Дали сте знаеле?
Зошто во библиски времиња некои луѓе намерно си ја раскинувале облеката?
ВО БИБЛИЈАТА се запишани многу ситуации кога некој си ја раскинал облеката. Ваквата постапка во денешно време можеби ни изгледа чудно, но Евреите на овој начин изразувале силни чувства на очај, болка, понижување, лутина или тага.
На пример, Рувим ‚си ја раскинал облеката‘ кога сфатил дека планот да го спаси својот брат Јосиф пропаднал затоа што другите браќа го продале Јосиф во ропство. Нивниот татко, Јаков, исто така ‚ја раскинал својата наметка‘ кога помислил дека Јосиф бил растргнат од диво животно (1. Мој. 37:18-35). Кога дознал дека сите негови деца загинале, и Јов ‚си ја раскинал облеката‘ (Јов 1:18-20). Еден гласник отрчал „со раскината облека“ кај првосвештеникот Илиј за да му каже дека Израелците биле поразени во битка, дека двајцата синови на Илиј биле убиени и дека ковчегот на сојузот бил запленет (1. Сам. 4:12-17). И Јосија ‚си ја раскинал облеката‘ кога му биле прочитани зборовите од Законот и кога сфатил во колку големи гревови западнал народот (2. Цар. 22:8-13).
Во текот на Исусовото судење, првосвештеникот Кајафа ‚си ја раскинал облеката‘ затоа што дошол до погрешен заклучок дека она што го кажал Исус е хула (Мат. 26:59-66). Според една рабинска традиција оној што ќе чуел дека се хули на Божјето име бил обврзан да си ја раскине облеката. Но, според една друга рабинска традиција која настанала по уништувањето на храмот во Ерусалим, оној што ќе чуел како се хули на Божјето име повеќе не требало да ја раскинува својата облека. Поради тоа што толку често се хулело на Бог, немало да му остане ниту едно парче облека.
Се разбира раскинувањето на облеката ќе имало вистинска вредност во Божји очи само ако лицето искрено жалело. Затоа, Јехова им кажал на Израелците да си ги ‚раскинат срцата, а не облеката‘, и да му се вратат (Јоил 2:13).