Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова го води меѓународното проповедничко дело

Јехова го води меѓународното проповедничко дело

„Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (ИСА. 48:17)

1. Зошто на христијаните во нашево време не им е лесно да проповедаат?

ИСТРАЖУВАЧИТЕ на Библијата * кои живееле на крајот на 19 и почетокот на 20 век се соочиле со многу препреки. Слично на христијаните во првиот век, тие проповедале порака која не наишла на добар одѕив кај повеќето луѓе. Освен тоа, биле малку на број, а светот општо земено ги сметал за необразовани. Подоцна, кога Сатана бил исфрлен на Земјата, тие станале мета на прогонство (Отк. 12:12). Оттогаш наваму, Божјиот народ проповеда во „особено тешки времиња“, период кој Библијата го нарекува „последните денови“ (2. Тим. 3:1).

2. Како Јехова ни помага да проповедаме во нашево време?

2 Но, Јехова им помага на своите слуги. Тој сака да ја проповедаат добрата вест по целата Земја, и нема да дозволи ништо да го спречи тоа дело. Исто како што го извел древниот израелски народ од Вавилон, Јехова ги избавил и своите денешни слуги од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија (Отк. 18:1-4). Тој нѐ учи за наше добро, ни дава мир и ни помага да ги поучуваме другите за Него. (Прочитај Исаија 48:16-18.) Сепак, тоа што Јехова го води нашето дело не значи дека тој секогаш влијае врз настаните во светот за да ни помага да ја објавуваме добрата вест. Иако некои работи што се случуваат ни го олеснуваат проповедањето, ние сѐ уште се соочуваме со прогонство и со многу други проблеми во Сатановиот свет. Само со Јеховина помош можеме да издржиме и истрајно да го вршиме делото што ни го доверил (Иса. 41:13; 1. Јов. 5:19).

3. Како се исполнило пророштвото на Даниел?

3 Под водство на светиот дух, пророкот Даниел претскажал дека во времето на крајот „вистинското знаење ќе се умножи“. (Прочитај Даниел 12:4.) Јехова им помогнал на Истражувачите на Библијата да ги разберат основните библиски вистини и да ги отфрлат лажните учења на христијанскиот свет. Денес неговиот народ им го пренесува тоа знаење на сите луѓе. Ова јасно покажува дека пророштвото на Даниел се исполнува во нашево време. Речиси 8 милиони лица ја прифатиле библиската вистина и ја разгласуваат по целата Земјина топка. Кои се некои работи што му помагаат на Јеховиниот народ да проповеда низ целиот свет?

ПРЕВЕДУВАЊЕ НА БИБЛИЈАТА

4. На колку јазици била преведена Библијата до крајот на 19 век?

4 Една работа што денес ни помага да ја објавуваме добрата вест е тоа што Библијата им е достапна на многу луѓе. Свештениците на христијанскиот свет со векови им забранувале на луѓето да ја читаат Божјата Реч, па дури и убиле некои од оние што ја преведувале. Но, во текот на 19 век, библиските друштва го превеле или отпечатиле Светото писмо на околу 400 јазици. До крајот на тој век, многумина веќе имале своја Библија. Сепак, сѐ уште не ги разбирале библиските учења.

5. Што направиле Јеховините сведоци во врска со преведувањето на Библијата?

5 Истражувачите на Библијата знаеле дека мора да проповедаат, и затоа неуморно ги поучувале другите за вистините од Божјата Реч. Освен тоа, Јеховините слуги користеле и разделиле различни преводи на Библијата. Од 1950 год. наваму, тие го отпечатиле Светото писмо — превод Нов свет, во целост или делумно, на повеќе од 120 јазици. Во 2013 год., го објавија ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет, кое може полесно да се преведува. Кога користиме Библија која луѓето лесно можат да ја читаат и да ја разберат, можеме подобро да ги поучуваме за вистината.

ПЕРИОД НА МИР

6, 7. а) Какви воени судири имало во последните сто години? б) Како периодот на мир во некои земји ни помогнал да ја проповедаме добрата вест?

6 Во изминатите 100 години имало многу воени судири, меѓу кои биле и двете светски војни. Во нив загинале милиони луѓе. Тогаш, во која смисла може да се каже дека мирот му помогнал на Јеховиниот народ да проповеда? Во 1942 год., додека беснеела Втората светска војна, Натан Нор, кој тогаш предводел во меѓународното дело на Јеховините сведоци, одржал говор со наслов „Мир — може ли да потрае?“ Во овој говор биле изнесени докази од Откровение поглавје 17 дека таа војна нема да води до Армагедон, туку ќе биде проследена со период на мир (Отк. 17:3, 11).

7 Се разбира, ова не значело дека по оваа светска војна насекаде ќе завладее мир. Според еден извештај, меѓу 1946 и 2013 год., во светот имало повеќе од 330 воени судири во кои животот го изгубиле милиони лица. Но, во тие децении, во многу земји имало релативен мир и тоа им помогнало на Јеховините слуги да ја проповедаат добрата вест. Каков бил резултатот? Во 1944 год., во целиот свет имало помалку од 110.000 објавители на Царството, а денес има околу 8 милиони! (Прочитај Исаија 60:22.) Зарем не сме благодарни што можеме да го користиме овој период на мир за да им проповедаме на што е можно повеќе луѓе?

ПОДОБРУВАЊА ВО ТРАНСПОРТОТ

8, 9. Какви подобрувања имало во транспортот, и како тоа ни помага да го извршуваме делото?

8 Кога Јеховините слуги почнале да проповедаат во САД, не им било лесно да патуваат. Во 1900 год. — околу 20 години откако излегло првото издание на Стражарска кула — во таа земја имало само околу 8.000 автомобили и неколку добри патишта. Но, денес во светот има над една и пол милијарда регистрирани возила, и во повеќето места има голем број добри патишта. Благодарение на тоа, можеме да им проповедаме и на луѓето кои живеат во далечни и зафрлени подрачја. Сепак, дури и да живееме на места каде што нема соодветен превоз и поради тоа мора да пешачиме со километри, ние даваме сѐ од себе за да ја пренесуваме добрата вест (Мат. 28:19, 20).

9 За да достави Библии и библиска литература до браќата и сестрите кои живеат во изолирани подрачја, Божјата организација користи и други видови транспорт, како што се камиони, бродови и возови. Покраинските надгледници, членовите на Одборите на подружниците, мисионерите и други патуваат со авион за да држат говори на конгреси или да им помагаат на собранијата. Освен тоа, членовите на Водечкото тело и други браќа од нашето главно седиште летаат со авион до многу земји за да ги охрабрат и поучат соверниците. Сето ова придонесува за единството на Јеховиниот народ (Пс. 133:1-3).

ЈАЗИК И ПРЕВОД

10. Зошто може да се каже дека англискиот е меѓународен јазик?

10 Во првиот век од н.е., многу луѓе во Римското Царство зборувале грчки. Денес, во многу земји во светот се зборува англискиот јазик. Всушност, во една книга се вели дека околу една четвртина од светското население зборува или разбира англиски (English as a Global Language). Многумина учат англиски затоа што се користи како меѓународен јазик за комуникација во деловниот свет, како и во политиката, науката и технологијата.

11. Како англискиот јазик влијаел врз делото што го врши Јеховиниот народ?

11 Раширеното користење на англискиот јазик помогнало да ја објавуваме добрата вест. Со години, Стражарска кула и други библиски публикации најпрво излегувале на англиски. Овој јазик се користи и во главното седиште на Јеховините сведоци. Освен тоа, теократските школи во Образовниот центар Патерсон (Њујорк), на кои добиваат обука браќа и сестри од разни делови на светот, исто така се одржуваат на англиски јазик.

12. На колку јазици се преведува нашата литература, и како компјутерската технологија помага во тоа?

12 Бидејќи имаме одговорност да ја проповедаме добрата вест за Царството на луѓето од сите народи, нашата литература се преведува на околу 700 јазици. Во ова многу ни помага развојот на компјутерите и компјутерските програми, како што е MEPS (повеќејазичен електронски систем за графичка обработка на текстот). Како резултат на тоа, Јеховините сведоци низ целиот свет можат да го разберат ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина и обединето да му служат на својот Бог. (Прочитај Софонија 3:9.)

ЗАКОНИ И СУДСКИ ОДЛУКИ

13, 14. Како ни помагаат законите и судските одлуки?

13 Како што видовме во претходната статија, првите христијани имале корист од римскиот закон, кој важел во целото царство. На сличен начин, и денес законите во многу земји ни помагаат да го вршиме проповедничкото дело. На пример, во САД, каде што се наоѓа нашето главно седиште, Уставот гарантира слобода на вероисповед, говор и собирање. Благодарение на тоа, браќата во таа земја можат слободно да одржуваат состаноци и да им ја пренесуваат библиската порака на другите. Но, понекогаш морале да одат на суд за законски да го одбранат правото да ја проповедаат добрата вест (Фил. 1:7). А кога судиите или поротниците во таквите судски случаи се обидувале да им го одземат ова право, тие поднесувале жалби до највисоките судови каде што честопати биле донесени пресуди во нивна корист.

14 И судовите во други земји ја поддржуваат нашата слобода на вероисповед и нашето право да проповедаме. Онаму каде што ги губиме правните битки поднесуваме жалба до меѓународните судови. На пример, до јуни 2014 год., во 57 наши случаи, Европскиот суд за човекови права донесе поволни пресуди кои мора да се почитуваат во сите земји-членки на Советот на Европа. Иако ‚сите народи нѐ мразат‘, законите во многу држави ни дозволуваат слободно да му служиме на Јехова (Мат. 24:9).

ТЕХНОЛОШКИ ПРОНАЈДОЦИ

Нашата библиска литература им е достапна на луѓето низ целиот свет

15. Каков напредок доживеала печатарската индустрија, и како тоа ни користело?

15 Напредокот во печатарската индустрија ни помогна да ја рашириме добрата вест низ целиот свет. Со векови не биле направени речиси никакви промени во начинот на печатење што го измислил Јохан Гутенберг во 1450 год. Но, во последните два века печатарството доживеа огромен напредок. Беа изработени поголеми, побрзи и посовремени печатарски машини. Освен тоа, се намалија трошоците за изработка на хартија и за подврзување книги. Беше воведено офсет печатењето кое го забрза процесот на производство и го подобри квалитетот на сликите. Како се одрази сето ова врз нашето дело? Па, размисли за следново: Првата Стражарска кула, која излезе во јули 1879 год., беше отпечатена во 6.000 примероци, без слики и само на еден јазик — англиски. Денес, 136 години подоцна, од секој број на Стражарска кула се печатат и се раздаваат над 50 милиони примероци. Ова списание содржи прекрасни слики во боја и достапно е на повеќе од 200 јазици.

16. Кои технолошки пронајдоци ни помогнале да проповедаме насекаде во светот? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

16 Многу технолошки пронајдоци во последните 200 години му помогнале на Јеховиниот народ да ја проповеда добрата вест. Веќе беа спомнати возовите, автомобилите и авионите, но тука спаѓаат и велосипедите, машините за чукање, Брајовите апарати, телеграфот, телефоните, фотоапаратите, аудио и видеорекордерите, радиото, телевизијата, филмот, компјутерите и Интернетот. Овие работи ни помагаат да ги поучуваме луѓето за Библијата на разни начини. Јеховините слуги ги користат за да издаваат Библии и библиска литература на многу јазици, и да ја шират добрата вест низ целиот свет. На тој начин, тие ‚го цицаат млекото на народите‘, како што било проречено во Библијата. (Прочитај Исаија 60:16.)

17. а) На што укажуваат доказите? б) Зошто Јехова сака да бидеме негови „соработници“?

17 Јасно е дека Јехова го благословува нашето проповедање. Се разбира, тој ќе ги исполни своите намери и без наша помош. Сепак, нашиот грижлив небесен Татко ни дозволува да бидеме негови „соработници“, и така да ја покажеме својата љубов кон него и кон ближните (1. Кор. 3:9; Мар. 12:28-31). Затоа, да ја искористиме секоја можност за да ја објавуваме пораката за Царството бидејќи тоа е најважната задача што денес се извршува на Земјата. Со тоа ќе покажеме колку сме благодарни што Јехова го води и го благословува нашето меѓународно проповедничко дело!

^ пас. 1 Истражувачите на Библијата го усвоија името Јеховини сведоци во 1931 год. (Иса. 43:10).