Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеме да останеме морално чисти!

Можеме да останеме морално чисти!

„Исчистете ги рацете... и прочистете ги срцата“ (ЈАК. 4:8)

1. Како многу луѓе во светот гледаат на моралната чистота?

ЖИВЕЕМЕ во еден крајно неморален свет. Во многу земји, хомосексуалноста и половите односи меѓу лица кои не се во брак се сметаат за нешто најнормално. Ваквиот начин на живот дури и се велича во филмовите, книгите, песните и рекламите (Пс. 12:8). Неморалот е толку раширен што можеби се прашуваш: ‚Дали навистина е можно човек да води морално чист живот?‘ Одговорот на ова прашање е: Да, со Јеховина помош, вистинските христијани можат да останат морално чисти. (Прочитај 1. Солуњаните 4:3-5.)

2, 3. а) Зошто е многу важно да се бориме против нечистите желби? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Но, пред сѐ треба да сфатиме дека, за да ја зачуваме нашата морална чистота, мора да ги отфрлиме неморалните желби. Бидејќи сме несовршени, неморалот може да ни изгледа привлечен, исто како што една мамка ставена на јадица може да ѝ биде привлечна на некоја риба. Ако ни се појави некоја неморална мисла во главата, мора веднаш да ја отфрлиме. Доколку не го сториме тоа, кај нас може да се развијат толку силни неморални желби што најверојатно ќе направиме грев штом ќе ни се укаже прилика. Библијата јасно вели: „Желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“. (Прочитај Јаков 1:14, 15.)

3 Некоја погрешна желба постепено може да пушти корен во нашето срце и да нѐ води до тежок грев. Но, многу е утешно што знаеме дека може да го спречиме тоа. Ако ги отфрлиме неисправните желби, нема да направиме неморал и да трпиме горки последици (Гал. 5:16). Да разгледаме три работи кои можат да ни помогнат во борбата против нечистите желби: нашиот однос со Јехова, советите од неговата Реч и помошта од зрелите сохристијани.

„ПРИБЛИЖЕТЕ МУ СЕ НА БОГ“

4. Зошто е важно да му се ‚приближиме на Јехова‘?

4 Во Библијата е даден следниов совет за оние што сакаат да му се ‚приближат на Бог‘: „Исчистете ги рацете... и прочистете ги срцата!“ (Јак. 4:8). Ако сакаме Јехова да ни биде најдобар пријател, ќе даваме сѐ од себе да го радуваме и со нашите постапки и со нашите мисли. Нашето срце ќе биде чисто ако размислуваме само за она што е доблесно, чисто и достојно за фалба (Пс. 24:3, 4; 51:6; Фил. 4:8). Се разбира, Јехова е свесен дека сме несовршени, и дека кај нас лесно можат да се родат неисправни желби. Но, ние не сакаме да продолжиме да размислуваме за погрешни работи бидејќи знаеме дека со тоа ќе му нанесеме болка (1. Мој. 6:5, 6). Затоа со сите сили се трудиме нашите мисли да останат чисти.

5, 6. Како молитвата може да ни помогне да се бориме со неморалните желби?

5 Ќе покажеме дека целосно се потпираме на Јехова ако го молиме да ни даде сила да се бориме против нечистите мисли. Кога му се приближуваме во молитва, и тој ни се приближува нам. Бог великодушно ни дава свет дух, а тоа ја зацврстува нашата решеност да им се спротивставиме на погрешните мисли и да останеме чисти во морален поглед. Во молитвите, можеме да му кажеме на Јехова дека навистина сакаме да размислуваме за работи што го радуваат (Пс. 19:14). Дали понизно го молиме да ни го испита срцето за да види дали во него има штетни желби кои би можеле да нѐ ‚наведат на лош пат‘ што на крајот ќе води до грев? (Пс. 139:23, 24). Дали редовно го молиме да ни помогне да му останеме верни кога ќе се соочиме со искушение? (Мат. 6:13).

6 Пред да ја запознаеме вистината, можеби сме ги сакале работите кои Јехова ги осудува и сме живееле на начин што тој не го одобрува. Затоа можеби сѐ уште се бориме против некои погрешни желби кои одвреме-навреме повторно ни се појавуваат. Но, Бог може да ни помогне да ги направиме потребните промени за да продолжиме да му служиме како што сака тој. Цар Давид го знаел ова. Откако направил прељуба со Витсавеа, тој горливо го молел Јехова: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Пс. 51:10, 12). Дури и ако грешните желби се длабоко вкоренети во нас и мора постојано да се бориме со нив, Јехова може да ни ја зацврсти решеноста да му бидеме послушни и да живееме во склад со неговите заповеди. Тој може да ни помогне да ги контролираме нашите несовршени мисли (Пс. 119:133).

Ако некоја неисправна желба пушти корен во нашето срце, мора да ја искорнеме (Види во пасус 6)

‚ИЗВРШУВАЈТЕ ЈА РЕЧТА‘

7. Како може Божјата Реч да ни помогне да ги отфрлиме нечистите мисли?

7 Јехова може да одговори на нашите молитви за помош преку својата Реч, Библијата. Мудроста што ја содржи Божјата Реч „пред сѐ е чиста“ (Јак. 3:17). Кога секојдневно ја читаме и размислуваме за неа, го полниме својот ум со чисти мисли (Пс. 19:7, 11; 119:9, 11). Освен тоа, Библијата содржи примери и конкретни совети што можат да ни помогнат да ги отфрлиме нечистите мисли и желби.

8, 9. а) Зошто еден младич направил неморал со блудница? б) Кои ситуации ќе ги избегнеме денес ако го послушаме предупредувањето од Изреки, поглавје 7?

8 Во Изреки 5:8 се вели: „Твојот пат нека биде далеку од [блудницата] и не приближувај се до вратата на нејзината куќа“. Би било многу опасно да не го послушаме овој совет. Ова јасно се гледа од Изреки, поглавје 7, каде што читаме за еден млад човек кој во приквечерината поминал близу до куќата на една неморална жена. Таа стоела на аголот од улицата, „облечена како блудница“. Му пристапила на младичот, го зграпчила и го бакнала. Со своите заводливи зборови, оваа жена кај него разбудила погрешни желби. Бидејќи не ги отфрлил, тој заминал со неа и направил неморал. Очигледно, овој млад човек не излегол да прошета со таква намера. Но, бил неискусен и наивен, и донел лоша одлука. Како и да е, на крајот морал да живее со страшните последици од своите постапки. Колку помудро ќе било да останел далеку од таа блудница! (Изр. 7:6-27).

9 Дали и ние понекогаш донесуваме лоши одлуки така што можеби се доведуваме во опасни ситуации кои кај нас можат да подбудат погрешни желби? На пример, ноќе на телевизија понекогаш се прикажуваат програми со неморална содржина. Затоа може да биде опасно бесцелно да вртиме по каналите. Исто така, опасно е да отвораме секакви линкови на Интернет, или да одиме на чет-линии или страници на кои се појавуваат неморални реклами и линкови до порнографски страници. Доколку се изложиме на такво нешто, кај нас ќе се родат неисправни желби кои би можеле да нѐ наведат да му бидеме непослушни на Јехова.

10. Зошто е опасно да се флертува? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Библијата ни помага и на тој начин што ни дава совети како да се однесуваме со лицата од спротивниот пол. (Прочитај 1. Тимотеј 5:2.) Таквите совети не оставаат никаков простор за флертување. Некои можеби си мислат дека заводливите погледи, гестови или движења на телото не се опасни бидејќи не вклучуваат никаков телесен допир. Но, кога двајца флертуваат меѓу себе, кај нив би можеле да се родат неморални мисли кои би ги довеле во опасност да направат сериозен грев. Тоа се случувало во минатото, а може да се случи и денес.

11. Каков добар пример ни дал Јосиф?

11 Јосиф постапил мудро во овој поглед. Кога жената на неговиот господар, Петефри, се обидела да го заведе, Јосиф ја одбил. Но, таа не се откажала, туку секој ден го наговарала да биде со неа (1. Мој. 39:7, 8, 10). Еден библиски изучувач објаснил дека жената на Петефри, всушност, сакала Јосиф да остане барем малку насамо со неа, надевајќи се дека така би попуштил и би го направил првиот чекор. Меѓутоа, Јосиф не дал никаков повод за нејзиното заводливо однесување ниту, пак, имал намера да го толерира. Тој не дозволил во неговото срце да се развие погрешна желба. Кога жената на Петефри го зграпчила за облеката и се обидела да го присили да спие со неа, Јосиф веднаш ‚се оттргнал и истрчал надвор‘ (1. Мој. 39:12).

12. Од каде знаеме дека она што го гледаме може да влијае врз нашето срце?

12 Библијата предупредува дека она што го гледаме може да влијае врз нашето срце и да создаде погрешни желби во нас. Ако некому очите постојано „му шараат“, кај него можат да се разбудат неморални желби. Исус рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5:28). Сети се што му се случило на цар Давид. Од покривот, тој ‚здогледал една жена како се капе‘ (2. Сам. 11:2). Но, не го свртел погледот и не почнал да мисли на нешто друго. Иако била туѓа жена, тој почнал да ја посакува и направил прељуба со неа.

13. Зошто треба да ‚склучиме сојуз со своите очи‘, и што значи тоа?

13 За успешно да се бориме со неморалните желби, треба ‚да склучиме сојуз со своите очи‘, исто како Јов (Јов 31:1, 7, 9). Мора да бидеме цврсто решени никогаш да не гледаме со непристојни мисли во некого. Тоа значи дека треба веднаш да го тргнеме погледот од неморалните слики, сеедно дали ќе ни се појават на мониторот, или се прикажани на рекламни паноа, на насловни страници на весниците или на кои и да било други места.

14. Што е неопходно за да останеме морално чисти?

14 Можеби од она што беше разгледано досега ќе сфатиш дека треба уште порешително да се бориш со неморалните желби. Ако треба да направиш промени, веднаш стори го тоа! Спремно послушај ги советите од Божјата Реч, кои можат да ти помогнат да останеш морално чист и да не згрешиш. (Прочитај Јаков 1:21-25.)

‚ПОВИКАЈ ГИ СТАРЕШИНИТЕ‘

15. Зошто е важно да побараме помош ако се бориме со нечисти желби?

15 Ако се бориме со нечисти желби, би можеле да разговараме за тоа со некој во собранието. Иако не е лесно да се зборува со другите за една толку лична работа, многу е важно да побараме помош од некој зрел и прониклив сохристијанин. Таквиот разговор би можел да ни помогне да не си наоѓаме оправдувања за погрешните желби (Изр. 18:1; Евр. 3:12, 13). Освен тоа, така би можеле да си ги откриеме слабите точки и да ги направиме потребните промени за да ја зачуваме Јеховината љубов.

16, 17. а) Како можат старешините да им помогнат на оние кои се борат со нечисти желби? Наведи пример. б) Зошто оние кои гледаат порнографија мора без одложување да побараат помош?

16 Во овој поглед особено можат да ни помогнат старешините. (Прочитај Јаков 5:13-15.) Еден млад човек од Бразил со години се борел со погрешни желби. Тој раскажува: „Знаев дека Јехова не го одобрува моето размислување, но премногу се срамев за да му кажам некому што чувствувам“. За среќа, еден старешина забележал дека му треба помош, и го поттикнал да им дозволи на старешините да му помогнат. Младиот човек вели: „Се изненадив колку беа љубезни со мене. Всушност, покажаа многу поголема љубезност и разбирање отколку што мислев дека заслужувам. Внимателно ме слушаа додека им зборував за моите проблеми. А потоа со помош на Библијата ме уверија дека Јехова ме сака, и се помолија заедно со мене. Сето тоа ми олесни да ги прифатам библиските совети што ми ги дадоа“. Со години подоцна, откако го зајакнал својот однос со Јехова, тој вели: „Сега сфаќам колку е важно да бараме помош наместо да се обидуваме сами да го носиме товарот“.

17 Ако имаш навика да гледаш порнографија, неопходно е веднаш да побараш помош. Колку повеќе чекаш толку поголема е опасноста нечистите желби ‚да зачнат и да родат грев‘ со кој ќе ги повредиш другите и ќе му нанесеш срам на Јеховиното име. Поттикнати од желба да му угодат на Јехова и да останат во христијанското собрание, многу Божји слуги ги прифатиле библиските совети кои старешините со љубов им ги дале (Јак. 1:15; Пс. 141:5; Евр. 12:5, 6).

БИДИ РЕШЕН ДА ОСТАНЕШ МОРАЛНО ЧИСТ!

18. На што си решен ти?

18 Додека светот на Сатана и понатаму тоне во неморал, Јехова сигурно се гордее кога гледа како неговите верни слуги даваат сѐ од себе за да останат со чисти мисли и да се држат за неговите високи морални мерила! Затоа, да останеме блиски со него, и да ги слушаме советите што тој ни ги дава преку својата Реч и преку христијанското собрание. Ако останеме чисти во морален поглед, уште сега ќе бидеме среќни и ќе имаме чиста совест (Пс. 119:5, 6). А во иднина, кога Сатана ќе биде отстранет, ќе можеме да живееме вечно во Божјиот чист нов свет.