Тие се ставиле на располагање — во западна Африка
ДОДЕКА растел во една сиромашна населба на Брегот на Слоновата Коска, Паскал копнеел по подобар живот. Бидејќи тренирал бокс, се прашувал: ‚Каде ќе имам шанса да станам спортска ѕвезда и да се збогатам?‘ Кога имал околу 25 години, тој решил да го оствари својот сон во Европа. Но, бидејќи немал патнички исправи, морал да влезе таму нелегално.
Во 1998 год., на 27-годишна возраст, Паскал го започнал своето патешествие. Ја поминал границата со Гана, ги преминал Того и Бенин, и на крајот стигнал во градот Бирнин Коуни во Нигер. Оттаму требало да започне најопасниот дел од неговото патување. За да замине на север, морал да се качи на камион и да ја премине пустината Сахара. А потоа, кога ќе стигнел до Средоземното Море, планирал да се качи на брод што пловел за Европа. Но, во Нигер му се случиле две работи што го спречиле да си го оствари планот.
Прво, останал без пари. И второ, се сретнал со Ное, еден пионер кој почнал да ја проучува Библијата со него. Она што го научил, длабоко го трогнало и му го сменило животот од корен. Паскал се откажал од своите материјалистички цели и ги заменил со духовни. Во декември 1999 год., тој се крстил. За да му ја покаже својата благодарност на Јехова, во 2001 год. почнал да служи како пионер во Нигер, и тоа во истиот град во кој ја запознал вистината. Што мисли Паскал за својата служба? Тој вели: „Сега навистина водам исполнет живот!“
ПОИСПОЛНЕТ ЖИВОТ — ВО АФРИКА
Исто како Паскал, мнозина сфатиле дека можат да водат многу поисполнет живот ако ги стават духовните цели на прво место. Од таа причина, некои заминале од Европа и се преселиле во Африка за да служат на подрачја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Всушност, околу 70 Сведоци од Европа — на возраст од 17 до 70 години — се преселиле во западноафриканските земји Бенин, Буркина Фасо, Нигер и Того. (Подружницата во Бенин го надгледува делото во четири земји каде што се зборува француски.) Што ги навело да направат таков голем чекор, и каков бил резултатот?
Ане-Ракел од Данска раскажува: „Татко ми и мајка ми служеле како мисионери во Сенегал. Тие зборуваа толку воодушевено за мисионерскиот живот, што и јас посакав да тргнам по нивните стапки“. Пред околу 15 години, кога имала дваесетина години, таа се преселила во Того, каде што служи во собрание на знаковен јазик. Како нејзината преселба ги охрабрила другите? Ане-Ракел вели: „Подоцна мојата помлада сестра и брат ми исто така дојдоа да служат во Того“.
Аурел, еден 70-годишен женет брат од Франција, вели: „Пред пет години, кога се пензионирав, се најдов пред избор — или да водам спокоен живот во Франција и да чекам да дојде рајот, или да ја зголемам својата служба“. Тој ја избрал втората опција и, пред околу три години, заедно со својата жена, Албер-Фајет, се преселил во Бенин. Аурел вели: „Тоа што се ставивме на располагање да служиме овде е најдоброто нешто што сме го направиле во животот“. А потоа со насмевка додава: „И, што е најинтересно, некои делови од нашето подрачје покрај брегот навистина личат на рај!“
Пред 16 години, Клодомир и неговата жена, Лисијан, се преселиле од Франција во Бенин. Во почетокот многу им недостасувале семејството и пријателите во Франција, и затоа се плашеле дека нема да можат да се навикнат на новиот живот. Но, нивните стравови биле неосновани. Тие доживеале голема радост. Клодомир вели: „Во овие 16 години, во просек му помагавме на едно лице годишно да ја прифати вистината“.
Себастјен и Жоана, брачна двојка од Франција, се преселиле во Бенин во 2010 год. „Има толку многу работа во собранието“, вели Себастјен. „Откако служиме овде, се чувствуваме како да сме на забрзан теократски курс!“ Каков е одѕивот на подрачјето? Жоана вели: „Луѓето се жедни за вистината. Дури и кога не проповедаме, нѐ запираат на улица за да ни постават библиски прашања и да побараат публикации“. Како оваа преселба се одразила на нивниот брак? Себастјен вели: „Таа го зајакна нашиот брак. Многу се радувам што можам по цел ден да бидам во служба со жена ми“.
Ерик и неговата жена, Кети, служат како пионери во ретко населена област во северен Бенин. Пред околу десет години, додека живееле во Франција, почнале да читаат статии во кои имало искуства на браќа кои служеле на места каде што има поголема потреба од објавители. Освен тоа, разговарале со некои полновремени слуги. Така кај нив се развила желба да служат во друга земја, и во 2005 год. се преселиле во Бенин. За кратко време, имало прилично голем пораст во местото каде што служеле. Ерик вели: „Пред две години, нашата група во градот Тангиета броеше 9 објавители, а сега има 30. На состаноците во недела присуствуваат од 50 до 80 лица. Ваквиот пораст ни причинува неопислива радост!“
НА КАКВИ ТЕШКОТИИ НАИДУВААТ И КАКО ГИ ПРЕБРОДУВААТ
На какви тешкотии наидуваат оние што служат на места каде што има поголема потреба од објавители? Бенјамин, кој има 33 години, е брат на Ане-Ракел. Во 2000 год., се запознал во Данска со еден мисионер кој служел во Того. Бенјамин вели: „Кога му кажав дека сакам да бидам пионер, тој ми рече: ‚А зошто не дојдеш да служиш како пионер во Того?‘“ Тоа го ставило Бенјамин на мисла. Тој вели: „Тогаш немав ни 20 години, но моите две сестри веќе служеа во Того. Затоа ми беше полесно да се преселам таму“. И го сторил тоа. Сепак, се соочил со предизвици. Бенјамин објаснува: „Не знаев ниту еден збор на француски. Првите шест месеци ми беше многу тешко бидејќи практично не можев да комуницирам со луѓето“. Сепак, постепено го совладал јазикот. Бенјамин сега служи во Бетелот во Бенин, каде што помага во компјутерското одделение и доставува литература до собранијата.
Пред да се преселат во Бенин, Ерик и Кети, кои беа спомнати погоре, служеле на подрачје на друг јазик во Франција. Но, по што се разликувал животот во западна Африка? Кети вели: „Не можевме да најдеме пристојно место за живеење. Со месеци живеевме во куќа во која немаше ни струја ни вода“. Ерик додава: „Трештеше гласна музика до доцна во ноќта. Мора да си стрплив и да бидеш спремен да се навикнеш на такви работи“. Сепак, и двајцата потврдуваат: „Тешкотиите на кои наидуваме не се ништо во споредба со радоста што ја чувствуваме поради тоа што служиме на речиси недопрено подрачје“.
Една друга брачна двојка од Франција, Мишел и Мари-Ањес, кои имаат шеесетина години, се преселиле во Бенин пред околу пет години. Но, во почетокот биле загрижени. Мишел вели: ‚Некои сметаа дека нашата преселба е многу опасна — како да седнуваме во количка со едно тркало која ја турка некој акробат додека оди по затегнато јаже. Тоа може да биде навистина страшно ако не знаеш дека оној што ја турка количката е Бог. Затоа решивме да се преселиме за да му служиме уште повеќе на Јехова, уверени дека тој ќе нѐ поддржува‘.
КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИШ
Оние кои служат на места каде што има поголема потреба нагласуваат дека е многу важно човек да се подготви со тоа што ќе ги преземе следниве неколку чекори: Планирај однапред. Научи да бидеш приспособлив. Биди штедлив. Потпирај се на Јехова (Лука 14:28-30).
Себастјен, кој беше спомнат погоре, раскажува: „Пред да се преселиме, јас и Жоана штедевме две години така што не трошевме многу пари на забава и не купувавме непотребни работи“. За да продолжат да служат во странство, тие секоја година работат неколку месеци во Европа, а во преостанатиот дел од годината служат како пионери во Бенин.
Мари-Терез е една од 20-те немажени сестри кои служат на места каде што има поголема потреба од објавители во западна Африка. Таа работела како возач на автобус во Франција, но во 2006 год. земала една година неплатено отсуство за да служи како пионер во Нигер. За кратко време сфатила дека сака да води токму таков начин на живот. Мари-Терез вели: „Кога се вратив во Франција, му кажав на мојот работодавач дека сакам да направам промени во врска со работното време, и тој беше спремен да ми излезе во пресрет. Сега работам како возач во Франција од мај до август, а од септември до април служам како пионер во Нигер“.
Оние што ‚го бараат најнапред царството‘ можат да имаат доверба дека Јехова ќе им го даде сето она што им е неопходно (Мат. 6:33). Да го земеме примерот на Сафира, една немажена сестра од Франција која има околу 30 години и служи како пионер во Бенин. Во 2011 год., таа се вратила во Франција да заработи доволно пари за да може да се издржува уште една година (шеста по ред) во Африка. Сафира раскажува: „Беше петок, мојот последен работен ден, а јас морав да работам некаде уште десет дена за да имам доволно пари за следната година. Можев да останам уште само две седмици во Франција. Му се помолив на Јехова и му ја објаснив својата ситуација. Кратко потоа, добив телефонски повик од една агенција за вработување. Тие ме прашаа дали можам да работам две седмици како замена во една фирма“. Во понеделникот, Сафира отишла на тоа работно место за да добие обука од жената која требало да ја замени. Таа вели: „Многу се изненадив кога дознав дека оваа жена, всушност, беше наша сестра која требаше да отсуствува 10 дена за да оди на Школата за пионери! Нејзиниот шеф ѝ рекол дека нема да ѝ даде слободни денови ако не се најде замена. И таа — исто како и јас — го молела Јехова да ѝ помогне“.
ИЗВОР НА ВИСТИНСКА РАДОСТ
Западна Африка им станала дом и на некои браќа и сестри од други земји кои со години служат таму. Други, пак, можеле да служат неколку години, а потоа се вратиле во својата родна земја. Сепак, до ден-денес таквите браќа и сестри имаат користи од годините што ги поминале служејќи онаму каде што има поголема потреба. Тие од прва рака почувствувале дека службата за Јехова е извор на вистинска радост во животот.