Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Секогаш имај доверба во Јехова!

Секогаш имај доверба во Јехова!

„Имај доверба во него, народе, во секое време!“ (ПС. 62:8)

1-3. Зошто Павле бил убеден дека може да има доверба во Јехова? (Види ја сликата погоре.)

ПРВИОТ век бил опасно време за христијаните што живееле во Рим. Тие биле сурово прогонувани. Биле обвинети дека го мразат човечкиот род и дека го подметнале пожарот во Рим во 64 год. од н.е. Многу христијани биле затворани, а некои биле растргнати од ѕверови во римските арени. Други, пак, биле приковани на столбови и биле живи запалени за да служат како факли што ја осветлувале ноќта. Да си бил христијанин во тоа време, и ти секојдневно ќе си се соочувал со опасноста да бидеш уапсен и мачен.

2 Во тоа многу тешко време, апостол Павле по вторпат бил затворен во Рим. Можеби во почетокот тој бил загрижен дали тамошните христијани ќе бидат спремни да му помогнат. Тоа се гледа од следниве зборови што му ги напишал на Тимотеј: „При мојата прва одбрана никој не дојде да ми даде поддршка, туку сите ме оставија — нека не им се смета за вина“. Сепак, Павле признал дека не бил препуштен сам на себе. Тој напишал: „Но Господарот застана покрај мене и ме зајакна“. Да, Господарот Исус му ја дал потребната сила. Павле дури напишал дека бил „избавен од устата на лавовите“! (2. Тим. 4:16, 17). *

3 Павле не заборавил како Јехова му помогнал во таа ситуација. Ова сигурно го уверило дека Тој ќе го зајакне да ги издржи и неволјите со кои се соочувал во моментот, како и сите други тешкотии во иднина. Всушност, веднаш потоа Павле рекол: „Господарот ќе ме избави од секакво зло“ (2. Тим. 4:18). Тој сфатил дека, дури и кога неговите браќа не можат да му помогнат, Јехова и Исус сигурно ќе му ја дадат потребната помош. Павле воопшто не се сомневал во тоа.

КОГА ТРЕБА ДА ПОКАЖЕМЕ „ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА“?

4, 5. а) Кој може секогаш да ти ја даде потребната помош? б) Како можеш да го зацврстиш своето пријателство со Јехова?

4 Дали понекогаш ти се чини дека мораш сосема сам да се бориш со некој тежок проблем? Можеби немаш работа или си под притисок на училиште. Можеби си болен или, пак, се наоѓаш во некоја друга тешка ситуација. Иако си побарал помош, другите те разочарале затоа што не ти го дале она што ти било потребно. Се разбира, некои проблеми не може да ги реши ниту еден човек. Библијата вели дека во такви моменти треба ‚да имаме доверба во Јехова‘ (Изр. 3:5, 6). Но, можеш ли да бидеш сигурен дека тој ќе ти помогне? Секако. Во Божјата Реч има многу примери кои нѐ уверуваат дека Јехова навистина им помага на своите слуги.

5 Затоа, немој да бидеш огорчен кога луѓето не ти ја даваат потребната помош. Наместо тоа, слично на Павле, гледај на неволјата како на можност да покажеш потполна доверба во Јехова. Исто така, тоа е прилика да видиш од прва рака како Јехова со љубов се грижи за тебе. Ова ќе ја зајакне твојата доверба во него и вашето пријателство ќе стане уште поцврсто.

ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА Е НЕОПХОДНА

6. Зошто не е секогаш лесно да покажеме доверба во Јехова кога сме во неволја?

6 Можеби имаш некој тежок проблем што многу те измачува. Откако си направил сѐ што било во твоја моќ да го решиш и си го молел Јехова за помош, можеш ли мирно да чекаш уверен дека тој ќе ти помогне? Да! (Прочитај Псалм 62:8; 1. Петрово 5:7.) Ако сакаме да имаме добар однос со Јехова, многу е важно да научиме да полагаме доверба во него. Но, ова не е секогаш лесно. Зошто? Една причина е тоа што понекогаш Јехова не ни одговара веднаш на молитвите (Пс. 13:1, 2; 74:10; 89:46; 90:13; Авак. 1:2).

7. Зошто Јехова не одговара веднаш на секоја наша молитва?

7 Зошто Бог не одговара веднаш на секоја наша молитва? Библијата го споредува Јехова со татко (Пс. 103:13). Еден родител не му дава на детето сѐ што ќе побара. Освен тоа, детето не може со право да очекува родителот веднаш да го исполни секое негово барање. Таткото е свесен дека некои работи што ги бара неговото дете се само моментални желби. За други едноставно ќе мора да почека додека не дојде вистинското време. Таткото знае што е најдобро за детето, и знае како неговото барање ќе се одрази врз другите. Ако веднаш му даде сѐ што ќе побара, тогаш односот меѓу нив ќе се смени и ќе личи на однос меѓу слуга и господар, при што таткото ќе биде слугата, а детето господарот. Јехова, нашиот небесен Татко, многу нѐ сака. Како наш мудар Творец, тој знае што ни е потребно и има право да одреди кога е вистинското време да ни го даде тоа. Затоа е добро да чекаме и да видиме како тој ќе одговори на нашите молитви. (Спореди со Исаија 29:16; 45:9.)

8. Што ветува Јехова дека нема да дозволи?

8 Исто така, Јехова е свесен за нашите ограничувања (Пс. 103:14). Затоа не очекува од нас да истраеме со сопствена сила, туку ни помага како Татко. Точно, понекогаш можеби ни се чини дека веќе не можеме да издржиме. Сепак, Јехова нѐ уверува дека никогаш нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што може да поднесеме. Тој ветува дека „ќе направи излез“. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.) Навистина имаме добра причина да веруваме дека Јехова точно знае колку можеме да носиме.

9. Што треба да правиме ако Јехова не одговара веднаш на нашите молитви за помош?

9 Ако Јехова не одговори веднаш на нашите молитви за помош, да бидеме стрпливи и да чекаме. Сети се дека и тој спремно сака да ни помогне, но стрпливо чека да дојде вистинското време за да ни го даде она што ни е потребно. Библијата вели: „Јехова ќе чека да ви се смилува и... ќе стане да ви покаже милост. Зашто, Јехова е Бог кој дава правда. Среќни се сите што го чекаат него“ (Иса. 30:18).

„УСТАТА НА ЛАВОВИТЕ“

10-12. а) Што може да ни ги отежне работите ако се грижиме за некој болен член на семејството? б) Како тоа што ќе покажеш доверба во Јехова кога си во неволја ќе влијае врз твојот однос со него? Наведи пример.

10 Кога се соочуваш со тешки проблеми, можеби се чувствуваш слично на Павле — како да си речиси во челуста на лавовите. Во такви моменти е неопходно да покажеш доверба во Јехова иако тоа може да биде многу тешко. На пример, можеби долго време се грижиш за некој драг член на семејството кој има тешка болест. Веројатно си се молел за мудрост и за сила. * Откако си направил сѐ што било можно во овој поглед, зарем не чувствуваш внатрешен мир затоа што знаеш дека Јехова ја гледа и ја разбира твојата ситуација? Тој ќе ти помогне да истраеш и да му останеш верен (Пс. 32:8).

11 Сепак, можеби изгледа дека Јехова не ти помага. Можеби лекарите имаат различни мислења за болеста. Или можеби си очекувал поддршка од некои роднини но, наместо тоа, тие уште повеќе ти ја отежнуваат ситуацијата. Продолжи да се молиш за сила. Зближи се уште повеќе со Јехова. (Прочитај 1. Самоил 30:3, 6.) Подоцна, кога ќе сфатиш како ти помогнал, твоето пријателство со него ќе стане уште поцврсто.

12 Токму тоа го почувствувала Линда. * Нејзините родители долго време биле болни, а таа се грижела за нив сѐ до нивната смрт. Линда вели: „Додека траеше тој период, имаше моменти кога јас, маж ми и брат ми не знаевме што да правиме. Понекогаш се чувствувавме очајно. Но сега, кога се навраќаме на тоа време, јасно сфаќаме дека Јехова беше со нас. Тој ни влеваше сила и ни го даваше токму тоа што ни беше потребно, дури и кога ние не гледавме никаков излез“.

13. Како довербата во Јехова ѝ помогнала на една сестра да преброди неколку трагедии?

13 Безрезервната доверба во Јехова исто така може да ни помогне кога ќе нѐ снајде некоја трагедија. Да го разгледаме примерот на Ронда. Нејзиниот сопруг, кој не е Сведок, поднел барање за развод. Истовремено, кај брат ѝ била откриена тешка автоимуна болест, која можела да биде смртоносна. Неколку месеци подоцна, починала жената на брат ѝ. Кога малку закрепнала од овие трагедии, Ронда почнала да служи како општ пионер. Кратко потоа умрела мајка ѝ. Што ѝ помогнало на Ронда да го преброди овој тежок период? Таа објаснува: „Секој ден му се молев на Јехова, дури и кога требаше да донесувам мали одлуки. Тоа ми помогна уште повеќе да се зближам со него. Научив дека треба да се потпирам на Бог, а не на себеси или на други луѓе. Јехова навистина ми помагаше — го имав сето она што ми беше потребно. Цело време чувствував дека тој е крај мене“.

Дури и некои ситуации во семејството можат да го стават на испит твојот однос со Јехова (Види во пасуси 14-16)

14. Како Јехова може да ти помогне ако е исклучен некој од твоите најблиски?

14 Да разгледаме друга ситуација. Замисли дека е исклучен некој од твоите најблиски. Ти знаеш каква заповед има во Библијата во врска со исклучените (1. Кор. 5:11; 2. Јов. 10). Сепак, понекогаш ти се чини тешко, па дури и невозможно да ѝ бидеш послушен на таа заповед. * Може ли да имаш доверба дека твојот небесен Татко ќе ти ја даде потребната сила за да му останеш верен и во ваква ситуација? Дали ќе ја искористиш за да станеш уште поблизок со Јехова?

15. Зошто Адам не ја послушал Јеховината заповед во рајската градина?

15 Размисли за момент за првиот човек, Адам. Дали тој навистина верувал дека може да му биде непослушен на Јехова и да продолжи да живее? Не. Библијата јасно кажува дека ‚Адам не бил измамен‘ (1. Тим. 2:14). Тогаш, зошто не го послушал Јехова? Најверојатно Адам каснал од плодот што му го дала Ева затоа што ја сакал неа повеќе отколку што го сакал Јехова. Тој ја послушал својата жена наместо да го послуша својот Бог (1. Мој. 3:6, 17).

16. Кого треба најмногу да го сакаме, и зошто?

16 Дали ова значи дека не треба да ги сакаме нашите најблиски? Во никој случај! Сепак, треба да го сакаме Јехова повеќе од кој и да е друг. (Прочитај Матеј 22:37, 38.) Всушност, така можеме најмногу да им помогнеме на нашите најмили, сеедно дали во моментот му служат на Јехова или не. Затоа, продлабочувај ја својата љубов кон Бог и зајакнувај ја својата доверба во него. Ако ти е многу тешко поради некој исклучен член од семејството, во молитва излеј му го своето срце на Јехова * (Рим. 12:12; Фил. 4:6, 7). Иако оваа ситуација можеби ти причинува голема болка, гледај на неа како на можност да го зајакнеш својот однос со Бог. Така ќе ти биде полесно да чекаш тој да ти одговори на молитвите на најдобар можен начин.

ДОДЕКА ЧЕКАМЕ

Покажи ја својата доверба во Јехова со тоа што ќе проповедаш со сета душа (Види во пасус 17)

17. Ако сме зафатени со проповедањето, во што може да бидеме уверени?

17 Зошто Павле бил „избавен од устата на лавовите“? Самиот тој го дал одговорот, кога рекол: „За преку мене да се изврши потполно проповедањето на добрата вест и да ја чујат сите народи“ (2. Тим. 4:17). Кога и ние, слично на Павле, проповедаме со сета душа, покажуваме доверба дека Јехова ќе се погрижи ‚да ни се додаде‘ сето она што ни е потребно (Мат. 6:33). Бог ‚ни ја доверил добрата вест‘ и нѐ нарекува свои „соработници“ (1. Сол. 2:4; 1. Кор. 3:9). Ако сме зафатени во Божјето дело, ќе ни биде полесно да чекаме Јехова да ни одговори на молитвите.

18. Како може да ја зајакнеме својата доверба во Јехова и да го зацврстиме нашето пријателство со него?

18 Затоа, труди се секој ден да стануваш сѐ поблизок со Бог. Ако некоја ситуација те загрижува, искористи ја да се зближиш со Јехова. Читај ја и проучувај ја Божјата Реч, и длабоко размислувај за неа. Продолжи да му се молиш на Јехова и да му служиш со сета душа. Ако го правиш сето ова, можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ти помогне да ги пребродиш сите неволји со кои можеби се соочуваш сега или ќе се соочиш во иднина.

^ пас. 2 Павле можеби бил избавен од вистински лавови или од некоја друга опасна ситуација.

^ пас. 10 Во нашите публикации излегоа статии кои можат да им помогнат на христијаните што се болни, како и на оние што се грижат за нив. Види во Разбудете се! од 8 февруари 1994 (хрв.); 8 мај 1997; 22 мај 2000 (срп.) и 8 мај 2001.

^ пас. 12 Имињата се сменети.

^ пас. 14 Види ја статијата „Зошто исклучувањето е израз на љубов“, која се наоѓа во овој број.

^ пас. 16 Во нашите публикации излегоа статии што можат да им помогнат на верните Јеховини слуги на кои им е исклучен некој од најмилите. Види во Стражарска кула од 1 септември 2006, страници 17-21 и од 15 јануари 2007, страници 17-20.