Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Немојте лесно да се поколебате во мислите!

Немојте лесно да се поколебате во мислите!

‚Браќа, немојте да се поколебате лесно во мислите‘ (2. СОЛ. 2:1, 2, Превод на МПЦ)

1, 2. Зошто измамата е толку раширена денес, и на какви видови измама може да наидеме? (Види ја сликата погоре.)

 ЛАГИТЕ и измамите се составен дел на денешново општество. Ова не треба да нѐ изненади. Библијата јасно кажува дека Сатана Ѓаволот, владетелот на овој свет, е мајстор на измамата (1. Тим. 2:14; 1. Јов. 5:19). Додека наближуваме кон крајот на овој злобен свет, Сатана е сѐ погневен затоа што знае дека му преостанува само „кратко време“ (Отк. 12:12). Ова значи дека и оние што се под негово влијание ќе бидат уште понечесни. Тие особено ќе настојуваат да ги измамат Јеховините слуги.

2 Понекогаш средствата за јавно информирање изнесуваат полувистини и отворени лаги за Јеховините слуги и за нивните верувања. Ваквите измислици се шират преку весници, документарни емисии и интернет-страници. Како резултат на тоа, некои луѓе се вознемируваат, па дури и се гневат затоа што слепо веруваат во тие лаги без да ги проверат фактите.

3. Што ќе ни помогне да не бидеме измамени?

3 Но, ние сме благодарни што ја имаме Божјата Реч, која е ‚корисна за поправање‘, бидејќи таа ни помага да се браниме од лагите на Сатана (2. Тим. 3:16). Од она што го напишал апостол Павле дознаваме дека некои христијани кои живееле во Солун во првиот век биле измамени така што поверувале во лаги. Тој им го дал следниов совет: „[Немојте да] се поколебате лесно во мислите“ (2. Сол. 2:1, 2, Превод на МПЦ). Кои поуки може да ги извлечеме од овој љубезен совет на Павле, и како може да ги примениме?

НАВРЕМЕНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА

4. Какво предупредување им било дадено на христијаните во Солун во врска со доаѓањето на „Јеховиниот ден“, и какви предупредувања добиваме ние?

4 Во своето прво послание до собранието во Солун, Павле зборувал за доаѓањето на „Јеховиниот ден“. Тој не сакал неговите браќа да бидат во темнина и во незнаење. Наместо тоа, ги поттикнал како „синови на светлината“ ‚да бдеат и да бидат трезвени‘, односно да бидат подготвени. (Прочитај 1. Солуњаните 5:1-6.) Денес го очекуваме уништувањето на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Ова ќе го означи почетокот на големиот Јеховин ден. Среќни сме што сѐ појасно гледаме како Јехова ја исполнува својата намера. Освен тоа, преку собранието постојано добиваме навремени предупредувања кои ни помагаат да останеме будни и трезвени. Ако внимателно ги слушаме, ќе бидеме уште порешени ‚да му служиме на Бог користејќи го својот разум‘ (Рим. 12:1).

Во своите посланија, Павле им дал навремени предупредувања на христијаните (Види во пасуси 4-5)

5, 6. а) За што зборувал Павле во своето второ послание до Солуњаните? б) Што ќе направи Исус наскоро, и што треба да се прашаме?

5 Кратко откако им го напишал првото послание на христијаните во Солун, Павле им го испратил и своето второ послание. Во него тој зборувал за претстојната неволја кога Господарот Исус ќе го изврши Божјиот суд над „оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест“ (2. Сол. 1:6-8). Од второто поглавје на ова послание, дознаваме дека некои во тоа собрание биле ‚вознемирени‘ мислејќи дека Јеховиниот ден веќе дошол. (Прочитај 2. Солуњаните 2:1, 2.) Првите христијани не разбирале во потполност како Јехова ќе ја исполни својата намера. Павле го признал ова кога подоцна го напишал следново во врска со пророштвата: „Нашето знаење е делумно и нашето пророкување е делумно. А кога ќе дојде она што е потполно, ќе го снема она што е делумно“ (1. Кор. 13:9, 10). Сепак, христијаните во првиот век можеле да му останат верни на Јехова ако ги слушале предупредувањата што Тој им ги дал преку Павле, апостол Петар, како и други верни помазани браќа.

6 За да го исправи размислувањето на браќата кои погрешно ги сфатиле работите, Павле објаснил под водство на светиот дух дека пред да дојде Јеховиниот ден треба да се појави големо отпадништво и да се открие „човекот на беззаконието“. * Тој додал дека потоа, во времето што го одредил Бог, Господарот Исус ќе ‚ги уништи‘ сите што биле измамени и поверувале во лагите. Павле открил дека причината за ваквата пресуда е тоа што тие ‚не ја прифатиле љубовта кон вистината‘ (2. Сол. 2:3, 8-10). Добро е да се прашаме: ‚Колку јас ја сакам вистината? Дали се трудам да бидам во тек со најновото разбирање на библиските учења така што го проучувам ова списание, како и другите библиски публикации кои ги добива Божјиот народ?‘

МУДРО ИЗБИРАЈ ГО СВОЕТО ДРУШТВО

7, 8. а) Со кои опасности се соочиле првите христијани? б) Од која опасност треба особено да се чуваат христијаните денес?

7 Се разбира, учењата на отпадниците не се единствената опасност за христијаните. Павле му напишал на Тимотеј дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“, и додал дека ‚поради неа, некои одлутале од верата и си нанеле многу маки‘ (1. Тим. 6:10). Освен тоа, христијаните мора постојано да се борат и со „делата на телото“ (Гал. 5:19-21).

8 Сепак, сигурно сфаќаш зошто Павле им дал сериозно предупредување на Солуњаните во врска со оние што ги нарекол „лажни апостоли“. Меѓу нив имало луѓе што изнесувале „искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (2. Кор. 11:4, 13; Дела 20:30). Подоцна Исус го пофалил собранието во Ефес затоа што тамошните браќа ‚не можеле да поднесуваат зли луѓе‘. Тие ‚ги испитале‘ и ги разоткриле оние што тврделе дека се апостоли, а всушност биле лажливци (Отк. 2:2). Интересно е што во своето второ послание до Солуњаните, Павле го дал следниов совет: „Ви заповедаме, браќа, во името на Господарот Исус Христос, да се тргате од секој брат што живее неуредно“. Во оние кои ‚живееле неуредно‘ спаѓале и тие што ‚не сакале да работат‘ (2. Сол. 3:6, 10). Ако христијаните требало да ги избегнуваат оние што биле мрзливи, колку поважно било да ги избегнуваат тие што почнале да се однесуваат како отпадници! Во тоа време било многу опасно некој да се дружи со такви лица. Истото важи и денес (Изр. 13:20).

9. Зошто треба да бидеме претпазливи ако некој почне да ја критикува Јеховината организација или да изнесува свои толкувања за работи кои не се објаснети во Библијата?

9 Бидејќи се приближуваме кон големата неволја и кон крајот на овој злобен свет, предупредувањата што Јехова ги дал во првиот век имаат уште поголема важност. Ние во никој случај не сакаме ‚да пропуштиме да ја исполниме целта на Божјата незаслужена доброта‘ и да ја изгубиме можноста да живееме вечно, сеедно дали на небото или на Земјата (2. Кор. 6:1). Затоа, мора да бидеме многу претпазливи ако некој што доаѓа на нашите собраниски состаноци почне да ја критикува Јеховината организација или да изнесува свои толкувања за работи кои не се објаснети во Библијата (2. Сол. 3:13-15).

„ДРЖЕТЕ СЕ ЗА ПРЕДАНИЈАТА“

10. За кои преданија требало да се држат христијаните во Солун?

10 Павле ги поттикнал браќата во Солун ‚да бидат непоколебливи‘ и да се држат за она за кое биле поучени. (Прочитај 2. Солуњаните 2:15.) Кои се „преданијата“ за кои биле поучени? Тоа сигурно не се традициите на лажната религија за кои таа тврди дека се исто толку важни како Божјите зборови запишани во Библијата. Напротив, Павле мислел на Христовите учења и на она што самиот тој и некои други ученици на Исус го напишале под водство на светиот дух. Овој апостол ги пофалил своите браќа во собранието во Коринт бидејќи ‚во сѐ мислеле на него и се држеле за преданијата што им ги пренел‘ (1. Кор. 11:2). Тие учења биле од веродостоен извор, и затоа христијаните можеле да имаат потполна доверба во нив.

11. Што може да се случи со некој што ќе дозволи да биде измамен?

11 Во своето послание до Евреите, Павле укажал на кои два начина еден христијанин може да ја изгуби верата и да се оддалечи од Јехова. (Прочитај Евреите 2:1; 3:12.) Тој рекол дека некој може да ‚биде одвлечен‘ или ‚да отстапи‘ од Бог. Еден христијанин може постепено да ‚биде одвлечен‘ од Јехова слично на еден чамец кој може сосема незабележливо да се оддалечи од брегот. Но, некој може и намерно да направи нешто, и на тој начин ‚да отстапи‘ од Бог, слично на човек кој самиот одлучува да го турне чамецот од брегот. И двата примера покажуваат што ќе се случи со оние кои ќе дозволат да бидат измамени и да ја изгубат својата доверба во вистината.

12. Кои работи денес можат да ни ја ослабнат духовноста?

12 Тоа најверојатно се случило со некои од собранието во Солун. А како е со нас денес? Многу активности можат да ни го одземат времето. Помисли само колку часови трошат некои за да одржуваат контакт со пријателите на социјалните мрежи, да читаат и да одговараат на имејлови, да се занимаваат со некое хоби или секојдневно да ги читаат најновите спортски вести. Која и да било од овие активности може и нам да ни го одвлече вниманието и да ја ослабне нашата ревност. Какви ќе бидат последиците? Можеби ќе престанеме да му се молиме сесрдно на Бог и ќе имаме сѐ помалку време да ја проучуваме неговата Реч, да одиме на состаноците и да ја проповедаме добрата вест. Што ќе ни помогне да не им дозволиме на таквите работи да ‚нѐ поколебаат лесно во мислите‘ и да ни ја ослабнат духовноста?

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ

13. Во склад со она што било проречено во Библијата, каков став имаат многу луѓе денес, и што ќе ни помогне да си ја зачуваме верата?

13 Мора да имаме на ум дека крајот на Сатановиот свет е близу и дека може да биде многу опасно да поминуваме време со луѓе кои не признаваат дека живееме во „последните денови“. Во врска со нашево време, апостол Петар напишал: „Ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат, ќе се водат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е таа негова ветена присутност? Откако умреа нашите прататковци, сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето‘“ (2. Пет. 3:3, 4). Ако секојдневно ја читаме Божјата Реч и ако редовно ја проучуваме, нема да заборавиме дека живееме во „последните денови“. Прореченото отпадништво се појавило уште одамна и постои до ден-денес. „Човекот на беззаконието“ сѐ уште им се противи на Божјите слуги. Затоа, не смееме да изгубиме од вид колку е близу Јеховиниот ден (Соф. 1:7).

Ако добро се подготвуваме и учествуваме во службата, нема лесно да се поколебаме во мислите (Види во пасуси 14-15)

14. Во која смисла сме заштитени ако ревносно проповедаме?

14 Искуството покажало дека една од главните работи што ни помага да останеме будни и да не се поколебаме во мислите е тоа што редовно ја проповедаме добрата вест за Царството. Кога Исус Христос, Главата на собранието, им дал налог на своите следбеници да ги поучуваат луѓето од сите народи да држат сѐ што им заповедал, тој, всушност, им дал совет кој ќе им помогнел да бидат заштитени (Мат. 28:19, 20). За да го следиме неговото водство, треба ревносно да ја вршиме службата. Браќата што живееле во Солун во првиот век сигурно не проповедале и не поучувале за вистината механички и само затоа што морале да го прават тоа! Што им помогнало да продолжат да проповедаат со жар? Сети се што им рекол Павле: „Не гаснете го духот. Не презирајте ги пророштвата“ (1. Сол. 5:19, 20). Зарем истите тие пророштва не нѐ исполнуваат со восхит и нас денес?

15. Кои работи би можеле да се разгледуваат на Семејната вечер?

15 Се разбира, сакаме да му помогнеме и на нашето семејство делотворно да ја проповеда добрата вест. За да го постигнат ова, многу браќа и сестри користат дел од времето во текот на Семејната вечер за да се подготват за служба. Можете ли и вие да го сторите тоа? На пример, би можеле да разговарате како да правите повторни посети кај заинтересираните лица. За што би зборувале со нив на следната посета? Која тема најверојатно ќе им го задржи интересот? Кога е најдобро да ги посетите? Мнозина одвојуваат дел од Семејната вечер и за да се подготват за собраниските состаноци. Можете ли и вие подобро да се подготвите како семејство за да коментирате? Учеството на состаноците ќе ви ја зајакне верата и ќе ви помогне да не се поколебате во мислите (Пс. 35:18). На тој начин, и Семејната вечер посветена на Јехова може да нѐ заштити од секакви сомнежи и погрешни толкувања на библиските учења.

16. Каков силен поттик имаат помазаните христијани да не се поколебаат во мислите?

16 Низ годините, Јехова го благословил својот народ со тоа што му помогнал уште подобро да ги разбере библиските пророштва. Ова ни влева доверба дека нѐ очекува прекрасна награда во иднина. Помазаниците имаат надеж дека ќе владеат заедно со Исус од небото. Тоа е силен поттик да не дозволат ништо да ги поколеба во мислите! Павле им го напишал следново на помазаните христијани во Солун: „Ние сме должни секогаш да му благодариме на Бог за вас, браќа сакани од Јехова, бидејќи Бог, поради вашата вера во вистината... ве избра... со тоа што ве посвети со дух“ (2. Сол. 2:13). Овие зборови сигурно можеме да им ги упатиме и на нашите помазани браќа денес.

17. Како те охрабруваат зборовите од 2. Солуњаните 3:1-5?

17 Но, и оние што имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата треба да дадат сѐ од себе за да не се поколебаат во мислите. Ако и ти имаш таква надеж, земи го присрце охрабрувањето што Павле им го дал на своите помазани браќа во Солун. (Прочитај 2. Солуњаните 3:1-5.) Сите ние треба да бидеме многу благодарни за овие охрабрувачки зборови. Посланијата до Солуњаните навистина содржат животоважни предупредувања во врска со погрешните толкувања и неоснованите сомнежи. Бидејќи живееме на самиот крај на овој злобен свет, тие се од непроценлива важност за нас.

^ Според Дела 20:29, 30, Павле предупредил дека од самото христијанско собрание „ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“. Историјата потврдува дека со текот на времето се појавиле две одделни класи — свештенство и лаици. До третиот век од н.е., „човекот на беззаконието“ — кој го претставува свештенството на христијанскиот свет како група — веќе бил присутен на светската сцена. (Види во Стражарска кула од 1 јули 1990, страници 21-25.)