Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Правете го ова за мој спомен“

„Правете го ова за мој спомен“

„Благодарејќи му на Бог, го раскрши [лебот] и рече: ‚Ова го претставува моето тело, кое се предава за вас. Правете го ова за мој спомен‘“ (1. КОР. 11:24)

1, 2. За што најверојатно размислувале апостолите со оглед на тоа што наближувала Пасхата?

 СТРАЖАРИТЕ го забележале првиот месечев срп на јасното ноќно небо над Ерусалим. Откако го известиле Судскиот совет, бил прогласен почетокот на новиот месец, нисан. Потоа, за да се пренесе оваа вест низ земјата, бил запален оган на одредени високи места или биле испратени гласници. Апостолите знаеле дека наближува Пасхата, и најверојатно си мислеле дека Исус наскоро ќе сака да тргне за Ерусалим за да стигне таму пред почетокот на празникот.

2 Во тоа време, тие биле заедно со него во Переја (од другата страна на Јордан). Оттаму Исус за последен пат се упатил со нив кон Ерусалим (Мат. 19:1; 20:17, 29; Мар. 10:1, 32, 46). Првиот ден од месецот нисан веќе бил познат, а Пасхата требало да се одржи 13 дена подоцна, по зајдисонце на 14 нисан.

3. Зошто датумот на кој Евреите ја славеле Пасхата е важен за христијаните?

3 Во 2014 год., Господаровата вечера, која Исус ја воспоставил на истиот датум како и Пасхата, ќе се одржи по зајдисонце на 14 април. Тоа ќе биде посебен ден за вистинските христијани и за заинтересираните лица. Зошто? Затоа што тие сакаат да се држат за она што го запишал апостол Павле во 1. Коринќаните 11:23-25: „Исус, во онаа ноќ кога беше предаден, зеде леб, па благодарејќи му на Бог, го раскрши и рече: ‚Ова го претставува моето тело, кое се предава за вас. Правете го ова за мој спомен‘. Така ја зеде и чашата откако вечера, па рече: ‚Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв. Правете го ова, секогаш кога ја пиете, за мој спомен‘“.

4. а) Кои прашања во врска со Спомен-свеченоста можеби се наметнуваат? б) Како се одредува датумот за Спомен-свеченоста секоја година? (Види ја рамката „Спомен-свеченост во 2014 год.“)

4 Господаровата вечера, која денес се нарекува и Спомен-свеченост, е единствениот настан кој Исус заповедал да се одбележува секоја година, и ти сигурно ќе присуствуваш на него. Но, добро е пред тоа да размислиш за следниве прашања: ‚Како треба да се подготвам за овој настан? Кои симболи ќе се користат во текот на Спомен-свеченоста? Како ќе се одвива тој состанок? И, какво значење имаат таа свеченост и тие симболи за мене?‘

КОИ СИМБОЛИ СЕ КОРИСТАТ НА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА?

5. Што им кажал Исус на апостолите да направат за да ја подготват пасхалната вечера?

5 Кога ги замолил апостолите да му подготват соба каде што ќе можат заедно да ја јадат пасхалната жртва, Исус не рекол дека треба да ја украсат на некој посебен начин. Напротив, требало да најдат пристојна и чиста соба, во која ќе имало доволно место за сите нив. (Прочитај Марко 14:12-16.) Тие требало да подготват сѐ што било потребно за вечерата. Меѓу другото, се погрижиле да има и бесквасен леб и вино. Откако завршила пасхалната вечера, Исус го насочил вниманието токму на лебот и виното.

6. а) Што кажал Исус за лебот откако завршила пасхалната вечера? б) Каков леб се користи на Спомен-свеченоста?

6 Апостол Матеј, кој бил таму таа вечер, подоцна напишал: „Исус зеде леб, кажа благослов, го раскрши, па им го раздели на учениците и рече: ‚Земете, јадете!‘“ (Мат. 26:26). Лебот што го разделил Исус бил бесквасен, истиот што го јаделе на Пасхата (2. Мој. 12:8; 5. Мој. 16:3). Бил направен од пченично брашно и вода, без квасец или други додатоци како, на пример, сол. Бидејќи во него немало квасец, тој бил тенок, сув и крцкав, и лесно можел да се крши на парчиња. Денес, пред Спомен-свеченоста, собраниските старешини обично замолуваат некого да направи таков леб од пченично брашно и вода, и да го испече на сосема малку подмачкана тепсија. (Ако нема пченично брашно, може да се користи брашно од пченка, јачмен, ориз или друга слична житарка.)

7. Што имало во чашата која Исус ја подал на Господаровата вечера, и какво вино може да се користи денес на Спомен-свеченоста?

7 Матеј исто така напишал: „[Исус] зеде чаша, му се заблагодари на Бог и им даде, велејќи: ‚Пијте од неа сите‘“ (Мат. 26:27, 28). Во чашата што ја зел Исус имало црвено вино. (Тоа сигурно не било сок од грозје, затоа што бербата на грозјето веќе одамна поминала.) На првата Пасха во Египет немало вино. Сепак, Исус не сметал дека е погрешно да се пие вино на Пасхата. Дури и го употребил како симбол во текот на Господаровата вечера. Од таа причина, виното и денес се користи како симбол за време на Спомен-свеченоста. Тоа е чисто вино, без никакви додатоци на дестилиран алкохол, тревки или зачини, затоа што и крвта на Исус била скапоцена и не требало да ѝ се додаде ништо за да се зголеми нејзината вредност. Поради тоа, на Спомен-свеченоста треба да се користи или домашно црвено вино, или купечки чисти црвени вина, како оние од сортите кабарне, кратошија или мерлот.

ЗНАЧЕЊЕТО НА СИМБОЛИТЕ

8. Зошто на христијаните им е важно значењето на лебот и виното?

8 Од зборовите на апостол Павле јасно се гледа дека Господаровата вечера требало да продолжат да ја одбележуваат и други христијани, а не само апостолите. Тој им го напишал следново на соверниците во Коринт: „Јас од Господарот го примив она што ви го предадов: Господарот Исус... зеде леб, па благодарејќи му на Бог, го раскрши и рече: ‚Ова го претставува моето тело, кое се предава за вас. Правете го ова за мој спомен‘“ (1. Кор. 11:23, 24). До ден-денес, христијаните го слават овој настан еднаш годишно. Затоа им е многу важно значењето на лебот и виното.

9. Какво погрешно гледиште имаат некои за лебот што Исус им го разделил на апостолите?

9 Во некои преводи на Библијата, оваа изјава на Исус е дословно преведена од грчки, и гласи: ‚Ова е моето тело‘. Затоа некои луѓе сметаат дека лебот со чудо се претворил во телото на Исус. Но, ова не е во склад со фактите. * Зошто? Затоа што Исус сѐ уште бил присутен во тело пред своите верни апостоли, а пред нив стоел и бесквасниот леб од кој требало да јадат. Јасно е дека Исус овде користел симболика, како што правел и во многу други прилики (Јован 2:19-21; 4:13, 14; 10:7; 15:1).

10. Што претставува лебот кој се користи на Господаровата вечера?

10 Лебот што апостолите можеле да го видат и од кој требало да јадат го претставувал Исусовото тело. Бидејќи Исус го раскршил лебот, но ниту една негова коска не била скршена, Божјите слуги порано мислеле дека лебот го претставува собранието од помазаници, кое Библијата го нарекува „Христовото тело“ (Еф. 4:12; Рим. 12:4, 5; 1. Кор. 10:16, 17; 12:27). Меѓутоа, откако потемелно истражувале во врска со тоа во Светото писмо, сфатиле дека лебот го претставува човечкото тело на Исус. Самиот тој ‚страдал во телото‘, и умрел прикован на столб. Според тоа, лебот што се користи на Господаровата вечера го претставува материјалното тело на Исус во кое тој ‚ги понел нашите гревови‘ (1. Пет. 2:21-24; 4:1; Јован 19:33-36; Евр. 10:5-7).

11, 12. а) Што рекол Исус во врска со виното? б) Што претставува виното кое се користи како симбол на Господаровата вечера?

11 Тоа што го знаеме значењето на лебот ни помага да го разбереме и она што Исус потоа го рекол за виното. Читаме: „Така ја зеде и чашата, откако вечера, па рече: ‚Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв‘“ (1. Кор. 11:25). Во многу Библии овој стих е преведен на ист начин како и во Преводот на МПЦ, кој гласи: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв“ (нагласено од нас). Дали самата чаша што ја држел Исус била новиот сојуз? Не. Зборот „чаша“ се однесува на виното што било во неа. Исус кажал дека, всушност, виното ја претставува крвта што тој требало да ја пролее.

12 Потврда за ова наоѓаме во евангелието според Марко, каде што се запишани следниве зборови на Исус: „Ова ја претставува мојата ‚крв на сојузот‘, која ќе се пролее за мнозина“ (Мар. 14:24). Да, Исус требало да ја пролее својата крв „за мнозина заради простување на гревовите“ (Мат. 26:28). Според тоа, црвеното вино соодветно ја претставува дословната крв на Исус. Со посредство на таа крв, ние може да бидеме ослободени со откупнина и да ‚ни бидат простени престапите‘. (Прочитај Ефешаните 1:7.)

Апостолите пиеле од виното кое ја претставувало Исусовата крв на сојузот (Види во пасуси 11-12)

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ХРИСТОВАТА СМРТ

13. Објасни како се одбележува годишната прослава на Христовата смрт.

13 Можеби оваа година за првпат ќе одиш на Спомен-свеченоста заедно со Јеховините сведоци. Што можеш да очекуваш? Оваа свеченост ќе се одржи на пристојно и чисто место каде што сите ќе се чувствуваат удобно и ќе можат да уживаат во програмата. Можеби таму ќе има едноставен цветен аранжман, но нема да биде пренакитено и нема да има бучна атмосфера како на забава. Еден старешина ќе одржи говор во кој на јасен и достоинствен начин ќе објасни што пишува во Библијата во врска со овој настан. Тој ќе им помогне на присутните да сфатат дека Христос умрел како откупнина за да можеме ние да живееме. (Прочитај Римјаните 5:8-10.) Исто така, ќе објасни дека во Библијата се спомнати два вида надеж за христијаните.

14. Кои два вида надеж ќе бидат објаснети во говорот за Спомен-свеченоста?

14 Еден релативно мал број следбеници на Христос, меѓу кои биле и неговите апостоли, имаат надеж дека ќе владеат со него од небото (Лука 12:32; 22:19, 20; Отк. 14:1). Но, повеќето верни христијани денес имаат друга надеж — дека ќе живеат засекогаш во рајот на Земјата. Тогаш ќе се исполни она за кое христијаните со векови се молат — Божјата волја ќе се врши како на небото така и на Земјата (Мат. 6:10). Библијата ги опишува прекрасните благослови во кои тие ќе уживаат во сета вечност (Иса. 11:6-9; 35:5, 6; 65:21-23).

15, 16. Што се прави со лебот во текот на Господаровата вечера?

15 При крајот на своето излагање, говорникот ќе каже дека сега е време да го направиме она што го направил Исус кога ја воспоставил Господаровата вечера. Двата симбола кои ќе се користат, бесквасниот леб и црвеното вино, веќе ќе стојат на масата до говорникот. Потоа тој ќе прочита од Библијата што направил Исус со лебот. На пример, би можел да го прочита извештајот од Матеј каде што пишува: „Исус зеде леб, кажа благослов, го раскрши, па им го раздели на учениците и рече: ‚Земете, јадете! Ова го претставува моето тело‘“ (Мат. 26:26). Исус го раскршил бесквасниот леб за да им го подели на апостолите кои седеле на трпезата од неговата лева и десна страна. Лебот што вечерта на 14 април ќе се користи како симбол веќе ќе биде раскршен и ставен во чинии.

16 Пред да бидат подадени чиниите, еден брат ќе каже кратка молитва. Ќе има доволно чинии за да може лебот да помине кај сите за кратко време и на уреден начин, во склад со локалните околности. Ова не е проследено со некој посебен ритуал. Од лебот ќе земат само неколкумина (или можеби никој), како што беше случај во повеќето собранија кога се одбележа Спомен-свеченоста во 2013 год.

17. За време на Спомен-свеченоста, како го следиме упатството што го дал Исус за виното?

17 Потоа говорникот ќе го прочита она што Исус го направил со виното: „[Исус] зеде чаша, му се заблагодари на Бог и им даде, велејќи: ‚Пијте од неа сите, бидејќи ова ја претставува мојата „крв на сојузот“, која ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите‘“ (Мат. 26:27, 28). Во склад со ова упатство, ќе има уште една молитва, а потоа виното ќе им биде подадено на присутните.

18. Зошто е важно да бидеме присутни на Спомен-свеченоста дури и ако не сме меѓу оние што земаат од лебот и од виното?

18 Само оние што ќе владеат заедно со Христос на небото ќе јадат од лебот и ќе пијат од виното. Затоа, повеќето што ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста само ќе му ги подадат овие симболи на оној до нив. (Прочитај Лука 22:28-30; 2. Тим. 4:18.) Иако повеќето не земаат од лебот и од виното, сепак за нив е многу важно да присуствуваат на овој настан. Зошто? Затоа што на тој начин покажуваат колку многу ја ценат жртвата на Исус. За време на Спомен-свеченоста, тие можат да размислуваат за благословите што ќе ги добијат затоа што имаат вера во неговата откупна жртва. Тие се прогласени за праведни во Божји очи бидејќи ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘, и имаат можност да бидат дел од ‚големото мноштво‘ кое ќе ја преживее претстојната ‚голема неволја‘ (Отк. 7:9, 14-17).

19. Како може да се подготвиме и да извлечеме корист од Господаровата вечера?

19 Јеховините сведоци низ целиот свет се подготвуваат за овој посебен настан. Неколку седмици пред тоа, тие ќе се трудат да поканат колку што е можно повеќе луѓе да дојдат на Спомен-свеченоста. Освен тоа, неколку дена пред да се одбележи оваа годишнина од Христовата смрт, повеќето од нас ќе ги читаат библиските извештаи во кои е опишано она што се случувало и она што го направил Исус во тој период во 33 год. од н.е. Без сомнение, ќе направиме сѐ што е потребно за да не го пропуштиме овој важен настан. Добро е да стигнеме доволно рано за да можеме да им изразиме добредојде на оние што ќе дојдат, и внимателно да ја слушаме целата програма. Сите ние, и членовите на собранието и гостите, ќе извлечеме голема корист ако следиме во нашата Библија додека говорникот ги чита и ги објаснува стиховите. Но, најважно од сѐ, со нашето присуство на Спомен-свеченоста ќе покажеме дека од срце ја цениме жртвата на Исус и дека сме послушни на неговата заповед: „Правете го ова за мој спомен“ (1. Кор. 11:24).

^ Германскиот изучувач Хајнрих Мајер рекол дека апостолите воопшто не помислувале дека навистина го јадат телото на Исус и ја пијат неговата крв, затоа што ‚гледале дека телото на Исус сѐ уште било живо и неговата крв сѐ уште не била пролеана‘. Исто така, овој изучувач рекол дека Исус користел „едноставни зборови“ за да објасни што значат лебот и виното, и дека сигурно не сакал неговите ученици погрешно да го разберат.