Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Сега сте Божји народ“

„Сега сте Божји народ“

„Некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ“ (1. ПЕТ. 2:10)

1, 2. До каква промена дошло на Педесетница 33 год. од н.е., и кои станале членови на Јеховиниот нов народ? (Види ја сликата погоре.)

ПРАЗНИКОТ Педесетница 33 год. од н.е. бил пресвртница во историјата на Јеховиниот народ на Земјата. Тогаш дошло до една значајна промена. Тој ден, Бог создал еден нов народ — „Израелот Божји“, односно духовниот Израел (Гал. 6:16). Тој го употребил својот свет дух за да избере поединци кои станале членови на овој народ. Павле напишал дека оние што биле дел од духовниот Израел не требало да бидат обрежани како потомците на Авраам. Наместо тоа, нивното обрежување било „обрежување на срцето по дух“ (Рим. 2:29).

2 Првите членови на Божјиот нов народ биле апостолите и повеќе од стотина други Христови ученици кои се собрале во една горна соба во Ерусалим (Дела 1:12-15). Бог го излеал својот свет дух врз нив, и на тој начин ги усвоил како свои синови (Рим. 8:15, 16; 2. Кор. 1:21). Ова било доказ дека Јехова ја прифатил вредноста на Христовата крв, и дека новиот сојуз стапил на сила (Лука 22:20; прочитај Евреите 9:15). Така овие ученици станале членови на Јеховиниот нов народ. Светиот дух ги оспособил да проповедаат  на разните јазици кои ги зборувале Евреите и преобратениците во еврејската вера кои тогаш биле дојдени во Ерусалим. Овие луѓе можеле да слушаат на свој јазик за „величествените Божји дела“ кои ги објавувале христијаните помазани со дух (Дела 2:1-11).

НОВИОТ БОЖЈИ НАРОД

3-5. а) Што им кажал Петар на Евреите на Педесетница? б) Како новиот народ станувал сѐ поброен во првите години од своето постоење?

3 Јехова го употребил апостол Петар да им го отвори патот на Евреите и преобратениците во еврејската вера да станат членови на новиот Божји народ, односно христијанското собрание. На Педесетница, Петар смело им кажал на Евреите дека тие го приковале Исус на столб, но дека сега мора да го прифатат затоа што Бог ‚го направил и Господар и Христос‘. Кога мноштвото прашало што треба да прави, Петар одговорил: „Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за да му бидат простени гревовите, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“ (Дела 2:22, 23, 36-38). Тој ден, уште околу 3.000 луѓе станале дел од духовниот Израел (Дела 2:41). Апостолите продолжиле ревносно да проповедаат, и уште многу други ја прифатиле вистината (Дела 6:7). Новиот народ станувал сѐ поброен.

4 Подоцна апостолите на Исус почнале да им проповедаат и на Самарјаните. Мнозина од нив се крстиле, но не го примиле веднаш светиот дух. Водечкото тело во Ерусалим ги испратило Петар и Јован кај овие нови браќа и сестри во Самарија, и кога апостолите ‚положиле раце врз нив, тие примиле свет дух‘ (Дела 8:5, 6, 14-17). Така и овие Самарјани биле помазани и станале членови на духовниот Израел.

Петар му проповедал на Корнелиј и неговото домаќинство (Види во пасус 5)

5 Во 36 год. од н.е., Бог го употребил Петар да ѝ го отвори патот на уште една група луѓе да станат дел од новиот народ. Тоа се случило кога овој апостол му проповедал на римскиот стотник Корнелиј и на неговите роднини и пријатели (Дела 10:22, 24, 34, 35). Библијата вели: „Додека Петар уште зборуваше... светиот дух слезе на сите [не-Евреи] што ги слушаа тие зборови. И верните што дојдоа со Петар, а кои беа од обрежаните, беа восхитени, бидејќи дарот на светиот дух беше излеан и на незнабошците“ (Дела 10:44, 45). Оттогаш и необрежаните не-Евреи можеле да станат членови на духовниот Израел.

„НАРОД ЗА СВОЕТО ИМЕ“

6, 7. Што правеле членовите на духовниот Израел како ‚народ за Јеховиното име‘?

6 На еден состанок на водечкото тело кој се одржал во 49 год. од н.е., ученикот Јаков изјавил: „Симеон [Петар] подробно изнесе како Бог за првпат им обрна внимание на незнабошците  за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). Во овој народ што го носел Јеховиното име спаѓале и еврејски и нееврејски христијани (Рим. 11:25, 26а). Подоцна, Петар напишал: „Некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ“. Тој јасно им кажал која е нивната задача кога рекол: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите‘ на оној што ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Пет. 2:9, 10). Тие требало смело да сведочат за Јехова и да го слават како свој Севишен Владетел.

7 Исто како што било случај со родените Израелци, Јехова ги нарекол и членовите на духовниот Израел ‚народ што го создал за себе за да ја разгласува неговата фалба‘ (Иса. 43:21). Овие христијани смело објавувале дека Јехова е единствениот вистински Бог и дека сите други богови се лажни (1. Сол. 1:9). Тие сведочеле за Јехова и за Исус „во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Кол. 1:23).

8. Какво предупредување му дал апостол Павле на Божјиот народ во првиот век?

8 Павле бил бестрашен сведок за Јехова, кој смело го бранел својот Бог како единствен Севишен Владетел. Кога зборувал со паганските филозофи, тој јасно им кажал дека Јехова е ‚Богот кој го создал светот и сѐ што е на него, Господарот на небото и на земјата‘ (Дела 17:18, 23-25). При крајот на своето трето мисионерско патување, Павле ги предупредил членовите на христијанското собрание: „Јас знам дека по моето заминување меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). До крајот на првиот век, веќе имало многу отпадници (1. Јов. 2:18, 19).

9. Што се случило со Божјиот народ откако умреле апостолите?

9 По смртта на апостолите, отпадништвото се раширило низ собранијата, и водело до основање на црквите на христијанскиот свет. Наместо да бидат ‚народ за Јеховиното име‘, лажните христијани дури и го отстраниле Божјето име од многу преводи на Библијата. Тие прифатиле разни пагански обичаи и го срамотеле Бог со своите небиблиски учења, со своите таканаречени „свети војни“ и со своето неморално однесување. Со векови, Јехова имал само по неколкумина верни слуги на Земјата, но не постоела организирана група која била ‚народ за неговото име‘.

ПРЕРОДБА НА БОЖЈИОТ НАРОД

10, 11. а) Што прорекол Исус во својата споредба за пченицата и каколот? б) Како се исполнила споредбата на Исус по 1914 год.?

10 Во споредбата за пченицата и каколот, Исус прорекол дека, поради отпадништвото, ќе биде многу тешко да се препознае вистинската религија. Тој рекол дека Ѓаволот ќе посеел какол на нивата каде што Синот човечки посеал семе пченица. И двете ќе растеле заедно сѐ до „свршетокот на овој поредок“. Исус објаснил дека „доброто семе“ ги претставува „синовите на царството“, а „каколот“ ги претставува „синовите на Злобниот“. Потоа рекол дека, во времето на крајот, Синот човечки ќе ги испрати „жетварите“, односно ангелите, за да ја одвојат симболичната пченица од каколот. Потоа ќе бидат собрани синовите  на Царството (Мат. 13:24-30, 36-43). Како се исполнила оваа споредба, и како е поврзана со Јеховиниот народ на Земјата денес?

11 „Свршетокот на овој поредок“ започнал во 1914 год. Во текот на војната што избувнала таа година, неколкуте илјади помазани христијани — „синовите на царството“ — биле во духовно ропство на Големиот Вавилон. Јехова ги ослободил во 1919 год., и направил јасна разлика меѓу нив и „каколот“ — лажните христијани. Тој ги собрал „синовите на царството“ и ги организирал како народ, со што го исполнил пророштвото кое го дал преку Исаија: „Се раѓа ли земја во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш? А Сион, штом доби родилни болки, ги роди своите синови“ (Иса. 66:8). Сион, небесниот дел од Јеховината организација кој се состои од духовни суштества, во симболична смисла ‚ги родил‘ своите духовно помазани синови така што повторно ги организирал како народ на Земјата.

12. Како помазаниците покажуваат дека се ‚народ за Јеховиното име‘ денес?

12 Исто како првите христијани, денес помазаните ‚синови на царството‘ се сведоци на Јехова. (Прочитај Исаија 43:1, 10, 11.) Тие се издвојуваат како поинакви од другите луѓе со своето добро христијанско однесување и со тоа што ја проповедаат ‚добрата вест за царството за сведоштво на сите народи‘ (Мат. 24:14; Фил. 2:15). На овој начин, тие им помогнале на милиони лица да станат праведни во Јеховини очи. (Прочитај Даниел 12:3.)

„ЌЕ ОДИМЕ СО ВАС“

13, 14. Што мора да прават оние кои не се духовни Израелци за да му служат на Јехова на прифатлив начин, и како ова било проречено во Библијата?

13 Во претходната статија видовме дека, во древниот Израел, Јехова ги прифаќал туѓинците кои биле спремни да му служат заедно со неговиот народ (1. Цар. 8:41-43). Слично е и во нашево време. Оние што не се духовни Израелци мораат да му  служат на Бог заедно со денешниот негов народ, кој го сочинуваат „синовите на царството“, односно Јеховините помазани Сведоци.

14 Пророците претскажале уште многу одамна дека мнозина ќе му служат на Јехова заедно со неговиот народ во ова време на крајот. На пример, Исаија прорекол: „Многу народи ќе одат, велејќи: ‚Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора, во домот на Богот Јаковов! Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки‘. Зашто, од Сион ќе излезе закон, и од Ерусалим Јеховината реч“ (Иса. 2:2, 3). И пророкот Захарија претскажал дека ‚многу племиња и моќни народи ќе доаѓаат во Ерусалим за да го бараат Јехова над војските и за да го смилостиват лицето Јеховино‘. Во ова пророштво, овие поединци се претставени со „десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“. Захарија прорекол дека, во симболична смисла, тие ќе ги фатат за скут духовните Израелци, велејќи: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Зах. 8:20-23).

15. Во која смисла ‚другите овци‘ ‚одат‘ заедно со духовните Израелци?

15 ‚Другите овци‘ ‚одат‘ со духовните Израелци во таа смисла што ја проповедаат добрата вест за Царството (Мар. 13:10). Тие стануваат дел од Божјиот народ, односно стануваат „едно стадо“ со помазаниците под водство на „добриот пастир“, Исус Христос. (Прочитај Јован 10:14-16.)

НАЈДИ ЗАШТИТА КАЈ ЈЕХОВИНИОТ НАРОД

16. Како ќе започне Армагедон?

16 По уништувањето на Големиот Вавилон, ќе има сеопшт напад врз Јеховиниот народ. Тогаш ќе ни биде неопходна Божјата заштита за да преживееме. Во времето што го одредил, Јехова ќе влијае врз настаните на Земјата за да го намами Гог да го нападне неговиот народ „што е собран од другите народи“. Овој напад ќе го означи почетокот на Армагедон, последната фаза од ‚големата неволја‘ (Езек. 38:2-4, 10-12; Мат. 24:21). Кога непријателите ќе се кренат против Божјите слуги, Јехова веднаш ќе се вмеша за да ги спаси и да изврши суд над Гог и неговите војски. Бог на величествен начин ќе докаже дека е Севишен Владетел и ќе го посвети своето име, бидејќи самиот рекол: „Ќе се објавам пред очите на многу народи, и тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езек. 38:18-23).

Во ‚големата неволја‘, треба да останеме тесно поврзани со нашето собрание (Види во пасуси 16-18)

17, 18. а) Какви упатства ќе добие Божјиот народ кога Гог ќе тргне во напад? б) Што мора да правиме ако сакаме Јехова да нѐ заштити?

17 Кога Гог ќе тргне во напад, Јехова ќе им каже на своите слуги: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Во тој клучен момент, Јехова ќе ни даде животоспасувачки упатства, а ‚собите‘ најверојатно се поврзани со нашите локални собранија.

18 Затоа, ако сакаме Јехова да нѐ заштити во големата неволја, мора да признаеме дека тој има свој народ на Земјата кој е организиран во собранија. Мора и понатаму да бидеме заедно со Божјиот народ и да останеме тесно поврзани со нашето собрание. Исто како псалмистот, и ние да објавуваме со сета душа: „Спасението е од Јехова. Твојот благослов нека биде над народот твој“ (Пс. 3:8).