Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дај сѐ од себе за да го разубавиш духовниот рај!

Дај сѐ од себе за да го разубавиш духовниот рај!

„Ќе го прославам подножјето на своите нозе“ (ИСА. 60:13)

ПЕСНИ: 102, 75

1, 2. На што може да се однесува зборот „подножје“ во Хебрејските списи?

ЈЕХОВА БОГ изјавил: „Небесата се мојот престол, а земјата ми е подножје на нозете“ (Иса. 66:1). Тој исто така рекол: „Ќе го прославам подножјето на своите нозе“ (Иса. 60:13). Како го прави тоа? И што значи ова за нас, кои живееме во ‚подножјето на Божјите нозе‘?

2 Освен за Земјата, во Хебрејските списи зборот „подножје“ се користел и за древниот храм во Израел (1. Лет. 28:2; Пс. 132:7). Ова здание било прекрасно во Јеховини очи затоа што служело како средиште на обожавањето на вистинскиот Бог. Храмот навистина му носел слава на ‚подножјето на Божјите нозе‘.

3. Што е Божјиот голем духовен храм, и кога почнал да постои?

3 Дали во нашево време има дословен храм на Земјата кој е средиште на обожавањето на вистинскиот Бог? Не. Денес му служиме на Јехова во еден духовен храм кој го слави повеќе од која и да е градба направена од човечки раце. Овој храм го претставува сето она што го подготвил Бог за да ги помири луѓето со себе преку свештеничката служба и жртвата на Исус Христос. Почнал да постои во 29 год. од н.е., кога Исус се крстил и бил помазан како Првосвештеник во Јеховиниот голем духовен храм (Евр. 9:11, 12).

4, 5. а) Според Псалм 99, што сакаат да прават вистинските Божји слуги? б) Што треба да се прашаме?

4 Бидејќи сме многу благодарни за овој духовен храм, ние го фалиме Јехова така што го објавуваме неговото име и им зборуваме на другите за откупнината што ни ја дал како бесценет дар. Навистина сме пресреќни што денес повеќе од осум милиони вистински христијани го слават Јехова! За разлика од многу побожни лица кои мислат дека ќе го фалат Бог кога ќе умрат и ќе отидат на небо, сите Јеховини сведоци сфаќаат дека треба да го слават Бог сега и овде — на Земјата.

5 Кога го фалиме Јехова, ние постапуваме во склад со зборовите од Псалм 99:1-3, 5. (Прочитај.) Како што покажува овој псалм, Мојсеј, Арон и Самоил со сета душа го поддржувале обожавањето на вистинскиот Бог (Пс. 99:6, 7). Денес, пред да заминат на небото за да служат како свештеници со Исус, неговите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата верно служат во земниот двор од духовниот храм. Милиони „други овци“ лојално ги поддржуваат (Јован 10:16). Иако имаат различна надеж, и двете групи обединето го слават Јехова во подножјето на неговите нозе. Но, секој од нас треба да се праша: ‚Дали и јас лично го поддржувам со сета душа обожавањето на вистинскиот Бог‘?

КОЈ СЛУЖИ ВО БОЖЈИОТ ДУХОВЕН ХРАМ

6, 7. а) Со каков проблем се соочиле првите христијани? б) Што се случило до 1919 год. со оние што Јехова ги прифатил како свои слуги?

6 Помалку од еден век откако било основано христијанското собрание, почнало да се шири прореченото отпадништво (Дела 20:28-30; 2. Сол. 2:3, 4). Оттогаш наваму било сѐ потешко да се препознаат оние кои навистина служеле во Божјиот духовен храм. Дури со векови подоцна дошло време Јехова да ги разјасни работите преку својот новоустоличен Цар, Исус Христос.

7 До 1919 год., станало сосема јасно кои се оние што Бог ги прифаќа и што служат во неговиот симболичен храм. Тие биле пречистени во духовен поглед за да му служат уште поприфатливо на Бог (Иса. 4:2, 3; Мал. 3:1-4). На тој начин почнало да се исполнува едно видение што апостол Павле го добил стотици години пред тоа.

8, 9. Објасни ги трите аспекти на „рајот“ што го видел Павле во своето видение.

8 Видението на Павле е запишано во 2. Коринќаните 12:1-4. (Прочитај.) Во тоа видение, Јехова му открил на овој апостол што ќе се случи во иднина. Кој „рај“ го видел Павле кога ‚бил однесен до третото небо‘? Прво, зборот „рај“ кој го употребил тој може да се однесува на дословниот рај кој наскоро ќе биде воспоставен на Земјата (Лука 23:43). Второ, може да укажува на совршениот духовен рај кој ќе постои во новиот свет. И трето, може да се однесува на „Божјиот рај“ на небото, каде што е присутен самиот Јехова (Отк. 2:7). Според тоа, рајот од ова видение веројатно ги вклучува и дословните и духовните и небесните аспекти на рајот во идниот нов свет.

9 Но, зошто Павле рекол дека ‚слушнал зборови кои не смеат да се изговорат и кои на човек не му е дозволено да ги зборува‘? Затоа што тогаш не било време да ги објасни во детали прекрасните работи што ги видел во тоа видение. Меѓутоа, сега Јехова ни дозволува да им кажуваме на другите за прекрасните благослови во кои ужива неговиот народ во духовниот рај денес!

10. Зошто духовниот рај и духовниот храм не се една иста работа?

10 Што, всушност, значи изразот „духовен рај“ кој често го користиме? Тој укажува на духовното изобилство и на мирот што го имаме со Бог и со нашите браќа. Се разбира, не треба да заклучиме дека духовниот рај и духовниот храм се една иста работа. Духовниот храм го претставува сето она што Јехова го подготвил за да му служиме на прифатлив начин. А духовниот рај помага јасно да се препознаат оние кои Бог ги прифаќа како свои слуги, односно кои денес служат во неговиот духовен храм (Мал. 3:18).

11. Каква чест имаме денес?

11 Многу сме среќни што, од 1919 год., Јехова им дозволува на несовршени луѓе да работат заедно со него во духовниот рај за да го обработуваат, разубавуваат и да го шират по целата Земја! Дали и ти имаш удел во ова прекрасно дело? Дали ја цениш честа да соработуваш со Јехова за да го прославиш „подножјето на неговите нозе“?

ЈЕХОВА ЈА РАЗУБАВУВА СВОЈАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

12. Од каде знаеме дека се исполнува Исаија 60:17? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

12 Пророкот Исаија претскажал дека во земниот дел на Божјата организација ќе се случуваат прекрасни промени. (Прочитај Исаија 60:17.) Оние што се млади и релативно нови во вистината можат да читаат за тие промени или да слушаат за нив од другите. Но, има многу браќа и сестри кои лично ги доживеале! Тие верни Божји слуги се уверени дека Јехова ја води својата организација преку Исус, Царот што го поставил. Ако ги слушаме како раскажуваат за своите искуства, нашата вера и доверба во Јехова уште повеќе ќе се зајакнат.

13. Според Псалм 48:12-14, што мора да правиме?

13 Сеедно колку долго сме во вистината, сите ние мора да им кажуваме на другите за Јеховината организација. Вистинско чудо е што постои духовен рај среде овој злобен и расипан свет на Сатана! Ние мора со радост да им кажуваме на ‚идните поколенија‘ за Јеховината организација и за духовниот рај! (Прочитај Псалм 48:12-14.)

14, 15. Кои организациски промени беа направени во 1970-тите, и зошто се корисни?

14 Низ годините, постарите браќа и сестри беа сведоци на организациски промени со кои беше разубавен земниот дел на Јеховината организација. Тие сѐ уште се сеќаваат на времето кога собранијата ги надгледуваше слуга на собранието наместо старешинство, кога имаше слуга на подружницата наместо Одбор на подружницата, и кога добивавме водство од претседателот на Watch Tower Society наместо од Водечкото тело на Јеховините сведоци. Иако овие браќа имаа верни помошници, главно секој од нив лично имаше одговорност да донесува одлуки во собранието, во подружницата или во главното седиште. Во 1970-тите, беа направени промени со кои надгледувањето им беше доверено на групи од повеќе старешини наместо на поединци.

15 Зошто овие промени беа корисни за организацијата? Затоа што се темелеа на подоброто разбирање на одредени библиски начела. Бидејќи денес одлуките не ги донесува само една личност туку група луѓе, ние извлекуваме корист од добрите страни на сите старешини кои Јехова ни ги дал „како дарови“ (Еф. 4:8; Изр. 24:6).

Јехова им го дава потребното водство на луѓето низ целиот свет (Види во пасуси 16-17)

16, 17. Кои неодамнешни промени ти оставаат посебен впечаток, и зошто?

16 Размисли и за преиначувањата кои беа направени во последните години како, на пример, промените во изгледот и содржината на нашите публикации. Зарем не сме радосни што можеме да ја нудиме нашата привлечна литература која содржи корисни совети? Размисли и за начинот на кој ја користиме новата технологија за да ја проповедаме добрата вест. На пример, преку нашата интернет-страница, jw.org, сега многу повеќе луѓе можат да ја дознаат вистината и да ја добијат помошта која очајно им е потребна. Сите овие промени покажуваат колку многу Јехова се интересира за луѓето и колку многу ги сака.

17 Благодарни сме и за промената што беше направена во поглед на состаноците за да имаме време за семејно или лично проучување. Ги цениме и промените во програмата за нашите собири и конгреси. Зарем не се согласуваш дека од година во година тие стануваат сѐ подобри? А благодарни сме и за поголемата обука што ја добиваме на многуте наши теократски школи. Зад сите овие промени јасно се гледа Јеховиното водство. Тој постепено ја разубавува својата организација и духовниот рај во кој уживаме уште денес.

КАКО ТИ ЛИЧНО ПРИДОНЕСУВАШ ЗА УБАВИНАТА НА ДУХОВНИОТ РАЈ

18, 19. Како можеме да го разубавиме нашиот духовен рај?

18 Јехова ни дал чест да го разубавуваме нашиот духовен рај. Го правиме тоа така што ревносно ја проповедаме добрата вест за Царството и ги поучуваме луѓето за Библијата. Секогаш кога ќе помогнеме некому да стане Божји слуга, ние придонесуваме да се прошири духовниот рај (Иса. 26:15; 54:2).

19 Го разубавуваме духовниот рај и така што постојано се трудиме да ги подобруваме нашите христијански особини. На тој начин, овој рај им станува попривлечен на другите. Всушност, зошто луѓето најчесто се привлечени кон нашата организација, а со тоа и кон Бог и кон Исус? Пред сѐ, затоа што сме чисти и мирољубиви, а не само затоа што многу добро ја познаваме Библијата.

Ти можеш да имаш удел во проширувањето на духовниот рај (Види во пасуси 18-19)

20. Во склад со Изреки 14:35, на што треба да бидеме решени?

20 Јехова и Исус сигурно многу се радуваат кога го гледаат нашиот прекрасен духовен рај! И ние сме радосни што можеме да го разубавуваме уште денес. Сепак, тоа не може да се спореди со неизмерната радост што ќе ја чувствуваме подоцна, кога ќе ја претвориме целата Земја во дословен рај! Постојано да ги имаме на ум зборовите од Изреки 14:35, каде што стои: „На царот му е мил слугата што постапува разборито“. Затоа, да бидеме решени секогаш да постапуваме разборито додека даваме сѐ од себе за да го направиме духовниот рај уште поубав!