Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажувај ценење за полновремените слуги

Покажувај ценење за полновремените слуги

„Непрестајно ги имаме на ум вашите дела поттикнати од вера и вашиот труд поттикнат од љубов“ (1. СОЛ. 1:3)

1. Како гледал Павле на оние што давале сѐ од себе за да ја проповедаат добрата вест?

АПОСТОЛ Павле ги ценел своите браќа и сестри кои давале сѐ од себе за да ја проповедаат добрата вест. Тој напишал: „Непрестајно ги имаме на ум вашите дела поттикнати од вера и вашиот труд поттикнат од љубов и вашата истрајност која произлегува од вашата надеж во нашиот Господар Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко“ (1. Сол. 1:3). И Јехова не ги заборава делата на оние што со љубов се трудат верно да му служат, без разлика дали поради своите животни околности можат да даваат повеќе или помалку (Евр. 6:10).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Многу наши соверници, и во минатото и денес, правеле големи жртви за да му служат на Јехова полновремено. Во оваа статија, ќе видиме како некои христијани му служеле во првиот век. А ќе разгледаме и на кои начини полновремените објавители му служат на Бог во нашево време, и како можат другите да им помагаат.

ХРИСТИЈАНИТЕ ВО ПРВИОТ ВЕК

3, 4. а) На кои начини му служеле на Јехова некои браќа и сестри во првиот век? б) Како се издржувале во материјален поглед?

3 Кратко откако се крстил, Исус започнал едно дело кое требало да достигне светски размери (Лука 3:21-23; 4:14, 15, 43). По неговата смрт, апостолите предводеле во проповедањето,  и така добрата вест продолжила и понатаму да се шири (Дела 5:42; 6:7). Некои христијани, како што бил Филип, служеле како проповедници и мисионери во Палестина (Дела 8:5, 40; 21:8). Павле и некои други патувале многу подалеку (Дела 13:2-4; 14:26; 2. Кор. 1:19). Некои, како, на пример, Силван (Сила), Марко и Лука, биле писари или напишале некои библиски книги (1. Пет. 5:12). Многу христијанки служеле рамо до рамо со овие верни браќа (Дела 18:26; Рим. 16:1, 2). Во Христијанските грчки списи има интересни извештаи за она што го доживувале овие Божји слуги. Таквите извештаи нѐ потсетуваат дека Јехова го цени трудот на своите слуги и дека се грижи за нивните потреби.

4 Како се издржувале полновремените слуги во првиот век? Бидејќи не сакале да им бидат товар на своите браќа, некои од нив, како што бил Павле и оние кои го придружувале, работеле за да си ги покријат основните трошоци (1. Кор. 9:11-15). Сепак, тие прифаќале помош. Понекогаш соверниците ги канеле на ручек, ги примале во својот дом или ги поддржувале на други начини. (Прочитај Дела 16:14, 15; Филипјаните 4:15-18.)

ПОЛНОВРЕМЕНИТЕ СЛУГИ ВО НАШЕВО ВРЕМЕ

5. Што рекол еден брачен пар во врска со животот што го водат како полновремени слуги?

5 И денес мнозина учествуваат во различни видови полновремена служба. (Види ја рамката „ Различни видови полновремена служба“.) Што мислат тие за својот начин на живот? Ќе бидеш многу охрабрен ако им го поставиш ова прашање на некои полновремени слуги. Еден брат кој служел како општ пионер, а потоа и како специјален пионер, мисионер и член на бетелско семејство во друга земја, вели: „Мислам дека тоа што решив да служам полновремено е најдобрата одлука што сум ја донел во животот. Кога имав 18 години, ми беше тешко да одлучам дали да се запишам на факултет, да најдам работа со полно работно време или да започнам со пионерска служба. Од лично искуство можам да кажам дека Јехова не ги заборава жртвите што ги правиме кога му служиме полновремено. Во оваа служба ги искористив дарбите и способностите од Јехова како што никогаш немаше да ги искористам ако изберев световна кариера“. Неговата жена вели: „Секоја задача ми помагаше да созревам во духовен поглед. Секогаш одново ги чувствувавме Јеховината заштита и водство. Тоа сигурно немаше да биде случај ако одлучевме да водиме покомотен живот. Секој ден му благодарам на Јехова за полновремената служба“. Дали би сакал и ти да го кажеш истото за својот живот?

6. Како гледа Јехова на нашата служба за него?

6 Се разбира, на некои околностите не им дозволуваат во моментов да бидат во полновремена служба. Сепак, може да бидеме уверени дека Јехова го цени она што со сета душа го прават за него. Размисли за оние што ги спомнал Павле во Филимон 1-3, како и за сите браќа и сестри од собранието во Колоси. (Прочитај.) Павле многу ги ценел, а исто така и Јехова. Нашиот небесен Татко ја цени и твојата служба. Но, како би можел да им пружиш поддршка на оние што сега му служат полновремено?

КАКО ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА ПИОНЕРИТЕ

7, 8. Што вклучува пионерската служба, и како можат другите во собранието да ги поддржат пионерите?

7 Слично на ревносните христијани во првиот век, пионерите се вистински извор на охрабрување за собранијата. Мнозина посветуваат секој месец по 70 часа во службата на проповедање. Како би можел да им помогнеш?

8 Една пионерка по име Шери рекла: „Пионерите изгледаат духовно јаки  затоа што секој ден се во служба. Сепак, и ним им треба охрабрување“ (Рим. 1:11, 12). Една сестра која долги години била во пионерска служба, го рекла следново за пионерите во нејзиното собрание: „Тие проповедаат напорно и без прекин. Многу се благодарни кога другите ќе им понудат превоз, ќе ги поканат на ручек, или ќе им потпомогнат со пари за бензин или за нешто друго. Тоа им покажува дека навистина се грижат за нив“.

9, 10. Како некои им помагале на пионерите во своите собранија?

9 Дали би сакал да им помогнеш на пионерите во службата? Две пионерки рекле дека многу би им значело кога би можеле да одат во служба попладне и во текот на седмицата со повеќе браќа и сестри. Една христијанка која сега служи во Бетелот во Бруклин се сеќава на помошта што ја добила додека била пионер. Таа вели: „Една сестра која имаше кола ми рече: ,Ако не можеш да најдеш некој за служба, јас секогаш ти стојам на располагање‘. Да не беше таа, ќе ми беше тешко да останам пионер“. А Шери вели: „Откако ќе завршат со службата, пионерите што не се во брак честопати остануваат сами. Би можеле одвреме-навреме да викнете некои од нив на вашата Семејна вечер. Тоа што ќе ги вклучите и во други активности ќе им помогне да останат духовно јаки“.

10 Една сестра која речиси веќе 50 години е во полновремена служба го рекла следново за помошта што ја добивале таа и другите немажени сестри во нејзиното собрание: „Нашите старешини ги посетуваа пионерите на неколку месеци. Нѐ прашуваа за здравјето и за световната работа, и сакаа да знаат дали нешто нѐ загрижува. Тие беа искрено заинтересирани. Доаѓаа и кај нас дома за да видат дали ни треба помош“. Овие и други старешини го следат примерот на Онисифор од Ефес. Иако морал да се грижи за семејството, тој му помагал и на Павле (2. Тим. 1:18).

11. Што е вклучено во специјалната пионерска служба?

11 Во некои собранија служат и специјални пионери. Многумина од нив проповедаат по 130 часа месечно. Затоа што трошат толку време на службата на проповедање, а помагаат и на други начини во собранието, тие речиси воопшто немаат време за световна  работа. Подружницата им дава скромен месечен надоместок за да можат целосно да се посветат на службата.

12. Како можат старешините и другите да им помагаат на специјалните пионери?

12 Како може да им помагаме на специјалните пионери? Еден старешина кој служи во една подружница и кој редовно контактира со мнозина од нив објаснува: „За да им ја пружат потребната помош на овие пионери, старешините треба да зборуваат со нив и да знаат какви им се околностите. Некои Сведоци претпоставуваат дека специјалните пионери имаат сѐ што им е потребно бидејќи добиваат паричен надоместок, но објавителите во нивните собранија можат да им помагаат на разни начини“. Исто како општите пионери, и специјалните пионери се благодарни кога браќата и сестрите одат во служба со нив. Можеш ли и ти да им помогнеш во тој поглед?

КАКО ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА ПОКРАИНСКИТЕ НАДГЛЕДНИЦИ

13, 14. а) Што треба да имаме на ум во врска со покраинските надгледници? б) Како би можел да им помогнеш на оние што се во покраинското дело?

13 Покраинските надгледници и нивните сопруги обично се искусни браќа и сестри кои имаат цврста вера. Сепак, и ним им е потребно охрабрување и соработка во службата. Освен тоа, тие се благодарни кога браќата ги викаат на заедничко дружење и рекреација. Ако покраинскиот надгледник или неговата жена се во болница или закрепнуваат од некоја болест, би можеле да ги посетиме и да се погрижиме за нивните потреби. И „саканиот лекар“ Лука покажал таква грижа за Павле и за другите кои ги посетувале собранијата во првиот век (Кол. 4:14; Дела 20:5—21:18).

14 На покраинските надгледници и нивните сопруги им се потребни блиски пријатели кои ги сакаат и се грижат за нив. Еден покраински надгледник напишал: „Моите пријатели секогаш знаат кога ми е потребно охрабрување. Тие поставуваат прашања со кои покажуваат дека се искрено заинтересирани, и така ми е полесно да им кажам што ме мачи. Понекогаш ми е доволно и само да ме сослушаат“. Покраинските надгледници и нивните сопруги многу ја ценат искрената грижа на своите браќа и сестри.

КАКО ДА ГИ ПОДДРЖУВАМЕ БЕТЕЛСКИТЕ СЛУГИ

15, 16. Зошто работата што ја вршат браќата и сестрите во Бетел е многу важна, и како може да ги поддржиме?

15 Оние што служат во Бетелите вршат многу важна работа со која се поддржува проповедањето на добрата вест за Царството. Ако во твоето собрание или покраина има бетелски слуги, како можеш да покажеш дека го цениш нивниот труд?

16 Кога ќе пристигнат во Бетел, тие во почетокот можеби ќе се борат со чувства на носталгија бидејќи се далеку од своето семејство и од своите драги пријатели. Затоа се многу благодарни кога другите браќа и сестри од Бетел и од новото собрание ќе се спријателат со нив (Мар. 10:29, 30). Вообичаениот распоред на активностите во Бетел им овозможува да присуствуваат на состаноците и да одат во служба на проповедање секоја седмица. Но, повремено бетелските слуги имаат додатни задолженија. Добро е собранијата да покажат разбирање, како и ценење за сето она што го прават во корист на другите. (Прочитај 1. Солуњаните 2:9.)

КАКО ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА ОНИЕ КОИ СЛУЖАТ ВО ДРУГА ЗЕМЈА

17, 18. Какви задачи вршат полновремените објавители кои служат во друга земја?

17 Некои полновремени објавители одат да служат во друга земја. Можеби таму ќе мора да научат нов јазик и да се навикнат на друга храна, на друг менталитет и на поинаков начин на живот. Какви задачи вршат тие во земјите каде што отишле да служат?

 18 Некои се мисионери кои посветуваат поголем дел од своето време на службата на проповедање. Тие се поучени делотворно да проповедаат и поучуваат, и го споделуваат своето искуство со другите во собранието. Подружницата им обезбедува скромно сместување и им дава паричен надоместок за да ги покријат основните животни трошоци. Други добиваат задача да служат во подружницата или да помагаат во изградбата на Бетели, преведувачки канцеларии, Конгресни сали или Сали на Царството. Подружницата или собранијата се грижат за нивното сместување, храна и другите потреби. Исто како членовите на бетелското семејство, тие редовно одат на состаноци и во служба со локалните објавители. Браќата и сестрите во собранијата каде што се доделени извлекуваат голема корист од искуството на овие полновремени слуги.

19. Што треба да имаме на ум во врска со браќата и сестрите кои служат во друга земја?

19 Како можеш да им помагаш на овие браќа и сестри? Не заборавај дека, кога ќе пристигнат, тие не се навикнати на некои локални видови храна. Добро е да го имаш ова на ум кога ќе ги поканиш на ручек или вечера. Би можел пред тоа да ги прашаш што би сакале да јадат или да пробаат. Покажи стрпливост додека го учат јазикот и се навикнуваат на обичаите. Можеби ќе им треба време да разберат сѐ што им кажуваш, и затоа би можел љубезно да им помагаш и во овој поглед бидејќи тие сакаат да учат!

20. Како можеме да им дадеме поддршка на полновремените објавители и на нивните родители?

20 Полновремените слуги стареат, а стареат и нивните родители. Ако родителите се Сведоци, тие сигурно сакаат нивните деца да продолжат да служат во друга земја (3. Јов. 4). Се разбира, полновремените слуги прават сѐ за да се грижат за нив и да ги посетуваат колку што можат. Сепак, и браќата и сестрите од собранието на остарените родители можат да помагаат во таквата грижа, и на тој начин да им дадат поддршка на полновремените објавители. Не треба да заборавиме дека оние што служат во друга земја имаат многу одговорни задачи во најважното дело на сите времиња (Мат. 28:19, 20). Дали ти или твоето собрание можете да им пружите помош на родителите на полновремените слуги?

21. Како гледаат полновремените слуги на помошта и охрабрувањето што им ги даваат соверниците?

21 Оние што одлучуваат да служат полновремено не го прават тоа за да се збогатат туку затоа што сакаат да даваат — и за Јехова и за другите. Затоа многу ја ценат секоја помош што ја добиваат. Една сестра која служи во друга земја рекла: „Дури и една картичка во знак на благодарност покажува дека другите мислат на тебе и дека го ценат она што го правиш“.

22. Како гледаш на полновремената служба?

22 Оние што решиле полновремено да му служат на Јехова водат многу интересен и исполнет живот. Тие навистина го избрале најдобриот животен пат! На тој начин учат и стекнуваат особини кои им користат сега, но ќе им бидат потребни и во претстојниот нов свет, кога сите верни слуги на Јехова ќе можат да водат задоволувачки живот секој ден. Да ги цениме и понатаму ,делата поттикнати од вера и трудот поттикнат од љубов‘ на полновремените слуги! (1. Сол. 1:3).