Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Гледај колку е добар Јехова‘

,Гледај колку е добар Јехова‘

Тешките ситуации со кои се соочуваме во животот можат да влијаат многу негативно врз нас. Тие можат да ги обземат нашите мисли, да ни ја исцрпат силата и сосема да го сменат начинот на кој гледаме на работите. Израелскиот цар Давид претрпел многу неволји во животот. Како се справил со нив? Во еден трогателен псалм, тој го дал одговорот: „Со својот глас го повикав Јехова на помош, со гласот го молам Јехова за милост. Пред него ја излевав својата загриженост, пред него зборував за својата мака, кога премале духот во мене. Тогаш ти го позна мојот пат“. Значи, Давид понизно го молел Јехова за помош (Пс. 142:1-3).

Давид понизно го молел Јехова за помош кога минувал низ тешки ситуации

Во еден друг псалм, тој напишал: „За едно го молам Јехова, само тоа го барам, да живеам во Јеховиниот дом во сите денови на мојот живот, за да гледам колку е добар Јехова и да се восхитувам на неговиот храм“ (Пс. 27:4). Замисли си како Давид стоел пред дворот на светиот шатор, средиштето на обожавањето на вистинскиот Бог. Иако не бил левит, Давид имал толку големо ценење за Божјето светилиште што посакувал да живее таму во сите денови на својот живот и ‚да гледа колку е добар Јехова‘.

Хебрејскиот збор што во Псалм 27:4 е преведен со „добар“, укажува на нешто што е допадливо и пријатно за умот, чувствата и сетилата. Давид секогаш му се восхитувал на Божјиот дом каде што можел да го обожава Јехова. Добро е и ние да се прашаме: ‚Дали и јас се чувствувам исто како Давид?‘

‚ВОСХИТУВАЈ МУ СЕ‘ НА БОЖЈИОТ ДУХОВЕН ХРАМ

Во наше време, Јехова не бара од своите слуги да го обожаваат во некој дословен храм или светилиште. Денес постои голем духовен храм — кој го претставува сето она што Бог го подготвил за да можеме да го обожаваме на прифатлив начин. * Ако му ‚се восхитуваме‘ на овој духовен храм, и ние ќе можеме да ‚видиме колку е добар Јехова‘.

Да размислиме за бакарниот жртвеник за жртви паленици кој бил поставен пред влезот на светиот шатор (2. Мој. 38:1, 2; 40:6). Тој жртвеник ја претставувал спремноста на Бог да го прифати Исусовиот човечки живот како жртва (Евр. 10:5-10). Помисли само што значи тоа за нас! Апостол Павле напишал: „Се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син уште додека бевме непријатели“ (Рим. 5:10). Со тоа што покажуваме вера во пролеаната крв на Исус, ние ја стекнуваме Божјата милост и неговата доверба. Како резултат на тоа, можеме да бидеме пријатели со Јехова и да имаме близок однос со него (Пс. 25:14).

Бидејќи Јехова ни ги ‚брише гревовите‘, ние чувствуваме олеснување (Дела 3:19). Ова може да се спореди со ситуацијата на еден затвореник кој е осуден на смрт. Бидејќи се кае и жали поради своите престапи во минатото, тој почнува да прави коренити промени. Кога го гледа тоа, еден добар судија е поттикнат да го ослободи од сите обвиненија и да ја поништи неговата смртна казна. Замисли колкаво олеснување чувствува тој затвореник! Слично на овој судија, Јехова им покажува милост на луѓето кои се каат за своите гревови, и ги ослободува од смртната пресуда.

ЦЕНИ ЈА ЧЕСТА ДА МУ СЛУЖИШ НА ВИСТИНСКИОТ БОГ

Во времето на Давид, во Јеховиниот дом се вршеле различни активности кои биле поврзани со обожавањето на вистинскиот Бог. Меѓу другото, таму редовно се собирале илјадници Израелци, јавно се читал и се објаснувал Божјиот  закон, бил пален темјан, а свештениците и левитите вршеле света служба (2. Мој. 30:34-38; 4. Мој. 3:5-8; 5. Мој. 31:9-12). Овие обележја на обожавањето на вистинскиот Бог во древниот Израел укажувале на различни теократски активности што се извршуваат во нашево време.

Како во минатото така и денес, Божјиот народ ја чувствува вистинитоста на зборовите: „Колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Пс. 133:1). Низ целиот свет има огромен пораст на меѓународното братство (1. Пет. 2:17). На нашите состаноци редовно се чита и се објаснува Божјата Реч. Преку својата организација, Јехова ни дава многу совети и поуки. Исто така, добиваме изобилство духовна храна во печатен облик за да можеме да ја користиме кога проучуваме сами или со семејството. Еден член на Водечкото тело рекол: „Секој ден наоѓам многу духовни бисери и чувствувам големо задоволство додека ја истражувам Јеховината Реч, и додека длабоко размислувам за неа и за нејзиното значење“. Навистина, ‚знаењето може да ѝ стане пријатно на нашата душа‘ (Изр. 2:10).

Денес, Јехова со задоволство ги слуша сесрдните молитви кои неговите слуги секојдневно му ги упатуваат. Таквите молитви за него се пријатни како мирислив темјан (Пс. 141:2). Зарем не сме охрабрени што знаеме дека Јехова Бог многу се радува кога понизно му се молиме?

Мојсеј се молел со следниве зборови: „Добротата на Јехова, нашиот Бог, нека биде врз нас. Дај му успех на делото на нашите раце“ (Пс. 90:17). Јехова го благословува нашиот труд додека ревносно ја извршуваме службата (Изр. 10:22). Можеби сме помогнале некому да ја прифати вистината. Можеби веќе со години истрајно ја вршиме службата и покрај тоа што се бориме со слабо здравје, емоционална болка или, пак, наидуваме на рамнодушност или прогонство на подрачјето (1. Сол. 2:2). Сепак, зарем не гледаме „колку е добар Јехова“, и зарем не сфаќаме дека нашиот небесен Татко многу го цени нашиот труд?

„Јехова е дел од наследството мое и од чашата моја“, во песна рекол Давид. „Ти цврсто го држиш моето наследство. Добив прекрасно наследство“ (Пс. 16:5, 6). Давид бил благодарен за своето „наследство“, односно за честа што ја имал да му служи на Јехова и да има добар однос со него. Можеби и ние, исто како Давид, се соочуваме со разни тешкотии. Сепак, имаме безброј духовни благослови! Затоа, и понатаму да ја цениме честа да му служиме на вистинскиот Бог, Јехова, и ‚да му се восхитуваме‘ на неговиот духовен храм!

^ пас. 6 Види во Стражарска кула од 1 јули 1996, страници 14-24.