Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што направил Јехова за да бидеме блиски со него?

Што направил Јехова за да бидеме блиски со него?

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (ЈАК. 4:8)

1. а) Каква потреба имаат сите луѓе? б) Со кого можеме да бидеме блиски?

ЛУЃЕТО чувствуваат огромна потреба да бидат блиски едни со други. Блиски се оние што многу се сакаат и добро се познаваат. Сигурно се радуваме што можеме да имаме близок однос со семејството и со пријателите кои многу нѐ сакаат, нѐ ценат и нѐ разбираат. Сепак, има некој со кого треба да бидеме најблиски — нашиот Величествен Творец, Јехова (Проп. 12:1).

2. Што ни ветува Јехова, но зошто мнозина не веруваат во тоа?

2 Во својата Реч, Јехова нѐ повикува да му се приближиме и ни ветува дека, ако го направиме тоа, и тој ќе ни се приближи нам (Јак. 4:8). Зарем ова не нѐ охрабрува? Но, мнозина мислат дека не е возможно Бог да сака да биде близок со нив. Тие сметаат дека не се достојни да бидат блиски со него или дека тој е предалеку од луѓето. Дали навистина е можно да бидеме блиски со Јехова?

3. Кој факт во врска со Јехова треба да го имаме на ум?

3 Факт е дека сите оние што сакаат да го запознаат Јехова можат да бидат блиски со него затоа што тој „не е далеку“ од нив. (Прочитај Дела 17:26, 27; Псалм 145:18.) Јехова сака да нѐ прифати како свои пријатели  иако сме несовршени (Иса. 41:8; 55:6). Псалмистот, кој бил близок со Јехова, напишал: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек. Среќен е оној кого ти ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи“ (Пс. 65:2, 4). Да го разгледаме библискиот извештај за Аса, царот на Јуда, и да видиме како тој станал близок со Бог. *

ДА УЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА АСА

4. Каков пример им дал цар Аса на своите поданици?

4 Цар Аса бил ревносен за вистинското обожавање. Тој ја искоренил проституцијата од храмот и ги отстранил идолите од земјата (1. Цар. 15:9-13). Бидејќи самиот имал близок однос со Бог и живеел во склад со неговите закони, Аса можел со чиста совест да им каже на луѓето „да го бараат Јехова, Богот на своите прататковци, и да ги држат законот и заповедите“. Првите десет години од владеењето на Аса биле исполнети со мир. Бидејќи Аса знаел дека Јехова е тој што ги благословил со мир, им рекол на своите поданици: „Земјата сѐ уште е наша затоа што го баравме Јехова, нашиот Бог. Го баравме, и тој ни даде мир на сите наши граници“ (2. Лет. 14:1-7). Да видиме што се случило потоа.

5. Во која ситуација Аса покажал доверба во Јехова, и каков бил исходот?

5 Обиди се да се ставиш на местото на Аса. Етиопјанецот Зара тргнува против твојот народ со 1.000.000 војници и 300 бојни коли (2. Лет. 14:8-10). А твојата војска брои само 580.000 луѓе и е двапати помала од војската на Зара. Како би се чувствувал ако видиш како еден толку моќен непријател се спрема да го нападне твојот народ? Дали би се прашувал зошто Бог не направи нешто за да го спречи тој напад? Дали би се потпрел на себе или би барал помош од Јехова? Аса јасно покажал дека бил близок со Јехова и дека имал целосна доверба во него. Тој извикал: „Помогни ни, Јехова, Боже наш, зашто на тебе се потпираме и во твое име излеговме против ова мноштво! Јехова, ти си наш Бог, не дозволувај смртниот човек да биде посилен од тебе!“ Како одговорил Јехова на оваа сесрдна молба? Тој ‚ги поразил Етиопјаните‘. Не се спасил ниту еден непријателски војник (2. Лет. 14:11-13).

6. Што учиме од примерот на Аса?

6 Зошто Аса имал потполна доверба во Јеховиното водство и заштита? Библијата вели дека ‚Аса го правел она што е исправно во Јеховини очи‘ и дека ‚срцето му било потполно оддадено на Јехова‘ (1. Цар. 15:11, 14). И ние треба да му служиме на Бог со потполно оддадено срце. Тоа е неопходно ако сакаме да бидеме блиски со него сега, но и во иднина. Многу сме благодарни што Јехова прв презел чекори за да имаме близок однос со него! Да разгледаме две работи кои ги направил Бог за да нѐ привлече кон себе.

ЈЕХОВА ОБЕЗБЕДИЛ ОТКУПНИНА

7. а) Што направил Јехова за да ни помогне да му се приближиме? б) Кој е најголемиот доказ дека Јехова сака да му се приближиме?

7 Јехова ни ја покажал својата љубов со тоа што ни ја дал Земјата како прекрасен дом. Тој сѐ уште покажува љубов кон нас така што секој ден нѐ одржува во живот и се грижи за нашите физички потреби (Дела 17:28; Отк. 4:11). Што е уште поважно, Јехова се грижи за нашите духовни потреби (Лука 12:42). Исто така, нѐ уверува дека тој лично  нѐ слуша кога му се молиме (1. Јов. 5:14). Сепак, најголемиот доказ дека Јехова нѐ сака и дека ни помага да му се приближиме е тоа што обезбедил откупнина (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10, 19.) Јехова го испратил својот „единороден син“ на Земјата за да нѐ спаси од гревот и смртта (Јован 3:16).

8, 9. Каква улога има Исус во Јеховината намера?

8 Јехова имал намера откупнината да им користи на сите луѓе, дури и на оние што живееле пред таа да биде платена. Уште од моментот кога го изрекол пророштвото за Месијата, во очите на Јехова откупнината како веќе да била платена затоа што тој бил уверен дека неговата намера сигурно ќе се исполни (1. Мој. 3:15). Со векови подоцна, апостол Павле му благодарел на Бог за ‚откупнината што ја платил Христос Исус‘. Тој рекол дека Бог ‚ги простувал гревовите направени во минатото‘ (Рим. 3:21-26). Благодарение на Исус, можеме да бидеме блиски со Бог.

9 Понизните луѓе можат да го запознаат Јехова и да се зближат со него само преку Исус. Како Библијата го потврдува ова? Павле напишал: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:6-8). Откупнината не била дадена затоа што ние го заслужуваме тоа, туку затоа што Јехова и Исус многу нѐ сакаат. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото“. Во друга прилика кажал: „Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“ (Јован 6:44; 14:6). Со помош на светиот дух, Јехова преку Исус ги привлекува луѓето кон себе и им дава можност да живеат вечно. (Прочитај Јуда 20, 21.) Да разгледаме уште еден начин на кој Бог им помага на луѓето да бидат блиски со него.

ЈЕХОВА НИ ЈА ДАЛ СВОЈАТА ПИШАНА РЕЧ

10. Како Библијата ни помага да станеме поблиски со Бог?

10 Досега во статијата беа наведени или цитирани стихови од 14 различни библиски книги. Ако ја немавме Библијата, од каде ќе знаевме дека можеме да бидеме блиски со нашиот Творец? Дали ќе знаевме дека откупната жртва што ја дал Исус ни овозможува да имаме близок однос со Јехова? Со својот свет дух, Јехова ги водел писателите на Библијата да ги запишат неговите зборови кои ни откриваат каква личност е тој и која е неговата намера со луѓето. На пример, во 2. Мојсеева 34:6, 7 Јехова се опишал себеси како „милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“. Кој не би сакал да биде близок со еден таков Бог? Јехова знае дека, колку повеќе учиме за него од Библијата толку пореален и поблизок ќе ни биде.

11. Зошто треба да се трудиме добро да го запознаеме Јехова? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Во предговорот на книгата Приближи му се на Јехова пишува дека, за да изградиме близок однос со некого, треба добро да го запознаеме и да ги цениме неговите особини. Според тоа, ако сакаме да станеме блиски со Јехова, треба да ја проучуваме Библијата за да дознаеме какви особини има тој и како постапува. Многу сме благодарни затоа што Јехова се погрижил Библијата да биде напишана на јазик што е лесно разбирлив за луѓето.

12. Зошто Јехова им дал задача на луѓе да ја напишат Библијата?

 12 Јехова можел да им даде задача на ангелите да ја напишат Библијата. На крајот на краиштата, тие многу се интересираат за нас и за она што го правиме (1. Пет. 1:12). Несомнено, ангелите можеле да ја пренесат Божјата порака. Но, дали тие би гледале на работите од човечка гледна точка и дали би можеле да ги разберат нашите потреби, слабости и желби? Не, Јехова знае дека ангелите се многу поразлични од нас, и токму затоа дозволил Библијата да ја напишат луѓе. Благодарение на тоа, можеме да разбереме како размислувале и како се чувствувале писателите на Божјата Реч и другите што се спомнати во неа. Кога читаме за нивните разочарувања, сомнежи, стравови и грешки, можеме да се соживееме со нивните чувства. А кога читаме за убавите моменти во нивниот живот, можеме да ја почувствуваме нивната радост. За пророкот Илија во Библијата се вели дека имал „исти чувства како и ние“ (Јак. 5:17, фус.). Тоа може да се каже и за луѓето што ја пишувале Библијата.

Како начинот на кој Јехова постапил со Јона и Петар ти помага да станеш поблизок со Него? (Види пасуси 13, 15)

13. Какви чувства буди кај тебе молитвата на Јона?

13 На пример, дали еден ангел би можел потполно да опише како се чувствувал Јона додека бегал од задачата што му ја дал Бог? Колку било подобро тоа што Јехова го избрал Јона да го запише тоа што му се случило, вклучувајќи ја и неговата искрена молитва од длабочините на морето! Јона рекол: „Кога мојата душа премале во мене, се сетив на Јехова“ (Јона 1:3, 10; 2:1-9).

14. Зошто лесно можеме да сфатиме како се чувствувал Исаија?

14 Да разгледаме што напишал Исаија за себе откако добил видение за Божјата слава и откако сфатил  колку бил грешен. Тој рекол: „Тешко мене! Ќе загинам, зашто сум човек со нечисти усни и живеам во народ со нечисти усни, а моите очи го видоа Царот, Јехова над војските!“ (Иса. 6:5). Ниеден ангел не би можел да ги каже тие зборови за себе. Но, Исаија можел да ги каже, и ние лесно можеме да сфатиме како се чувствувал.

15, 16. а) Зошто можеме да ги разбереме чувствата на другите луѓе? Наведи примери. б) Што ќе ни помогне да станеме уште поблиски со Јехова?

15 Дали ангелите би можеле да кажат дека се чувствуваат ‚недостојно‘, како што се чувствувал Јаков, или дека се сметаат за ‚грешни‘ како што се сметал Петар? (1. Мој. 32:10; Лука 5:8). Дали би можеле да кажат дека ‚се уплашиле‘, како што се уплашиле учениците на Исус, или дека требало да ‚соберат смелост‘ за да ја проповедаат добрата вест и покрај прогонството, како што било случај со Павле и со други христијани? (Јован 6:19; 1. Сол. 2:2). Не, ангелите се совршени во секој поглед и многу се помоќни од луѓето. Но, оние што ја пишувале Библијата се несовршени луѓе како нас, и затоа веднаш можеме да ги разбереме нивните чувства. Додека ја читаме Божјата Реч, навистина можеме ‚да се радуваме со оние што се радуваат и да плачеме со оние што плачат‘ (Рим. 12:15).

16 Ако длабоко размислуваме за начинот на кој постапувал Јехова со своите верни слуги во минатото, ќе дознаеме безброј прекрасни работи за нашиот Бог, кој покажувал голема стрпливост и љубов кон тие несовршени луѓе. Тоа ќе ни помогне подобро да го запознаеме, многу повеќе да го засакаме и да станеме уште поблиски со него. (Прочитај Псалм 25:14.)

ИЗГРАДИ НЕРАСКИНЛИВА ВРСКА СО БОГ

17. а) Каков мудар совет му дал Азарија на Аса? б) Во која прилика Аса не го послушал советот на Азарија, и какви биле последиците?

17 Откако цар Аса ѝ нанел тежок пораз на етиопската војска, Божјиот пророк Азарија им дал мудар совет нему и на неговиот народ. Тој рекол: „Јехова ќе биде со вас сѐ додека вие сте со него. Ако го барате, ќе ви дозволи да го најдете, но ако го оставите, и тој ќе ве остави вас“ (2. Лет. 15:1, 2). Но, кога му се заканувала опасност од северното царство Израел, Аса не го послушал овој совет, туку побарал помош од Сиријците. Наместо да бара водство од Јехова, тој склучил сојуз со овој пагански народ. Поради тоа, на Аса му било кажано: „Постапи безумно и затоа отсега ќе се поведуваат војни против тебе“. Преостанатите години од владеењето на цар Аса биле обележани со многу војни (2. Лет. 16:1-9). Што можеме да научиме од неговиот пример?

18, 19. а) Што треба да направиме ако сме дозволиле нешто да нѐ оддалечи од Бог? б) Како можеме да му се приближиме на Јехова?

18 Никогаш не треба да се оддалечиме од Јехова. Ако веќе сме дозволиле нешто да нѐ оддалечи од него, треба да постапиме во склад со Осија 12:6, каде што стои: „Врати се кај својот Бог, постапувај според добрината и според правдата, и секогаш надевај се на својот Бог!“ Кога размислуваме за откупнината и длабоко ја проучуваме Библијата, уште повеќе се зближуваме со Јехова. (Прочитај 5. Мојсеева 13:4.)

19 Псалмистот напишал: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Пс. 73:28). Ако продолжиме да учиме нови работи за Јехова, нашата љубов кон него ќе расте од ден на ден. Да бидеме решени да останеме блиски со Јехова сега, и во сета вечност!

^ пас. 3 Види ја статијата „Вашите дела ќе бидат наградени“, во Стражарска кула од 15 август 2012.