Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто мора да бидеме свети

Зошто мора да бидеме свети

„Бидете свети“ (3. МОЈ. 11:45)

1. Како може да ни помогне 3. Мојсеева?

ЈЕХОВА очекува од сите свои слуги да бидат свети, односно чисти во духовен, морален и физички поглед. Иако светоста се спомнува низ целата Библија, за неа најмногу се зборува во 3. Мојсеева. Тоа што ќе ја разгледаме и подобро ќе ја разбереме оваа библиска книга ќе ни помогне да ја развиеме таа особина и да ја покажуваме во животот.

2. Што е карактеристично за библиската книга 3. Мојсеева?

2 Трета Мојсеева, која ја напишал Божјиот слуга Мојсеј, е дел од „целото Писмо“ кое е корисно за поучување (2. Тим. 3:16). Божјето име, Јехова, се појавува просечно по 10 пати во секое поглавје од оваа библиска книга. Ако подобро ја разбереме, тоа ќе ни помогне да не правиме ништо со што би можеле да го извалкаме Јеховиното име (3. Мој. 22:32). Изразот „јас сум Јехова“, кој се повторува многу пати, треба да нѐ потсети да му бидеме послушни на Бог. Во оваа и во следната статија ќе откриеме неколку прекрасни духовни бисери од 3. Мојсеева, кои ќе ни помогнат да бидеме свети додека му служиме на Јехова.

БОГ ОЧЕКУВА ДА БИДЕМЕ СВЕТИ

3, 4. Што означувала чистата состојба на Арон и миењето на неговите синови? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Прочитај 3. Мојсеева 8:5, 6. Јехова го поставил  Арон да служи како првосвештеник во Израел, а неговите синови требало да му бидат свештеници на народот. Арон го претставува Исус Христос, а неговите синови ги претставуваат помазаните Христови следбеници. Тогаш, што означувало миењето на Арон? Дали укажувало на тоа дека и на Исус му било потребно очистување? Не. Исус бил безгрешен и „неизвалкан“, и затоа немало потреба да биде очистен (Евр. 7:26; 9:14). Меѓутоа, откако бил измиен, Арон бил во чиста состојба, која укажувала на чистата и праведна состојба на Исус. А што означувало миењето на Ароновите синови?

4 Тоа е претслика за очистувањето на оние кои се избрани да служат како свештеници на небото. Дали ова очистување е поврзано со нивното крштавање? Не, затоа што крштавањето не ги отстранува нивните гревови. Напротив, тоа е знак дека безусловно му го заветувале својот живот на Јехова Бог. Помазаниците се очистуваат ‚со капење во речта Божја‘, односно така што со сето срце ги применуваат Христовите поуки во својот живот (Еф. 5:25-27). На тој начин, тие стануваат свети и неизвалкани. А што може да се каже за ‚другите овци‘? (Јован 10:16).

5. Зошто може да се каже дека Божјата Реч им помага и на ‚другите овци‘ да бидат чисти?

5 Синовите на Арон не го претставуваат ‚големото мноштво‘ од Христови „други овци“ (Отк. 7:9). Тогаш, дали може да се каже дека Божјата Реч им помага и на оние кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата да бидат свети и неизвалкани? Да. Кога ја читаат Библијата и покажуваат вера во она што го вели таа за моќта на Исусовата пролеана крв, тие се поттикнати да му служат на Бог „ден и ноќ“ (Отк. 7:13-15). Очистувањето на помазаниците и на ‚другите овци‘ е постојан процес. Како резултат на тоа, тие водат чист живот и се однесуваат примерно во секое време (1. Пет. 2:12). Јехова сигурно многу се радува кога гледа дека сите негови слуги се чисти и обединети, и дека го слушаат и верно го следат својот Пастир, Исус!

6. Зошто треба редовно да се преиспитуваме?

6 Тоа што свештениците во Израел морале да бидат телесно чисти е од голема важност за Јеховиниот народ денес. Оние со кои ја проучуваме Библијата честопати забележуваат дека нашите сали каде што го славиме Јехова се чисти и дека ние сме уредни и убаво облечени. Но, чистотата на свештениците ни помага да сфатиме дека секој што сака да му служи на Јехова на неговата ‚возвишена гора‘ мора да има и ‚чисто срце‘. (Прочитај Псалм 24:3, 4; Иса. 2:2, 3.) Според тоа, освен што треба да бидеме чисти во физички поглед, мора да му служиме на Јехова и со чист ум и чисто срце. Од таа причина, треба често да се преиспитуваме. Можеби одвреме-навреме ќе увидиме дека треба да направиме некоја поголема промена ако сакаме да бидеме свети (2. Кор. 13:5). На пример, еден крстен објавител кој намерно гледа порнографија треба да се праша: ‚Дали можам за себе да кажам дека сум свет?‘ А потоа е добро да побара помош за да прекине со таа расипана навика (Јак. 5:14).

ПОКАЖЕТЕ ДЕКА СТЕ СВЕТИ СО СВОЈАТА ПОСЛУШНОСТ

7. Каков пример дал Исус во склад со 3. Мојсеева 8:22-24?

7 Кога било воспоставено свештенството во Израел, Мојсеј заклал еден овен за жртва. Потоа зел од неговата крв и со неа ги намачкал десното уво, палецот од десната рака и палецот  од десната нога на првосвештеникот Арон и на неговите синови. (Прочитај 3. Мојсеева 8:22-24.) Ова служело како знак дека свештениците послушно ќе ги извршуваат своите должности најдобро што можат. На сличен начин, Првосвештеникот Исус дал совршен пример за помазаниците и за ‚другите овци‘. Неговото уво спремно ги слушало Божјите упатства, неговите раце ја вршеле Јеховината волја, а неговите нозе никогаш не застраниле од исправниот пат (Јован 4:31-34).

8. Што мора да прават сите Јеховини слуги?

8 Како Јеховини слуги, сите ние мора да се угледаме на Исус, кој му останал верен на Бог. И помазаниците и ‚другите овци‘ мора тесно да го следат водството од Библијата за да ‚не го жалостат‘ Божјиот свет дух (Еф. 4:30). Тие мора да ги ‚израмнат патеките по кои одат нивните нозе‘ (Евр. 12:13).

9. Што изјавиле тројца браќа кои низ годините тесно соработувале со членовите на Водечкото тело, и како нивните изјави можат да ти помогнат да останеш свет?

9 Да ги разгледаме изјавите на тројца браќа кои со децении тесно соработуваат со членовите на Водечкото тело. Еден од нив рекол: „Тоа навистина е посебна чест. Сепак, поради блиската соработка, понекогаш јасно се гледа дека овие браќа се несовршени иако се помазани со дух. И покрај тоа, една од целите што си ги поставив низ годините беше да им бидам послушен на оние што предводат во делото“. Вториот брат рекол: „Некои библиски стихови како, на пример, 2. Коринќаните 10:5, каде што сме поттикнати да му бидеме ‚покорни на Христос‘, ми помагаат да бидам послушен и да соработувам со браќата што предводат. Се трудам да бидам послушен од срце“. Третиот брат рекол: „Ако го сакаме она што Јехова го сака и го мразиме она што тој го мрази, и ако постојано бараме водство од него и го правиме она што му е угодно, тогаш ќе бидеме послушни на неговата организација и на оние што тој ги користи за да ја извршува својата волја на Земјата“. Врз овој брат оставил силен впечаток убавиот пример на Натан Нор, кој станал член на Водечкото тело. Кога во Стражарска кула од 1925 год. излегла статијата со наслов „Раѓање на народот“, во која имало едно ново објаснување, брат Нор послушно го прифатил, иако некои Божји слуги не се согласувале со она што било кажано. Што учиме од изјавите на овие тројца браќа? Добро е да размислуваме за нивните зборови, бидејќи тоа може да ни помогне да му бидеме послушни на Бог и да останеме свети.

ПОТПОЛНА ПОСЛУШНОСТ НА БОЖЈИОТ ЗАКОН ЗА КРВТА

10. Колку е важно да бидеме послушни на Божјиот закон за крвта?

10 Прочитај 3. Мојсеева 17:10. Јехова им заповедал на Израелците да не јадат никаква крв. И христијаните не смеат да јадат ниту животинска ниту човечка крв (Дела 15:28, 29). Ние го сакаме Јехова и сакаме да му бидеме послушни. Се стресуваме и од самата помисла тој ‚да се сврти против нас‘ и да нѐ отстрани од своето собрание. Затоа, дури и ако животот ни е во опасност, решени сме да не попуштиме ниту на молбите ниту на заканите на оние што не го познаваат Јехова и на кои воопшто не им е важно да му бидат послушни. Иако сме свесни дека другите ќе нѐ исмеваат затоа што одбиваме крв, ние избираме да го слушаме Бог (Јуда 17, 18). Што ќе ни помогне да бидеме цврсто решени да не јадеме крв ниту да примаме трансфузија? (5. Мој. 12:23).

11. Зошто може да се каже дека годишниот Ден на очистување не бил само еден обичен обред?

 11 Она што израелскиот првосвештеник го правел еднаш годишно на Денот на очистувањето ни помага да сфатиме како гледа Бог на крвта. Крвта имала посебна намена. Таа служела да ги очисти гревовите на оние што барале простување од Јехова. Крвта од жртвуваниот јунец или јарец требало да се попрска пред поклопецот на ковчегот на сојузот (3. Мој. 16:14, 15, 19). Преку неа, Јехова можел да им ги прости гревовите на Израелците. Исто така, тој заповедал крвта на животните кои некој ќе ги уловел за храна да биде пролеана, а потоа затрупана со земја, затоа што животот „на секое тело е неговата крв“ (3. Мој. 17:11-14). Ова не биле обични обреди без никакво значење. Стотици години пред тоа, Јехова им забранил на Ное и на неговите потомци да јадат крв (1. Мој. 9:3-6). Но, што значи тоа за христијаните?

12. Како Павле ја поврзува крвта со простувањето?

12 Апостол Павле објаснил дека крвта може да очистува, кога напишал: „Според Законот скоро сѐ се чисти со крв, и без пролевање крв нема простување“ (Евр. 9:22). Сепак, иако крвта од животинските жртви имала одредена вредност, таа само ги потсетувала Израелците дека се грешници и дека е потребна поголема жртва за потполно да им бидат избришани гревовите. Всушност, во Законот наоѓаме „само сенка на идните благослови, а не самите благослови“ (Евр. 10:1-4). Тогаш, како Јехова можел потполно да ги прости гревовите?

13. Што значи за тебе тоа што Исус му ја принел на Јехова вредноста на својата крв?

13 Прочитај Ефешаните 1:7Жртвената смрт на Исус Христос, кој спремно ‚се предал себеси за нас‘, е од огромна важност за сите што го сакаат и него и неговиот Татко (Гал. 2:20). Но, она што вистински нѐ избавува од гревовите е тоа  што Исус го направил откако умрел и воскреснал. Всушност, Денот на очистувањето за кој се зборува во Мојсеевиот закон бил претслика за она што подоцна го направил Христос. Тој ден, првосвештеникот земал малку од крвта на жртвуваните животни и ја внесувал во Светињата над светињите во светиот шатор, а подоцна во храмот на Соломон, и му ја принесувал на Бог (3. Мој. 16:11-15). На сличен начин, Исус влегол во самото небо каде што му ја принел на Јехова вредноста на својата пролеана крв (Евр. 9:6, 7, 11-14, 24-28). Зарем не сме благодарни што може да добиеме простување на гревовите и да имаме чиста совест затоа што покажуваме вера во крвта на Исус?

14, 15. Зошто е важно да го разбереме Јеховиниот закон за крвта и да му бидеме послушни?

14 Дали сега сфаќаш зошто Јехова ни заповеда да не јадеме никаква крв? (3. Мој. 17:10). Дали разбираш зошто тој ја смета крвта за света? Крвта го претставува животот (1. Мој. 9:4). Дали се согласуваш дека треба да го прифатиме Божјето гледиште и да бидеме послушни на неговата заповед да се воздржуваме од крв? Можеме да бидеме во мир со Бог само ако имаме вера во откупната жртва на Исус и ако сфаќаме дека крвта е скапоцена за нашиот Творец (Кол. 1:19, 20).

15 Секој од нас би можел ненадејно да се најде пред избор дали ќе прифати трансфузија на крв, крвни фракции или медицински постапки во кои е вклучена крв. Затоа, многу е важно да се молиме и однапред да истражуваме за да се подготвиме за некој непредвиден итен случај. Тоа ќе ни помогне да заземеме цврст став и да не ја прекршиме Божјата заповед за крвта. Во никој случај не би сакале да го разжалостиме Јехова со тоа што би прифатиле нешто што неговата Реч го осудува! Денес, многу лекари и други лица ги поттикнуваат луѓето да бидат крводарители за да спасат нечиј живот. Но, Јеховиниот свет народ сфаќа дека само Творецот има право да каже како смее да се користи крвта. За Бог, секоја крв е света. Мора да бидеме решени да го послушаме неговиот закон за крвта. Всушност, со нашето свето однесување, му покажуваме колку многу ја цениме крвта што ја пролеал Исус — единствената крв преку која можат да ни бидат простени гревовите и да добиеме вечен живот (Јован 3:16).

Дали си решен да бидеш послушен на Јеховиниот закон за крвта? (Види во пасуси 14-15)

ЗОШТО ЈЕХОВА ОЧЕКУВА ДА БИДЕМЕ СВЕТИ

16. Зошто Јеховиниот народ мора да биде свет?

16 Кога ги избавил Израелците од египетското ропство, Бог им рекол: „Јас сум Јехова, јас ве изведувам од египетската земја за да ви бидам Бог. Бидете свети, зашто јас сум свет!“ (3. Мој. 11:45). Јехова очекувал од Израелците да бидат свети затоа што самиот Тој е свет. Како Јеховини сведоци, и ние мора да бидеме свети. Ова многу јасно се гледа од библиската книга 3. Мојсеева.

17. Што мислиш сега за библиската книга 3. Мојсеева?

17 Сигурно извлече поука од мислите што ги разгледавме од 3. Мојсеева. Најверојатно ова проучување ти помогна уште повеќе да ја цениш оваа библиска книга и да разбереш зошто Јехова очекува од нас да бидеме свети. Но, кои други бесценети духовни бисери ги содржи овој дел од Божјата Реч? Како оваа библиска книга може да ни помогне да му служиме на Бог на чист и прифатлив начин? Ова ќе го разгледаме во следната статија.