Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да покажуваме почит кон постарите

Да покажуваме почит кон постарите

„Пред седа глава стани, почитувај го лицето на стар човек“ (3. МОЈ. 19:32)

1. Во каква состојба се наоѓаат луѓето денес?

ЈЕХОВА никогаш немал намера луѓето да страдаат, да стареат и да ја губат силата. Тој сакал тие да имаат совршено здравје и да живеат во прекрасен рај на Земјата. Но, денес „целото создание заедно воздивнува и... е во болка“ (Рим. 8:22). На Бог му е многу жал кога гледа како луѓето ги трпат горките последици од гревот и несовршеноста. Уште пожално е тоа што многу лица кои се во поодминати години се оставени сами на себе во моменти кога им е неопходна помош од другите (Пс. 39:5; 2. Тим. 3:3).

2. Зошто христијаните многу ги ценат постарите браќа и сестри?

2 Јеховиниот народ многу ги цени постарите браќа и сестри во собранијата. Сите ние можеме многу да научиме од нивната мудрост и од нивната верност. Голем број од нас се во роднинска врска со нив. Но, без разлика дали ни се роднини или не, сакаме да бидат добро згрижени (Гал. 6:10; 1. Пет. 1:22). Затоа, важно е да знаеме какво гледиште има Бог за браќата и сестрите што се во поодминати години. Освен тоа, од оваа статија ќе видиме каква одговорност има семејството и што може да направи собранието за постарите.

 „НЕМОЈ ДА МЕ ОТФРЛИШ“

3, 4. а) Каква искрена молба му упатил на Јехова писателот на Псалм 71? б) За што можат да го молат Бог постарите браќа и сестри?

3 Во Псалм 71:9, псалмистот го молел Бог: „Немој да ме отфрлиш на старост! Кога ќе ме издаде силата“. Овој псалм е продолжение на Псалм 70, на кој стои натписот „Давидов псалм“. Според ова, зборовите од Псалм 71:9 најверојатно ги запишал Давид. Тој му служел на Бог уште од својата младост и со Јеховина помош извршувал важни задачи (1. Сам. 17:33-37, 50; 1. Цар. 2:1-3, 10). Сепак, и кога остарел, Давид го молел Јехова да продолжи да се грижи за него. (Прочитај Псалм 71:17, 18.)

4 Многу наши браќа и сестри се како Давид. И покрај тоа што се во поодминати години и се соочуваат со многу тешкотии, тие продолжуваат да му служат на Бог најдобро што можат (Проп. 12:1-7). Многумина од нив не се во состојба да го прават она што го правеле во минатото, особено во службата на проповедање. Сепак, исто како Давид, и тие можат да го молат Јехова да ги благословува и да се грижи за нив. Самиот Јехова го водел Давид да ги запише во Библијата своите молитви во кои изразил слични грижи. Нашите браќа и сестри можат да бидат уверени дека Бог ќе ги услиши нивните молитви.

5. Како гледа Јехова на остарените браќа и сестри?

5 Библијата јасно ни покажува дека остарените браќа и сестри се скапоцени за Јехова и дека тој очекува другите негови слуги да им искажуваат почит (Пс. 22:24-26; Изр. 16:31; 20:29). Во 3. Мојсеева 19:32 пишува: „Пред седа глава стани, почитувај го лицето на стар човек и бој се од својот Бог. Јас сум Јехова“. Кога биле напишани овие зборови, било многу важно да се покажува почит кон постарите. Оваа заповед важи до ден-денес. Но, кој има одговорност да се грижи за нив?

ОДГОВОРНОСТ НА СЕМЕЈСТВОТО

6. Како Исус покажал дека се грижи за својата мајка?

6 Во Божјата Реч пишува: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (2. Мој. 20:12; Еф. 6:2). Исус покажал колку е важна оваа заповед кога ги осудил фарисеите и книжниците кои не сакале да се грижат за своите родители (Мар. 7:5, 10-13). Тој самиот ни оставил добар пример во овој поглед. На пример, кога умирал на столбот, грижата за својата мајка, која најверојатно била вдовица, му ја доверил на својот сакан апостол Јован (Јован 19:26, 27).

7. а) Кое начело го запишал апостол Павле во врска со грижата за семејството? б) Во кој контекст Павле ги кажал овие зборови?

7 Под водство на светиот дух, апостол Павле напишал дека христијаните треба да се грижат за своите семејства. (Прочитај 1. Тимотеј 5:4, 8, 16.) Да го разгледаме контекстот на зборовите кои Павле му ги упатил на Тимотеј. Павле зборувал за тоа кој може да добива финансиска помош од собранието, а кој не. Тој јасно кажал дека за остарените вдовици требало да се грижат главно христијаните кои биле во роднинска врска со нив — децата, внуците или други роднини. Со тоа немало да му се наметнува непотребен финансиски товар на собранието. И денес, еден начин на кој христијаните покажуваат „оддаденост на Бог“ е така што се грижат нивните остарени роднини да го имаат тоа што им е потребно.

8. Зошто Библијата не дава конкретни упатства за тоа како да се грижиме за остарените родители?

8 Значи, возрасните деца кои се христијани имаат обврска да се грижат за материјалните потреби на своите родители. Иако Павле кажал дека треба да се грижиме за роднините кои се христијани, тоа не значи дека треба да ги запоставиме родителите кои не се Сведоци. Сепак, секое семејство треба да ги земе предвид своите  околности и да одлучи што ќе прави. Ниту една ситуација не е иста. Треба да се земат предвид потребите, карактерот и здравјето на секој член од семејството. Освен тоа, некои од постарите имаат многу деца, додека други имаат само едно дете. Некои можеби добиваат помош од државата, додека други немаат таква можност. А и желбите на остарените родители се разликуваат. Затоа, не би било мудро ниту, пак, љубезно да ги критикуваме одлуките на оние кои се обидуваат да се грижат за своите остарени роднини. Јехова може да ја благослови секоја одлука која е донесена на темел на библиските начела, исто како што било случај и во минатото (4. Мој. 11:23).

9-11. а) Каква одлука можеби ќе треба да донесат некои браќа и сестри? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Зошто возрасните деца не треба веднаш да прекинат со полновремената служба? Наведи пример.

9 Кога родителите и децата не живеат близу едни до други, обично е потешко да се задоволат основните потреби на постарите. Ако на родителите неочекувано им се влоши здравјето, на пример ако паднат, се здобијат со скршеница или ако им се појави друг здравствен проблем, децата можеби ќе мора итно да појдат кај нив. Можеби на родителите ќе им биде потребна помош за одредено време или за подолго. *

10 На браќата и сестрите кои се далеку од дома поради тоа што полновремено му служат на Јехова, можеби нема да им биде лесно да одлучат што да прават. Оние што служат во Бетел, мисионерите или патувачките надгледници многу ги ценат своите задачи и ги сметаат за благослов од Јехова. Но, ако нивните родители се разболат, можеби веднаш ќе помислат: ‚Ќе мора да ја напуштиме доделбата и да се вратиме дома за да се грижиме за нив‘. Сепак, мудро ќе биде ако се молат за тоа и ако размислуваат кои се вистинските потреби и желби на родителите. Никој не треба да донесе избрзана одлука и да прекине со својата служба, затоа што тоа не е секогаш неопходно. Размисли дали здравствените проблеми што ги имаат твоите родители се привремени и дали некои браќа и сестри од собранието ќе сакаат да им помогнат (Изр. 21:5).

11 На пример, еден постар брачен пар од Јапонија имал двајца синови кои служеле во далечни земји. Едниот бил мисионер во Парагвај, а другиот служел во главното седиште во Бруклин (Њујорк). Кога на родителите им била потребна помош, синовите со своите жени отишле кај нив за да видат што можат да направат. По некое време, синот и неговата жена што служеле во Парагвај почнале да размислуваат да ја остават својата задача и да се вратат дома. Токму тогаш им се јавил координаторот на старешинството од собранието на родителите. Старешините ја разгледале ситуацијата и сакале мисионерите да продолжат со својата служба колку што е можно подолго. Тие браќа толку многу ја ценеле службата која ја вршел овој брачен пар што биле решени да направат сѐ за да се грижат за нивните родители. Сите во семејството биле од срце благодарни за поддршката од собранието.

12. Што треба да им биде најважно на христијанските семејства кога одлучуваат како ќе се грижат за постарите?

12 Без разлика каква одлука ќе донесат христијаните кога станува збор за грижата за остарените родители, најважно треба да им биде со таа одлука да му донесат слава на Божјето име. Сигурно не би сакале да бидеме како верските водачи во времето на Исус (Мат. 15:3-6). Не сакаме да му нанесеме срам ниту на Бог ниту на собранието (2. Кор. 6:3).

 ОДГОВОРНОСТ НА СОБРАНИЕТО

13, 14. Како Библијата покажува дека собранијата треба да се грижат за потребите на постарите браќа и сестри?

13 Секое собрание не може да им помогне на полновремените слуги како собранието што го спомнавме претходно. Сепак, Библијата ни покажува дека собранијата треба да направат сѐ што можат за да им помогнат на верните браќа и сестри кои се во поодминати години. На пример, за христијаните во Ерусалим пишува: „Никој меѓу нив не беше во немаштија, зашто, сите што поседуваа ниви или куќи, ги продаваа, и добиените пари ги донесуваа и ги ставаа пред нозете на апостолите. Потоа секому му се делеше онолку колку што му требаше“ (Дела 4:34, 35). Но, подоцна во тоа собрание се појавил сериозен проблем. Се дознало дека некои „вдовици биле запоставени при секојдневното делење на храната“. Што направиле апостолите? Тие решиле оваа задача да им ја доверат на духовни мажи кои требало да се погрижат да бидат задоволени потребите на сите вдовици (Дела 6:1-5). Храната се делела за да им се помогне на оние што станале христијани на Педесетница 33 год. од н.е. и кои останале во Ерусалим уште некое време за духовно да се зајакнат. Иако ова било привремено, одлуката што ја донеле апостолите покажува дека собранијата можат да им пружат помош на оние кои имаат потреба.

14 Павле му кажал на Тимотеј дека во некои ситуации било соодветно собранијата да им помагаат во материјален поглед на вдовиците кои биле христијанки (1. Тим. 5:3-16). И Јаков под водство на светиот дух напишал дека христијаните имаат одговорност да се грижат за сираците, вдовиците и за другите што имале некаква потреба или доживеале некаква неволја (Јак. 1:27; 2:15-17). Апостол Јован напишал: „Кој има добра од овој свет и гледа дека брат му е во немаштија, а сепак не се смилува кон него, како тогаш љубовта кон Бог останува во него?“ (1. Јов. 3:17). Ако христијаните како поединци треба да се грижат за оние кои имаат потреба, зарем истата одговорност не ја имаат и собранијата?

Ако се случи некоја несреќа, како може собранието да помогне? (Види во пасуси 15-16)

15. Кои работи треба да ги земат предвид оние што им помагаат на постарите браќа и сестри?

15 Во некои земји, владата се грижи постарите лица да добиваат пензија, социјална помош или домашна нега (Рим. 13:6). Но, во други места, државата не нуди таква помош. Затоа, колку ќе треба роднините и собранието да се грижат за постарите браќа и сестри зависи од ситуација до ситуација. Можеби децата што се христијани живеат далеку од своите родители. Од тоа  ќе зависи колку ќе можат да помогнат. Добро ќе биде децата отворено да зборуваат со старешините од собранието на нивните родители за да бидат сигурни дека сите имаат целосна слика за семејните околности. На пример, старешините би можеле да им помогнат на родителите да дознаат какви услуги нуди државата или какви социјални програми има во местото каде што живеат. Можат да ги информираат децата за некои важни сметки или да ги известат ако родителите не ги земаат лековите. Ако децата и старешините имаат искрена комуникација, ќе бидат во можност да најдат решение за проблемите. Се разбира, тие што живеат близу до постарите можат за многу работи самите да им помогнат, а можат и да им дадат корисни совети на децата што живеат далеку. Така и родителите и децата ќе се чувствуваат посигурни.

16. Како некои христијани им помагаат на постарите браќа и сестри?

16 Од љубов кон постарите, некои христијани доброволно ги трошат своето време и сили за да им помогнат колку што можат. Тие се трудат да им обрнат посебно внимание на постарите браќа и сестри од собранието. Некои христијани меѓусебно си ги делат задачите и се менуваат додека се грижат за членовите на собранието што се во поодминати години. Иако не можат да бидат во полновремена служба, овие браќа и сестри им помагаат на децата на постарите да останат на своите задачи што е можно подолго. Колку добар пример ни оставаат тие христијани! Се разбира, тоа што се ставаат на располагање не ги ослободува децата од одговорноста да прават сѐ што можат за да се грижат за своите родители.

ПОКАЖИ ДЕКА ГИ ПОЧИТУВАШ ПОСТАРИТЕ СО УБАВ ЗБОР

17, 18. Кои работи можат да ја олеснат тешката ситуација?

17 Ако остарените браќа и сестри и оние што им помагаат се трудат да задржат позитивен став, ќе си ја олеснат тешката ситуација. Понекогаш, заедно со староста доаѓаат и чувства на безвредност и депресија. Затоа ќе треба да вложиш посебен напор да им искажеш почит и да ги охрабриш постарите браќа и сестри. Пофали ги поради тоа што долги години верно и непоколебливо му служат на Јехова. Тој никогаш нема да го заборави тоа што го правеле за него во службата. Таквата верна служба не ја забораваат ниту нивните соверници. (Прочитај Малахија 3:16; Евреите 6:10.)

18 Освен тоа, ако сите ја задржат смислата за хумор, може да си го олеснат товарот на секојдневните грижи (Проп. 3:1, 4). Многу постари браќа и сестри се трудат да немаат преголеми барања од другите. Тие сфаќаат дека другите ќе покажат поголема грижа и почесто ќе доаѓаат кај нив ако се љубезни. Честопати оние што ги посетуваат постарите велат: „Отидов да охрабрам, а се вратив охрабрен“ (Изр. 15:13; 17:22).

19. Што ќе им помогне и на младите и на старите да истраат во тешки ситуации?

19 Едвај чекаме да дојде денот кога ќе им биде ставен крај на страдањата и ќе бидат отстранети последиците од несовршеноста. Но, додека да дојде тоа време, Божјите слуги мора цврсто да ја држат на ум надежта за вечен живот во новиот свет. Верата во Божјите ветувања ни дава сила да истраеме во тешки ситуации. Поради тоа што имаме силна вера, „не се откажуваме. Напротив, дури и ако нашиот надворешен човек се распаѓа, оној внатрешниот се обновува од ден на ден“ (2. Кор. 4:16-18; Евр. 6:18, 19). Што друго може да им помогне на оние што се грижат за постарите? Некои практични предлози ќе бидат разгледани во следната статија.

^ пас. 9 Во следната статија ќе бидат разгледани некои предлози во врска со грижата за постарите.