Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заштитени во сенките на планините

Заштитени во сенките на планините

ПРЕТСТАВИ СИ ЈА следнава сцена: Рано наутро, една жена ја отвора влезната врата, и на куќниот праг ја чека изненадување — пакет со непозната содржина. Таа го зема в раце и погледнува наоколу, но на улицата нема никој. Очигледно, некој непознат посетител го оставил таму во текот на ноќта. Жената го подотвора пакетот и, кога гледа што има внатре, веднаш влегува во куќата и брзо ја затвора вратата зад себе. Ништо чудно што го прави тоа — во пакетот има забранета библиска литература! Таа цврсто го прегрнува, и во молитва му се заблагодарува на Јехова за скапоцената духовна храна.

Вакво нешто неретко се случувало во Германија во 1930-тите. По подемот на нацистите во 1933 год., делото на Јеховините сведоци било забрането речиси во целата земја. „Бевме уверени дека еден таков човечки закон не може да нѐ спречи да зборуваме за Јехова и да го објавуваме неговото име“, вели Рихарт Рудолф, кој сега има повеќе од 100 години. * „Библиската литература ни беше неопходна за да проучуваме и да ја вршиме службата. Но, поради забраната, не стигнуваше редовно. Се прашувавме како ќе продолжиме да го извршуваме делото.“ Наскоро Рихарт дознал дека ќе може да им помогне на браќата да ја добиваат потребната литература на еден многу необичен начин — ќе ја пренесувал во сенките на планините (Суд. 9:36).

ПО ПАТЕКИТЕ НА КРИУМЧАРИТЕ

Ако се движиш наспроти течението на реката Елба, на крајот ќе стигнеш до планините Крконоши, кои се наоѓаат на границата што денес ги дели Чешка и Полска. Иако највисокиот врв достигнува висина од само 1602 метри, овие планини се нарекуваат арктички остров во срцето на Европа. Речиси половина година планинските гребени се покриени со снежна прекривка длабока до три метри. Оние што се искачуваат по овие планини треба да знаат дека времето може многу нагло да се смени и, ако не внимаваат, лесно може да се изгубат во густата магла која ненадејно се спушта над врвовите.

Низ вековите, овој планински венец бил природна граница меѓу разни покраини, царства и држави. Бидејќи не било лесно да се врши патрола на тоа опасно подрачје, многу луѓе во минатото криумчареле забранети производи преку овие планини. Во 1930-тите, кога планините Крконоши ги делеле Чехословачка и Германија, некои храбри Сведоци почнале да ги користат напуштените криумчарски патеки. Зошто? За да пренесуваат скапоцена библиска литература. Еден од тие Сведоци бил и младиот Рихарт.

Браќа и сестри, облечени како да одат на прошетка, пренесувале литература до Германија преку планините Крконоши

ОПАСНИ „ПРОШЕТКИ“

„За време на викендите, се собиравме во групи од по седуммина млади браќа и тргнувавме кон планините, носејќи ранци како да одиме на прошетка“, се потсетува Рихарт. „Од германската страна ни требаа околу три часа за да ги преминеме планините и да стигнеме до Шпиндлеров Млин.“ Тоа е зимски центар кој се наоѓа на чешката страна, на оддалеченост од 16,5 километри. Во тоа време, таму живееле многу Германци. Еден од нив, кој имал фарма, се согласил да им помага на браќата. Со запрежна кола, која обично ја користел да превезува излетници, тој ги земал кутиите со литература од едно гратче во близина, каде што стигнувале со воз од Прага. Потоа ги носел на својата фарма и ги криел во плевната додека не стигнеле куририте кои ја пренесувале литературата на германската страна.

Рихарт раскажува: „Кога ќе стигневме на фармата, ги полневме нашите ранци со литературата. Тие беа специјално направени да издржат тежок товар, и секој од нас можеше да понесе околу педесет килограми“. За да не бидат фатени од германската полиција, овие браќа пешачеле под превезот на ноќта. Тргнувале по зајдисонце, а пристигнувале дома пред да осамне. Ернст Визнер, кој тогаш бил покраински надгледник во Германија, објаснил какви безбедносни мерки преземале овие курири: „Двајца браќа одеа пред другите и, кога ќе сретнеа некого, веднаш даваа сигнал со батериските ламби. На тој начин ги предупредуваа другите, кои одеа на стотина метри зад нив носејќи ги тешките ранци, да се скријат во грмушките покрај патот. Тие остануваа скриени чекајќи ги првите двајца браќа да се вратат и да им ја кажат договорената лозинка, која ја менуваа секоја седмица“. Но, германските полицајци со плави униформи не биле единствената опасност.

„Бидејќи една вечер морав да останам подолго на работа, тргнав кон чешката страна подоцна од другите браќа“, продолжува Рихарт. „Беше мрачно и имаше магла. Паѓаше смрзнат дожд и јас се тресев од студ додека чекорев низ планината. Се изгубив во планинските борови и неколку часа не можев да го најдам патот. Многумина кои планинареле таму загинале во такви услови. Наидов на браќата дури кога се враќаа в зори следниот ден.“

Околу три години, овие неколкумина храбри браќа ги преминувале планините секоја седмица. Во зима, тие го пренесувале скапоцениот товар со помош на скии или санки. Одвреме-навреме, групи од по дваесетина браќа ја преминувале границата дење, одејќи по обележаните планинарски патеки. Со нив оделе и неколку сестри за да остават впечаток дека се обични излетници. Некои од сестрите оделе напред и, кога им се чинело дека има некаква опасност, ги фрлале своите шапки нагоре.

Врвовите прекриени со снег го отежнувале преминувањето преку планините Крконоши

Што се случувало откако куририте ќе се врателе од своите ноќни „прошетки“? Било организирано литературата веднаш да им се достави на браќата. Како? Публикациите биле ставани во мали пакувања, како да се сапун, а потоа биле носени на железничката станица во Хиршберг. Оттаму се испраќале во разни делови од Германија, каде што браќата и сестрите претпазливо им ги доставувале на своите соверници, како што беше опишано во почетокот. Оваа мрежа на тајно пренесување на литературата била толку испреплетена што, ако само една нишка била прекината, последиците можеле да бидат кобни. За жал, еден ден се случило токму тоа.

Во 1936 год., во близина на Берлин, било откриено едно складиште за литература. Меѓу другото, таму имало и три пакети од непознат испраќач од Хиршберг. Со анализа на ракописот, полицијата успеала да открие еден главен член од групата што доставувала литература, и тој подоцна бил уапсен. Кратко потоа, биле уапсени уште двајца осомничени, меѓу кои бил и Рихарт Рудолф. Бидејќи тие тројца понеле целосна одговорност, други браќа можеле некое време да продолжат да пренесуваат литература, иако тоа станувало сѐ поопасно.

ПОУКИ ЗА НАС

Библиските публикации кои биле пренесувани во ранци преку планините Крконоши биле важна духовна храна за Сведоците во Германија. Но, тоа не бил единствениот пат по кој литературата стигнувала до нив. Сѐ до 1939 год., кога Германците ја окупирале Чехословачка, имало и други патеки по кои браќата пренесувале литература преку границата меѓу тие две земји. И Сведоците во другите држави што се граничат со Германија како, на пример, Франција, Холандија и Швајцарија, се изложувале на голем ризик за да им достават духовна храна на соверниците кои биле прогонувани.

Повеќето од нас денес имаат доволно библиска литература, и тоа во различен облик. Сеедно дали ќе земеш некоја нова публикација од Салата на Царството или ќе ја преземеш од нашата интернет-страница jw.org, добро е да размислиш што сѐ било направено за да стигне до твоите раце. Точно, можеби никој не требало на полноќ да преминува преку планински врвови прекриени со снег. Сепак, многу твои соверници кои несебично ти служат, сигурно вложиле голем труд за да ја добиеш таа духовна храна.

^ Рихарт служел во собранието Хиршберг во Шлезија. Градот Хиршберг сега се вика Јелења Гура и се наоѓа во југозападна Полска.