„Робувајте му на Јехова“
„Во работата не бидете мрзливи... Робувајте му на Јехова“ (РИМ. 12:11)
1. а) На што помислуваат повеќето луѓе кога ќе се спомне зборот „ропство“? б) Во кој поглед робувањето за кое станува збор во Римјаните 12:11 е поинакво?
КОГА ќе се спомне зборот „ропство“, мнозина помислуваат на луѓе кои се угнетувани и малтретирани од сурови господари. Библијата вели дека и христијаните се робови на Бог. Но, нивното ропство е сосема поинакво. Тие доброволно му служат на еден Господар кој со љубов се грижи за нив. Кога ги советувал христијаните во првиот век ‚да му робуваат на Јехова‘, апостол Павле, всушност, ги поттикнал да му служат на Бог од љубов (Рим. 12:11). За какво ропство станува збор? Како може да се чуваме да не му станеме робови на Сатана и на неговиот свет? И какви благослови имаат оние што верно му служат на Јехова како негови робови?
‚ГО САКАМ СВОЈОТ ГОСПОДАР‘
2. а) Зошто некој Израелец, кој бил роб, можел да се одрече од правото да биде ослободен? б) Што покажувал робот со тоа што му дозволувал на својот господар да му го продупчи увото?
2 Од Законот што Бог му го дал на Израел, дознаваме што е потребно за да му бидеме робови на Јехова. Ако некој Израелец служел како роб, тој можел да биде ослободен во седмата година од своето робување (2. Мој. 21:2). Но, доколку некој роб многу го сакал својот господар и не сакал да го напушти, Законот дозволувал да остане кај него и да продолжи да му служи. Во тој случај, господарот требало да го доведе робот кај вратата или кај довратникот и да му го продупчи увото со шило (2. Мој. 21:5, 6). Зошто го правел ова? Во хебрејскиот јазик, исто како и во македонскиот, зборот „послушност“ е поврзан со слушање. Со тоа што дозволувал господарот да му го продупчи увото, робот покажувал дека сака и понатаму да го слуша и да му служи. Слично на тоа, кога му го заветуваме својот живот на Јехова, ние му покажуваме дека сме спремни да го слушаме затоа што многу го сакаме.
3. Зошто му го заветуваме својот живот на Бог?
3 Уште пред да се крстиме, ние одлучуваме да му служиме на Јехова, односно да бидеме негови робови. Му го заветуваме својот живот затоа што сакаме да му бидеме послушни и да ја вршиме неговата волја. Никој не нѐ присилува да донесеме таква одлука. Дури и кога некое младо лице одлучува да се крсти, го прави тоа затоа што лично му се заветувало на Јехова, а не затоа што сака да им угоди на родителите. Всушност, секој од нас — поттикнат од љубов кон својот небесен Господар, Јехова — донесува лична одлука да му го заветува својот живот. А апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“ (1. Јов. 5:3).
СЛОБОДНИ, А СЕПАК РОБОВИ
4. Како можеме да станеме „робови на праведноста“?
4 Колку сме благодарни што Јехова ни овозможил да бидеме негови робови! Поради нашата вера во откупната жртва на Христос, можеме да бидеме избавени од ропството на гревот. Иако сѐ уште сме несовршени, ние доброволно избираме да им служиме на Јехова и на Исус како на наши Господари. Павле го објаснил ова во едно од своите посланија. Тој напишал: „Сметајте се себеси за мртви за гревот, а живи за Бог преку Христос Исус“. А потоа предупредил: „Не знаете ли дека, ако му се предавате некому во ропство и се обврзувате на послушност, робови сте му на оној кого го слушате — било на гревот, кој води во смрт, било на послушноста, која води во праведност? Но благодарен сум му на Бог што вие, иако му бевте робови на гревот, од срце ѝ станавте послушни на онаа поука на која ѝ бевте предадени. Да, поради тоа што сте ослободени од гревот, станавте робови на праведноста“ (Рим. 6:11, 16-18). Бидејќи ‚од срце сме му послушни‘ на Јехова, Богот на праведноста, кога му се заветуваме, ние стануваме „робови на праведноста“.
5. Каква внатрешна борба мора да водиме, и зошто?
5 Како робови на Бог, ние мора да водиме две битки. Прво, исто како Павле, мора да се бориме со нашата сопствена несовршеност. Тој рекол: „Навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“ (Рим. 7:22, 23). Бидејќи сме несовршени, мора и понатаму да водиме борба со нашите телесни желби и склоности. Апостол Петар нѐ поттикнува: „Живејте како слободни луѓе, но не како оние на кои слободата им е како покривка за злобата, туку како Божји робови“ (1. Пет. 2:16).
6, 7. Што прави Сатана за неговиот свет да ни изгледа привлечен?
6 Второ, мора да водиме битка и против овој свет кој е под влијание на демоните. Сатана, владетелот на светот, ги насочува своите стрели кон нас со цел да ја скрши нашата верност кон Јехова и кон Исус. Бидејќи сака да му робуваме нему, тој се обидува да нѐ наведе да паднеме под неговото расипано влијание. (Прочитај Ефешаните 6:11, 12.) На пример, Сатана сака неговиот свет да ни изгледа привлечен и примамлив. Но, апостол Јован предупредил: „Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него, бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јов. 2:15, 16).
7 Материјализмот е раширен низ целиот свет. Сатана ги наведува луѓето да мислат дека парите се клуч за среќата. На секој чекор никнуваат огромни трговски центри. Освен тоа, рекламната индустрија ги поттикнува луѓето да ги стават материјалните работи и уживањата на прво место во животот. Туристичките агенции нудат аранжмани за екскурзии на интересни места при што најчесто би биле изложени на друштвото на луѓе кои имаат световни гледишта. Всушност, пораката на сето ова е да си го „подобриме“ животот, но не според Божјите мерила, туку според мерилата на овој свет.
8, 9. Што ќе се случи ако се обидуваме да ја задоволиме „желбата на очите“, и зошто ова е опасно?
8 Во врска со некои христијани од првиот век кои почнале да размислуваат како луѓето во светот, Петар предупредил: „Секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада“ (Превод на МПЦ). А потоа додал: „Тие се црни дамки и срамни петна. Со необуздано уживање им се препуштаат на своите измамливи учења додека се гоштаваат со вас. Зашто, говорат високозвучни и празни зборови, па со желбите на телото и со бесрамните дела ги мамат оние кои штотуку им побегнале на оние чии дела се расипани. Им ветуваат слобода, а самите се робови на расипаноста. Зашто, секој му робува на оној што ќе го совлада“ (2. Пет. 2:13, 18, 19).
9 Ако се обидуваме да ја задоволиме „желбата на очите“, нема да бидеме слободни. Напротив, ќе станеме робови на Сатана Ѓаволот, невидливиот господар на овој свет (1. Јов. 5:19). Постои многу голема опасност да станеме робови на материјализмот — а тоа е ропство од кое човек тешко може да се ослободи.
КАРИЕРА ВО ОВОЈ СВЕТ ИЛИ ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА?
10, 11. Кој е главна мета на Сатана денес, и како високото образование може да влијае врз младите христијани?
10 Исто како во рајската градина, Сатана и денес ги напаѓа оние што се неискусни. Младите му се главна мета. Тој не е среќен кога некој млад човек, или кој и да е друг, одлучува да му биде роб на Јехова. Ѓаволот не сака никој од оние што му се заветуваат на Јехова да му остане потполно верен и оддаден на својот Бог.
11 Да се вратиме на робот кој не сакал да си замине откај својот господар. Кога господарот му го продупчил увото, тој сигурно чувствувал болка. Но, по некое време болката поминала, а робот имал траен знак на увото од кој се гледало дека одлучил да остане кај својот господар. Слично на ова, понекогаш за некој млад човек може да биде тешко, па дури и болно, да постапува поинаку од своите врсници. На пример, Сатана ја шири идејата дека можеме да бидеме вистински среќни ако изградиме кариера во неговиот свет. Но, христијаните не смеат да заборават дека најважно од сѐ е Јехова да ни биде на прво место во животот. Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Христијаните му го заветуваат својот живот на Бог за да ја вршат неговата волја, а не волјата на Сатана. Тие уживаат во Јеховиниот закон и размислуваат за него дење и ноќе. (Прочитај Псалм 1:1-3.) Меѓутоа, ако некој Божји слуга избере да оди на факултет што од него ќе бара голема посветеност, најверојатно ќе нема многу време да размислува за Божјата Реч и да се грижи за своите духовни потреби.
12. Пред каков избор стојат многу млади денес?
12 Во своето прво послание до христијаните кои живееле во Коринт, Павле прашал: „Дали си повикан како роб?“ А потоа рекол: „Не грижи се! Но ако можеш да станеш слободен, искористи ја можноста“ (1. Кор. 7:21). Ако христијанинот имал световен господар кој му го отежнувал животот, за него ќе било многу подобро ако можел да биде ослободен. Каква поука можеме да извлечеме од ова? Денес во многу земји образованието е задолжително до одреден степен. Но, потоа учениците имаат избор. Ако некој реши да продолжи да се школува со цел да гради кариера во овој свет, би можел да ја пропушти можноста да се ослободи за да му служи на Јехова во полновремена служба. (Прочитај 1. Коринќаните 7:23.)
НАЈДОБРОТО МОЖНО ОБРАЗОВАНИЕ
13. Кој вид образование најмногу ќе им користи на Јеховините слуги?
13 Павле ги предупредил христијаните во Колоси: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Кол. 2:8). И денес многу интелектуалци шират „мудрување и празна измама, која се темели на човечки преданија“. Високото образование, кое става акцент на академските достигнувања, обично не им овозможува на студентите да се здобијат со потребните работни вештини и не ги подготвува да се справат со предизвиците во секојдневниот живот. Но, Јеховините слуги избираат образование кое им помага да стекнат практични вештини за да можат да водат едноставен живот и да му служат на Бог. Тие се послушни на следниов совет што Павле му го дал на Тимотеј: „Несомнено, оддаденоста на Бог е извор на голема добивка, кога човек е задоволен со она што го има. Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6:6, 8). Наместо да стекнуваат световни дипломи и титули, вистинските христијани прават сѐ што можат во службата за да им помагаат на луѓето да станат ученици на Христос. (Прочитај 2. Коринќаните 3:1-3.)
14. Според Филипјаните 3:8, како гледал Павле на честа да им биде роб на Бог и на Христос?
14 Размисли за апостол Павле. Тој бил поучен од Гамалиел, еврејски учител по Законот. Всушност, може да се каже дека Павле имал еден вид факултетско образование. Но, како гледал на ова во споредба со честа да биде роб на Бог и на Христос? Тој напишал: „Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус, мојот Господар“. А потоа додал: „Поради него јас се согласив да изгубам сѐ и сето тоа го сметам за смет, само да го добијам Христос“ (Фил. 3:8). Ваквото гледиште им помага на младите христијани и на нивните богобојазливи родители да направат мудар избор во поглед на образованието. (Види ги сликите.)
ИЗВЛЕЧИ КОРИСТ ОД НАЈДОБРОТО ОБРАЗОВАНИЕ
15, 16. Какво образование ни обезбедува Јеховината организација, и која е неговата главна цел?
15 Каков дух преовладува во многу световни институции за високо образование? Зарем неморалот и пијанчењето не се вообичаени меѓу студентите? (Еф. 2:2). Спротивно на тоа, Јеховината организација ни го обезбедува најдоброто можно образование во мирната атмосфера на христијанското собрание. Секој од нас може да извлече корист од седмичната Теократска школа за служба. Освен тоа, има и посебен курс за неженети браќа што служат како пионери (Библиска школа за неженети браќа), како и за брачни парови кои се во пионерска служба (Библиска школа за брачни парови). Ваквото теократско образование ни помага да му бидеме послушни на Јехова, нашиот небесен Господар.
16 Можеме длабоко да истражуваме во Индексот на публикации на Јеховините сведоци, како и во Библиотеката на CD, за да откриеме многу скапоцени духовни вистини. Главната цел на библиското образование е да нѐ поучи да го обожаваме Јехова на исправен начин. Освен тоа, учиме и како да им помагаме на луѓето да се помират со Бог (2. Кор. 5:20). А откако самите ќе бидат поучени, и тие ќе можат да поучуваат други (2. Тим. 2:2).
РОБОТ ДОБИВА БЛАГОСЛОВИ
17. Какви благослови имаме од најдоброто образование?
17 Во Исусовата споредба за талантите, двајцата верни робови биле пофалени затоа што добро си ја завршиле работата. Господарот бил многу радосен и ги наградил со тоа што им доверил уште поодговорни задачи. (Прочитај Матеј 25:21, 23.) Ако го избереме најдоброто образование, и ние ќе бидеме среќни и ќе имаме вистинска смисла во животот. Ова го потврдува и примерот на Мајкл. Тој бил толку добар ученик, што неговите професори го викнале на состанок за да разговараат на кој факултет би било најдобро да се запише. Но, кога дознале дека не сака да студира, се запрепастиле. Наместо тоа, Мајкл решил да заврши краток стручен курс кој му помогнал да се издржува како општ пионер. Дали смета дека пропуштил нешто во животот? Тој вели: „Теократското образование што го добив како пионер, а сега и како старешина во собранието, е бесценето. Благословите и одговорностите што ги имам во службата ми значат далеку повеќе од парите што би ги заработил. Многу сум среќен што решив да не продолжам со образованието“.
18. Зошто треба да го избереме најдоброто образование?
18 Најдоброто образование ни помага да ја разбереме Божјата волја и да му робуваме на Јехова. Освен тоа, ни влева надеж дека можеме да ‚бидеме ослободени од робувањето на распадливоста‘ и, на крајот, ‚да ја добиеме славната слобода на Божјите деца‘ (Рим. 8:21). Но, најважно од сѐ, учиме како на најдобар начин да покажеме дека навистина го сакаме нашиот небесен Господар, Јехова (2. Мој. 21:5).