Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали секогаш си стоиш на зборот?

Дали секогаш си стоиш на зборот?

Замисли си ја следнава ситуација: Еден старешина, кој е член на Одборот за контактирање со болниците, се договорил во недела наутро да оди во служба со еден млад брат. Но, тоа утро, му се јавил друг брат чија жена имала сообраќајна несреќа и била однесена во болница. Овој брат го замолил старешината да му помогне да најде лекар кој ќе биде спремен да ја оперира жена му без трансфузија на крв. За да му ги даде потребната помош и поддршка на ова семејство кое се наоѓало во тешка ситуација, старешината ја откажал службата со младиот брат.

Сега замисли си друга ситуација: Еден брачен пар Сведоци решиле да викнат гости во петок навечер. Тие поканиле една самохрана мајка од нивното собрание која има две деца. Децата многу се израдувале на поканата и едвај чекале да појдат кај нив. Но, во четвртокот, овој брачен пар ѝ јавил на мајката дека им излегло нешто неочекувано и дека ќе мора да им откажат. Подоцна таа дознала зошто им откажале. Откако веќе се договориле со неа, некои пријатели ги поканиле кај нив истиот петок навечер, и тие решиле да појдат таму.

Се разбира, како христијани, ние треба да си стоиме на зборот. Она што го кажуваме никогаш не треба да биде „во исто време и ‚да‘ и ‚не‘“ (2. Кор. 1:18). Сепак, како што се гледа од двата примера кои ги спомнавме, има различни ситуации. Понекогаш навистина мора да откажеме нешто што сме договориле. И апостол Павле морал да го стори тоа во една прилика.

ПАВЛЕ БИЛ ОБВИНЕТ ДЕКА НЕ СИ СТОИ НА ЗБОРОТ

Во 55 год. од н.е., Павле го посетил Ефес на своето трето мисионерско патување. Тој планирал да појде за Коринт преку Егејско Море, и оттаму да отпатува за Македонија. А потоа, кога ќе се враќал за Ерусалим, имал намера по вторпат да го посети собранието во Коринт, најверојатно со цел да го земе прилогот што тамошните браќа го собрале за сохристијаните во Ерусалим (1. Кор. 16:3). Ова јасно се гледа од 2. Коринќаните 1:15, 16, каде што читаме: „Со тоа уверување уште порано имав намера да дојдам кај вас, за да ви се даде и друга можност да се радувате. Имав намера да навратам кај вас на патот за Македонија, а потоа, на враќање од Македонија, да се вратам кај вас за да ме испратите кога ќе појдам во Јудеја“.

Изгледа дека пред тоа Павле им напишал писмо на Коринќаните во кое  им кажал дека има намера да ги посети (1. Кор. 5:9). Но, кратко откако им го испратил тоа писмо, слушнал од домашните на Хлое дека во собранието имало големи караници (1. Кор. 1:10, 11). Затоа Павле решил да го промени својот првобитен план, и потоа го напишал своето послание кое сега е познато како 1. Коринќаните. Во него тој им дал совети и исправки на своите браќа во Коринт. Исто така, им спомнал дека го сменил планот во врска со патувањето, и дека прво ќе оди во Македонија, а потоа во Коринт (1. Кор. 16:5, 6). *

Изгледа дека, кога христијаните во Коринт го добиле писмото на Павле, некои од нив, кои тој ги нарекол „надапостоли“, го обвиниле дека е непостојан и превртлив (2. Кор. 11:5). Во своја одбрана, Павле им рекол: „Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат ‚да‘ всушност мислат ‚не‘“ (2. Кор. 1:17; Радосна Вест).

Можеби и ние ќе се прашаме: ‚Дали во овие околности Павле навистина не си стоел на зборот?‘ Во никој случај! Од она што им го напишал, на христијаните во Коринт требало да им биде јасно дека не ги сменил своите планови затоа што бил непостојан или не си ги одржувал ветувањата.

Павле категорично одговорил на нивното обвинение, кога напишал: „Бог ми е сведок дека нашето ‚да‘ не е двосмислено, па да значи и ‚не‘“ (2. Кор. 1:18; Радосна Вест). Се разбира, тој ги сменил своите планови затоа што им го мислел најдоброто на своите браќа и сестри во Коринт. Во 2. Коринќаните 1:23 читаме дека тој го сменил својот првобитен план ‚за да ги поштеди‘. Всушност, на тој начин им дал можност да се исправат пред тој лично да дојде кај нив. И тоа навистина се случило. Додека бил во Македонија, Павле слушнал од Тит дека неговото писмо им помогнало на Коринќаните да сфатат дека згрешиле и да се покаат. Ова многу го израдувало (2. Кор. 6:11; 7:5-7).

ИСУС Е ГАРАНЦИЈА

Со тоа што го обвиниле Павле дека не ги одржува своите ветувања, можеби „надапостолите“ сакале да кажат дека не може да ѝ се верува и на пораката што ја проповедал. Но, тој ги потсетил Коринќаните дека им проповедал за Исус Христос, кога рекол: „Синот Божји, Христос Исус, кого ние ви го проповедавме — јас и Силван и Тимотеј — не беше ‚да‘ и истовремено ‚не‘, туку ‚да‘ преку него стана ‚да‘“ (2. Кор. 1:19). Дали Исус Христос во било кој поглед не бил достоен за доверба? Не! Во текот на целиот свој живот и служба, тој секогаш ја кажувал вистината (Јован 14:6; 18:37). Ако она што го проповедал Исус било вистинито и веродостојно — а Павле ја проповедал истата порака — тогаш можело потполно да му се верува и на она што го проповедал Павле.

Се разбира, Јехова е ‚Бог на вистината‘ (Пс. 31:5). Ова се гледа од зборовите што Павле ги напишал потоа: „Колку и да има Божји ветувања, преку [Христос] станаа ‚да‘“. Тоа што Исус останал верен и беспрекорен додека бил на Земјата нѐ уверува дека сите Јеховини ветувања се веродостојни. Павле продолжува: „Затоа преку него [Исус] и се вели ‚амин‘ за слава на Бог преку нас“ (2. Кор. 1:20). Исус е гаранција дека сите ветувања што ги дал Јехова Бог ќе се исполнат.

Исто како што Јехова и Исус секогаш ја кажуваат вистината, така и Павле секогаш го мислел она што го кажувал (2. Кор. 1:19). Не бил непостојан и не давал ветувања „според телото“, односно како што би дал еден  световен човек (2. Кор. 1:17). Напротив, тој ‚живеел според духот‘ (Гал. 5:16). Павле секогаш им го мислел најдоброто на другите. Неговото „да“ навистина значело „да“!

ДАЛИ ТВОЕТО „ДА“ ЗНАЧИ „ДА“?

Денес е вообичаено луѓето да даваат ветувања и потоа да ги прекршуваат ако се појави некој ситен проблем или ако им се укаже некоја подобра можност. Во деловните работи, „да“ не значи секогаш „да“, дури и кога е потпишан договор. Мнозина веќе не гледаат на бракот како на доживотен завет. Напротив, сѐ поголемиот број разводи покажува дека многумина гледаат на брачната врска како на неважно ветување кое лесно може да се прекрши (2. Тим. 3:1, 2).

А како е со тебе? Дали твоето „да“ значи „да“? Како што видовме во уводот на оваа статија, некогаш навистина ќе мора да откажеш нешто што било договорено, но не затоа што не си стоиш на зборот, туку поради некои околности врз кои немаш контрола. Меѓутоа, како христијанин, секогаш треба да сториш сѐ што можеш за да ги одржиш ветувањата кои си ги дал (Пс. 15:4; Мат. 5:37). Ако постапуваш така, ќе бидеш познат како човек кој е достоен за доверба, кој секогаш си стои на зборот и ја кажува вистината (Еф. 4:15, 25; Јак. 5:12). Кога луѓето ќе се уверат дека навистина си човек од збор во секојдневните работи, можеби ќе бидат поспремни да те слушаат кога ќе им зборуваш за Божјето Царство. Затоа, нашето „да“ секогаш нека биде „да“!

^ пас. 7 Кратко откако го напишал своето прво послание до Коринќаните, Павле навистина отпатувал преку Троада за Македонија, каде што го напишал 2. Коринќаните (2. Кор. 2:12; 7:5). А потоа отишол и во Коринт.