ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Нека се радуваат многубројните острови“
Никогаш нема да го заборавам тој ден во Бруклин — 22 мај 2000 год. Заедно со неколку браќа од разни делови на светот седевме во канцеларијата каде што Водечкото тело одржува состаноци. Возбудено очекувавме да влезат браќата од Одборот за пишување. Во претходните неколку седмици, дискутиравме за проблемите со кои се соочуваат преведувачите, и требаше да предложиме некои решенија. Но, зошто овој состанок беше толку важен? Пред да објаснам, да ви кажам нешто за себе.
РОДЕН СУМ во Квинсленд (Австралија), во 1955 год. Кратко потоа, мајка ми, Естел, почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Таа се крсти следната година, а татко ми, Рон, ја прифати вистината 13 години подоцна. Јас се крстив во Квинсленд во 1968 год.
Уште од мал сакав да читам и многу ме интересираа јазиците. Секогаш кога одевме на патување со родителите, седев на задното седиште во колата задлабочен во некоја книга, наместо да уживам во прекрасните глетки. Тоа сигурно многу ги нервираше мајка ми и татко ми! Но, љубовта кон книгата ми помогна во школувањето. Бев одличен ученик и добив неколку награди како средношколец во Гленорхи, на островот Тасманија.
Во тоа време се најдов пред важна одлука. Дали да ја прифатам стипендијата што ми се нудеше и да одам на факултет? Иако многу сакав да читам и да учам, среќен сум што мајка ми ми помогна да го засакам Јехова повеќе од сѐ друго (1. Кор. 3:18, 19). Затоа, со согласност од моите родители, решив да престанам со школувањето. Откако добив диплома за завршено средно образование, во јануари 1971 год. започнав со пионерска служба. Тогаш имав 15 години.
Следните осум години служев како пионер на Тасманија. Во меѓувреме се оженив со Џени Алкок, една прекрасна девојка од тој остров. Четири години служевме заедно како специјални пионери на изолирано подрачје, во гратчињата Смитон и Квинстаун.
КАКО МИСИОНЕРИ НА ОСТРОВИТЕ ВО ТИХИОТ ОКЕАН
Во 1978 год., отпатувавме за Порт Морзби (Папуа Нова Гвинеја), каде што за првпат присуствувавме на меѓународен конгрес. Сѐ уште се сеќавам на еден мисионер кој држеше говор на јазикот хиримоту. Иако не разбрав ниту збор од она што го кажа, неговиот говор ме поттикна да станам мисионер, да учам други јазици и да ги храбрам браќата така што ќе држам говори на нивниот мајчин јазик. Конечно сфатив како можам да ја искористам мојата љубов кон јазикот во службата за Јехова.
Кога се вративме во Австралија, нѐ чекаше изненадување — бевме поканети да служиме како мисионери на островот Фунафути во Тувалу, островска земја која порано беше позната под името Елисови Острови. Пристигнавме на нашата нова задача во јануари 1979 год. Тогаш во Тувалу имаше само три крстени објавители.
Не беше лесно да се учи тувалскиот јазик. Единствената книга на овој јазик беше „Новиот завет“. Бидејќи немаше речници и не се одржуваа јазични курсеви, решивме секој ден да пробаме да научиме од 10 до 20 нови зборови. Но, набрзо сфативме дека не го разбираме точното значење на повеќето зборови што ги научивме. Така, наместо да им кажеме на луѓето дека гатањето е погрешно, ние сме им кажувале дека е погрешно да користат ваги и бастуни! Сепак, моравме да го научиме јазикот бидејќи почнавме да ја проучуваме Библијата со многу луѓе. Затоа, не се откажавме. Со години подоцна, една жена со која проучувавме кога пристигнавме на островот ни кажа: „Многу сме среќни што сега го знаете нашиот јазик. Во почетокот немавме поим што сакате да ни кажете!“
Меѓутоа, имаше нешто што навистина ни помогна побрзо да го научиме новиот јазик. Бидејќи никој не издаваше куќа под кирија, моравме да живееме со едно семејство Сведоци во најголемото село. Затоа секаде зборувавме на тувалски, дури и дома. По неколку години, потполно престанавме да го користиме англискиот јазик.
Кратко откако пристигнавме, многумина покажаа интерес за вистината. Но, како можевме да ја проучуваме Библијата со нив? Немавме 1. Кор. 14:9). Се прашувавме: ‚Дали некогаш ќе се преведуваат публикации на тувалски, јазик што го зборуваат помалку од 15.000 луѓе?‘ Јехова ни одговори на овие прашања, и со тоа ни покажа две работи: 1) дека сака неговата Реч да се проповеда на „далечните острови“, и 2) дека сака ‚понизните и скромните‘ да најдат засолниште во неговото име (Ерем. 31:10; Соф. 3:12).
ниту една публикација на нивниот јазик. Како можеа самите да си проучуваат? Кои песни можеа да ги пеат на состаноците, кој материјал можеа да го користат и како можеа да се подготват за состанок? Како воопшто можеа духовно да напредуваат за да се крстат? На овие понизни луѓе им беше потребна духовна храна на нивниот мајчин јазик! (ПРЕВЕДУВАЊЕ НА ДУХОВНАТА ХРАНА
Во 1980 год., подружницата нѐ замоли да почнеме да преведуваме на тувалски иако ние лично сметавме дека сѐ уште не го знаеме јазикот доволно добро (1. Кор. 1:28, 29). Во почетокот успеавме да купиме од владата еден стар шапирограф со кој го печатевме материјалот за состаноците. Ја преведовме на тувалски и книгата Вистина која води до вечен живот, и ја отпечативме на оваа машина. Сѐ уште се сеќавам на остриот мирис на мастилото, како и на тропската горештина која ни го отежнуваше рачното печатење на сета таа литература. Во тоа време немаше ни струја!
Не беше лесно да преведуваме на тувалски бидејќи не можевме да ги провериме зборовите во речник или да истражуваме во други прирачници на овој јазик. Но, понекогаш добивавме помош од неочекувани извори. Едно утро, по грешка тропнав на вратата кај еден постар човек кој не сакаше да слуша за вистината. Овој човек, кој порано бил наставник, веднаш ме потсети дека не сака да му доаѓаме. А потоа додаде: „Само сакам да ви кажам една работа. Во вашиот превод премногу користите пасивна форма. Тоа не е во духот на тувалскиот јазик“. Се распрашав и кај други, и се покажа дека тој е во право. Затоа направивме промени за да го подобриме нашиот превод. Не можев да се изначудам како Јехова ни помогна преку човек кој,
иако се противеше на вистината, очигледно ги читаше нашите публикации!Првата публикација на тувалски јазик која ја нудевме во службата беше покана за Спомен-свеченоста. Потоа беше објавен трактатот Вест за Царството бр. 30, кој излезе во исто време со англиското издание. Бевме пресреќни што можевме да им дадеме на луѓето нешто на нивниот мајчин јазик! По некое време, на тувалски излегоа неколку брошури, па дури и книги. Во 1983 год., подружницата во Австралија почна да печати Стражарска кула на тувалски јазик која имаше 24 страници и излегуваше на секои три месеци. Така можевме да проучуваме во просек по седум пасуси седмично. На Тувалците им се допадна нашата литература бидејќи тие се народ што многу сака да чита. Секогаш кога ќе излезеше нова публикација, имаше известување на државната радиостаница, а понекогаш тоа дури беше вест на денот! *
Како се преведуваше во почетокот? Прво, текстот го пишувавме со пенкало на хартија. Потоа повеќепати го отчукувавме преведениот материјал на машина за пишување и го испраќавме до печатницата во Австралија. Таму две сестри — кои не разбираа тувалски — поединечно го внесуваа целиот текст во компјутер. Бидејќи текстот беше внесуван двапати, а потоа се споредуваа разликите, на крајот имаше неверојатно малку грешки. Подружницата правеше композиција на публикацијата, и ни ги испраќаше компонираните страници преку авионска пошта. Ние ги проверувавме, а потоа ги враќавме до подружницата за печатење.
Денес процесот на преведување е далеку подобар! Самите преведувачки тимови го внесуваат текстот во компјутер и ги прават неопходните корекции. Во повеќето случаи, текстот се компонира на истото место каде што се преведува, а потоа готовите документи се праќаат електронски до печатницата. Веќе никој не мора да трча до поштата за да ги испраќа во последен момент!
ДРУГИ ЗАДАЧИ
Низ годините, јас и Џени служевме и на разни други острови во Тихиот Океан. Во 1985 год., бевме префрлени од Тувалу во подружницата во Самоа. Таму помагавме во преведувањето на самојски, тонгаски и токелауски јазик, а продолживме да преведуваме и на тувалски. * Потоа, во 1996 год., добивме слична задача во подружницата во Фиџи, каде што можевме да помагаме во преведувањето на кирибашки, науриски, ротумански, тувалски и фиџиски јазик.
Секогаш одново се восхитувам на ревноста што ја покажуваат нашите преведувачи. Нивната задача не е секогаш лесна и може да биде заморна. И покрај тоа, исто како Јехова, овие верни браќа и сестри навистина сакаат луѓето да ја слушнат добрата вест на својот мајчин јазик (Отк. 14:6). На пример, кога правевме подготовки да се започне со превод на Стражарска кула на тонгаски јазик, имавме состанок со сите старешини на Тонга. Во таа прилика прашав кој би можел да биде обучен за преведувач. Еден од тие браќа, кој имаше добра работа како механичар, рече дека може да даде отказ уште следниот ден и веднаш да почне да преведува. Многу бев охрабрен од неговата силна вера, затоа што тој имаше семејство и, кога ја прифати задачата, не знаеше како ќе продолжи да го издржува. Сепак, Јехова се грижеше за него и за неговите најблиски, и тој со години служеше како преведувач.
Исто како овие преведувачи, браќата од Водечкото тело многу се грижат за духовните потреби на луѓето. Затоа сакаат да обезбедат литература на што е можно повеќе јазици, дури и на оние што ги зборуваат само мал број луѓе. На пример, еднаш беше поставено прашањето дали вреди да се вложува толку голем труд за да се преведуваат публикации на тувалски. Многу ме охрабри следниов одговор од Водечкото тело: „Не гледаме никаква причина да се прекине со преведување на литературата на тувалски. Иако во споредба со другите јазични групи, мал број луѓе зборуваат на овој јазик, тие сепак треба да ја слушаат добрата вест на својот мајчин јазик“.
Во 2003 год., јас и Џени бевме преместени од преведувачкото одделение во подружницата на Фиџи во преведувачката служба во Патерсон (Њујорк). Просто не можевме да веруваме! Станавме дел од еден тим што помага нашата литература да се преведува на додатни јазици. Следните две-три години имавме чест да посетиме разни земји каде што ги обучувавме преведувачките тимови.
МНОГУ ВАЖНИ ОДЛУКИ
Сега да се вратам на состанокот што го спомнав во почетокот. До 2000 год., Водечкото тело увиде дека на преведувачките тимови низ целиот свет им е потребна помош. Дотогаш, повеќето преведувачи немаа добиено речиси никаква обука. Откако ги изнесовме можните решенија за овој проблем пред Одборот за пишување, Водечкото тело даде одобрување да се спроведе обука за сите наши преведувачи во светот. Таа требаше да им помогне подобро да го разберат англискиот јазик, и да научат како да користат разни техники на преведување и како да соработуваат заедно како тим.
Каков беше резултатот од оваа обука? Една работа е што се подобри квалитетот на преводот. Освен тоа, нагло порасна и бројот на јазици на кои се печати нашата литература. Кога пристигнавме на нашата прва задача како мисионери, во 1979 год., Стражарска кула излегуваше на само 82 јазика. Изданијата на повеќето јазици излегуваа неколку месеци по англиското издание. Но, сега Стражарска кула се издава на преку 240 јазици, а повеќето од нив излегуваат во исто време со англиското издание. Денес духовната храна е достапна во разни облици на повеќе од 700 јазици. Пред десетици години ова изгледаше невозможно.
Во 2004 год., Водечкото тело донесе уште една историска одлука — да се забрза преведувањето на Библијата. Неколку месеци подоцна, ова стана дел од редовната работа и, како резултат
на тоа, Преводот Нов свет сега е достапен на многу повеќе јазици. До 2014 год., овој превод излезе целосно или делумно на 128 јазици, во кои спаѓаат и некои јазици кои се зборуваат на островите во јужниот дел на Тихиот Океан.Еден од најубавите моменти во мојот живот беше конгресот што се одржа на Тувалу во 2011 год. Оваа земја со месеци беше погодена од тешка суша, и изгледаше дека конгресот ќе биде откажан. Но, вечерта кога пристигнавме, заврна силен тропски дожд и конгресот сепак се одржа! За мене беше огромна чест што можев да го објавам излегувањето на Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи на тувалски. Иако многу малку браќа го зборуваат овој јазик, и тие можеа да го добијат овој прекрасен дар од Јехова. На крајот од конгресот, повторно заврна пороен дожд. Освен што Јехова излеа духовна вода во изобилство, програмата заврши и со изобилство од дословна вода!
За жал, Џени, која ми беше верен брачен сопатник повеќе од 35 години, не го доживеа тој незаборавен настан. Во 2009 год., таа ја изгуби својата десетгодишна битка со ракот на градата. Кога ќе воскресне, сигурно ќе биде пресреќна што излегла Библија на тувалски јазик.
Сега повторно имам прекрасна сопруга, Лорејни Сикивоу. Таа работеше со Џени во Бетелот на Фиџи, каде што служеше во преведувачкиот тим на фиџиски. Многу се радувам што пак можам да му служам на Јехова заедно со сопруга која му е верна и која ги сака јазиците исто како и јас.
Низ годините, видов како нашиот мил Татко, Јехова, се грижи за потребите на луѓето од сите јазици, дури и ако нивниот јазик го зборуваат само малкумина (Пс. 49:1-3). Гледав колку се среќни луѓето кога за првпат ќе ги добијат нашите публикации на својот мајчин јазик или ќе му запеат фалби на Јехова на јазикот на своето срце (Дела 2:8, 11). Сѐ уште се сеќавам на зборовите на Сауло Теаси, еден постар брат од Тувалу. Откако за првпат испеа теократска песна на својот јазик, тој рече: „Мислам дека треба да му кажеш на Водечкото тело дека овие песни звучат подобро на тувалски отколку на англиски“.
Во септември 2005 год., се изненадив кога добив покана да служам како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Иако веќе не можам да служам како преведувач, му благодарам на Јехова што ми дозволува да помагам во меѓународното преведувачко дело. Пресреќен сум што тој се грижи за духовните потреби на сите свои слуги — дури и на оние што живеат на далечните острови во Тихиот Океан! Како што рекол псалмистот: „Јехова стана цар! Нека се весели земјата! Нека се радуваат многубројните острови!“ (Пс. 97:1).
^ пас. 18 Нешто повеќе за тоа на каков одѕив наиде нашата литература кај локалното население можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 декември 2000, стр. 32; од 1 јануари 1989, стр. 18 (хрв.) и во Разбудете се! од 22 декември 2000, стр. 9 (хрв.).
^ пас. 22 Нешто повеќе за преведувањето на островот Самоа има во Годишникот за 2009, стр. 120-121, 123-124.