Јеховиниот народ се ,одрекува од неправедноста‘
„Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“ (2. ТИМ. 2:19)
1. Што зазема посебно место во нашето обожавање?
ДАЛИ некогаш си го видел името Јехова испишано на некоја градба или на некој музејски експонат? Сигурно си бил многу возбуден и радосен во тој момент. За нас, како Јеховини сведоци, Божјето име зазема посебно место во нашето обожавање. Ние се издвојуваме како единствената група луѓе кои го користат Божјето име и му придаваат големо значење. Но, тоа што имаме чест да бидеме Јеховини сведоци носи со себе и одговорност.
2. Каква одговорност имаме затоа што го носиме Божјето име?
2 Не е доволно само да го користиме Божјето име. За да ја имаме милоста на Јехова, мора да живееме во склад со неговите морални мерила. Библијата нѐ поттикнува да бегаме од злото (Пс. 34:14). Апостол Павле јасно го истакнал ова начело кога напишал: „Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“. (Прочитај 2. Тимотеј 2:19.) Како можеме да се ,одречеме од неправедноста‘, односно да го отфрлиме злото?
„ОТСТАПЕТЕ“ ОД ЗЛОТО
3, 4. Која изјава веќе долго време им го привлекува вниманието на библиските истражувачи?
3 Да видиме на кој библиски извештај се темелат зборовите што Павле ги запишал во 2. Тимотеј 2:19. Во овој стих се спомнува изразот „Божјиот цврст темел“ на кој се врежани две изјави. Првата изјава: „Јехова ги познава оние што се негови“, очигледно се темели на зборовите од 4. Мојсеева 16:5. (Види во претходната статија.) Но, втората изјава: „Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“, веќе долго време им го привлекува вниманието на библиските истражувачи. Зошто?
4 Начинот на изразување што го користи Павле остава впечаток дека тој цитирал од некој друг дел на хебрејските списи. Но, се чини дека нема ниту еден стих кој наликува на неговата изјава. Тогаш, на што се осврнал апостолот кога рекол: „Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“? Непосредно пред да ги каже овие зборови, Павле цитирал од книгата 4. Мојсеева 16. поглавје, каде што е запишан извештајот за побуната на Кореј. Дали е можно и втората изјава да е поврзана со настаните што се одвивале за време на таа побуна?
5-7. На кои настани од времето на Мојсеј се осврнал Павле во 2. Тимотеј 2:19? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
5 Во Библијата пишува дека Датан и Авирон, синовите на Елијав, му се придружиле на Кореј како водачи на побуната против Мојсеј и Арон (4. Мој. 16:1-5). Тие не покажале ронка почит кон Мојсеј и го згазиле авторитетот што му го дал Бог. Овие бунтовници претставувале вистинска опасност за Јеховините верни слуги затоа што сѐ уште живееле меѓу нив. Кога дошол денот да покаже кои се оние што верно му служат, Јехова дал една јасна заповед.
6 Во извештајот стои: „Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: ,Кажи ѝ на заедницата и речи: „Оддалечете се од шаторите на Кореј, Датан и Авирон!“‘ Потоа Мојсеј стана и отиде кај Датан и Авирон, а со него тргнаа и старешините на Израел. И ѝ рече на заедницата: ,Отстапете од шаторите на овие зли луѓе и не допирајте се до ништо што е нивно за да не загинете поради сите нивни гревови!‘ И веднаш се оддалечија од шаторите на Кореј, Датан и Авирон“ (4. Мој. 16:23-27). Тогаш Јехова ги погубил сите бунтовници. Но, оние што му биле верни на Бог преживеале затоа што се ,одрекле од неправедноста‘.
7 Јехова знае што се крие во срцето на луѓето. Тој ја видел верноста на оние што се негови. Сепак, Божјите слуги требало да преземат одлучни чекори и да се тргнат настрана од неправедниците. Според тоа, кога напишал: „Нека се одрече од неправедноста секој што го повикува името Јеховино“, Павле веројатно се осврнал на извештајот во 4. Мојсеева 16:5, 23-27. Изгледа дека и двете изјави што ги навел Павле во 2. Тимотеј 2:19 се темелат на настаните кои се запишани во 4. Мојсеева 16. поглавје.
„БЕГАЈ ОД ГЛУПАВИ И БЕСМИСЛЕНИ ПОТПРАШУВАЊА“
8. Зошто не е доволно само да го користиме Божјето име и да бидеме дел од собранието?
8 Павле се осврнал на настаните во времето на Мојсеј со цел да му укаже на Тимотеј дека треба да презема одлучни чекори за да си го зачува скапоцениот однос со Јехова. Исто како што за Израелците во времето на Мојсеј не било доволно само да го користат името Јехова, така и за христијаните во првиот век не било доволно само да бидат дел од собранието. Оние што верно му служеле на Бог требало решително да се ,одречат од неправедноста‘. Што значело ова за Тимотеј? И што можеме да научиме ние денес од советот што го запишал Павле под водство на светиот дух?
9. Како влијаеле ,глупавите и бесмислени потпрашувања‘ во собранието во првиот век?
9 Во Божјата Реч има конкретни совети кои ни помагаат да сфатиме од каква неправедност мора да се одрекуваат христијаните. На пример, од контекстот на 2. Тимотеј 2:19 дознаваме дека Павле му кажал на Тимотеј дека е погрешно некој ,да се препира околу зборови‘ и го поттикнал да ,избегнува празни разговори‘. (Прочитај 2. Тимотеј 2:14, 16, 23.) Тоа покажува дека некои во собранието ширеле отпаднички учења, а други изнесувале спорни идеи кои предизвикувале караници и препирки. Некои од овие идеи можеби не биле во чиста спротивност на библиските учења, но создавале поделби во собранието. Токму затоа Павле му нагласил на Тимотеј дека треба да ,бега од глупави и бесмислени потпрашувања‘.
10. Што треба да правиме ако се соочиме со отпадници?
10 Денес, не се случува често во собранијата на Јеховиниот народ да се појават отпадници. Сепак, ако чуеме небиблиски учења, мора решително да ги отфрлиме, сеедно од кого доаѓаат. Не е мудро да се впуштаме во дебати со отпадници, без разлика дали лично, преку Интернет или на некој друг начин. Иако можеби искрено сакаме да му помогнеме на оној што шири такви учења, со тоа би му биле непослушни на Бог, кој ни заповеда да ги отфрлиме отпадничките учења.
11. Што може да го наруши мирот во собранието, и каков добар пример можат да остават старешините?
11 Освен отпадништвото, има и други работи кои можат да го нарушат мирот во собранието. На пример, можеби имаме различно гледиште за тоа каква забава е прифатлива за христијаните. Ако некој се обидува да им го наметне своето мислење на другите, може да дојде до бесмислени расправии. Но, што ако некој поединец избира забава со која се кршат Јеховините морални начела? Тогаш старешините нема да замижат пред тоа само за да го зачуваат мирот (Пс. 11:5; Еф. 5:3-5). Сепак, тие внимаваат да не им ги наметнуваат на другите своите лични ставови. Наместо тоа, се држат за следниот библиски совет кој им е даден на христијанските надгледници: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено... не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:2, 3; прочитај 2. Коринќаните 1:24).
12, 13. а) Каков став имаат Јеховините сведоци во врска со забавата, и што им помага да направат мудар избор? б) Како можеме да ги примениме библиските начела од 12. пасус и на други полиња од нашиот живот?
12 Нашата организација не ни дава список на забранети филмови, видеоигри, книги или песни. Зошто? Затоа што Библијата го поттикнува секој поединец да ја вежба својата ,моќ на согледување за да разликува добро и зло‘ (Евр. 5:14). Во Божјата Реч има основни начела кои можеме да ги земеме предвид кога избираме забава. Пред да донесеме некоја одлука треба да испитаме „што е прифатливо за Господарот“ (Еф. 5:10). Според Библијата, семејните поглавари имаат одредена мера авторитет и можат да решат која забава не би била прифатлива за нивното семејство * (1. Кор. 11:3; Еф. 6:1-4).
13 Библиските начела наведени во претходниот пасус можат да се применат и на други полиња од нашиот живот. На пример, тоа што имаме различни ставови во врска со облекувањето, дотерувањето, здравјето, исхраната и други лични работи може да предизвика несогласувања меѓу нас. Но, ако со нечиј избор не се крши ниту едно библиско начело, нема причина да се расправаме околу тоа. Во Божјата Реч пишува дека „робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ [тактичен] кон сите“ (2. Тим. 2:24, фус.).
БЕГАЈ ОД ЛОШО ДРУШТВО!
14. Која споредба ја кажал Павле за да им укаже на христијаните дека треба да бегаат од лошо друштво?
14 На кој друг начин можат оние што го повикуваат името на Јехова ,да се одречат од неправедноста‘? Така што нема да се дружат со луѓе кои постапуваат неправедно. Откако ја кажал својата споредба за „Божјиот цврст темел“, Павле кажал уште една споредба. Тој напишал дека во „една голема куќа“ имало „златни и сребрени садови“, но имало и „дрвени и земјени садови“. ,Едните биле за благородна употреба, а другите за неблагородна‘ (2. Тим. 2:20, 21). Павле ги поттикнал христијаните да се ,држат понастрана‘ од садовите кои биле за „неблагородна употреба“.
15, 16. Што учиме од споредбата за големата куќа?
15 Големата куќа од споредбата на Павле го претставува собранието, а садовите ги претставуваат членовите на собранието. Во една куќа, некои садови може да дојдат во допир со нечистотија или со некоја опасна материја. Ако се случи такво нешто, домаќинот ќе мора да ги тргне настрана нечистите садови за да не се извалкаат чистите.
16 Слично е и со Божјите слуги денес. Доколку сакаме да останеме чисти на секое поле од нашиот живот, треба да се држиме настрана од секој поединец во собранието кој постојано ги крши Јеховините начела. (Прочитај 1. Коринќаните 15:33.) Ако треба да ,бегаме‘ од лошото друштво во собранието, колку повеќе мора да ,бегаме‘ од лошото друштво надвор од него. Многу луѓе кои не му служат на Јехова се ,алчни за пари, непослушни на родителите, нелојални, клеветници, сурови, без љубов кон добротата, предавници и повеќе ги сакаат уживањата отколку Бог‘ (2. Тим. 3:1-5).
ЈЕХОВА ЈА БЛАГОСЛОВУВА НАШАТА ОДЛУЧНОСТ
17. Како се одрекле од неправедноста верните Израелци?
17 Од Библијата дознаваме колку одлучни биле Израелците кога им било заповедано да се ,оддалечат од шаторите на Кореј, Датан и Авирон‘. Во извештајот пишува дека тие ,веднаш се оддалечиле‘ од нивните шатори (4. Мој. 16:24, 27). Верните Израелци ја извршиле оваа заповед без колебање и без одолговлекување. Тие биле послушни од срце и јасно покажале дека го поддржуваат Јехова и дека се одрекуваат од неправедноста. Што можеме да научиме од нивниот пример?
18. Што имал Павле на ум кога го советувал Тимотеј да ,бега од желбите на младоста‘?
18 Ако сакаме да си го зачуваме добриот однос со Јехова мора да постапуваме брзо и одлучно. Токму тоа го имал Павле на ум кога го советувал Тимотеј да ,бега од желбите на младоста‘ (2. Тим. 2:22). Во тоа време, Тимотеј веројатно имал 30-ина години. Но, дури и кај возрасните може да се родат неисправни ,желби на младоста‘. Ако му се појавеле такви желби, Тимотеј требало да бега од нив. Со други зборови, требало да се „одрече од неправедноста“. И Исус ја истакнал истата поента кога рекол: „Ако окото те наведува на грев, извади го и фрли го од себе!“ (Мат. 18:9). Христијаните кои го земаат присрце овој совет постапуваат брзо и решително кога се соочуваат со духовни опасности.
19. Какви одлучни чекори презеле некои Сведоци за да си го зачуваат добриот однос со Јехова?
19 Како успеваат некои христијани да си го зачуваат добриот однос со Јехова? Некои што порано имале навика да се опиваат донеле лична одлука воопшто да не пијат алкохол. Други, пак, избегнуваат забава која сама по себе не е погрешна, но би можела да им разгори неисправни желби (Пс. 101:3). На пример, пред да стане Сведок, еден брат имал навика да оди на забави каде што луѓето танцувале непристојно. Но, откако ја дознал вистината, се плашел повторно да не му се појават погрешни желби и мисли, и затоа одлучил воопшто да не танцува, дури ни на забавите на кои имало само Сведоци. Се разбира, ова не значи дека ниту еден христијанин не треба да пие алкохолни пијалаци, да танцува, или да прави нешто друго што само по себе не е погрешно. Сепак, од сите нас се очекува да бидеме внимателни и да преземаме одлучни чекори за да се заштитиме од сѐ што би можело да ни го расипе односот со Јехова.
20. Иако не е секогаш лесно да се ,одречеме од неправедноста‘, што ни влева утеха?
20 Честа да бидеме Јеховини сведоци носи со себе и одговорност. Мораме да се ,одречеме од неправедноста‘ и да го ,избегнуваме злото‘ (Пс. 34:14). Точно е дека ова не е секогаш лесно. Но, многу е утешно тоа што знаеме дека Јехова никогаш нема да престане да ги сака „оние што се негови“ и оние што решително чекорат по неговите праведни патишта (2. Тим. 2:19; прочитај 2. Летописи 16:9а).
^ пас. 12 Види ја статијата „Дали забранувате одредени филмови, книги или песни?“ на jw.org/mk. (Кликни на ЗА НАС > НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА.)