Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Воскресението на Исус — од какво значење е тоа за нас?

Воскресението на Исус — од какво значење е тоа за нас?

„[Исус] воскресна“ (МАТ. 28:6)

1, 2. а) Што сакале да знаат некои верски водачи, и како им одговорил Петар? (Види ја сликата погоре.) б) Зошто Петар покажал храброст кога се соочил со верските водачи?

НЕКОЛКУ седмици по смртта на Исус, апостол Петар се нашол лице в лице со една група гневни и непријателски настроени луѓе — влијателните еврејски верски водачи. Тоа биле истите оние што сковале завера да го убијат Исус. Тие биле бесни затоа што Петар излекувал еден човек кој бил сакат од раѓање, и сакале да знаат во чие име го направил тоа. Овој апостол храбро им одговорил: „Во името на Исус Христос Назареќанецот, кого вие го приковавте на столб, а кого Бог го подигна од мртвите, преку него овој човек стои здрав овде пред вас!“ (Дела 4:5-10).

2 Некое време пред тоа, Петар од страв трипати се одрекол од Исус (Мар. 14:66-72). Но сега, кога се соочил со верските водачи, тој покажал голема храброст. На што се должело тоа? Освен што добил помош од светиот дух, Петар бил цврсто уверен дека Исус воскреснал. Што го уверило дека неговиот Господар навистина е жив? Зошто и ние можеме да бидеме сигурни во тоа?

3, 4. а) Кои воскресенија се случиле пред да се родат апостолите на Исус? б) Кои се оние што ги воскреснал Исус?

3 Апостолите знаеле дека мртвите можат да бидат  вратени во живот. Тоа не било ништо ново за нив бидејќи имало воскресенија уште пред тие да се родат. Им било познато дека Бог им дал моќ на пророците Илија и Елисеј да направат такви чуда (1. Цар. 17:17-24; 2. Цар. 4:32-37). Всушност, еден мртовец кој бил фрлен во гробот на Елисеј оживеал кога неговото тело ги допрело коските на овој пророк! (2. Цар. 13:20, 21). Првите христијани верувале во тие извештаи од светите списи, исто како што и ние веруваме дека Божјата Реч е вистинита.

4 Веројатно сите сме трогнати кога ги читаме извештаите за воскресенијата кои ги извршил Исус. Замисли си како се чувствувала вдовицата од Наин кога тој го вратил во живот нејзиниот син единец. Таа сигурно не можела да си дојде при себе од радост! (Лука 7:11-15). Во друга прилика, Исус воскреснал 12-годишно девојче. Родителите, кои пред тоа биле скршени од болка, ги обзела неизмерна радост кога нивната ќерка била вратена во живот! (Лука 8:49-56). Замисли си колку биле вчудовидени и восхитени и оние што го виделе Лазар како излегува жив и здрав од гробот во кој бил положен! (Јован 11:38-44).

ЗОШТО ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ИСУС БИЛО ПОИНАКВО ОД СИТЕ ДРУГИ

5. Во која смисла воскресението на Исус се разликувало од сите други воскресенија пред тоа?

5 Апостолите знаеле дека воскресението на Исус се разликува од сите други воскресенија. Оние што воскреснале пред тоа, биле вратени во живот како луѓе од крв и месо, и подоцна повторно умреле. Но, Христос бил воскреснат во неуништливо, односно бесмртно духовно тело. (Прочитај Дела 13:34.) Петар напишал дека Исус ‚бил убиен во тело, но бил оживеан во духот‘. Освен тоа, ‚тој е од десната страна на Бог бидејќи отишол на небото, и нему му се подложени ангелите и властите и силите‘ (1. Пет. 3:18-22). Иако и претходните воскресенија биле неверојатни, воскресението на Исус било чудо над чудата!

6. Како воскресението на Исус влијаело врз неговите ученици?

6 Воскресението на Исус оставило неизбришлив впечаток врз неговите ученици. Тој повеќе не бил мртов, како што си мислеле неговите непријатели. Исус бил жив како моќна духовна личност на која повеќе ниту еден човек не можел да ѝ наштети. Неговото воскресение било доказ дека тој е Божји Син. Кога учениците се увериле во тоа, нивната неопислива тага се претворила во неизмерна радост, а нивниот страв бил заменет со храброст. Воскресението на Исус имало клучна улога во Јеховината намера, и тоа е тесно поврзано со добрата вест која христијаните ја проповедале насекаде.

7. Што прави Исус денес, и кои прашања се поставуваат?

7 Како слуги на Јехова, ние добро знаеме дека Исус не бил само голем човек. Тој е жив денес и го надгледува проповедничкото дело кое се извршува низ целиот свет. Како Цар на Божјето небесно Царство, Исус Христос наскоро ќе го отстрани сето зло од Земјата и ќе ја претвори нашата планета во рај каде што луѓето ќе живеат засекогаш (Лука 23:43). Ништо од ова не би било возможно ако Исус не воскреснал. Но, зошто можеме ние да бидеме уверени дека тој бил подигнат од мртвите? И, од какво значење е неговото воскресение за нас?

ЈЕХОВА ПОКАЖУВА ДЕКА ИМА МОЌ НАД СМРТТА

8, 9. а) Зошто еврејските верски водачи побарале од Пилат да постави стража на гробот на Исус? б) Што се случило кога жените дошле на гробот?

8 Откако Исус бил погубен, главните свештеници и фарисеите отишле  кај Пилат, и му рекле: „Господине, се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ‚По три дена ќе воскреснам‘. Затоа заповедај гробот да биде обезбеден до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: ‚Стана од мртвите!‘ Така, таа последна измама ќе биде полоша од првата“. Тогаш Пилат им рекол: „Имате стража! Одете и обезбедете го како што знаете“. Тие го сториле токму тоа (Мат. 27:62-66).

9 Телото на Исус било ставено во гроб кој бил издлабен во карпа и затворен со голем камен. Еврејските верски водачи сакале тој да остане таму засекогаш. Но, тоа воопшто не било Јеховина намера. Кога Марија Магдалена и другата Марија дошле на гробот на третиот ден, тие виделе дека каменот е отркалан од отворот и дека еден ангел седи на него. Тој им кажал да погледнат внатре и самите да се уверат дека Исус не е таму. А потоа рекол: „Не е овде, бидејќи воскресна“ (Мат. 28:1-6). Исус бил жив!

10. Кои докази ги навел Павле за тоа дека Исус воскреснал?

10 Она што се случувало во следните 40 дена не оставило место за никаков сомнеж дека Исус воскреснал. Апостол Павле накратко им ги опишал на Коринќаните настаните што се случиле во тие денови. Тој им рекол: „Една од најважните поуки што ги примив и ви ги предадов вам е оваа: Христос умре за нашите гревови, како што пишува во Писмата; беше погребан и воскресна на третиот ден, како што пишува во Писмата; му се појави на Кифа, а потоа на дванаесеттемина. Потоа им се појави на браќата, кои заедно беа повеќе од петстотини. Повеќето од нив се живи, а некои умреа. Потоа му се појави на Јаков, а потоа на сите апостоли. А по сите најпосле ми се појави и мене, што ми беше како предвреме да сум се родил“ (1. Кор. 15:3-8).

ОД КАДЕ ЗНАЕМЕ ДЕКА ИСУС ВОСКРЕСНАЛ

11. Во која смисла Исус воскреснал „како што пишува во Писмата“?

11 Прво, знаеме дека Исус воскреснал бидејќи тоа било ‚запишано во Писмата‘. Христовото воскресение било проречено во Божјата Реч. На пример, Давид напишал дека Божјиот „лојален слуга“ нема да биде оставен во гробот. (Прочитај Псалм 16:10.) На Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар објаснил дека овој стих пророчки укажувал на Исус. Тој рекол: „[Давид] однапред го виде и го навести Христовото воскресение, дека нема да биде оставен во гробот, ниту неговото тело ќе види распаѓање“ (Дела 2:23-27, 31).

12. Кој го видел воскреснатиот Исус?

12 Второ, знаеме дека Исус бил вратен во живот затоа што многумина го виделе откако воскреснал. Во текот на 40 дена, воскреснатиот Исус им се појавувал во многу прилики на своите ученици. На пример, им се појавил во градината каде што бил гробот, како и на патот за Емаус, а и на други места (Лука 24:13-15). Во тие пригоди зборувал со поединци, меѓу кои бил и Петар, или, пак, со повеќе луѓе. Всушност, еднаш тој му се појавил на мноштво кое броело повеќе од 500 души! Зарем некој може да го оспори сведоштвото на толку многу очевидци?

13. Како ревноста на Христовите ученици покажува дека биле сигурни оти нивниот Господар воскреснал?

13 Трето, знаеме дека Исус бил подигнат од мртвите затоа што неговите ученици ревносно го објавувале неговото воскресение. Поради тоа трпеле прогонство, страдање, а некои дури биле и убиени. Ако Исус  не воскреснал — односно, ако тоа било чиста измама — зарем Петар би си го ризикувал животот да им зборува за Христовото воскресение на верските водачи, кои го мразеле Исус и сковале завера да го убијат? Петар и другите ученици биле уверени дека Исус е жив и дека го води проповедничкото дело. Освен тоа, Христовото воскресение било гаранција дека и самите ќе бидат вратени во живот. На пример, Стефан умрел цврсто уверен дека ќе има воскресение на мртвите (Дела 7:55-60).

14. Зошто веруваш дека Исус е жив?

14 Четврто, знаеме дека Исус воскреснал затоа што имаме докази дека тој сега владее како Цар, и дека е Глава на христијанското собрание. Како резултат на тоа, бројот на вистинските христијани постојано расте. Дали ова би било случај доколку Исус не бил вратен од мртвите? Всушност, ако тој не воскреснал, воопшто не би ни чуле за него! Но, ние имаме добри причини да веруваме дека Исус е жив и дека сега нѐ води додека ја проповедаме добрата вест низ целиот свет.

ОД КАКВО ЗНАЧЕЊЕ Е ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ИСУС ЗА НАС

15. Зошто воскресението на Исус ни дава храброст да проповедаме?

15 Воскресението на Христос ни дава храброст да проповедаме. Веќе 2.000 години, Божјите непријатели користат секакво оружје за да го спречат ширењето на добрата вест — отпадништво, исмевање, насилни толпи, забрани, малтретирање и погубување. Сепак, ништо — ‚никакво оружје направено против нас‘ — не може да нѐ спречи да проповедаме за Царството и да им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос (Иса. 54:17). Ние не се плашиме од оние што му служат на Сатана. Исус е со нас и тој ни помага, токму како што ветил (Мат. 28:20). Затоа, може да бидеме уверени дека, колку и да се обидуваат, нашите непријатели никогаш нема да нѐ замолкнат!

Воскресението на Исус ни дава храброст да проповедаме (Види во пасус 15)

16, 17. а) Како воскресението ни потврдува дека сето она за кое поучувал Исус е вистина? б) Според Јован 11:25, каква моќ му дал Бог на Исус?

16 Воскресението на Исус потврдува дека сѐ што поучувал е вистина. Еден библиски изучувач напишал дека, ако Христос не станал од мртвите, тогаш христијаните се глупави луѓе кои веруваат во една голема лага. А Павле напишал дека, во тој случај, нашата вера и нашето проповедање би биле залудни. Всушност, тогаш евангелијата би биле само една тажна приказна за еден добар и мудар човек кој бил убиен од своите непријатели. Но, Христос навистина воскреснал, и со тоа потврдил дека сѐ што поучувал е вистина, вклучувајќи го и она што го кажал за иднината. (Прочитај 1. Коринќаните 15:14, 15, 20.)

17 Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 11:25). Ова впечатливо ветување сигурно ќе се исполни. Јехова му дал на својот Син моќ да ги подигне од мртвите не само оние што ќе бидат воскреснати за живот на небото, туку и милијардите луѓе кои ќе имаат можност да живеат вечно на Земјата. Откупната жртва и воскресението на Исус се потврда дека смртта ќе биде уништена засекогаш. Ова сигурно ни влева сила да ја издржиме секоја неволја, па дури и храбро да се соочиме со смртта.

18. Во што нѐ уверува воскресението на Исус?

18 Воскресението на Исус нѐ уверува дека Јехова ќе им суди на жителите  на Земјата според своите праведни мерила. Павле им го кажал следново на една група мажи и жени во древната Атина: „[Бог] науми да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одреди за тоа, а сето тоа го потврди пред сите луѓе така што го воскресна од мртвите“ (Дела 17:31). Исус е Судијата кој е поставен од Бог, и затоа можеме да бидеме сигурни дека неговиот суд ќе биде праведен и полн со љубов. (Прочитај Исаија 11:2-4.)

19. Како влијае врз нас верата во воскресението на Исус?

19 Верата во воскресението на Исус нѐ поттикнува да ја вршиме Божјата волја. Ако Исус не умрел како жртва за нас и ако не воскреснел, сѐ уште ќе сме биле под ропството на гревот и смртта (Рим. 5:12; 6:23). Ако не бил подигнат од мртвите, би можеле да си речеме: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Кор. 15:32). Но, нам задоволствата не ни се најважното нешто во животот. Наместо тоа, ја цениме надежта за воскресение и секогаш сме спремни да го слушаме Јехова.

20. Во која смисла воскресението на Исус е доказ за тоа колку е величествен Бог?

20 Воскресението на Исус е доказ за тоа колку е величествен Јехова, кој „ги наградува оние што ревносно го бараат“. Јехова употребил огромна моќ и мудрост за да го воскресне Исус како бесмртно суштество на небото. Со тоа покажал дека може да ги исполни сите свои ветувања. Јехова ветил дека едно посебно „потомство“ ќе одигра главна улога во спорното прашање поврзано со Неговото право да биде Севишен Владетел. За да се исполни ова ветување, Исус требало да умре и да биде вратен во живот (1. Мој. 3:15).

21. Од какво значење е надежта за воскресение за тебе?

21 Зарем не си му благодарен на Јехова што ни ја дал надежта за воскресение? Библијата ни го дава следново уверување: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“. Ова прекрасно ветување му било дадено на верниот апостол Јован, а потоа му било кажано: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!“ А кој му го дал ова откровение на Јован? Се разбира, воскреснатиот Исус Христос! (Отк. 1:1; 21:3-5).