Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОД НАШАТА АРХИВА

„Многу значаен период“

„Многу значаен период“

ВО 1870 год., една мала група од Питсбург (Алегени, Пенсилванија, САД) почнала да ја истражува Библијата. Предводени од Чарлс Расел, тие проучувале за Христовата откупна жртва, и наскоро сфатиле дека таа има главна улога во Јеховината намера. Биле пресреќни кога дознале дека со откупнината се отвора патот до спасението, дури и за оние што сѐ уште не чуле за Исус. Поттикнати од длабока благодарност, тие почнале секоја година да ја одбележуваат Христовата смрт (1. Кор. 11:23-26).

Брат Расел почнал да ја издава Сионска Стражарска кула која го застапувала учењето за откупнината како најголем израз на Божјата љубов. Во ова списание пишувало дека времето околу Спомен-свеченоста е „многу значаен период“. Тоа ги поттикнало читателите да го одбележуваат овој настан во Питсбург или на други места во помали групи. „Дури и да има само двајца или тројца кои ја делат нашата скапоцена вера“ — или само еден — „тие во срцата ќе бидат поврзани со Христос“.

Секоја година сѐ повеќе луѓе доаѓале во Питсбург за да ја одбележат Спомен-свеченоста. На поканата пишувало: „Ќе бидете срдечно пречекани“. Тамошните Истражувачи на Библијата навистина им обезбедиле сместување и храна на своите духовни браќа и сестри. Во 1886 год., по одбележувањето на Спомен-свеченоста се одржал тридневен „заеднички состанок“. Стражарска кула ги поттикнала читателите да ‚дојдат со срца полни со љубов кон Господарот, кон неговите браќа и кон вистината‘.

Шема за подавање на симболите на Спомен-свеченоста во Лондонскиот табернакул

Неколку години, Истражувачите на Библијата во Питсбург биле домаќини на конгресите на кои присуствувале оние што покажувале вера во откупнината и доаѓале таму да ја одбележат Христовата смрт. Како што растел бројот на Истражувачите на Библијата, така растел и бројот на присутни на Спомен-свеченоста низ целиот свет. Реј Боп, од собранието во Чикаго, се сеќавал дека во деценијата по 1910 год., биле потребни по неколку часа за да поминат симболите меѓу стотиците присутни, бидејќи во тоа време речиси сите земале од нив.

Кои симболи биле користени? Иако во Стражарска кула пишувало дека Исус користел вино на Господаровата вечера, некое време ова списание препорачувало во таа прилика да се употребува сок од свежо грозје или од варено суво грозје за да не се спрепнат оние што се „духовно послаби“. Сепак, имало и вино за оние што сметале дека „треба да се користи ферментирано вино“. Истражувачите на Библијата подоцна сфатиле дека чистото црвено вино е соодветен симбол за крвта на Исус.

Лист и моливче кои биле подавани од ќелија до ќелија за да се запише бројот на присутни на Спомен-свеченоста во еден затвор во Никарагва

Одбележувањето на Исусовата смрт било прилика кога присутните можеле длабоко да размислуваат за значењето на овој настан. Меѓутоа, во некои собранија преовладувала тажна атмосфера, а кога ќе завршела програмата, сите си оделе без да кажат речиси ниту збор. Но, во книгата Јехова, која излегла во 1934 год., било објаснето дека Спомен-свеченоста ја одбележуваме бидејќи се радуваме што Исус владее како Цар од 1914 год., а не затоа што жалиме поради неговата мачна смрт.

Браќа кои се собрале во работничкиот логор во Мордвинија (Русија) за да ја одбележат Спомен-свеченоста во 1957 год.

Во 1935 год., било дадено ново објаснување на значењето на изразот „големо мноштво“ од Откровение 7:9, кое извршило влијание врз одржувањето на Спомен-свеченоста во следните години. Дотогаш Јеховините слуги сметале дека овој израз се однесува на група крстени христијани кои не се многу ревносни. Но, таа година било објаснето дека оваа голема група луѓе се верни Божји слуги кои имаат надеж да живеат во рајот на Земјата. Како реагирале браќата на ова појаснување? Откако длабоко се преиспитал, брат Расел Погенси рекол: „Јеховиниот свет дух не ја разбуди кај мене надежта за живот на небото“. Брат Погенси — како и голем број други верни браќа — престанале да земаат од симболите, но продолжиле да доаѓаат на Спомен-свеченоста.

За време на овој „многу значаен период“, биле организирани посебни проповеднички акции со кои сите браќа имале можност да покажат ценење за откупнината. Во еден број на Билтенот од 1932 год., христијаните биле поттикнати да бидат „вистински работници“ кои ја проповедаат пораката на вистината, наместо само еднаш годишно да земаат од симболите на Спомен-свеченоста. Во 1934 год., во Билтенот бил упатен повик да се пријават „помошници“, и било поставено следново прашање: „Дали во оваа акција ќе се вклучат 1.000 браќа и сестри до Спомен-свеченоста?“ Во врска со помазаниците, во Информаторот пишувало: „Нивната радост може да биде потполна само ако сведочат за Царството“. Со текот на времето, истото можело да се каже и за оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. *

Додека бил затворен во самица, Харолд Кинг пишувал поеми и песни за Господаровата вечера

За сите Јеховини слуги, Спомен-свеченоста е најважниот состанок во годината. Тие го оддржуваат дури и во многу тешки околности. На пример, во 1930 год., Перл Инглиш и нејзината сестра, Ора, пешачеле околу 80 километри за да присуствуваат на Спомен-свеченоста. Додека бил затворен во самица во Кина, мисионерот Харолд Кинг пишувал поеми и песни за Господаровата вечера, а симболите ги правел од црни рибизли и ориз. Многу христијани од едниот до другиот крај на светот храбро ја одбележувале Исусовата смрт и покрај тоа што во нивните земји се водела војна или, пак, делото било под забрана. Без разлика каде сме или во каква ситуација се наоѓаме, ние се собираме да ги славиме Јехова Бог и Исус Христос на Спомен-свеченоста бидејќи тоа за нас е „многу значаен период“.

^ пас. 10 Билтенот подоцна бил наречен Информатор, а сега се вика Нашата служба за Царството.