Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше последните неколку броеви од Стражарска кула? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Кога Исус им ‚проповедал на духовите во затвор‘? (1. Пет. 3:19)
Изгледа дека, некое време откако бил воскреснат, Исус им ја објавил на злите духови потполно заслужената казна што ќе ја добијат (15/6, страница 23).
Со кои три вообичаени предизвици се соочуваат оние што се во втор брак?
1) Постои опасност поранешниот брак да го засени нивниот сегашен брак; 2) тешко им е кога се дружат со пријателите кои не го познаваат нивниот нов сопружник; 3) не им е лесно да му веруваат на новиот сопружник затоа што можеби биле изневерени во првиот брак (1/7, страници 9-10).
Кога Исус им суди на „овците“ и „јарците“? (Мат. 25:32)
Исус ќе им суди на луѓето и ќе ги подели на ‚овци‘ и ‚јарци‘ во текот на големата неволја, откако ќе биде уништена лажната религија (15/7, страница 6).
Кога „ќе чкртаат со забите“ лажните христијани, кои се спомнати во споредбата за пченицата и каколот? (Мат. 13:36, 41, 42)
Во текот на големата неволја, кога ќе сфатат дека им нема спас (15/7, страница 13).
Кога се исполнуваат зборовите на Исус за верниот и разборит роб? (Мат. 24:45-47)
Тие почнале да се исполнуваат во 1914 год., а не на Педесетница 33 год. од н.е. Во 1919 год., Исус го поставил робот над своите слуги, во кои спаѓаат сите христијани кои добиваат духовна храна (15/7, страници 21-23).
Кога Исус го поставува верниот роб над целиот свој имот?
Тоа ќе биде во иднина, за време на големата неволја, кога верниот роб ќе ја добие својата небесна награда (15/7, страница 25).
Дали некои луѓе не се спомнати по име во Библијата затоа што биле лоши или не биле важни личности?
Не мора да значи. Во Библијата не се запишани имињата и на некои добри и на некои лоши луѓе (Рут 4:1-3; Мат. 26:18). Освен тоа, запишани се имињата на само двајца верни ангели (1/8, страница 10).
Освен помошта од Бог, што друго им помогнало на 230 Сведоци да го преживеат долгиот марш од концлогорот Заксенхаузен?
Иако биле изнемоштени од болести и глад, тие постојано се храбреле еден со друг да продолжат и да не застануваат (15/8, страница 18).
Зошто сме охрабрени кога читаме за тоа како Израелците ја преминале реката Јордан за да влезат во Ветената земја?
Иако реката се прелевала преку своите брегови, Јехова го запрел нејзиниот тек за да можат луѓето да преминат од другата страна. Тоа сигурно многу ја зајакнало нивната вера и доверба во него. И ние можеме многу да се охрабриме од овој извештај (15/9, страница 16).
Што покажува тоа што во Библијата честопати се спомнуваат боите?
Тоа покажува дека Бог знае дека боите влијаат врз емоциите на луѓето и можат да им помогнат да се сетат на некои работи (1/10, страници 14-15).
Како се исполнува денес пророштвото за пастирите и кнезовите запишано во Михеј 5:5?
‚Седумте пастири и осумте кнезови‘ спомнати во Михеј 5:5 се именуваните собраниски старешини, кои ги зајакнуваат Божјите слуги за нападот што им претстои (15/11, страница 20).
Од кои причини ни е потребен Бог?
Бог ни дава добри совети и ни нуди решенија за животните проблеми. Тој ни помага да водиме исполнет живот и да бидеме среќни, и ќе ги исполни ветувањата од својата Реч за да ни биде добро засекогаш (1/12, страници 4-6).