Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку си близок со Јехова?

Колку си близок со Јехова?

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (ЈАК. 4:8)

1. Зошто е важно постојано да го зацврстуваме нашето пријателство со Јехова?

ДАЛИ си крстен Сведок на Јехова? Ако да, тогаш ти имаш нешто многу скапоцено — блиско пријателство со Бог. Но, тоа пријателство секојдневно е изложено на притисоците од Сатановиот свет, а може да биде нарушено и од нашите лични слабости. Затоа, сите ние мора постојано да се бориме да го зачуваме и сѐ повеќе да го зацврстуваме.

2. Како можеш да станеш уште поблизок со Јехова?

2 Колку ти лично си близок со Јехова? Дали сакаш уште повеќе да го зацврстиш своето пријателство со него? Ученикот Јаков ни кажал како може да го сториме ова, кога рекол: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:8). Со други зборови, ако ти направиш чекор кон Јехова, и тој ќе направи чекор кон тебе. Колку почесто се повторува тоа, толку поблизок ќе станува твојот однос со Бог затоа што тој ќе ти биде сѐ пореален. Ќе ја имаме истата увереност како Исус, кој во една прилика рекол: „Навистина постои оној што ме испрати... [и] јас го познавам“ (Јован 7:28, 29). Но, кои конкретни чекори можеш да ги преземеш за да се зближиш со Јехова?

Како можеш да комуницираш со Бог? (Види во пасус 3)

3. Како може да комуницираме со Јехова?

3 Ако сакаш да се зближиш со Јехова, многу е важно редовно да комуницираш со него. На кој начин можеш да го правиш тоа? Па, како комуницираат двајца пријатели што живеат далеку еден од друг? Веројатно така што често се допишуваат или разговараат по телефон. Ти зборуваш со Јехова кога редовно му се молиш. (Прочитај Псалм 142:2.) А како дозволуваш тој да ти зборува тебе? Така што секојдневно ја читаш неговата пишана Реч и длабоко размислуваш за неа. (Прочитај Исаија 30:20, 21.) Да видиме сега како оваа меѓусебна комуникација ни го зајакнува односот со Јехова и ни помага да стануваме сѐ поблиски со него.

ЈЕХОВА ТИ ЗБОРУВА КОГА ЈА ПРОУЧУВАШ БИБЛИЈАТА

4, 5. Како Јехова ти зборува тебе лично преку својата пишана Реч? Наведи пример.

4 Ние знаеме дека Библијата е Божја порака до сите луѓе. Но, дали таа може да ти помогне тебе лично да се зближиш со Јехова? Да. Како? Додека ја читаш, прашај се: ‚Што сака Јехова да ми каже мене со овие стихови? Како можам да ги применам во мојот живот?‘ Кога редовно ја проучуваш Библијата на ваков начин, му дозволуваш на Јехова да ти зборува преку својата Реч, и стануваш уште поблизок со него (Евр. 4:12; Јак. 1:23-25).

5 На пример, како се чувствуваш кога ќе ги прочиташ следниве зборови на Исус: „Престанете да собирате богатство на земјата“? Ако веќе даваш сѐ од себе за да го ставиш Јехова на прво место, ќе чувствуваш дека го радуваш неговото срце. Но, откако ќе ги прочиташ тие зборови, можеби ќе сфатиш дека треба да си го поедноставиш животот за да му служиш уште поцелосно. Во тој случај, Јехова ти помага да разбереш на што треба да работиш за уште повеќе да се зближиш со него (Мат. 6:19, 20).

6, 7. а) Како влијае проучувањето на Библијата врз нашата љубов кон Јехова и врз неговата љубов кон нас? б) Со која цел треба да ја проучуваме Божјата Реч?

6 Кога ја проучуваме Библијата, откриваме на кои полиња може да се поправиме во духовен поглед. Но, исто така учиме за Божјите прекрасни особини и за величествените работи што тој ги прави. Тоа нѐ поттикнува да го сакаме уште повеќе. Како што расте нашата љубов кон него, расте и неговата љубов кон нас. Така нашето пријателство станува уште поцврсто. (Прочитај 1. Коринќаните 8:3.)

7 Меѓутоа, за да се зближиме со Јехова, многу е важно да проучуваме со исправна цел. Јован 17:3 вели: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“. Според тоа, нашата цел не треба да биде само да стекнеме знаење туку подобро ‚да го запознаеме‘ Јехова како личност. (Прочитај 2. Мојсеева 33:13; Пс. 25:4.)

8. а) Што би можел да помисли некој за начинот на кој Јехова постапил со цар Азарија? б) Ако го познаваш Јехова, што ќе мислиш за она што го прави тој?

8 Кога подобро ќе го запознаеме Јехова, нема да се вознемируваме непотребно ако во Библијата не е објаснето зошто постапил на одреден начин во некоја ситуација. Да разгледаме еден пример. Азарија, кој бил цар на Јуда ‚го правел она што е исправно во Јеховини очи‘, иако ‚народот сѐ уште принесувал жртви и горел приноси‘ на височинките (2. Цар. 15:1-5). Сепак, Јехова го удрил овој цар со лепра, и тој останал лепрозен сѐ до својата смрт. Зошто? Извештајот не кажува. Дали ова треба да те вознемири или да те наведе да мислиш дека Јехова постапил неправедно затоа што можеби го казнил Азарија без причина? Не би требало. Ако добро го познаваш Јехова, ти знаеш дека тој казнува само кога има основа за тоа и онолку „колку што е потребно“ (Ерем. 30:11). Затоа, дури и ако можеби не знаеш зошто Јехова го казнил Азарија, можеш да бидеш уверен дека Неговата пресуда била праведна.

9. Кои детали ни помагаат да разбереме зошто Јехова го казнил Азарија со лепра?

9 Сепак, во овој случај можат да се најдат додатни информации на друго место во Библијата. Цар Азарија бил познат и под името Озија (2. Цар. 15:7, 32). Од еден паралелен извештај, запишан во 2. Летописи 26:3-5, 16-21, дознаваме дека, иако Озија долго време го правел она што е исправно во Јеховини очи, подоцна ‚срцето толку му се возгордеало што самиот себеси си направил зло‘. Тој постапил дрско така што се обидел да запали темјан на Јеховиниот жртвеник — нешто што смееле да го прават само свештениците. Првосвештеникот и осумдесет други свештеници му се спротивставиле и строго го укориле. Како реагирал Озија? Тој ‚се разгневил‘ на нив, покажувајќи до кој степен отишла неговата горделивост. Ништо чудно што Јехова го удрил со лепра!

10. Зошто не мора да бараме објаснување за секоја Јеховина постапка, и како може да ја зајакнеме нашата доверба во неговата праведност?

10 Која важна поука може да ја извлечеме од ова? Во извештајот за цар Азарија, има доволно детали кои ни помагаат да разбереме зошто Јехова го казнил. Но, што ќе правиш ако во Библијата не се наведени сите поединости? Ќе се прашаш ли дали Јехова навистина постапил праведно? Или сепак ќе бидеш уверен дека Божјата Реч содржи доволно информации кои ти помагаат да имаш доверба дека Јехова секогаш го прави она што е исправно? (5. Мој. 32:4). Колку повеќе го запознаваш Јехова како личност, толку повеќе ќе го сакаш и ќе му веруваш, и нема да ти биде потребно објаснување за секоја негова постапка. Додека ја проучуваш Божјата пишана Реч и длабоко размислуваш за неа, Јехова ќе ти станува сѐ пореален и сѐ поблизок (Пс. 77:12, 13).

ТИ ЗБОРУВАШ СО ЈЕХОВА КОГА МУ СЕ МОЛИШ

11-13. Од каде знаеме дека Јехова ги слуша нашите молитви? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Ние се зближуваме со Јехова и кога му се молиме. Во нашите молитви го фалиме, му благодариме и бараме водство од него (Пс. 32:8). Но, ако сакаш да си близок пријател со Јехова, мора да бидеш уверен дека тој ги слуша твоите молитви.

12 Некои луѓе сметаат дека Бог не одговара на молитвите, туку молитвата само ни помага да ни олесни и да се чувствуваме подобро. Тие тврдат дека, кога човек се моли, всушност, размислува повнимателно за проблемите и така полесно наоѓа решение. Иако ова донекаде е точно, зошто сепак можеш да бидеш уверен дека Јехова навистина ги слуша твоите искрени молитви?

13 Размисли за следново: Пред да дојде како човек на Земјата, Исус од прва рака можел да види како Јехова одговара на молитвите на своите слуги. А подоцна, додека бил на Земјата, Исус во молитва му кажувал на својот небесен Татко што мисли и што чувствува. Во една прилика, тој дури цела ноќ му се молел на Јехова (Лука 6:12; 22:40-46). Дали би го правел тоа ако знаел дека Бог не ги слуша молитвите? Дали би ги поучил своите ученици да се молат ако мислел дека молитвата е само еден емоционален вентил? Очигледно, Исус многу добро знаел дека молитвата е вистински разговор со Јехова. Во друга прилика, тој рекол: „Татко, ти благодарам што ме услиши. Јас знаев дека секогаш ме услишуваш“ (Јован 11:41, 42). И ние може да бидеме уверени дека Јехова ги слуша нашите молитви (Пс. 65:2).

14, 15. а) Како ни користи тоа што го молиме Јехова за конкретни работи? б) Како молитвите ѝ помогнале на една сестра да го зајакне својот однос со Јехова?

14 Можеби одговорот на твоите молитви не е секогаш очигледен. Но, ако се молиш за конкретни работи, ќе можеш појасно да видиш како Јехова ти одговара, и така тој ќе ти стане уште пореален. Освен тоа, ако отворено зборуваш со него за сето она што те мачи, тој уште повеќе ќе се зближи со тебе.

15 Да го разгледаме примерот на Кети. * Иако често одела во служба, таа не уживала во тоа. Кети објаснува: „Не ми се допаѓаше службата. Всушност, воопшто не ја сакав. Кога се пензионирав, еден старешина ме поттикна да станам општ пионер, па дури и ми даде да пополнам молба. Решив да започнам со пионерска служба, но исто така почнав секојдневно да го молам Јехова да ми помогне и да ја засакам“. Дали Бог одговорил на нејзините молитви? Таа вели: „Веќе трета година служам како општ пионер. Бидејќи поминувам повеќе време во проповедање и учам од другите сестри, сега поделотворно сведочам. Не само што ја засакав службата туку просто уживам во неа! Што е уште поважно, сега сум многу поблиска со Јехова од порано“. Молитвите навистина ѝ помогнале на Кети да изгради уште поблизок однос со Бог.

ДАЈ ГО СВОЈОТ ДЕЛ

16, 17. а) Што мора да правиме за уште повеќе да го зацврстиме нашето пријателство со Јехова? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

16 Пријателството со Јехова се гради во текот на целиот живот. Ние мора да направиме чекори за да се зближиме со него ако сакаме и тој да биде близок со нас. Затоа, да продолжиме и понатаму редовно да комуницираме со нашиот Бог така што ќе ја проучуваме Библијата и ќе му се молиме. На тој начин, нашето пријателство со него ќе станува сѐ поцврсто и ќе ни помогне да ги пребродиме сите наши неволји.

Пријателството со Јехова се гради во текот на целиот живот (Види во пасуси 16-17)

17 Сепак, понекогаш проблемите остануваат иако горливо го молиме Јехова да ни помогне. Тогаш нашата доверба во него може да биде ставена на испит. Можеби ќе почнеме да се прашуваме дали Јехова навистина ги слуша нашите молитви и дали воопшто нѐ смета за свои пријатели. Што можеш да направиш ако и ти се чувствуваш така? Следната статија ќе ни го даде одговорот.

^ пас. 15 Името е сменето.