Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радувај се на Јеховините опомени

Радувај се на Јеховините опомени

„Твоите опомени ги усвоив засекогаш“ (ПС. 119:111)

1. а) Како реагираат луѓето на советите, и зошто? б) Како реагира горделивиот човек кога ќе добие совет?

ЛУЃЕТО реагираат различно кога ќе добијат совет. Некои спремно го прифаќаат ако доаѓа од лице што има авторитет над нив. Но, ако советот доаѓа од некој што е на нивна возраст или со помал авторитет, можеби веднаш го отфрлаат. Кога ќе добијат совет или укор, некои се чувствуваат тажно, разочарано или засрамено, а други, пак, се мотивирани да ги прават работите подобро. Зошто има такви разлики? Една причина е гордоста. Кога ќе добие совет, горделивиот човек обично мисли дека тој не важи за него, и го отфрла. Поради тоа, пропушта да извлече корист од она што му било кажано (Изр. 16:18).

2. Зошто вистинските христијани ги ценат советите од Божјата Реч?

2 Ние, како вистински христијани, ги цениме добрите совети, особено ако се темелат на Божјата Реч. Советите и опомените што ни ги дава Јехова ни помагаат да сфатиме какви ќе бидат последиците од погрешното постапување. На пример, ни помагаат да не паднеме во замките на материјализмот, неморалот и злоупотребата на дрога или алкохол (Изр. 20:1; 2. Кор. 7:1; 1. Сол. 4:3-5; 1. Тим. 6:6-11). Затоа што сме послушни на Јеховините опомени, ние воскликнуваме од „радост во срцето“ (Иса. 65:14).

3. Каков став треба да имаме кон Божјите заповеди?

3 За да го зачуваме скапоценото пријателство со нашиот небесен Татко, мора и понатаму да ги применуваме неговите мудри совети во животот. Убаво е да имаме ист став како псалмистот, кој напишал: „Твоите опомени ги усвоив засекогаш, зашто ми се радост за срцето“ (Пс. 119:111). Дали и ние се радуваме на Јеховините заповеди или понекогаш ни се тешки? Дури и ако не ни е лесно да прифатиме некој совет, не треба да се обесхрабруваме. Можеме да изградиме непоколеблива доверба во Божјата возвишена мудрост и да бидеме сигурни дека неговите заповеди секогаш се за наше добро. Да видиме на кои три начини може да го сториме тоа.

ЗАЈАКНИ ЈА СВОЈАТА ДОВЕРБА ПРЕКУ МОЛИТВА

4. Која работа во животот на Давид никогаш не се променила?

4 Цар Давид имал многу подеми и падови во животот, но една работа кај него никогаш не се променила — тој секогаш имал безусловна доверба во Творецот. Давид рекол: „Кон тебе, Јехова, ја подигам својата душа. Боже мој, во тебе имам доверба“ (Пс. 25:1, 2). Што му помогнало да има толку силна доверба во својот небесен Татко?

5, 6. Што ни откриваат молитвите на Давид во врска со неговото пријателство со Јехова?

5 Многу луѓе му се молат на Бог само кога ќе се најдат во мака. Но, како ќе се чувствуваш ако некој твој пријател или роднина ти се јавува само кога му требаат пари или некоја услуга? Со текот на времето, веројатно ќе помислиш дека те бара само од корист. Но, Давид не бил таков. Низ целиот свој живот — и во добро и во зло — тој останал близок пријател со Јехова. Од неговите молитви јасно може да се види дека го сакал својот Бог и дека имал потполна доверба во него (Пс. 40:8).

6 Забележи како Давид го фалел Бог и како ја изразил својата благодарност кон него. Тој рекол: „О Јехова, Господару наш, колку е величествено името твое по целата земја, за твојата чест се зборува над небесата!“ (Пс. 8:1). Зарем од овие зборови не се гледа колку близок однос имал со својот небесен Татко? Давид бил толку восхитен од величината и од славата на Јехова, што бил поттикнат да го фали „по цел ден“ (Пс. 35:28).

7. Зошто е важно редовно да му се молиме на Јехова?

7 Исто како Давид, и ние треба редовно да зборуваме со Јехова во молитва за да ја зајакнеме својата доверба во него. Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8). Ако му се молиме на Јехова, ќе станеме уште поблиски со него. Освен тоа, молитвата е уште еден важен начин на кој добиваме свет дух. (Прочитај 1. Јованово 3:22.)

8. Зошто не треба да повторуваме исти изрази и зборови кога се молиме?

8 Кога се молиш, дали имаш навика да ги повторуваш истите изрази и зборови? Ако да, пред да се помолиш, одвој малку време за да размислиш што ќе кажеш. Што ќе помисли некој пријател или роднина ако му кажуваш исти зборови секогаш кога зборуваш со него? Можеби повеќе нема да сака да те слуша. Се разбира, Јехова никогаш нема да одбие да ги сослуша искрените молитви на некој свој верен слуга. Сепак, добро е да внимаваме да не се молиме механички и без размислување.

9, 10. а) За што би можеле да му се молиме на Јехова? б) Што може да ни помогне да ги продлабочиме своите молитви?

9 Јасно е дека не можеме да се зближиме со Бог ако кажуваме површни молитви. Колку повеќе му го излеваме своето срце, толку поголема ќе биде нашата доверба во него. Но, за што можеме да се молиме? Божјата Реч вели: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Фил. 4:6). Значи, можеме да се молиме за сѐ што влијае врз нашиот живот или врз нашето пријателство со Бог.

10 Можеме да научиме многу од молитвите на верните мажи и жени кои се запишани во Библијата (1. Сам. 1:10, 11; Дела 4:24-31). На пример, во Псалмите има многу искрени молитви и песни кои му биле упатени на Јехова. Во нив е опишан широк спектар на чувства — од најдлабока болка до неизмерна радост. Ако размислуваме за тие зборови на Божјите лојални слуги, ќе може да ги продлабочиме и своите молитви.

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА БОЖЈИТЕ СОВЕТИ И ОПОМЕНИ

11. Зошто треба да размислуваме за Божјите совети и опомени?

11 Давид изјавил: „Опомената од Јехова е веродостојна, му дава мудрост на неискусниот“ (Пс. 19:7). Според тоа, дури и ако сме неискусни, може да станеме мудри ако ги слушаме Божјите заповеди. Но, за некои совети од Библијата треба да размислуваме подлабоко ако сакаме да му останеме верни на Бог на секое поле од животот. Ваквото размислување за библиските начела може да ти помогне да бидеш лојален кога ќе се најдеш на искушение да направиш нешто погрешно на училиште или на работа. Исто така, може да ти помогне да се држиш за Јеховините закони во врска со крвта и со христијанската неутралност, и да донесуваш добри одлуки во поглед на облекувањето и изгледот. Ако размислуваме за Божјите совети, ќе можеме однапред да се подготвиме за вакви ситуации и да решиме како ќе постапиме уште пред да ни се случи нешто. Тоа ќе ни помогне да се поштедиме од болните последици кои би можеле да ги сносиме поради погрешните одлуки (Изр. 15:28).

12. Што ќе ни помогне да ги усвоиме Божјите опомени?

12 Додека чекаме да се исполнат Божјите ветувања, дали со нашиот начин на живот покажуваме дека сме духовно будни? На пример, дали навистина веруваме дека Големиот Вавилон наскоро ќе биде уништен? Дали идните благослови, како што се вечниот живот и воскресението, ни се исто толку реални како што ни беа во почетокот, кога првпат чувме за нив? Дали и понатаму со ревност ја вршиме службата или, пак, сме дозволиле некои наши лични желби да ни станат поважни во животот? Дали сѐ уште ни е најважно да се посвети Јеховиното име и да се докаже дека тој има право да владее како Севишен Господар? Ако размислуваме за вакви прашања, и ние ќе можеме, слично на псалмистот, ‚засекогаш да ги усвоиме Божјите опомени‘ (Пс. 119:111).

13. Зошто на првите христијани им било тешко да разберат некои работи? Наведи пример.

13 Некои работи што се спомнати во Библијата сѐ уште не ги разбираме потполно затоа што не е дојдено времето Јехова да ги разјасни. Истото било случај и во првиот век. На пример, Исус повеќе пати им кажал на своите апостоли дека ќе мора да страда и да биде погубен. (Прочитај Матеј 12:40; 16:21.) Но, тие не сфатиле што мислел со тоа. Овие зборови им станале јасни по неговото воскресение, кога им се појавил на повеќе свои ученици и ‚им го отворил умот да ги разберат Писмата‘ (Лука 24:44-46; Дела 1:3). Слично на тоа, дури на Педесетница 33 год. од н.е., кога светиот дух бил излеан врз нив, Христовите следбеници сфатиле дека Божјето Царство ќе владее од небото (Дела 1:6-8).

14. Каков добар пример ни оставиле нашите браќа во почетокот на 20 век?

14 На сличен начин, и во почетокот на 20 век, вистинските христијани имале погрешни очекувања во врска со „последните денови“ (2. Тим. 3:1). На пример, во 1914 год., некои мислеле дека наскоро ќе бидат земени на небото, но нивните надежи не се исполниле. Сепак, тие продолжиле да ја истражуваат Библијата, и сфатиле дека најпрво добрата вест треба да се проповеда низ целиот свет (Мар. 13:10). Затоа, во 1922 год., Џ. Ф. Ратерфорд, кој тогаш предводел во проповедничкото дело, им го кажал следново на присутните на меѓународниот конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД): „Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство!“ Оттогаш наваму, Јеховините слуги јасно се препознаваат по тоа што ја проповедаат „добрата вест за царството“ (Мат. 4:23; 24:14).

15. Зошто е добро да размислуваме за начинот на кој Јехова постапувал со својот народ?

15 Кога размислуваме како Јехова постапувал со својот народ — и во минатото и денес — се зацврстува нашата увереност дека тој може да ја исполни својата намера во иднина. Освен тоа, неговите потсетувања ни помагаат да ги задржиме во умот и во срцето пророштвата кои допрва треба да се исполнат. Тоа уште повеќе ја зајакнува нашата доверба во неговите ветувања.

ЗАЈАКНУВАЈ ЈА СВОЈАТА ДОВЕРБА ВО БОГ ДОДЕКА ВЕРНО МУ СЛУЖИШ

16. Какви благослови имаме кога ја вршиме службата со сета душа?

16 Нашиот Бог, Јехова, е моќен Бог кој постојано дејствува. „Кој е силен како тебе, Јах?“, прашал псалмистот. А потоа додал: „Раката ти е цврста, а десницата ти е подигната“ (Пс. 89:8, 13). Слично на нашиот Творец, ние сме зафатени со теократски активности. Јехова го цени и го благословува трудот што го вложуваме додека му служиме. Тој гледа дека неговите слуги — мажи и жени, млади и стари — не седат со скрстени раце и не го јадат „лебот на мрзливоста“ (Изр. 31:27). Кога му служиме на Бог со сета душа, ние сме среќни, а тој со радост го благословува она што го правиме во службата. (Прочитај Псалм 62:12.)

17, 18. Како нашата доверба во Јехова се зајакнува кога ги следиме неговите упатства? Наведи пример.

17 Како нашата доверба во Јехова се зајакнува кога верно ја вршиме службата и ги следиме упатствата што ни ги дава тој? Да размислиме што се случило кога израелскиот народ требало да влезе во Ветената земја. Јехова им заповедал на свештениците кои го носеле ковчегот на сојузот да загазат во реката Јордан. Но, како што се приближувале до реката, Израелците можеле да видат дека, поради пролетните дождови, Јордан се прелевал преку своите брегови. Што сториле тие? Дали се улогориле на брегот и чекале неколку седмици за да се повлече водата? Не. Со целосна доверба во Јехова, народот ги послушал неговите упатства. Каков бил резултатот? Библијата вели: „Штом нозете на свештениците што го носеа ковчегот загазија во водата на работ од реката... [таа] престана да тече, и народот преминуваше спроти Ерихон. А свештениците... мирно стоеја на суво среде Јордан, додека целиот Израел преминуваше по сува земја“ (Ис. Нав. 3:12-17). Замисли колку биле среќни Израелците кога тие разбеснети води престанале да течат! Нивната вера во Јехова многу се зајакнала затоа што ги послушале неговите упатства.

18 Иако денес не прави такви чуда за својот народ, Јехова нѐ благословува кога покажуваме вера и ги следиме неговите упатства. Со својот свет дух, тој ни дава сила храбро да ја проповедаме добрата вест за Царството низ целиот свет. Најголемиот Сведок на Јехова, воскреснатиот Исус Христос, ги уверил своите ученици дека ќе им помага во ова важно дело, кога рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). Многу Сведоци кои се срамежливи или плашливи можат од лично искуство да потврдат дека Божјиот дух навистина им дава храброст да зборуваат со непознати луѓе во службата. (Прочитај Псалм 119:46; 2. Коринќаните 4:7.)

19. Во што треба да бидеме уверени дури и ако не можеме да правиме во службата толку колку што би сакале?

19 Некои браќа и сестри не можат да прават толку колку што би сакале во службата за Бог затоа што се болни или стари. Сепак, можат да бидат уверени дека „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ добро знае какви се околностите на секој вистински христијанин (2. Кор. 1:3). Тој го цени сето она што можеме да го правиме во службата за Царството. Сите ние треба да имаме на ум дека нашето спасение главно зависи од нашата вера во Христовата откупна жртва (Евр. 10:39).

20, 21. На кои начини покажуваме дека имаме доверба во Јехова?

20 Додека му служиме на Бог, ние безрезервно ги трошиме нашето време, сила и материјални средства. Навистина сакаме со сето срце ‚да ја проповедаме добрата вест‘ (2. Тим. 4:5). Среќни сме затоа што им помагаме на другите „добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Тоа што го славиме и го фалиме Јехова, духовно нѐ збогатува (Изр. 10:22). Исто така, ни помага да стекнеме непоколеблива доверба во нашиот Творец (Рим. 8:35-39).

21 Како што видовме, довербата во мудрото водство што ни го дава Јехова не доаѓа автоматски — треба да вложиме труд за да ја стекнеме. Затоа, гради ја својата доверба во Бог преку молитва. Размислувај како ја исполнувал својата волја во минатото и како ќе ја исполни во иднина. И зајакнувај ја својата доверба во него со тоа што и понатаму верно ќе му служиш. Навистина, Јеховините опомени и потсетувања ќе траат засекогаш. Ако им обрнуваш внимание, и ти ќе можеш да живееш засекогаш!