Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Исус им рекол на садукеите дека оние што ќе воскреснат „нема да се женат, ниту да се мажат“ (Лука 20:34-36). Дали тој мислел на воскресението што ќе се случи на Земјата?

Ова прашање е многу важно, особено за оние на кои им починал саканиот брачен другар. Тие копнеат повторно да бидат во брак со нивниот сопружник кој ќе воскресне во новиот свет. Еден вдовец вели: „Јас и жена ми не одлучивме да заврши нашиот брак. Најголема желба ни беше да му служиме на Јехова заедно во сета вечност. Сѐ уште ги имам истите чувства“. Дали постои разумна причина да се надеваме дека воскреснатите ќе можат да стапуваат во брак? Едноставно кажано, не знаеме.

Со години, во нашите публикации пишуваше дека Исусовите зборови за воскресението и стапувањето во брак веројатно се однесуваат на воскресението што ќе се случува на Земјата и дека оние што ќе бидат вратени во живот во новиот свет нема да се мажат и женат * (Мат. 22:29, 30; Мар. 12:24, 25; Лука 20:34-36). Но, дали е можно Исус да го имал на ум воскресението на небото кога ги кажал горенаведените зборови? Иако не можеме со сигурност да го тврдиме тоа, да ја разгледаме подетално изјавата на Исус.

На кого му ги упатил Исус тие зборови? (Прочитај Лука 20:27-33.) На садукеите кои не верувале во воскресение и кои се обиделе да го фатат Исус за збор со прашањето за воскресение и за деверски брак. * Тој им одговорил: „Луѓето што живеат во овој поредок се женат и се мажат, но оние што ќе бидат достојни да живеат во оној поредок и да воскреснат од мртвите, нема да се женат, ниту да се мажат. Тие не ќе можат повеќе ниту да умрат, зашто ќе бидат како ангелите, и ќе бидат Божји деца, бидејќи ќе бидат деца на воскресението“ (Лука 20:34-36).

Зошто досега во нашите публикации пишуваше дека Исус веројатно мислел на оние што ќе воскреснат на Земјата? Главно поради две причини. Прво, кога му го поставиле тоа прашање на Исус, садукеите веројатно мислеле на воскресението кое ќе се случи на Земјата. Затоа изгледаше логично дека Исус им дал одговор кој укажува на тоа воскресение. Второ, Исус на крајот ги спомнал Авраам, Исак и Јаков — верни слуги на Бог кои ќе воскреснат на Земјата (Лука 20:37, 38).

Сепак, се чини дека е можно Исус да зборувал за воскресението на небото. Зошто го велиме ова? Да разгледаме две мисли од изјавата на Исус.

„Оние што ќе бидат достојни... да воскреснат од мртвите.“ Верните помазани христијани се „прогласени за достојни за Божјето царство“ (2. Сол. 1:5, 11). Поради откупната жртва на Исус Христос, Бог ги смета помазаниците за праведни. Затоа тие не умираат како грешници (Рим. 5:1, 18; 8:1). Тие се наречени ‚среќни и свети‘ и се достојни да воскреснат на небото (Отк. 20:5, 6). Но, ова не може да се каже за оние што ќе воскреснат на Земјата затоа што меѓу нив ќе има и ‚неправедни‘ (Дела 24:15). Дали  неправедните може да се сметаат за „достојни“ за воскресение?

„Тие не ќе можат повеќе ниту да умрат.“ Исус не рекол: „Тие нема веќе да умираат“. Напротив, тој рекол: „Тие не ќе можат повеќе ниту да умрат“. Во други преводи на Библијата пишува: „Тие повеќе не се подложни на смрт“ и „Смртта веќе нема власт над нив“. Помазаниците кои остануваат верни до крајот на својот живот на Земјата воскреснуваат на небото и добиваат бесмртност (1. Кор. 15:53, 54). Бидејќи смртта нема власт над нив, тие никогаш повеќе нема да умрат. *

Што би можеле да заклучиме од она што го разгледавме? Можно е зборовите на Исус за воскресението и бракот да се однесуваат на оние што ќе воскреснат на небото. Доколку е така, тоа ни открива неколку работи за помазаниците кои воскреснуваат на небото. Тие не стапуваат во брак, не можат да умрат и во одредена смисла се како ангелите — духовни суштества кои живеат во духовниот свет. Сепак, ова покренува неколку прашања.

Прво, зошто Исус би зборувал за воскресението на небото со садукеите кои веројатно го имале на ум воскресението на Земјата? Исус не им одговарал секогаш на своите противници во склад со она што тие го мислеле. На пример, на Евреите кои барале знак од него, тој им кажал: „Урнете го овој храм и јас за три дена ќе го подигнам“. Исус најверојатно знаел дека тие мислеле на дословниот храм, но ‚храмот за кој зборувал тој бил неговото тело‘ (Јован 2:18-21). Можеби сметал дека нема никаква потреба да им одговори на лицемерните садукеи кои не верувале ниту дека ќе има воскресение ниту дека постојат ангели (Изр. 23:9; Мат. 7:6; Дела 23:8). Наместо тоа, Исус можеби сакал на своите искрени ученици, кои во иднина требало да добијат небесна надеж, да им открие нешто повеќе за воскресението на небото.

Второ, зошто Исус на крајот ги спомнал Авраам, Исак и Јаков кои ќе бидат вратени во живот на Земјата? (Прочитај Матеј 22:31, 32.) Пред да ги спомне овие верни мажи, Исус ги кажал зборовите: „А за воскресението на мртвите“. Со тоа можеби ја сменил темата од воскресение на небото на воскресение на Земјата. Потоа, бидејќи знаел дека садукеите ги прифаќале Мојсеевите списи, ги цитирал зборовите што Јехова му ги кажал на Мојсеј за да докаже дека воскресението на Земјата е дел од Божјата намера (2. Мој. 3:1-6).

Трето, ако зборовите на Исус се однесуваат на оние што ќе бидат воскреснати на небото, дали тоа значи дека оние што ќе воскреснат на Земјата ќе можат да стапат во брак? Божјата Реч не ни дава конкретен одговор на ова прашање. Доколку Исус навистина мислел на воскресението на небото, тогаш неговите зборови не ни откриваат дали оние што ќе бидат вратени во живот на Земјата ќе се мажат или женат во новиот свет.

Сепак, Библијата многу јасно ни кажува дека смртта ја раскинува брачната врска. Според тоа, оној што го изгубил својот брачен партнер не треба да чувствува грижа на совеста ако се прежени или премажи. Тоа е лична одлука и затоа не треба да ги осудуваме вдовиците и вдовците кои сакаат да имаат крај себе некој што ќе им пружи внимание и љубов (Рим. 7:2, 3; 1. Кор. 7:39).

Сигурно имаме многу прашања во врска со новиот свет. Но, наместо непотребно да изнесуваме шпекулации, треба едноставно да чекаме и да видиме како навистина ќе биде. Сепак, во едно можеме да бидеме уверени: Сите послушни луѓе ќе бидат среќни затоа што Јехова ќе ги задоволи нивните потреби и желби на најдобар можен начин (Пс. 145:16).

^ пас. 4 Види во Стражарска кула од 1 јули 1988, страници 26-28.

^ пас. 5 Во библиски времиња било вообичаено да се склучува деверски брак. Ако некој човек умрел и немал синови, неговата жена требало да се омажи за неговиот брат за да се продолжи семејната лоза на починатиот (1. Мој. 38:8; 5. Мој. 25:5, 6).

^ пас. 9 Оние што ќе воскреснат на Земјата ќе имаат можност да живеат вечно, но нема да бидат бесмртни. За да дознаеш нешто повеќе за разликата меѓу бесмртноста и вечниот живот види во Стражарска кула од 15 февруари 2009, страница 25, пас. 6.