Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ќе направиш жртви за Царството?

Дали ќе направиш жртви за Царството?

„Бог го сака веселиот дарител“ (2. КОР. 9:7)

1. Какви жртви прават многумина, и зошто?

 ЛУЃЕТО спремно прават жртви за она што им е важно. На пример, родителите го трошат своето време, пари и сила за да им биде добро на нивните деца. Младите атлетичари кои сакаат да се натпреваруваат на Олимписките игри неуморно тренираат по цели денови додека нивните пријатели се забавуваат или се одмораат. И Исус правел жртви за она што му било важно. Тој не сакал да живее раскошно и немал деца. Наместо тоа, давал сѐ од себе за да ја шири пораката за Божјето Царство (Мат. 4:17; Лука 9:58). Од истата причина, и неговите следбеници се откажале од многу работи. Бидејќи Царството им било најважно во животот, тие направиле многу жртви за да учествуваат во делото што го започнал Исус (Мат. 4:18-22; 19:27). Затоа, добро е да се прашаме: ‚Што е на прво место во мојот живот?‘

2. а) Кои жртви се нераздвоен дел од животот на сите вистински христијани? б) Кои додатни жртви ги прават некои објавители?

2 Некои жртви се нераздвоен дел од животот на секој вистински христијанин. Тие се неопходни ако сакаме да го зачуваме нашето пријателство со Бог. На пример, ние ги жртвуваме своето време и сила кога му се молиме на Јехова, кога ја читаме Библијата, кога ја одржуваме Семејната вечер, кога присуствуваме на состаноците и кога одиме во служба * (Ис. Нав. 1:8; Мат. 28:19, 20; Евр. 10:24, 25). Благодарение на нашиот труд и на Јеховиниот благослов, проповедничкото дело се забрзува, и многумина продолжуваат да се слеваат кон „гората на Јеховиниот дом“ (Иса. 2:2). Бидејќи сакаат да му дадат поддршка на Царството, мнозина прават жртви за да служат во Бетел, да помагаат при изградба на Сали на Царството и на Конгресни сали, да ги организираат нашите конгреси или да учествуваат во акции за помош кога ќе се случи природна катастрофа. Иако Јехова не бара од нас да правиме вакви додатни жртви за да добиеме вечен живот, тие се неопходни за да може да се шири пораката за Царството.

3. а) Како ни користи тоа што правиме жртви за Царството? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Денес е поважно од кога и да било порано да даваме сѐ од себе за Царството. Се радуваме кога гледаме колку многу браќа и сестри спремно прават жртви за Јехова! (Прочитај Псалм 54:6.) Ако и ние покажуваме таков великодушен дух, ќе бидеме среќни додека чекаме да дојде Божјето Царство (5. Мој. 16:15; Дела 20:35). Сепак, секој од нас треба да се преиспита. Дали би можеле да правиме повеќе жртви за Царството? Како ги користиме нашето време, пари, сила и способности? На што треба да внимаваме додека правиме жртви? Да видиме што може да научиме од примерите на некои луѓе кои давале доброволни жртви. Тоа уште повеќе ќе ја зголеми нашата радост.

ЖРТВИТЕ ВО ДРЕВНИОТ ИЗРАЕЛ

4. Каква корист имале Израелците од тоа што принесувале жртви?

4 Во минатото, Израелците морале да принесуваат жртви за да им бидат простени гревовите. Без тоа не можеле да ја стекнат Јеховината милост. Некои жртви биле задолжителни, а други доброволни (3. Мој. 23:37, 38). Израелците можеле да му принесуваат на Јехова и жртви паленици како доброволни приноси, односно дарови. Од Библијата дознаваме дека, кога бил посветен храмот во времето на Соломон, народот принел дури десетици илјади жртви! (2. Лет. 7:4-6).

5. Што им овозможил Јехова на оние кои биле посиромашни?

5 Јехова покажал разбирање со тоа што не барал од сите Израелци да му принесуваат жртви со иста вредност. Напротив, очекувал од нив да го дадат она што можеле да го дадат. На пример, Јеховиниот закон заповедал да се принесуваат животински жртви. Нивната крв требало да биде пролеана како „сенка на идните благослови“ кои ќе ги донесе неговиот Син, Исус (Евр. 10:1-4). Но, Бог имал разумни барања во врска со овој закон. Ако некој бил сиромашен и поради тоа немал пари за да набави грло од крупната или ситната стока, Јехова прифаќал да му принесе гулаби. На тој начин, дури и посиромашните можеле со радост да жртвуваат нешто (3. Мој. 1:3, 10, 14; 5:7). Иако било дозволено да се дадат различни животни како доброволна жртва, секој што ги принесувал морал да исполни две барања.

6. Што се барало од оној кој принесувал жртва, и колку било важно да ги исполни тие барања?

6 Прво, поединецот морал да го даде најдоброто што го имал. Јехова им кажал на Израелците дека, за ‚да стекнат милост‘, секоја нивна жртва морала да биде здрава (3. Мој. 22:18-20). Ако животното имало некаков недостаток, немало да биде прифатлива жртва за Јехова. И второ, оној што ја принесувал жртвата морал да биде чист и неизвалкан. Во спротивно, морал најпрво да принесе жртва за грев или за вина за повторно да ја стекне Јеховината милост, па дури потоа можел да даде доброволна жртва (3. Мој. 5:5, 6, 15). Ова било сериозна работа. Според Божјиот закон, ако некој бил нечист, а јадел од жртвата на заедништвото во која спаѓале и доброволните жртви, требало да биде погубен (3. Мој. 7:20, 21). Но, ако имал добар однос со Јехова и ако принесувал жртва без недостаток, совеста ќе му била чиста и ќе чувствувал голема радост. (Прочитај 1. Летописи 29:9.)

ЖРТВИ КОИ ГИ ПРАВИМЕ ДЕНЕС

7, 8. а) Каква радост чувствуваат оние што прават жртви за Царството? б) Што можеме ние да жртвуваме за Јехова?

7 Денес голем број браќа и сестри се спремни да се трошат во службата за Царството, и тоа многу го радува Јехова. И самите се радуваме кога можеме да им помагаме на нашите соверници. Еден брат кој учествува во изградбата на Сали на Царството и им помага на оние што се погодени од природни катастрофи вели дека нема зборови со кои би можел да го опише задоволството што му го носи тоа. Тој вели: „Кога гледам колку се среќни и благодарни браќата затоа што можат да се собираат во нова Сала на Царството или затоа што добиле помош при некоја катастрофа, воопшто не жалам за трудот што сум го вложил“.

Многу жртви биле доброволни, слично на жртвите што ги правиме денес (Види во пасуси 7-13)

8 Земниот дел на Јеховината организација отсекогаш се трудел да изнаоѓа начини за да го поддржува Божјето дело. Во 1904 год., брат Ч. Т. Расел напишал дека секој треба да се труди да ги користи своето време, влијание, пари, итн. најдобро што може, на слава на Јехова. Иако треба да се откажеме од нешто за да правиме жртви за Бог, тоа ни носи многу благослови (2. Сам. 24:21-24). Можеме ли на уште подобар начин да ги искористиме нашето време, пари, сила и способности во службата за Јехова?

Членови на бетелското семејство во Австралија

9. Што учиме од Лука 10:2-4 за тоа како треба да го користиме нашето време?

9 Нашето време. Потребни се многу време и труд за да се преведува и да се печати нашата литература, да се градат Сали на Царството и Конгресни сали, да се организираат конгреси, да се помага при катастрофи и да се прават многу други потребни работи. Секој од нас има на располагање само 24 часа дневно. Но, Исус ни дал едно начело кое може да ни помогне мудро да го користиме нашето време. Кога ги испратил своите ученици да проповедаат, тој им рекол ‚патем никого да не го поздравуваат долго, како што е обичај‘ (Лука 10:2-4). Зошто им дал такво упатство? Еден библиски изучувач го вели следново: „Народите на Истокот не се поздравувале како нас — само да кимнат со главата или да се ракуваат. Напротив, тие се прегрнувале повеќепати, се клањале, па дури и паѓале ничкум наземи. За сето ова било потребно многу време“. Кога им рекол на своите следбеници дека не треба долго да се поздравуваат со оние што ќе ги сретнат, Исус не сакал да им каже дека треба да бидат неучтиви. Наместо тоа, сакал да им помогне да сфатат дека имаат ограничено време и дека треба да го искористат на најдобар можен начин за да ги завршат поважните работи (Еф. 5:16). Можеме ли да го примениме ова начело за да посветиме повеќе време на активностите поврзани со Царството?

Објавители во Сала на Царството во Кенија (Африка)

10, 11. а) На кои начини се користат нашите прилози за меѓународното дело? б) Кое начело од 1. Коринќаните 16:1, 2 може да ни помогне?

10 Нашите пари. За да се извршува меѓународното проповедничко дело, потребни се многу пари. Секоја година, милиони долари се трошат за да се поддржува службата на патувачките надгледници, специјалните пионери и мисионерите. Од 1999 год., во земјите со ограничени финансиски средства беа изградени над 24.500 Сали на Царството. Но, треба да се изградат уште речиси 6.400 Сали. Секој месец се печатат околу 100 милиони примероци на Стражарска кула и Разбудете се! Сето ова се поддржува со доброволни прилози.

11 Под водство на светиот дух, апостол Павле дал едно начело во врска со доброволните прилози. (Прочитај 1. Коринќаните 16:1, 2.) Тој ги поттикнал своите браќа во Коринт да не чекаат до крајот на седмицата за да видат што ќе им остане, туку да одредат уште во почетокот на неделата колку пари би можеле да приложат. Исто како во првиот век, и денес браќата и сестрите однапред планираат да приложат великодушно во склад со своите можности (Лука 21:1-4; Дела 4:32-35). Јехова многу ја цени таквата дарежливост.

Доброволец од Регионалниот одбор за изградба во Таксидо (Њујорк, САД)

12, 13. Зошто некои не ги користат во потполност својата сила и своите способности за Царството, но како може Јехова да им помогне?

12 Нашата сила и нашите способности. Јехова нѐ поддржува додека ги користиме нашата сила и нашите способности за Царството. Тој ветува дека ќе ни помага кога ќе се умориме (Иса. 40:29-31). Дали мислиме дека не сме соодветно оспособени за делото што го вршиме? Дали сметаме дека некој друг може да заврши некоја задача подобро од нас? Да не заборавиме, Јехова може ‚да нѐ обдари со вештина‘ за да ги искористиме во потполност нашите способности и таленти, исто како што било случај со Веселеил и Олијав (2. Мој. 31:1-6; види ја сликата на почетокот од статијата).

13 Јехова нѐ поттикнува да го даваме своето најдобро и да не се штедиме (Изр. 3:27). Кога храмот во Ерусалим се градел по вторпат, Јехова им кажал на Евреите сериозно да размислат за она што го правеле во врска со изградбата (Агеј 1:2-5). За жал, тие дозволиле други работи да им го одземат вниманието. Добро е да размислиме дали нам ни е најважно од сѐ да ја вршиме Јеховината волја. Можеме ли и ние сериозно да размислиме за нашиот живот и да одлучиме да правиме повеќе за да го поддржуваме Божјето Царство во овие последни денови?

ЖРТВИ СПОРЕД НАШИТЕ МОЖНОСТИ

14, 15. а) Како нѐ охрабрува примерот на нашите сиромашни браќа? б) Како можеме да ја покажеме нашата благодарност?

14 Мнозина живеат на места каде што владее голема сиромаштија. Нашата организација прави сѐ за да ‚ја покрие немаштијата‘ на соверниците што живеат во тие земји (2. Кор. 8:14). Сепак, дури и посиромашните браќа се среќни кога можат да даваат. На Јехова му е мило кога гледа дека и оние што немаат многу во материјален поглед се спремни да даваат со радост (2. Кор. 9:7).

15 На пример, во една многу сиромашна земја во Африка, некои браќа одвојуваат едно парче од нивата со цел да го продадат родот што ќе го соберат од него и да ги приложат тие пари за Царството. Во истата земја, браќата и сестрите сакале да помогнат во изградбата на една нова Сала на Царството. Но, градежниот проект се извршувал за време на сеидбата. Бидејќи биле цврсто решени да учествуваат во градењето, работеле на Салата во текот на денот, а нивите ги сееле навечер. Тие се навистина извонреден пример за самопожртвуваност! Ова нѐ потсетува на христијаните во древна Македонија. Иако биле во „крајно сиромаштво“, тие го молеле Павле да приложат пари за своите браќа (2. Кор. 8:1-4). Добро е и ние да даваме сѐ што можеме за да покажеме дека сме благодарни за благословите што ги добиваме од Јехова. (Прочитај 5. Мојсеева 16:17.)

16. Што треба да правиме за нашите жртви да бидат прифатливи за Јехова?

16 Но, кога правиме жртви, треба да внимаваме да не го занемариме она што е најважно, како што е семејството. Исто како древните Израелци, и ние мора да се потрудиме нашите доброволни жртви да бидат прифатливи за Бог. Тој би можел да ги отфрли ако не сме урамнотежени и ако ги занемариме најважните одговорности кои се поврзани со нашето семејство и со нашиот личен однос со Него. Тоа што го даваме своето време и средства за другите не треба да нѐ спречи да се грижиме за духовното добро на членовите на нашето семејство или за нивните материјални потреби. Во спротивно, на некој начин би давале од она што го немаме. (Прочитај 2. Коринќаните 8:12.) Освен тоа, мора да го зајакнуваме и личниот однос со Јехова (1. Кор. 9:26, 27). Може да бидеме уверени дека, ако живееме во склад со библиските мерила, нашите жртви ќе ни донесат голема радост и задоволство, и ќе бидат прифатливи за Јехова.

ЖРТВИ СО ГОЛЕМА ВРЕДНОСТ

17, 18. Како гледаме на сите оние што прават жртви за Царството, и за што треба да размисли секој од нас?

17 Многу наши браќа и сестри ‚се излеваат како жртва налевница‘ со тоа што се трудат да го поддржуваат делото за Царството (Фил. 2:17). Многу ги цениме оние што покажуваат таква самопожртвуваност. За пофалба се и жените и децата на браќата кои предводат во делото затоа што се спремни великодушно да прават жртви за другите.

18 Има уште многу работа во делото за Царството. Затоа, добро е секој од нас да се моли и да размислува како би можел да има уште поголем удел во ова дело. Ако го правиме тоа, ќе имаме многу благослови — и денес и „во поредокот што доаѓа“ (Мар. 10:28-30).

^ Види ја статијата „Принесувај му жртви на Јехова со сета душа“, која излезе во Стражарска кула од 15 јануари 2012, страници 21-25.