Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали гледаш на човечките слабости како што гледа Јехова?

Дали гледаш на човечките слабости како што гледа Јехова?

„Оние делови од телото што изгледаат послаби, всушност, се неопходни“ (1. КОР. 12:22)

1, 2. Зошто Павле можел да покажува сочувство кон послабите?

СИТЕ ние понекогаш сме слаби. Кога имаме грип или некаква алергија толку многу сме изнемоштени што немаме сили да ги извршуваме ни секојдневните обврски. Но, замисли си дека веќе подолго време се чувствуваш така. Тогаш, зар не би сакал другите да те разберат и да покажат сочувство кон тебе?

2 И апостол Павле понекогаш се чувствувал исцрпено. Тој се соочувал со притисок и во собранието и надвор од него. Во повеќе наврати Павле мислел дека нема сили да продолжи понатаму (2. Кор. 1:8; 7:5). Осврнувајќи се на својот живот и на многуте неволји кои ги претрпел како верен христијанин, Павле искрено рекол: „Кој е слаб, а јас да не сум слаб?“ (2. Кор. 11:29). Кога ги споредил членовите на христијанското собрание со деловите на човечкото тело, Павле рекол дека оние „што изгледаат послаби, всушност, се неопходни“ (1. Кор. 12:22). Што сакал да каже со ова? Зошто оние што навидум се послаби треба да ги гледаме како што ги гледа Јехова? Како ќе ни користи тоа?

 КАКО ГЛЕДА ЈЕХОВА НА ЧОВЕЧКИТЕ СЛАБОСТИ?

3. Што би можело да влијае врз нашиот став кон браќата и сестрите од собранието?

3 Денес во светот преовладува натпреварувачки дух и луѓето мислат дека, за да бидеш успешен, мора да бидеш млад и силен. Тие се спремни да ги згазат послабите само за да го добијат она што го сакаат. Може да се случи несвесно и ние да го усвоиме ваквиот став и да почнеме да гледаме негативно на соверниците на кои постојано им е потребна помош. Но, како можеме да гледаме на секој наш соверник како што гледа Јехова?

4, 5. а) Како споредбата од 1. Коринќаните 12:21-23 ни помага да сфатиме како гледа Јехова на човечките слабости? б) Како влијае врз нас тоа што им помагаме на слабите?

4 За Јехова секој поединец во собранието е скапоцен. Во 12. поглавје од првото писмо до Коринќаните, Павле нѐ потсетил дека дури и оние делови на човечкото тело што се понеугледни или послаби си имаат своја функција. (Прочитај 1. Коринќаните 12:12, 18, 21-23.) Некои еволуционисти тврдат дека одредени делови на телото се непотребни. Сепак, некои истражувања на полето на анатомијата покажуваат дека деловите од телото што претходно се сметаа за бескорисни, всушност, имаат важни функции во човечкиот организам. * На пример, некои мислат дека малиот прст на нозете е непотребен. Но, сега се откри дека малиот прст игра важна улога за рамнотежата на целото тело.

5 Од споредбата на Павле гледаме дека сите во собранието си имаат своја улога. Сатана сака да се чувствуваме безвредно и да мислиме дека Јехова не нѐ сака (Јов 4:18, 19). Но, за Јехова се важни и „неопходни“ сите негови слуги, дури и оние што навидум се слаби и ранливи. Оваа мисла треба да ни помогне да си ја цениме улогата што ја имаме во нашето собрание и во Божјата организација. На пример, сети се кога си му подал рака на некое постаро лице за да му помогнеш. Можеби требало да се приспособиш на него и да чекориш побавно. Сигурно со ваквиот гест многу си му помогнал на твојот постар соверник. Но, зарем и ти самиот не се чувствуваше посреќен поради тоа? Се разбира дека да. Кога се грижиме за другите чувствуваме поголема радост, стануваме пострпливи и стекнуваме поголема љубов и зрелост (Еф. 4:15, 16). Нашиот мил Татко знае дека, ако ги цениме сите браќа и сестри, без оглед на нивните ограничувања, во собранието ќе владее љубов.

6. Што сакал да каже Павле со зборовите „слабо“ и „слаб“?

6 Интересно е тоа што во писмото што им го упатил на Коринќаните, Павле ги употребил зборовите „слабо“ и „слаб“ за да покаже како неверниците ги гледале првите христијани и за да опише како тој гледал на самиот себе (1. Кор. 1:26, 27; 2:3). Кога Павле зборувал за христијаните што биле „силни“, не сакал да каже дека тие се подобри од другите (Рим. 15:1). Наместо тоа, Павле истакнал дека оние што му служеле на Јехова подолго време требало да бидат стрпливи со оние што сѐ уште не биле цврсто вкоренети во вистината.

ДАЛИ ТРЕБА ДА СИ ГО СМЕНИМЕ СТАВОТ?

7. Зошто не е секогаш лесно да им помагаме на оние што имаат потреба од помош?

7 Јехова им помага на слабите и затоа се радува кога и ние го следиме неговиот пример (Пс. 41:1; Еф. 5:1). Но, ова не е секогаш лесно. Зошто? Затоа што можеби си мислиме дека браќата и сестрите сами треба да ја  сносат одговорноста за своите постапки. Или можеби не знаеме што да им кажеме, па затоа ги избегнуваме. Размисли за Синтија, * сестра која била напуштена од својот маж. Таа вели: „Ако браќата и сестрите те избегнуваат или ако не постапуваат како вистински пријатели со тебе, тоа може да те скрши. Многу значи да имаш некој крај себе кога ти е тешко“. И Давид чувствувал голема болка кога неговите пријатели го оставиле (Пс. 31:12).

8. Што ќе ни помогне да покажуваме поголемо сочувство?

8 Што може да ни помогне да покажуваме поголемо сочувство кон нашите браќа и сестри? Тоа што ќе имаме на ум дека некои од нив се слаби затоа што се соочуваат со разни тешкотии — имаат нарушено здравје, живеат во религиозно разделен дом или се борат со депресија. Ако еден ден и ние се најдеме во слична ситуација, сигурно ќе сакаме другите да ни помагаат. На пример, пред Израелците да влезат во Ветената земја, Јехова ги предупредил да не дозволат да им „закорави срцето“ кон нивните браќа. Бог очекувал да им помагаат на оние што во иднина ќе се нашле во тешка ситуација (5. Мој. 15:7, 11; 3. Мој. 25:35-38).

9. Што треба да правиме кога нашите соверници доживуваат неволји? Наведи пример.

9 Наместо да ги обвинуваме нашите браќа и сестри или да мислиме дека сме подобри од нив, треба да им пружиме утеха на оние што доживуваат неволји (Јов 33:6, 7; Мат. 7:1). Да го споредиме ова со еден пример. Да речеме дека еден човек кој бил повреден во сообраќајна несреќа е одведен во болница. Дали лекарите ќе се обидуваат да дознаат кој ја предизвикал несреќата? Не. Тие без одложување ќе му пружат помош. Слично на тоа, ако еден наш соверник се исцрпи и ја изгуби силата поради лични проблеми, најважно треба да ни биде веднаш да му пружиме духовна помош. (Прочитај 1. Солуњаните 5:14.)

10. Зошто некои наши браќа и сестри се „богати во верата“, иако изгледаат слаби и ранливи?

10 Ако за момент размислиме со што се соочуваат нашите браќа и сестри, можеме да почнеме да ги гледаме нивните слабости од поинаков агол. Размисли за сестрите кои со години трпат противење од семејството. А како им е на самохраните мајки кои вложуваат голем труд редовно да доаѓаат на нашите состаноци со своите деца? Или размисли за тинејџерите кои секојдневно се соочуваат со притисок на училиште? Сите тие покажуваат дека многу го сакаат Јехова и дека имаат голема вера. Тоа што ќе размислуваме за сето она што го прават овие браќа и сестри за да му служат на Јехова ќе ни помогне да ги сметаме за „богати во верата“, иако на прв поглед изгледаат слаби и ранливи (Јак. 2:5).

ГЛЕДАЈ НА СЛАБОСТИТЕ КАКО ШТО ГЛЕДА ЈЕХОВА

11, 12. а) Што ќе ни помогне да почнеме да гледаме поинаку на човечките слабости? б) Што учиме од начинот на кој Јехова постапувал со Арон?

11 Тоа што ќе размислуваме за начинот на кој Јехова постапувал со своите слуги ќе ни помогне да гледаме на слабостите како него. (Прочитај Псалм 130:3.) На пример, замисли дека си бил со Мојсеј кога Арон си наоѓал изговори за тоа што го направил златното теле. Како би гледал на Арон? (2. Мој. 32:21-24). Или што би рекол за Арон кога, под влијание на неговата сестра Маријам, почнал да зборува негативно за Мојсеј поради тоа што имал жена која не била Израелка? (4. Мој. 12:1, 2). Како ќе си реагирал кога Арон и Мојсеј не му оддале слава на Јехова, кој со чудо им дал вода на Израелците кај Мерива? (4. Мој. 20:10-13).

 12 Во секоја од овие ситуации, Јехова можел веднаш да го казни Арон. Но, знаел дека Арон бил добар човек, иако понекогаш им подлегнувал на слабостите. Изгледа дека Арон направил такви грешки затоа што дозволил околностите и луѓето да влијаат врз него. Сепак, тој спремно си ги признал грешките и ја прифатил Јеховината пресуда (2. Мој. 32:26; 4. Мој. 12:11; 20:23-27). Јехова видел дека Арон има силна вера и дека се кае, и затоа му простил. Со векови подоцна, Арон и неговите потомци сѐ уште биле познати како луѓе кои имале страхопочит кон Јехова (Пс. 115:10-12; 135:19, 20).

13. Како можеме да си го смениме гледиштето кон оние што грешат? Наведи пример.

13 Исто како Арон, и некој наш брат може да згреши. Кога ќе се случи ова, како гледаме на него? (1. Сам. 16:7). На пример, што ќе направиме ако видиме дека еден тинејџер има погрешни ставови или дека избира забава која не му се допаѓа на Јехова? Наместо веднаш да го осудиме и да мислиме дека е лоша личност, добро би било да размислиме што можеме да сториме за да му помогнеме да носи мудри одлуки. Ако постапуваме на ваков начин, ќе стекнеме поголемо разбирање и љубов кон нашите соверници.

14, 15. а) Како гледал Јехова на својот обесхрабрен пророк? б) Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова му помогнал на Илија?

14 Како гледа Јехова на оние што се во депресија? Размисли како му помогнал на еден свој слуга кој паднал во длабок очај. Илија бил пророк на Јехова кој бестрашно им се спротивставил на 450 пророци на Ваал. Но, кога царицата Језавела му се заканила дека ќе го убие, Илија се исплашил и побегнал. Откако пропешачил околу 150 километри и стигнал до Вирсавеа, отишол далеку во пустината.  Исцрпен од патувањето и од жешкото сонце, Илија седнал под едно дрво и почнал „да се моли да умре“ (1. Цар. 18:19; 19:1-4).

Јехова ги зел предвид ограничувањата на Илија и испратил ангел за да го зајакне (Види во пасуси 14-15)

15 Како се чувствувал Јехова кога видел дека неговиот верен пророк потонал во очај? Дали го отфрлил својот слуга затоа што некое време бил обесхрабрен и потиштен? Се разбира дека не! Јехова ги зел предвид ограничувањата на Илија и испратил ангел да го зајакне. Ангелот двапати го охрабрил Илија да јаде. Така пророкот можел да го издржи патот што стоел пред него. (Прочитај 1. Царевите 19:5-8.) Јехова најпрво го сослушал својот пророк и го поткрепил, а дури потоа му дал упатства.

16, 17. Како можеме да го следиме примерот на Јехова додека им помагаме на нашите браќа и сестри?

16 Како можеме да го следиме примерот на нашиот грижлив Бог? Ако некои наши браќа и сестри се чувствуваат потиштено или безвредно, најдобро е да не им кажуваме веднаш што треба да прават (Изр. 18:13). Наместо тоа, треба да ги сослушаме и да им покажеме дека се грижиме за нив (1. Кор. 12:23). Откако ќе дознаеме што им треба, ќе можеме да им ја пружиме вистинската помош.

17 На пример, повторно размисли за Синтија. Кога маж ѝ ја оставил со двете ќерки, тие се чувствувале многу осамено. Што направиле некои браќа и сестри од собранието? Синтија вели: „Откако им кажавме што се случи, за 45 минути дојдоа кај нас со солзи во очите. Не нѐ оставија сами следните два-три дена. Бидејќи не јадевме како што треба и бевме многу растревожени, нѐ згрижија на некое време во нивниот дом“. Ова искуство сигурно нѐ потсетува на она што го запишал Јаков: „Ако некој брат или сестра немаат што да облечат и им недостасува секојдневната храна, а некој од вас им рече: ‚Одете во мир, згрејте се и наситете се‘, но не им го даде она што му е потребно на нивното тело, од каква корист е тоа? Така е и со верата — ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јак. 2:15-17). Благодарение на грижата што им ја пружиле браќата и сестрите од собранието, Синтија и нејзините ќерки собрале сили и почнале да служат како помошни пионери само шест месеци по горкото искуство што го доживеале (2. Кор. 12:10).

КОРИСТ ЗА МНОЗИНА

18, 19. а) Како можеме да им помагаме на оние што привремено ја изгубиле силата? б) Кој има корист од тоа што ќе им помагаме на слабите?

18 Можеби од лично искуство знаеш дека треба време за еден човек да закрепне од некоја тешка болест. Слично е и со христијаните кои ја изгубиле силата поради тешкотиите што ги доживеале или поради околностите во кои се нашле. И ним им треба време да закрепнат во духовен поглед. За да си ја зајакнат верата, потребно е да ја проучуваат Библијата, да се молат и да учествуваат во други христијански активности. Но, ќе бидеме ли стрпливи со нив додека не застанат повторно на нозе? Дали и во тој период ќе им покажуваме дека ги сакаме? Ќе продолжиме ли да ги уверуваме оние што привремено се слаби дека ни се потребни и дека се скапоцени? (2. Кор. 8:8).

19 Никогаш да не заборавиме дека кога им помагаме на нашите браќа и сестри, ја чувствуваме радоста која доаѓа од давањето. Исто така, стануваме посочувствителни и пострпливи. Но, ние не сме единствените што имаат корист од тоа. Во целото собрание владее љубов и срдечна атмосфера. Што е уште поважно, така го следиме примерот на Јехова за кого секој поединец е вреден. Навистина, сите ние имаме добри причини да им ‚помагаме на оние што се слаби‘ (Дела 20:35).

^ пас. 4 Во една своја книга, Чарлс Дарвин напишал дека многу делови на телото се „бескорисни“ (The Descent of Man). И еден друг еволуционист тврдел дека има голем број „закржлавени органи“ во човечкото тело. Некои од нив се слепото црево и градната жлезда (тимус).

^ пас. 7 Името е сменето.