Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Израмни ја патеката“ за да ги оствариш духовните цели

„Израмни ја патеката“ за да ги оствариш духовните цели

ИЗРАЕЛЦИТЕ го напуштиле Вавилон во 537 год. пр.н.е., и се упатиле кон Ерусалим. Бидејќи Јехова сакал безбедно да стигнат дотаму, им дал упатства кои требало да им го олеснат патувањето. Тој им рекол: „Исчистете му го патот на народот! Насипете, насипете го друмот! Отстранете ги камењата од него!“ (Иса. 62:10). Како можеле Израелците да ја послушаат оваа заповед? Некои од нив требало да тргнат пред другите за да ги пополнат дупките и да ги израмнат нерамнините на патот. Најверојатно, ова многу му го олеснило патувањето на народот кон својата родна земја.

И ние денес чекориме по една симболична патека додека извршуваме различни задачи во службата за Јехова. Тој сака да успееме во животот и да не дозволиме ништо да ни се испречи на патот. Божјата Реч нѐ поттикнува: „Израмни ја патеката по која оди твојата нога и сите твои патишта нека бидат постојани“ (Изр. 4:26). Секој од нас може да сфати колкава мудрост се крие во овој совет.

ПОДГОТВИ ГО ПАТОТ СО МУДРИ ОДЛУКИ

Кога размислуваат за некој млад човек, луѓето имаат обичај да речат: „Од него ќе биде нешто“ или „Пред него лежи светла иднина“. Повеќето млади се здрави, енергични, интелигентни и желни да постигнат успех во животот. И Библијата го потврдува ова. Во Изреки 20:29 стои: „Убавина на младичите е нивната сила“. Младите ќе бидат вистински среќни само ако ги користат своите сили и способности во службата за Јехова.

Но, и луѓето во светот многу ги ценат вештините и способностите на нашите млади. Поради тоа што многу млади Сведоци се одлични ученици, неретко се случува некои професори или соученици да им вршат притисок да се запишат на факултет. Освен тоа, ако професорите забележат дека некој ученик е добар во одреден спорт, можеби ќе се обидат да го наговорат да започне посериозно да се занимава со него. Дали ти се соочуваш со ваков притисок или, пак, познаваш некој друг што се наоѓа во  слична ситуација? Како може еден христијанин да донесе мудра одлука?

Библиските начела можат да ни помогнат да се подготвиме за најдобриот животен пат. Во Проповедник 12:1 пишува: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“. Како би можеле најдобро да се ‚сеќаваме на нашиот Величествен Творец‘?

Да видиме што му се случило на Ерик * од западна Африка. Тој многу сакал да игра фудбал. Кога имал 15 години, бил избран да игра за репрезентацијата на својата земја. Ова значело дека ќе можел да тренира во познати клубови во Европа и да стане професионален фудбалер. Но, во тој период Ерик почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Како го применил советот да се ‚сеќава на својот Величествен Творец‘? И, што можеме да научиме од неговиот пример?

Додека ја проучувал Библијата, Ерик дознал дека Бог еднаш засекогаш ќе им стави крај на сите проблеми што го мачат човештвото. Тоа му помогнало да сфати дека најважно од сѐ е да ги користи своето време и сила за да ја врши Божјата волја. Затоа, одлучил да не го посвети својот живот на спортот. Наместо тоа, се крстил и почнал духовно да напредува. По некое време, станал слуга-помошник, а подоцна бил поканет и на Библиската школа за неженети браќа.

Ако станел професионален фудбалер, Ерик веројатно ќе заработел многу пари и ќе стекнел слава. Но, тој бил уверен во вистинитоста на следниве зборови од Библијата: „Богатството му е утврден град на богатиот и е како висок ѕид во неговото мечтаење“ (Изр. 18:11). Парите не можат да му пружат вистинска сигурност на човекот. Напротив, оние што прават сѐ за да станат богати најчесто си ‚нанесуваат многу маки‘ (1. Тим. 6:9, 10).

Голем број млади кои започнале со полновремена служба чувствуваат вистинска радост и сигурност. Ерик вели: „Станав дел од еден голем ‚тим‘ од полновремени слуги на Јехова кој не може да се спореди со ниту еден друг тим. Многу сум му благодарен на Јехова што ми го покажа единствениот пат кој води до вистинска среќа и успех во животот“.

А како е со тебе? Наместо да се трудиш да постигнеш успех во овој свет, можеш ли и ти да си поставиш духовни цели кои ќе ти помогнат да останеш на најдобриот животен пат? Би можел ли да направиш некои промени за да служиш како пионер? (Види ја рамката „ Нешто кое не може да се добие на ниту еден факултет“.)

ОТСТРАНИ ГИ ПРЕЧКИТЕ ОД ПАТОТ

Кога еден брачен пар христијани ја посетиле подружницата во САД, виделе колку се радосни браќата и сестрите што служат таму. Сестрата подоцна напишала: „Толку бевме навикнати на нашата секојдневна рутина, што не ни помислувавме да направиме промени“. Но, откако го посетиле Бетелот, таа и нејзиниот сопруг одлучиле да одвојат повеќе време и сила за да служат во поголема мера.

На овој брачен пар христијани не им било лесно да ги направат потребните промени. Меѓутоа, еден ден, силен впечаток им оставил стихот што го разгледале од брошурката Секојдневно истражување на Писмото. Тоа бил стихот од Јован 8:31, каде што Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици“. Имајќи го ова на ум, си рекле: „Вреди да направиме сѐ што е потребно за да си го поедноставиме животот“. Тие ја продале својата голема куќа, се ослободиле од непотребните работи, и се преселиле во собрание каде што има поголема потреба од објавители. Сега служат како пионери. Освен тоа, помагаат во изградбата на Сали на Царството, а служат и како доброволци на обласните конгреси. Што велат за промените што ги направиле? „Не можевме ни да замислиме дека ќе чувствуваме толкава радост поради тоа што водиме едноставен начин на живот, токму како што нѐ поттикнува Јеховината организација“.

ПРОДОЛЖИ ДА ЧЕКОРИШ ПО ВИСТИНСКИОТ ПАТ

Соломон напишал: „Твоите очи нека гледаат право напред, и погледот насочи го пред себе“ (Изр. 4:25). Слично на еден возач кој е концентриран на патот пред него, и ние треба да пазиме нешто да не ни го одвлече вниманието и да нѐ спречи да ги постигнеме нашите духовни цели.

Какви духовни цели би можел да си поставиш? Една убава цел е да започнеш со полновремена служба. Исто така, би можел да помагаш во некое собрание во твоја близина, каде што има потреба од објавители за да се обработи  големото подрачје. Или, можеби, во некое собрание има многу објавители, но нема доволно старешини или слуга-помошници. Дали можеш да се ставиш на располагање да служиш на еден од овие начини? Зошто не го прашаш покраинскиот надгледник на кои собранија во твоето место им е потребна помош? А, доколку сакаш да служиш на некое далечно место, распрашај се каде би било најдобро да се преселиш. *

Да се навратиме на зборовите од Исаија 62:10. Некои Евреи напорно работеле за да го израмнат и да го расчистат патот до Ерусалим. Ако и ти вложуваш труд за да ги оствариш своите духовни цели, не се откажувај. Со помош од Јехова, ќе успееш да ги исполниш. Продолжи да го молиш да ти дава мудрост за да ги отстраниш пречките што ти стојат на патот. Со текот на времето ќе видиш како Јехова ти помага да ја ‚израмниш патеката по која оди твојата нога‘ (Изр. 4:26).

^ пас. 8 Името е сменето.

^ пас. 18 Види во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, страници 111-112.