Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали некогаш треба да се премислиш?

Дали некогаш треба да се премислиш?

ГРУПА млади христијани одлучуваат да појдат на кино за да гледаат еден филм. Нивните соученици рекле дека филмот е многу добар. Но, кога влегуваат во киното, младите Сведоци гледаат дека на постерите за филмот се прикажани страшни воини и разголени девојки. Што ќе сторат? Дали сепак ќе одлучат да го гледаат филмот?

Овој пример покажува дека секој ден треба да донесуваме одлуки со кои можеме или да го зацврстиме или да го нарушиме нашиот однос со Јехова. Сигурно и тебе ти се случило да одлучиш да направиш нешто, но кога подлабоко си размислил, си се премислил и си решил да постапиш поинаку. Дали тоа значи дека си неодлучен или едноставно си го направил она што било подобро?

Кога не е во ред да се премислиш

Љубовта кон Јехова нѐ поттикнала да му се заветуваме и да се крстиме. Ние од дното на душата сакаме да му останеме верни. Но, нашиот непријател, Сатана Ѓаволот, е решен да ја скрши нашата беспрекорност (Отк. 12:17). Колку би било жално да му дозволиме да успее во тоа и да нѐ наведе да се премислиме така што ќе престанеме да ги држиме Божјите заповеди! Тоа би можеле да го платиме со живот.

Пред повеќе од 26 века, вавилонскиот цар Навуходоносор поставил еден огромен златен кип и им заповедал на сите да му се поклонат на кипот во чин на обожавање. Секој што ќе одбиел да го стори тоа, ќе бил фрлен во вжарена печка. Седрах, Мисах и Авденаго — три момчиња кои му служеле на Јехова — не сакале да го разочараат својот Бог. Затоа одбиле да го послушаат царот, и биле фрлени во печката. Иако Јехова направил чудо за да ги спаси, тие покажале дека попрво би умреле отколку  да му бидат непослушни на Бог (Дан. 3:1-27).

Подоцна и пророкот Даниел се соочил со сличен испит на верата. Тој не престанал да му се моли на Бог по трипати на ден, иако знаел дека поради тоа може да биде фрлен во лавовска јама. Бил одлучен да не попушти во својата решеност да го обожава вистинскиот Бог. Како резултат на тоа, Јехова го избавил „од лавовските шепи“ (Дан. 6:1-27).

И денешните слуги на Јехова се цврсто решени да го одржат заветот што му го дале. Група ученици во Африка, кои се Јеховини сведоци, одбиле да го поздрават државното знаме во една училишна церемонија. Поради тоа им се заканувала опасност да бидат исфрлени од училиштето. Кратко потоа, министерот за образование дошол во посета на нивниот град и имал можност да разговара со некои од нив. Овие млади Сведоци му го објасниле својот став на љубезен, но бестрашен начин. Оттогаш проблемот бил решен. Сега младите браќа и сестри можат да одат на училиште без да се плашат дека некој ќе ги тера да ги прекршат Божјите закони.

Да го разгледаме и примерот на Јосиф, чија жена се разболела од рак и кратко потоа починала. Семејството од страната на Јосиф ги почитувало неговите желби во врска со погребот. Но, роднините на неговата сопруга не се Јеховини сведоци. Тие сакале да прават одредени обреди, меѓу кои имало и такви што не му се угодни на Бог. Јосиф вели: „Кога видоа дека нема да попуштам, се обидоа да влијаат врз моите деца. Но, и тие не подлегнаа на притисокот. Освен тоа, роднините настојуваа ноќта пред закопот да има и бдеење. Им реков дека не доаѓа предвид да прават такво нешто во мојот дом. Тие знаеја дека бдеењето над мртвите не е во склад со моите верувања ниту во склад со верувањата на мојата сопруга. По долга дискусија, одлучија да го направат овој обичај на друго место.

Во тој тежок период, постојано го преколнував Јехова да ни даде сила за да не ги прекршиме неговите закони. Тој ги слушна моите молитви и ни помогна да останеме цврсти и покрај притисоците“. Јосиф и неговите деца ни за миг не помислиле да ја променат својата одлука и да му бидат непослушни на Јехова.

Кога можеби е во ред да се премислиш

Недолго по Пасхата во 32 год. од н.е., една Сирофеничанка му пристапила на Исус Христос во близина на Сидон. Таа без престан го молела да го истера демонот од нејзината ќерка. Во почетокот, Исус не ѝ одговорил ниту збор. Тој им рекол на учениците: „Не сум испратен кај никој друг, освен кај загубените овци на домот Израелов“. Но, кога таа продолжила да го моли, Исус ѝ рекол: „Не е исправно да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата“. Изразувајќи силна вера, оваа жена му одговорила: „Да, Господару, но кученцата сепак јадат од трошките што паѓаат од масата на нивните господари“. Кога го чул тоа, Исус попуштил на нејзините молби и ја излекувал ќерка ѝ (Мат. 15:21-28).

На тој начин постапил исто како Јехова покажувајќи спремност да направи промена кога околностите го дозволувале тоа. На пример, Бог сакал да ги уништи Израелците кога направиле златно теле. Но, бидејќи Мојсеј го молел за нив, Јехова ја сменил својата одлука и не го сторил тоа (2. Мој. 32:7-14).

Апостол Павле го следел примерот на Јехова и на Исус. Некое време тој сметал дека не е во ред да го земаат Јован Марко на мисионерските патувања, бидејќи Марко ги оставил Павле и Варнава во текот на првото патување. Но, подоцна Павле очигледно сфатил дека овој млад човек созреал и дека ќе му биде од голема помош. Затоа му напишал  на Тимотеј: „Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е корисен за службата“ (2. Тим. 4:11).

Што учиме од сето ова? Иако е совршен, Јехова е спремен да се премисли затоа што е милостив, стрплив и полн со љубов. Ние не сме совршени, и поради тоа не гледаме секогаш исправно на работите. Затоа имаме уште повеќе причини да се премислиме во некои ситуации. На пример, би можеле да го смениме нашето мислење за другите ако подобро ги разбереме нивните околности.

Можеби понекогаш ќе треба да направиме промени во размислувањето кога станува збор за теократски цели. Некои што ја проучуваат Библијата и кои одат на состаноци одложуваат да се крстат. Други, пак, се во можност да бидат пионери, но се колебаат да ја зголемат својата служба. Освен тоа, некои браќа не се спремни да се стават на располагање да вршат повеќе одговорности во собранието (1. Тим. 3:1). Дали некоја од овие работи важи и за тебе? Тогаш, зарем не би било мудро да го промениш својот став? Јехова од срце те поканува да ги направиш потребните чекори и да бидеш среќен служејќи му нему и на другите.

Понекогаш е мудро да се премислиш

Во врска со својата служба во една подружница на Јеховините сведоци во Африка, Ела вели: „Кога дојдов во Бетел, не знаев дали ќе останам долго. Имав желба да му служам на Јехова со сета душа, но бев многу приврзана за семејството. Во почетокот многу ми недостигаше! Сепак, мојата цимерка ме охрабри да останам, и решив да ја послушам. Сега, десет години откако сум во Бетел, сакам да останам овде и што е можно подолго да им служам на моите браќа и сестри“.

 Кога мора да се премислиш

Дали се сеќаваш што му се случило на Каин затоа што бил љубоморен на брат му и се разгневил на него? Бог видел дека тој има намера да направи нешто лошо, и го предупредил да се промени за да ја стекне Неговата милост. Јехова го советувал да го надвладее гревот кој ,демнел на вратата‘. Каин можел да се премисли и да си го смени ставот, но избрал да не обрне внимание на Божјиот совет. За жал, тој го убил својот брат (1. Мој. 4:2-8).

Што ќе се случело ако Каин го сменел својот став?

Да го разгледаме и примерот на цар Озија. Во почетокот, тој имал добар однос со Јехова и постојано го правел она што е исправно во Божји очи. За жал, подоцна Озија се возгордеал и дрско влегол во храмот за да запали темјан, иако не бил свештеник. Кога свештениците го предупредиле да не го прави тоа, тој не ги послушал. Напротив, ,се разгневил‘, и затоа Јехова го удрил со лепра (2. Лет. 26:3-5, 16-20).

Значи, понекогаш мора да се премислиме и да постапиме поинаку. Еден пример од нашево време е Јоаким, кој се крстил во 1955 год., но бил исклучен во 1978 год. Повеќе од 20 години подоцна, тој го променил својот став, покажал дека се кае и повторно станал дел од христијанското собрание. Неодамна, кога еден старешина го прашал зошто чекал толку долго да подаде молба за да биде примен назад, тој одговорил: „Бев и гневен и горд. Но, навистина ми е жал што чекав толку долго. За сето време додека бев исклучен, знаев дека Јеховините сведоци ја имаат вистината“.

Можеби понекогаш и ние ќе мора да ги промениме нашите одлуки и постапки. Ако сме спремни да го сториме тоа, ќе го радуваме Јехова (Пс. 34:8).