Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали она што го кажал Давид во Псалм 37:25 и она што го кажал Исус во Матеј 6:33 значи дека Јехова нема никогаш да дозволи христијаните да останат без храна?

Давид напишал дека ,никогаш не видел праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб‘. Според тоа, тој само дал една општа изјава на темел на сопственото искуство. Давид добро знаел дека Бог постојано се грижи за своите слуги (Пс. 37:25). Сепак, со ова не сакал да каже дека, ако некој е Божји слуга, никогаш нема да биде оставен без храна.

Самиот Давид понекогаш бил во многу тешки околности. Ова било случај и кога бегал од Саул. Бидејќи Давид и неговите луѓе немале доволно храна, тој побарал леб од свештеникот Ахимелех (1. Сам. 21:1-6). Сепак, Давид знаел дека Јехова не го напуштил во неволјата низ која минувал. Всушност, никаде во Библијата не пишува дека тој морал да проси за храна за да преживее.

Во Матеј 6:33, Исус дал уверување дека Бог ќе се грижи за потребите на своите верни слуги кои го ставаат Царството на прво место во животот. Тој рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“. Но, Исус укажал и дека неговите „браќа“ понекогаш ќе гладуваат затоа што ќе бидат прогонувани (Мат. 25:35, 37, 40). На пример, апостол Павле понекогаш морал да трпи глад и жед (2. Кор. 11:27).

Јехова ни кажува дека ќе доживееме различни видови прогонство. Можеби тој ќе дозволи да останеме без неопходното за живот за да одговориме на обвиненијата што ги покренал Ѓаволот (Јов 2:3-5). На пример, некои наши соверници, како оние што биле ставени во нацистичките концентрациони логори, се нашле во смртна опасност затоа што биле прогонувани. За да ги наведе да му бидат неверни на Бог, Ѓаволот ги лишил од храната која им била неопходна. Но, верните Сведоци му останале послушни на Јехова, и тој не ги напуштил. Бог дозволил да ги снајде таква неволја, исто како што дозволува сите христијани да минуваат низ различни тешкотии. Сепак, нема сомнение дека тој им помага да истраат на оние кои страдаат поради неговото име (1. Кор. 10:13). Добро е да ги имаме на ум зборовите од Филипјаните 1:29: „Бидејќи вам ви е укажана чест заради Христос, не само да верувате во него туку и да страдате за него“.

Јехова ветува дека ќе биде со своите слуги. На пример, Исаија 54:17 вели: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“. Ова и други слични ветувања се гаранција дека Бог ќе го заштити својот народ како група. Но, како поединци, можеби ќе трпиме неволји дури и до тој степен што ќе мора да умреме.