Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Длабоко размислувај за Јеховината неизмерна љубов

Длабоко размислувај за Јеховината неизмерна љубов

„Длабоко ќе размислувам за сите твои дела“ (ПС. 77:12)

ПЕСНИ: 18, 61

1, 2. а) Зошто си уверен дека Јехова го сака својот народ? б) Со каква потреба биле создадени сите луѓе?

ЗОШТО си уверен дека Јехова го сака својот народ? Пред да одговориш, размисли за следниве примери: Неколку години, сохристијаните ја охрабрувале и љубезно ја советувале сестра Тајлин да не очекува премногу од себеси. Таа вели: „Ако Јехова не ме сакаше, немаше толку упорно да ме советува“. Бриџит, која сама се грижела за своите две деца откако починал маж ѝ, вели: „Воопшто не е лесно да воспитуваш деца во Сатановиот свет, особено ако си самохран родител. Сепак, уверена сум во Јеховината љубов бидејќи тој беше крај мене во најтешките мигови, и никогаш не дозволи да доживеам нешто што не можев да го издржам“ (1. Кор. 10:13). Сандра страда од неизлечива болест. На еден конгрес, една сестра покажала посебен интерес за неа. Сопругот на Сандра вели: „Иако не ја познававме оваа сестра, нејзината искрена грижа длабоко нѐ трогна. Дури и малите изрази на љубов од нашите браќа и сестри ми покажуваат колку Јехова нѐ сака“.

2 Луѓето биле создадени со потреба да сакаат и да бидат сакани. Но, поради некоја болест, финансиски проблеми или затоа што не гледаме резултати од службата, можеби ќе почнеме да си мислиме дека Јехова повеќе не нѐ сака. Ако ни се случи такво нешто, добро е да се потсетиме дека сме скапоцени за него и дека тој е секогаш покрај нас. Библијата нѐ уверува дека Јехова ‚нѐ држи за десницата‘ и ни помага. Сѐ додека сме му верни, Бог нема никогаш да нѐ заборави (Иса. 41:13; 49:15).

3. Што може уште повеќе да нѐ увери дека Јехова неизмерно нѐ сака?

3 Божјите слуги кои беа спомнати во почетокот се сигурни дека Јехова бил со нив кога им било тешко. И ние може да бидеме уверени дека тој е ‚на нашата страна‘ (Пс. 118:6, 7). Во оваа статија ќе разгледаме четири дарови од Јехова кои се доказ дека тој нѐ сака: 1) неговите творби, 2) неговата Реч, 3) молитвата и 4) откупнината. Ако длабоко размислуваме за добрите работи што Јехова ги направил за нас, сигурно ќе бидеме уште поблагодарни за неговата неизмерна љубов. (Прочитај Псалм 77:11, 12.)

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ЈЕХОВИНИТЕ ТВОРБИ

4. Што учиме од Јеховините творби?

4 Дали Божјата неизмерна љубов кон нас се гледа во неговите творби? Да. Всушност, самото тоа што Јехова решил да создава е доказ за неговата љубов (Рим. 1:20). Тој ја создал Земјата на таков начин што можеме не само да постоиме туку и да му се радуваме на животот. Освен што нѐ создал со потреба да јадеме, Јехова се погрижил на Земјата да растат безброј видови растенија со најразлични вкусови во кои можеме да уживаме (Проп. 9:7). Една сестра од Канада, која се вика Кетрин, многу сака да ги набљудува Божјите творби, особено кога пристигнува пролетта. Таа вели: „Прекрасно е да се види како се буди целата природа — цвеќињата никнуваат од земјата и птиците преселници повторно се враќаат во старите гнезда, а колибрито слетува во куќичката со семчиња на мојот прозорец. Јехова сигурно многу нѐ сака штом направил сѐ за наше уживање“. Нашиот небесен Татко им се радува на своите творби и сака и ние да им се радуваме (Дела 14:16, 17).

5. Како Јехова ја покажал својата љубов со начинот на кој ги создал луѓето?

5 Јехова нѐ создал со способност да извршуваме смисловна работа која ни причинува задоволство и радост (Проп. 2:24). Тој имал намера луѓето да ја наполнат Земјата и да владеат над рибите, птиците и другите живи суштества (1. Мој. 1:26-28). Силен доказ за неговата љубов е и тоа што нѐ обдарил со особини кои се слични на неговите (Еф. 5:1).

ЦЕНИ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ

6. Зошто треба длабоко да ја цениме Божјата Реч?

6 Бог ја покажал својата огромна љубов и со тоа што ни ја дал својата Реч, Библијата. Таа ни го открива она што треба да го знаеме за него и за начинот на кој постапувал со луѓето. На пример, Библијата ни кажува како Бог постапувал со Израелците, кои честопати му биле непослушни. Во Псалм 78:38 пишува: „Тој беше милосрден, им простуваше за нивниот престап и не ги истреби. Многупати го одвраќаше својот гнев и не пламнуваше сета негова јарост“. Тоа што ќе размислуваш за овој стих може да ти помогне да сфатиш дека Јехова те сака и се грижи за тебе лично. Биди уверен дека си скапоцен во негови очи. (Прочитај 1. Петрово 5:6, 7.)

7. Од која друга причина треба да ја цениме Библијата?

7 Треба многу да ја цениме Библијата затоа што Бог комуницира со нас главно преку неа. Кога меѓу родителот и детето има отворена комуникација, љубовта и довербата меѓу нив сѐ повеќе растат. Што може да очекуваме од нашиот грижлив Татко, Јехова? Иако никогаш не сме го виделе и не сме го чуле неговиот глас, тој ни „зборува“ преку својата Реч, и ние треба да го слушаме (Иса. 30:20, 21). Јехова сака да ни го даде потребното водство и заштита. Исто така, има желба да го запознаеме и да покажуваме доверба во него. (Прочитај Псалм 19:7-11; Изреки 1:33.)

Иако Јуј морал да му даде укор на Јосафат, Јехова нашол добро во овој цар (Види во пасуси 8-9)

8, 9. Што сака Јехова да знаеме? Наведи еден пример од Библијата.

8 Јехова сака да знаеме колку е голема неговата љубов. Тој не ги гледа само нашите слабости туку го бара доброто кај нас (2. Лет. 16:9). Ова може да го видиме од примерот на Јосафат, кој владеел како цар на Јуда. Во една прилика, тој постапил немудро така што тргнал заедно со израелскиот цар Ахав во воен поход врз Рамот-Галад со цел да им го одземе овој град на Сиријците. Иако 400 лажни пророци тврделе дека злобниот Ахав ќе извојува победа, вистинскиот Божји пророк Михаија претскажал сигурен пораз. Ахав бил убиен во битката, а Јосафат едвај извлекол жива глава. Откако се вратил во Ерусалим, Јехова го укорил затоа што се здружил со Ахав. И покрај тоа, Јуј, синот на јасновидецот Ананиј, му рекол: „Сепак, се најде и нешто добро во тебе“ (2. Лет. 18:4, 5, 18-22, 33, 34; 19:1-3). Што било тоа?

9 Веднаш откако почнал да владее како цар, Јосафат ги испратил кнезовите, левитите и свештениците во градовите низ целата Јуда за да ги поучуваат неговите поданици за Божјиот закон. Ова имало толку голем успех, што околните народи почнале да се бојат од Јехова (2. Лет. 17:3-10). Иако Јосафат подоцна донел лоша одлука, Бог не ги заборавил добрите работи што ги направил овој цар. Овој библиски извештај нѐ потсетува дека, иако сме несовршени, Јехова ќе продолжи да нѐ сака ако даваме сѐ од себе за да го радуваме.

БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА ЧЕСТА ДА МУ СЕ МОЛИШ НА БОГ

10, 11. а) Зошто молитвата е скапоцен дар од Јехова? б) Како Јехова може да ни одговори на молитвите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Еден грижлив татко одвојува време да ги слуша своите деца кога тие имаат потреба да разговараат со него. Тој сака да знае што ги мачи и што ги загрижува бидејќи му е важно како се чувствуваат. Нашиот небесен Татко, Јехова, нѐ слуша кога му се молиме. Молитвата е навистина бесценет дар од Бог!

11 Ние може да му се молиме на Јехова во секое време. Тој не ни поставува никакви ограничувања. Бог е наш Пријател кој секогаш е спремен да нѐ сослуша. Тајлин, која беше цитирана во почетокот, вели: „Со него можеш да зборуваш буквално за сѐ“. Кога во молитва му ги кажуваме нашите најскриени мисли, Јехова може да ни одговори преку одредени библиски стихови, преку статија во некое наше списание или преку охрабрувачките зборови од некој наш соверник. Бог ги слуша нашите молби и нѐ разбира дури и кога никој друг не може да нѐ разбере. Со тоа што ни одговара на молитвите, тој покажува колку е голема неговата љубов кон нас.

12. Зошто треба да размислуваме за молитвите кои се запишани во Библијата? Наведи пример.

12 Може да научиме многу од молитвите запишани во Божјата Реч. Затоа е добро понекогаш да ги разгледаме таквите молитви за време на семејното проучување. И нашите молитви можат да станат подлабоки ако размислуваме на кој начин Јеховините слуги во минатото му го излевале своето срце на Бог. На пример, размисли за понизната молитва што ја кажал Јона додека бил во утробата на големата риба (Јона 1:17—2:10). Размисли и за искрената молитва што ја кажал Соломон при посветувањето на храмот (1. Цар. 8:22-53). Разгледај ја и молитвата Оченаш која Исус ни ја дал како пример (Мат. 6:9-13). Но, најважно од сѐ, секојдневно ‚изнесувај му ги своите барања на Бог‘. Како резултат на тоа, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“. Ова уште повеќе ќе ја продлабочи нашата благодарност за Јеховината непрестајна љубов кон нас (Фил. 4:6, 7).

ПОКАЖИ БЛАГОДАРНОСТ ЗА ОТКУПНИНАТА

13. Каква можност имаме благодарение на откупнината што Јехова со љубов ја обезбедил за нас?

13 Јехова ни ја дал откупнината како дар „за да добиеме живот“ (1. Јов. 4:9). Во врска со овој највозвишен израз на Божјата љубов, апостол Павле напишал: „Христос умре за безбожниците во времето што беше одредено за тоа. Навистина, тешко дека некој ќе умре за праведен, но за добар човек можеби некој и би се осмелил да умре. А Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:6-8). Благодарение на откупната жртва на Исус, луѓето добиле можност да бидат блиски со својот Творец.

14, 15. Што им овозможува откупнината на а) помазаните христијани? б) оние што имаат земна надеж?

14 Мала група христијани ја чувствуваат Јеховината неизмерна љубов на еден посебен начин (Јован 1:12, 13; 3:5-7). Откако биле помазани со свет дух, тие станале ‚Божји деца‘ (Рим. 8:15, 16). Во врска со нив, Павле рекол дека Бог ги ‚воскреснал и ги седнал со него на небесата во единство со Христос Исус‘ (Еф. 2:6). Зошто го кажал ова кога некои помазаници сѐ уште се на Земјата? Затоа што Јехова им дал надеж за бесмртен живот на небото така што ‚биле запечатени со светиот дух, кој е залог на нивното наследство‘ (Еф. 1:13, 14; Кол. 1:5).

15 Поголемиот дел од луѓето кои имаат вера во откупнината можат да станат пријатели со Јехова, и еден ден да бидат усвоени како негови деца кои ќе живеат засекогаш во ветениот рај на Земјата. Според тоа, преку откупнината Јехова ја покажува својата љубов кон сите луѓе во светот (Јован 3:16). Ако продолжиме верно да му служиме, може да бидеме уверени дека тој ќе ни подари прекрасен живот во новиот свет. Затоа, да покажеме дека многу ја цениме откупнината — најголемиот доказ за Јеховината неизмерна љубов кон нас!

ПОКАЖИ МУ НА ЈЕХОВА ДЕКА ГО САКАШ

16. На што ќе бидеме поттикнати ако длабоко размислуваме за Божјата љубов?

16 Јехова навистина ни ја покажува својата огромна љубов на безброј начини. Цар Давид пеел: „Колку ми се скапоцени твоите мисли! О Боже, колку е голем нивниот број! Кога би сакал да ги бројам, би биле побројни од песокот“ (Пс. 139:17, 18). Ако и ние размислуваме како Давид, тоа кај нас ќе разгори силна желба да му возвратиме на Јехова за сета негова љубов и грижа така што ќе му го дадеме нашето најдобро.

17, 18. Како може да му покажеме на Бог дека го сакаме?

17 Има многу начини на кои можеме да му покажеме на Јехова дека го сакаме. На пример, нашата љубов кон Бог и кон ближните јасно се гледа од тоа што ревносно ја проповедаме добрата вест (Мат. 24:14; 28:19, 20). Исто така, покажуваме дека навистина го сакаме Јехова така што верно истрајуваме кога се соочуваме со испити на нашата вера. (Прочитај Псалм 84:11; Јаков 1:2-5.) Ако минуваме низ многу тешки неволји, може да бидеме сигурни дека Бог гледа колку страдаме и дека ќе ни помогне затоа што сме скапоцени за него (Пс. 56:8).

18 Нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува да размислуваме за сите негови величествени творби и дела. Освен тоа, му покажуваме дека го сакаме и дека многу ја цениме неговата Реч кога трудољубиво ја проучуваме. Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да му се молиме. А таа љубов сѐ повеќе расте кога размислуваме за откупната жртва што ја дал за да ни ги прости гревовите (1. Јов. 2:1, 2). Ова се само неколку причини за да го сакаме Јехова и да му возвратиме за неизмерната љубов што ја покажува кон нас.