ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Останав без еден татко, но најдов друг татко
ТАТКО МИ е роден во 1899 год. во Грац (Австрија), и бил многу млад за време на Првата светска војна. Тој бил регрутиран во германската војска кратко откако избувнала Втората светска војна во 1939 год., и загинал на бојното поле во Русија во 1943 год. За жал, го изгубив татко ми кога имав само околу две години и никогаш немав можност да го запознаам. Многу ми беше тешко кога видов дека, за разлика од мене, повеќето деца во училиштето имаа татко. Подоцна, како тинејџер, многу ме утеши тоа што го научив за нашиот небесен Татко, кој не може да умре (Авак. 1:12).
ДОЖИВУВАЊА ВО МЛАДИНСКАТА ИЗВИДНИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА
Кога имав седум години, се зачленив во една меѓународна извидничка организација, која била основана во 1908 год. во Велика Британија од страна на заменик-генералот на британската војска, Роберт Стивенсон Смит Баден Пауел. Во 1916 год., бил основан и извиднички одред за млади момчиња.
Со радост ги очекував викендите кога одевме на кампување и спиевме во шатори, носевме униформи и марширавме по звукот на тапаните. Уживав во друштвото на другите извидници, со кои навечер пеевме песни околу логорскиот оган и игравме игри во шумата. Имавме можност да научиме многу за природата, а тоа ме исполни со ценење за делата на нашиот Творец.
Главна цел на извидниците е секој ден да направат по едно добро дело. Многу ми се допаѓаше тоа што се поздравувавме со зборовите: „Секогаш подготвени“. Во нашиот одред, кој броеше повеќе од сто момчиња, пола беа католици, пола беа протестанти, а едно момче беше будист.
Почнувајќи од 1920 год., на секои две-три години се одржуваа меѓународни собири на извидниците. Јас присуствував на седмиот Светски извиднички собир, кој се одржа во август 1951 год. во Бад Ишл (Австрија) и на деветтиот Светски извиднички собир, кој се одржа во август 1957 год. во Сатон парк, близу Бирмингем (Англија). На деветтиот собир имаше околу 33.000 извидници од 85 земји. Освен тоа, присуствуваа и околу 750.000 други луѓе, меѓу кои беше и кралицата на Англија, Елизабета. Се чувствував како да припаѓам на едно меѓународно братство. Тогаш воопшто не претпоставував дека за кратко време ќе станам дел од едно уште подобро братство, кое е составено од луѓе кои го сакаат Бог.
ПРВА СРЕДБА СО ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ
Пролетта во 1958 год. ја завршував обуката за келнер во хотелот Гранд Визлер во Грац (Австрија). Рудолф Чигерл, колега кој работеше како пекар, почна да ми зборува за вистината — нешто што го слушнав за прв пат во животот. Тој ми кажа дека тројството не е библиско учење. Јас сакав да му докажам дека не е во право. Го сакав Рудолф и се обидував да го убедам да се врати во Католичката црква.
Рудолф, или нагалено Руди, сакаше да ми даде Библија. Јас му нагласив дека ќе прифатам Библија само од Католичката црква. Кога ја добив, почнав да ја читам и забележав дека Руди вметнал во неа еден трактат издаден од Јеховините сведоци. Тоа воопшто не ми се допадна бидејќи сметав дека нивната литература е напишана да звучи вистинито, но во суштина не е. Сепак, не ми пречеше да разговарам со него на темел на Библијата. Руди беше многу тактичен и повеќе не ми даде никаква литература. Водевме библиски разговори околу три месеци. Честопати зборувавме до доцна во ноќта.
Откако ми заврши обуката во хотелот во Грац, мајка ми ме испрати на понатамошно школување во едно угостителско училиште во Бад Хофгаштајн, град во една долина на Алпите. Училиштето соработуваше со хотелот Гранд во истиот град, и одвреме-навреме работев таму за да стекнам поголемо искуство.
ПОСЕТА ОД ДВЕ МИСИОНЕРКИ
Руди ја испратил мојата нова адреса во подружницата во Виена, а подружницата ги замолила мисионерките Илзе Унтердорфер и Елфриде Лер * да ме посетат. Еден ден, рецепционерот во хотелот ми се јави и ми кажа дека две жени ме чекаат надвор во кола и сакаат да зборуваат со мене. Бев збунет бидејќи не знаев кои се, но излегов да видам. Подоцна дознав дека тие служеле како курири во нацистичка Германија кога делото на проповедање било забрането. Уште пред да започне Втората светска војна, германската тајна полиција (Гестапо) ги фатила и ги испратила во концентрациониот логор Лихтенбург. Потоа, за време на војната, тие биле преместени во логорот Равенсбрук, во близина на Берлин.
Овие сестри беа на слична возраст како мајка ми, и многу ги почитував. Не сакав попусто да им го трошам времето и за неколку седмици или месеци да им кажам дека не сум заинтересиран. Затоа ги замолив само да ми донесат список на стихови кои според нив го побиваат католичкото учење за апостолско наследство. Им реков дека ќе му го однесам тој список на свештеникот и дека ќе разговарам со него за тоа. Сметав дека така ќе дознаам што е вистина.
ГО ЗАПОЗНАВ ВИСТИНСКИОТ СВЕТ ТАТКО
Католичкото учење за апостолско наследство ја застапува идејата дека сите папи се наследници на апостол Петар. (Црквата погрешно ги толкува зборовите на Исус запишани во Матеј 16:18, 19.) Католичката црква тврди и дека папата не може да згреши кога зборува за некое религиозно учење. Јас верував во тоа. Сметав дека папата, кого католиците го нарекуваат „Свет Отец“, е безгрешен кога поучува за некоја доктрина. Затоа, ако папата вели дека учењето за тројство е вистина, тогаш мора да е вистина. Но, од друга страна, си помислив дека, ако папата не е безгрешен, тогаш и учењето за тројство мора да е лага. Ништо чудно што за многу католици учењето за апостолско наследство е најважното учење во нивната религија. Впрочем, тие ја темелат својата вера на оваа доктрина.
Кога отидов кај свештеникот, тој не можеше да ми одговори на прашањата, но ми даде една книга во која се зборуваше за учењето за апостолско наследство. Ја зедов дома, и откако ја прочитав се вратив кај него со уште повеќе прашања. Тој повторно не можеше да ми даде одговор и на крајот ми рече: „Ниту јас можам да те убедам тебе ниту, пак, ти можеш да ме убедиш мене... нема потреба да зборуваме повеќе“.
Тогаш решив да почнам да ја проучувам Библијата со Илзе и Елфриде. Со нивна помош научив многу за вистинскиот свет Татко на небото, Јехова Бог (Јован 17:11). Во тоа време сѐ уште немаше собрание на тоа место и затоа сестрите одржуваа состаноци во домот на едно семејство кое се интересираше за вистината. На состаноците присуствуваа само неколкумина. Бидејќи немаше крстен брат што ќе го води состанокот, обично сестрите дискутираа за материјалот меѓу себе. Одвреме-навреме, доаѓаше брат од некој друг град и држеше јавно предавање во некоја изнајмена просторија.
ВО СЛУЖБА НА ПРОПОВЕДАЊЕ
Илзе и Елфриде почнаа да ја проучуваат Библијата со мене во октомври 1958 год. Се крстив три месеца подоцна, во јануари 1959 год. Некое време пред да се крстам ги прашав дали може да одам со нив во служба од куќа до куќа за да видам како се проповеда (Дела 20:20). Веднаш потоа ги прашав дали може и јас да добијам подрачје за проповедање. Тие ми доделија едно село, каде што сам проповедав од куќа до куќа и ги посетував заинтересираните. Првиот брат со кој отидов во служба беше покраинскиот надгледник кој подоцна нѐ посети.
Во 1960 год., завршив со школувањето и се вратив во мојот роден град со цел да им помогнам на роднините да ја дознаат библиската вистина. Сѐ досега, ниту еден од нив не стана Сведок, но некои покажуваат интерес.
ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Во 1961 год., во собранијата се читаа писма од подружницата во кои браќата и сестрите беа поттикнати да започнат со полновремена служба. Со оглед на тоа што не бев оженет и имав добро здравје, немав никаков изговор да не го прифатам тој повик. Сметав дека, за да можам да служам како пионер, ќе ми треба кола. А за тоа мораше да работам неколку месеци. Кога му го кажав ова на покраинскиот надгледник, Курт Кун, тој ме праша: „А дали на Исус и на апостолите им била потребна кола за да служат полновремено?“ Неговите зборови јасно ми покажаа што треба да правам. Решив да почнам со полновремена служба што е можно побрзо. Но, најпрво требаше да направам некои промени затоа што работев 72 часа седмично во еден хотел-ресторан.
Го прашав шефот дали ќе ми дозволи да работам 60 часа седмично. Тој го одобри моето барање, а притоа не ми ја намали платата. По некое време, го прашав дали може да работам 48 часа седмично. Тој повторно го прифати моето барање и продолжи да ми ја дава истата плата. Подоцна го прашав дали може да работам само 36 часа седмично, односно шест дена по шест часа, а тој ми го одобри и тоа. На мое изненадување, сѐ уште ми ја даваше истата плата! Изгледа дека шефот по секоја цена сакаше да работам кај него. Таквото работно време ми овозможи да почнам да служам како општ пионер. Тогаш од општите пионери се бараше да поминат 100 часа месечно во службата.
Четири месеци подоцна, бев именуван како специјален пионер и како слуга на собранието во едно мало собрание во гратчето Шпитал ан дер Драу, во областа Каринтија. Во тоа време, специјалните пионери требаше да поминуваат 150 часа месечно во служба. Иако немав партнер на доделбата, многу ја ценев поддршката што ми ја даваше сестра Гертруд Лобнер, која служеше како помошник на собранискиот слуга. *
НОВИ ЗАДАЧИ ВО СЛУЖБАТА
Во 1963 год., бев замолен да служам како покраински надгледник. Понекогаш патував со воз од собрание до собрание, носејќи тешки куфери. Повеќето браќа немаа кола и затоа никој не можеше да ме земе од железничката станица. Бидејќи не сакав да се издвојувам од браќата, не земав такси, туку пешачев до местото каде што требаше да ноќевам.
Во 1965 год., бев поканет да присуствувам на 41. клас на Школата Гилеад. И многу други во класот беа самци како мене. Бев изненаден кога на дипломирањето бев замолен да продолжам да служам во патувачкото дело во мојата родна земја, Австрија. Сепак, пред да си одам од САД, ме замолија да соработувам со еден покраински надгледник четири седмици. Се радувам што можев да служам со Ентони Конте, еден мил брат кој многу ја сакаше службата и делотворно ја вршеше. Заедно служевме во државата Њујорк во областа Корнвол.
Кога се вратив во Австрија, бев доделен во една покраина каде што ја запознав Тове Мерете, една убава сестра која не беше омажена. Таа била поучувана за вистината уште од својата петта година. Кога соверниците ќе нѐ прашаат како се запознавме, на шега велиме: „Подружницата се погрижи за тоа“. Стапивме во брак по една година, во април 1967 год., и заедно продолживме да служиме во патувачкото дело.
Следната година ми стана јасно дека Јехова ми укажа незаслужена доброта со тоа што ме посвои како негов духовен син. Од тој момент стекнав посебен однос со мојот небесен Татко, како и со оние што, според Римјаните 8:15, извикуваат „Ава, Татко!“.
Јас и Мерете служевме во патувачкото дело сѐ до 1976 год. Понекогаш, во текот на зимата, требаше да спиеме во незагреани соби во кои температурата беше под нулата. Еднаш, кога се разбудивме видовме дека горниот раб на ќебето замрзнал и побелел од нашиот здив. Затоа одлучивме да си носиме со нас мала електрична греалка за да можеме да ги издржиме студените ноќи. На некои места имаше само полски клозет, и некогаш среде ноќ моравме да одиме низ снегот за да стигнеме до него. Освен тоа, немавме свој стан и поради тоа обично во понеделник останувавме на истото место каде што ноќевавме за време на посетата. Потоа, во вторник наутро се упатувавме кон следното собрание.
Пресреќен сум што, низ годините, мојата мила жена постојано ми даваше силна поддршка. Мерете многу ја сака службата на проповедање, и никогаш досега не морав да ја охрабрувам да оди во служба. Таа ги сака браќата и сестрите и многу се грижи за другите. Тоа ми е од голема помош.
Во 1976 год., бевме поканети да служиме во Бетелот во Виена, а јас бев именуван како член на Одборот на подружницата. Тогаш, подружницата во Австрија го надгледуваше делото во неколку земји од Источна Европа и се грижеше на браќата во тие земји тајно да им биде доставена литература. За ова беше одговорен брат Јирген Рундел. Јас имав чест да работам со него, а подоцна бев замолен да го надгледувам преведувањето на нашите публикации на десет јазици кои се зборуваат во Источна Европа. Јирген и неговата сопруга Гертруд продолжија верно да служат како специјални пионери во Германија. Почнувајќи од 1978 год., подружницата во Австрија почна фотографски да умножува и да печати списанија на шест јазици на една мала офсет печатарска машина. Исто така, им се испраќаше литература на лица од други земји кои имаа направено претплата. За ова главно се грижеше брат Ото Куглич, кој сега служи во подружницата во Германија заедно со својата сопруга Ингрид.
И браќата во Источна Европа печатеа литература во своите земји, користејќи шапирографи или микрофилмови. Но, им беше потребна додатна помош од соверниците од другите земји. Јехова ги поддржуваше браќата што ја вршеа оваа задача. Многу ги засакавме оние што со години служеа под тешки околности кога делото беше забрането.
ПОСЕТА СО ПОСЕБНА ЦЕЛ
Во 1989 год., имав чест да одам во Романија заедно со брат Теодор Џерес, кој беше член на Водечкото тело. Нашата цел беше да им помогнеме на една голема група браќа да се вратат во организацијата. Почнувајќи од 1949 год., тие од различни причини се одделиле од организацијата и основале свои собранија. И покрај тоа, продолжиле да проповедаат и да крштаваат. Освен тоа, дури отслужувале затворски казни поради својата христијанска неутралност, исто како браќата кои беа дел од организацијата. Во Романија делото сѐ уште беше под забрана и затоа тајно се состанавме во домот на брат Памфил Албу, заедно со четири старешини кои беа дел од групата и со претставници на Одборот на земјата на Романија. Со нас беше и Ролф Келна, преведувач од Австрија.
За време на разговорите што ги водевме втората вечер, брат Албу успеа да ги убеди четирите старешини од неговата група да се присоединат кон нас. Тој им рече: „Ако не го сториме тоа сега, можеби никогаш повеќе нема да ни се укаже друга шанса“. По ова, околу 5.000 браќа се вратија во организацијата. Тоа беше голема победа за Јехова и тежок пораз за Сатана!
Кон крајот на 1989 год., пред падот на комунизмот во Источна Европа, Водечкото тело нѐ покани мене и мојата сопруга да се преселиме во главното седиште во Њујорк. Тоа многу нѐ изненади. Започнавме да служиме во Бетелот во Бруклин во јули 1990 год. Во 1992 год., бев именуван како помошник на Одборот за служба на Водечкото тело, а од јули 1994 год., имам чест да служам како член на Водечкото тело.
СЕЌАВАЊА ОД МИНАТОТО И ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА
Времето кога работев како келнер во хотел е минато. Но, за мене е чест што сега имам удел во приготвувањето и во послужувањето духовна храна која им користи на браќата и сестрите низ целиот свет (Мат. 24:45-47). Кога ќе помислам на преку 50-те години поминати во специјална полновремена служба, чувствувам длабоко ценење. Пресреќен сум кога гледам како Јехова го благословува нашето меѓународно братство. Многу сакам да присуствувам на меѓународните конгреси, каде што учиме за нашиот небесен Татко, Јехова, и за библиската вистина.
Се молам уште милиони други лица да почнат да ја проучуваат Библијата, да ја прифатат вистината и да му служат на Јехова како дел од нашето меѓународно братство (1. Пет. 2:17). Освен тоа, едвај чекам да дојде денот кога од небото ќе гледам како мртвите воскреснуваат на Земјата, и кога конечно ќе можам да го видам мојот татко. Се надевам дека тој, мајка ми, и другите роднини ќе сакаат да му служат на Јехова во рајот.
Едвај чекам од небото да гледам како мртвите воскреснуваат на Земјата, и да го видам мојот татко