Дали добиваш „храна во вистинско време“?
ЖИВЕЕМЕ во најбурниот период од човечката историја (2. Тим. 3:1-5). Нашата љубов кон Јехова и нашата решеност да живееме во склад со неговите праведни мерила се ставени на испит секој ден. Исус знаел дека овие времиња ќе бидат многу тешки, и затоа ги уверил своите следбеници дека ќе ги поддржува и дека ќе им помага да истраат сѐ до крајот (Мат. 24:3, 13; 28:20). За да ги зајакне, Исус поставил еден верен роб кој требало да им дава духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45, 46).
Верниот роб бил поставен во 1919 год. Оттогаш наваму, тој им обезбедува духовна храна на милиони луѓе кои станале дел од Божјата организација (Мат. 24:14; Отк. 22:17). Но, некои библиски публикации не се достапни на сите јазици, и секој човек нема пристап до нашите публикации во електронски формат. На пример, многумина не можат да ги гледаат видеоклиповите и да ги читаат статиите кои излегуваат само на нашата интернет-страница jw.org. Дали тоа значи дека тие не ја добиваат духовната храна што им е потребна за да останат здрави во духовен поглед? За да го дознаеме одговорот, да ги разгледаме следниве четири прашања.
1. Која е главната состојка во храната што ни ја обезбедува Јехова?
Кога Сатана се обидел да го искуша Исус да ги претвори камењата во лебови, Исус му одговорил: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:3, 4). Божјите зборови се запишани во Библијата (2. Пет. 1:20, 21). Според тоа, Библијата е главната состојка во нашата духовна храна (2. Тим. 3:16, 17).
Свето писмо — превод Нов свет е достапен, во целост или делумно, на повеќе од 120 јазици, а секоја година излегува и на нови јазици. Освен овој превод, има и многу други преводи на Библијата кои се достапни на илјадници јазици во милијарди примероци. Ова неверојатно достигнување е во склад со волјата на Јехова, кој сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Бидејќи „нема создание кое е скриено пред [Јеховиниот] поглед“, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги привлече кон својата организација и ќе им обезбедува духовна храна на „оние што се свесни дека им е потребен Бог“ (Евр. 4:13; Мат. 5:3, 6, фус.; Јован 6:44; 10:14).
2. Зошто нашите публикации се важен дел од духовната храна?
За некој да стекне цврста вера не е доволно само да ја чита Библијата. Мора да го разбере и да го применува тоа што го чита (Јак. 1:22-25). Истото требало да го направи и еден етиопски дворјанин во првиот век. Додека ја читал Божјата Реч, проповедникот Филип го прашал: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ А дворјанинот му одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ (Дела 8:26-31). Потоа Филип му помогнал на овој човек да ја разбере вистината. Дворјанинот бил толку воодушевен од тоа што го дознал, што веднаш се крстил (Дела 8:32-38). Слично на тоа, и нашите библиски публикации ни помагаат точно да ја разбереме вистината за Бог. Она што го читаме во нив нѐ допира до срце и нѐ поттикнува да го применуваме тоа што го учиме (Кол. 1:9, 10).
Благодарение на библиските публикации, Јеховините слуги можат добро да се нахранат и да ја згаснат својата жед во духовен поглед (Иса. 65:13). На пример, преку списанието Стражарска кула, кое излегува на повеќе од 210 јазици, добиваме објаснувања на пророштвата и на длабоките вистини од Библијата, и поттикнати сме да живееме во склад со Божјите начела. Списанието Разбудете се!, кое излегува на околу 100 јазици, ни помага да го збогатиме нашето знаење за Јеховините творби и да научиме како да ги применуваме мудрите совети од Божјата Реч (Изр. 3:21-23; Рим. 1:20). Верниот роб издава библиски публикации на повеќе од 680 јазици! Дали секојдневно одвојуваш време да ја читаш Библијата? Дали ги читаш сите нови списанија и публикации кои се достапни на твојот јазик?
Божјата организација подготвува и нацрти за говорите кои се изнесуваат на нашите состаноци, собири и конгреси. Дали уживаш во говорите, драмите, приказите и интервјуата што се изнесуваат во тие прилики? Јехова навистина ни обезбедува богата духовна трпеза преполна со вкусни јадења! (Иса. 25:6).
3. Ако на твојот јазик не се достапни сите публикации, дали тоа значи дека си духовно неисхранет?
Воопшто не. Не треба да се изненадиме ако некои христијани понекогаш добиваат повеќе духовна храна за разлика од други. Зошто? Да ги земеме за пример апостолите. Тие добиле многу повеќе упатства во споредба со другите ученици во првиот век (Мар. 4:10; 9:35-37). И покрај тоа, другите ученици не биле духовно неисхранети, туку го добиле токму тоа што им било потребно (Еф. 4:20-24; 1. Пет. 1:8).
Исто така, добро е да имаме на ум дека поголемиот дел од она што го кажал и го направил Исус додека бил на Земјата не е запишано во евангелијата. Апостол Јован напишал: „Има и многу други работи што ги направи Исус, и кога би се запишале сите поединости, мислам дека ниту целиот свет не би можел да ги собере свитоците што би се напишале“ (Јован 21:25). Иако христијаните во првиот век имале повеќе информации за Исус отколку ние денес, тоа воопшто не значи дека сме лишени од нешто. Јехова се погрижил да имаме доволно информации за Исус за да можеме во сѐ да одиме по неговите стапки (1. Пет. 2:21).
Помисли и на писмата што апостолите им ги праќале на собранијата во првиот век. Најмалку едно од писмата што ги напишал Павле не е вклучено во Библијата (Кол. 4:16). Дали ни недостасува духовна храна бидејќи го немаме тоа писмо? Не. Јехова знае што ни треба и ни дава сѐ што ни е потребно за да останеме духовно јаки (Мат. 6:8).
Јехова знае што ни треба и ни дава сѐ што ни е потребно за да останеме духовно јаки
Денес, некои Божји слуги имаат повеќе духовна храна од други. Дали на јазикот што го зборуваш има само неколку публикации? Ако е така, не заборавај дека Јехова се грижи за тебе. Проучувај ги публикациите што ги имаш и, ако е можно, присуствувај на состаноци на некој јазик што го разбираш. Биди уверен дека Јехова ќе ти помага да бидеш духовно цврст (Пс. 1:2; Евр. 10:24, 25).
4. Дали ќе ослабне твојата духовност доколку немаш пристап до содржините што излегуваат на jw.org?
На нашата интернет-страница редовно се објавуваат списанијата и публикациите кои излегуваат и во печатена форма. Освен тоа, на страницата има и содржини наменети за брачни парови, тинејџери и родители со мали деца. Семејствата ги користат овие статии за време на Семејната вечер посветена на Јехова. Исто така, на страницата се објавуваат извештаи за посебни настани, како што се дипломирањето на Школата Гилеад и годишниот состанок, вести за природни катастрофи и правни битки кои го засегаат Јеховиниот народ (1. Пет. 5:8, 9). Интернет-страницата е и многу важен начин на кој добрата вест се пренесува во земјите во кои е забрането нашето дело.
Сеедно дали имаш пристап до нашата интернет-страница или не, ти можеш да останеш близок со Јехова. Верниот роб обезбедува доволно духовна храна во печатен облик за да го нахрани секој христијанин. Затоа, немој да се чувствуваш принуден да купиш некој електронски уред само за да имаш пристап до jw.org. Некои објавители им печатат одредени интернет-содржини од нашата страница на оние кои немаат Интернет. Сепак, собранијата не се обврзани да го прават ова.
Многу сме благодарни што Исус го исполнува своето ветување дека ќе се грижи за нашите духовни потреби. Додека се ближи крајот на овие последни и тешки денови, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе продолжи да ни дава духовна „храна во вистинско време“.