Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радувајте се поради свадбата на Јагнето!

Радувајте се поради свадбата на Јагнето!

„Да се радуваме и да се веселиме... зашто дојде свадбата на Јагнето“ (ОТК. 19:7)

1, 2. а) Чија свадба ќе биде причина за голема радост на небото? б) Кои прашања се поставуваат?

ПОТРЕБНО Е многу време и труд за да се подготви една свадба. Но, во оваа статија ќе зборуваме за една царска свадба која се подготвува веќе 2.000 години! Сега сѐ повеќе наближува денот кога младоженецот и невестата ќе се обединат во среќен брак. Наскоро во царската палата ќе се разлее радосна музика, а небесните мноштва ќе запеат: „Фалете го Јах, зашто Јехова, нашиот Бог, Семоќниот, почна да царува! Да се радуваме и да се веселиме и да му оддадеме слава, зашто дојде свадбата на Јагнето, и неговата жена е подготвена“ (Отк. 19:6, 7).

2 „Јагнето“ кое се спомнува во овие стихови е Исус Христос. Неговата свадба ќе биде причина за голема радост на небото (Јован 1:29). Како е облечен тој за свадбата? Која е неговата невеста? Како таа била подготвена за брак? Кога ќе започне свадбата? Дали и оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата ќе имаат удел во таа веселба? Додека продолжуваме со разгледувањето на Псалм 45, со нетрпение очекуваме да го добиеме одговорот на овие прашања.

 ‚НЕГОВИТЕ ОБЛЕКИ УБАВО МИРИСААТ‘

3, 4. а) Како е опишана свадбената облека на Младоженецот, и што ја зголемува неговата радост? б) Кого го претставуваат ‚царските ќерки‘ и „царицата“ кои се радуваат заедно со Младоженецот?

3 Прочитај Псалм 45:8, 9. Младоженецот, Исус Христос, ја облекува својата царска свадбена облека. Од неа се шири прекрасен мирис на смирна и касија, мирисливи состојки кои се ставале во светото масло за помазание во древниот Израел (2. Мој. 30:23-25).

4 Додека наближува свадбата, небесната музика која се разлева низ палатата на Младоженецот уште повеќе ја зголемува неговата радост. Заедно со него се радува и „царицата“, односно небесниот дел од Божјата организација кој го сочинуваат ‚царските ќерки‘ — светите ангели. А гласови на небото велат: „Да се радуваме и да се веселиме... зашто дојде свадбата на Јагнето“!

НЕВЕСТАТА Е ПОДГОТВЕНА ЗА СВАДБАТА

5. Која е „жената на Јагнето“?

5 Прочитај Псалм 45:10, 11. Видовме кој е Младоженецот, но која е неговата невеста? Таа не е дословна жена, туку ја претставува целата група од помазани христијани. Исус е глава на ова собрание од помазаници. (Прочитај Ефешаните 5:23, 24.) Тие ќе владеат заедно со него во неговото месијанско Царство (Лука 12:32). Овие 144.000 помазани христијани „го следат Јагнето каде и да појде“ (Отк. 14:1-4). Тие ќе станат негова „жена“ и ќе живеат заедно со него во неговиот дом на небото (Отк. 21:9; Јован 14:2, 3).

6. Зошто помазаниците се наречени ‚царска ќерка‘, и зошто им е кажано да го ‚заборават својот народ‘?

6 Идната невеста е наречена и ‚царска ќерка‘ (Пс. 45:13). Кој Цар е нејзин татко? Помазаните христијани се усвоени како „деца“ на Јехова (Рим. 8:15-17). На помазаниците им е кажано: „Заборави го својот народ и домот на својот [роден] татко“. Бидејќи ќе станат небесна невеста, тие треба ‚да мислат на она што е на небото, а не на она што е на земјата‘ (Кол. 3:1-4).

7. а) Како Христос ја подготвувал својата идна невеста? б) Што чувствува невестата кон својот иден Младоженец?

7 Низ вековите, Христос ја подготвувал својата идна невеста за небесната свадба. Апостол Павле објаснил дека Христос ‚го сакал собранието и се предал себеси за него, за да го посвети, чистејќи го со капење во вода, во речта Божја, за да го доведе пред себе собранието во неговиот сјај, без дамка или брчка или нешто слично — свето и неизвалкано‘ (Еф. 5:25-27). Павле им го рекол следново на помазаните христијани во древниот Коринт: „Со ревност се грижам за вас како што го прави тоа Бог, бидејќи ве ветив за брак на еден маж, Христос, за да ве доведам пред него како чиста девица“ (2. Кор. 11:2). Царскиот Младоженец, Исус Христос, ‚копнее по убавината‘ на својата идна невеста, односно се восхитува на нејзината духовна убавина бидејќи таа му служи на Бог на чист и прифатлив начин. А невестата го признава Исус како свој „господар“ и ‚му се поклонува‘ како на свој иден сопруг.

НЕВЕСТАТА ‚ЈА ДОВЕДУВААТ КАЈ ЦАРОТ‘

8. Зошто за невестата се вели дека е „преубава“?

8 Прочитај Псалм 45:13, 14а. Невестата која е подготвена за царската свадба е „преубава“. Во Откровение 21:2, оваа невеста, која е „украсена за својот маж“, е споредена со град, Новиот Ерусалим. Овој небесен град ја има ‚Божјата слава‘  и блеска „како скапоцен камен, како камен јаспис, кој сјае како кристал“ (Отк. 21:10, 11). Книгата Откровение содржи прекрасен опис на сјајот на Новиот Ерусалим (Отк. 21:18-21). Ништо чудно што псалмистот вели дека невестата е „преубава“! Токму така и треба да изгледа жената на Јагнето која е подготвена за својата царска свадба на небото!

9. Кај кого ја доведуваат невестата, и како е облечена таа?

9 Невестата ја доведуваат кај Младоженецот — месијанскиот Цар. Тој ја подготвил за оваа пригода ‚чистејќи ја со капење во вода, во речта Божја‘. Неговата невеста е ‚света и неизвалкана‘ (Еф. 5:26, 27). Се разбира, и таа мора да биде соодветно облечена за овој настан. Псалмистот вели дека ја доведуваат кај царот во ‚облека извезена со злато‘ и „во исткаено руво“. За свадбата на Јагнето, на невестата ‚ѝ е дадено да се облече во фин лен, сјаен и чист, зашто финиот лен ги претставува праведните дела на светите‘ (Отк. 19:8).

„ДОЈДЕ СВАДБАТА НА ЈАГНЕТО“

10. Што мора да се случи пред да започне свадбата на Јагнето?

10 Прочитај Откровение 19:7Кога треба да започне свадбата на Јагнето? Иако Откровение 19:7 вели дека неговата „жена е подготвена“, стиховите што следат потоа не ја опишуваат свадбата. Наместо тоа, во нив е даден сликовит опис на последната фаза од големата неволја (Отк. 19:11-21). Дали тоа значи дека свадбата ќе започне пред царскиот Младоженец да извојува конечна победа? Не. Виденијата во книгата Откровение не се наведени по хронолошки редослед. Според Псалм 45, свадбата на Царот Исус Христос започнува дури откако тој го препашува мечот и ги победува сите свои непријатели (Пс. 45:3, 4).

11. По кој редослед ќе се одвиваат настаните пред да започне свадбата на Јагнето?

11 Значи, можеме да заклучиме дека настаните ќе се одвиваат по следниов редослед: Прво ќе биде извршен судот над „големата блудница“, односно Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Отк. 17:1, 5, 16, 17; 19:1, 2). Потоа, Христос ќе изврши суд над преостанатиот дел од Сатановиот злобен свет со тоа што ќе го уништи во Армагедон, „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Отк. 16:14-16; 19:19-21). На крајот, Царот и Воин ќе извојува конечна победа кога ќе ги фрли Сатана и неговите демони во бездна, каде што повеќе нема да можат да му наштетат никому затоа што ќе бидат во состојба на неделотворност слична на смрт (Отк. 20:1-3).

12, 13. а) Кога ќе започне свадбата на Јагнето? б) Кој ќе се радува на небото поради свадбата на Јагнето?

12 Во последните денови, помазаните христијани кои му остануваат верни на Јехова до смрт воскреснуваат за живот на небото. Но, некое време по уништувањето на Големиот Вавилон, Исус ќе ги собере кај себе сите преостанати членови кои се дел од групата претставена со невестата (1. Сол. 4:16, 17). Според тоа, пред да започне војната наречена Армагедон, сите членови на „невестата“ ќе бидат на небото. По таа војна, ќе може да започне свадбата на Јагнето. Тоа ќе биде многу радосен настан! Во Откровение 19:9 пишува: „Среќни се оние што се поканети на свадбената вечера на Јагнето“ (Отк. 19:9). Сите 144.000 членови кои ја сочинуваат невестата навистина ќе бидат среќни. А и царскиот Младоженец ќе биде пресреќен бидејќи сите негови помазани придружници ќе можат заедно со него, во симболична смисла, ‚да јадат и да пијат на  неговата трпеза во неговото царство‘ (Лука 22:18, 28-30). Но, и други ќе се радуваат поради свадбата на Јагнето.

13 Како што видовме, небесните мноштва обединето ќе пеат: „Да се радуваме и да се веселиме и да му оддадеме слава [на Јехова], зашто дојде свадбата на Јагнето, и неговата жена е подготвена“ (Отк. 19:6, 7). Но, што може да се каже за Јеховините слуги на Земјата? Дали и тие ќе имаат удел во таа веселба?

„ЌЕ ГИ ДОВЕДАТ СО РАДОСТ“

14. Кои се „девиците“ во придружбата на невестата што се спомнати во Псалм 45?

14 Прочитај Псалм 45:12, 14б, 15. Пророкот Захарија претскажал дека, во времето на крајот, низ целиот свет ќе има луѓе кои ќе бидат благодарни што можат да му служат на Јехова заедно со преостанатите помазаници. Тој напишал: „Во тие денови, десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ‚Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Зах. 8:23). Во Псалм 45:12, овие симболични „десет луѓе“ се наречени ‚тирска ќерка‘ и ‚богати луѓе‘. Тие доаѓаат со „дар“ кај остатокот од помазаници, односно им ја даваат својата поддршка за да добијат духовна помош од нив. Од 1935 год. наваму, помазаниците на Земјата ‚довеле мнозина до праведност‘, односно им помогнале на милиони луѓе да ја дознаат вистината за Јехова (Дан. 12:3). Како верни придружници на помазаните христијани, тие го исчистиле својот живот од служењето на лажни богови и на тој начин станале духовни ‚девици‘. Овие ‚девици‘ кои се наоѓаат во придружбата на невестата му  го заветувале својот живот на Јехова и докажале дека се верни поданици на царскиот Младоженец.

15. Како „девиците“ соработуваат со помазаниците кои сѐ уште се на Земјата?

15 Преостанатите помазаници на Земјата им се особено благодарни на овие ‚девици‘ затоа што тие ревносно им помагаат во проповедањето на ‚добрата вест за царството‘ по целиот свет (Мат. 24:14). „Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘“, но и оние што ги слушаат велат: „Дојди!“ (Отк. 22:17). Ова значи дека, откако ‚другите овци‘ ја чуле поканата на помазаниците, продолжиле заедно со нив да им велат: „Дојди!“ на луѓето низ целиот свет (Јован 10:16).

16. Каква чест им дава Јехова на другите овци?

16 Помазаниците на Земјата ги сакаат своите придружници. Тие се среќни што Јехова им дава чест и на другите овци да се радуваат заедно со нив поради свадбата на Јагнето. Било проречено дека овие ‚девици‘ ќе бидат ‚доведени со радост и веселба‘. Да, и другите овци, кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата, ќе се радуваат заедно со сите духовни суштества кога ќе започне свадбата на Јагнето на небото. Во книгата Откровение се вели дека ‚големото мноштво‘, кое му служи на Јехова на Земјата, стои „пред престолот и пред Јагнето“. Тие му служат на Јехова во земниот двор на Божјиот духовен храм (Отк. 7:9, 15).

„Девиците“ во придружбата на невестата се радуваат поради свадбата на Јагнето (Види во пасус 16)

„НА МЕСТОТО НА ТВОИТЕ ПРАТАТКОВЦИ ЌЕ БИДАТ ТВОИТЕ СИНОВИ“

17, 18. а) Какви благослови ќе донесе бракот на Јагнето? б) Кому Исус ќе му стане татко во текот на своето Илјадагодишно владеење?

17 Прочитај Псалм 45:16. „Девиците“ кои се во придружбата на Христовата небесна невеста ќе имаат уште поголема причина за радост кога ќе ги доживеат благословите од овој брак во новиот свет. Царскиот Младоженец ќе го сврти своето внимание кон Земјата и ќе ги воскресне своите „прататковци“, кои ќе станат негови земни „синови“ (Јован 5:25-29; Евр. 11:35). Од нив ќе постави „кнезови по целата земја“. Без сомнение, Христос ќе избере и некои од верните старешини денес да предводат како „кнезови“ во новиот свет (Иса. 32:1).

18 Во текот на Илјадагодишното владеење, Христос ќе им стане татко и на други. Всушност, сите што покажуваат вера во неговата откупна жртва ќе живеат вечно на Земјата (Јован 3:16). На тој начин, Христос ќе стане нивни „Вечен Татко“ (Иса. 9:6, 7).

ПОТТИКНАТИ ДА ГО ОБЈАВУВАМЕ ИМЕТО НА ЦАРОТ

19, 20. Како возбудливите настани кои се опишани во Псалм 45 влијаат врз сите вистински христијани денес?

19 Прочитај Псалм 45:1, 17. Настаните кои се опишани во Псалм 45 влијаат врз сите христијани. Преостанатите помазаници на Земјата се пресреќни што наскоро ќе им се придружат на своите браќа и на својот Младоженец на небото. Другите овци се поттикнати уште повеќе да му бидат подложни на својот величествен Цар. Освен тоа, тие се благодарни што имаат чест да служат заедно со преостанатите членови на невестата кои сѐ уште се на Земјата. По „свадбата“, Христос и неговите совладетели ќе излеат неизмерни благослови врз сите што ќе живеат во новиот свет (Отк. 7:17; 21:1-4).

20 Додека очекуваме да се исполнат пророштвата за месијанскиот Цар, сигурно сме поттикнати да го објавуваме неговото име. Затоа, да го фалиме нашиот Цар „довека, во сета вечност“.