам дека Јехова ми зборува мене лично?‘ Ако длабоко размислуваме за вакви прашања, нашата љубов кон Јехова ќе расте и уште повеќе ќе се зближиме со него. Кога она што го учиме ќе продре во нашето срце, ќе бидеме поттикнати да направиме промени со кои ќе го радуваме Бог (Изр. 4:23; Лука 6:45).

19, 20. Кои библиски совети можат многу да ни користат?

19 Ако редовно ја читаме Библијата и ако длабоко размислуваме за неа, тоа ќе ни помогне и понатаму да го правиме она што веќе во некоја мера сме го направиле: ‚Да ја соблечеме старата личност и нејзините дела, а да ја облечеме новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја‘ (Кол. 3:9, 10). Кога се трудиме да ја разбереме Божјата Реч и да ја применуваме во животот, тоа нѐ поттикнува да ја облечеме новата христијанска личност, која ќе ни помага да се заштитиме од Сатановите лукави сплетки.

20 „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте“, нѐ потсетува апостол Петар, туку „бидете свети во сѐ што правите“ (1. Пет. 1:14, 15). Во следната статија ќе видиме како Јехова ќе нѐ благослови ако дозволиме да нѐ преобрази, и ако даваме сѐ од себе за да ги отстраниме размислувањата и ставовите што сме ги имале порано.

^ пас. 18 Види го примерот наведен во Стражарска кула од 1 февруари 1994, страница 9, пасус 7.