Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Продолжи да чекаш!

Продолжи да чекаш!

„Дури и да се забави, чекај го“ (АВАК. 2:3)

ПЕСНИ: 128, 45

1, 2. Каков став имале отсекогаш Јеховините слуги?

ЈЕХОВИНИТЕ СЛУГИ отсекогаш стрпливо чекале да се исполнат пророштвата. На пример, Еремија прорекол дека Вавилонците ќе ја опустошат Јуда, и тоа навистина се случило во 607 год. пр.н.е. (Ерем. 25:8-11). Исаија, кој претскажал дека Јехова повторно ќе ги врати еврејските заробеници во нивната родна земја, рекол: „Среќни се сите што го чекаат него“ (Иса. 30:18). И пророкот Михеј, кој бил сигурен дека ветувањата во врска со древниот Божји народ ќе се исполнат, рекол: „Јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам“ (Мих. 7:7). Освен тоа, Божјите слуги со векови чекале да се исполнат пророштвата за Месијата, односно Христос (Лука 3:15; 1. Пет. 1:10-12). *

2 И денешните Јеховини слуги се во исчекување бидејќи некои пророштва во врска со Месијата сѐ уште се исполнуваат. Преку месијанското Царство, Јехова наскоро ќе му стави крај на сето страдање кога ќе ги уништи злите и ќе го избави својот народ од овој опасен свет кој е под власта на Сатана (1. Јов. 5:19). Затоа мора спремно да го чекаме Јеховиниот ден, кој може да дојде во секој момент, и да направиме сѐ што е потребно за да бидеме подготвени за него.

3. Што можеби се прашуваме ако веќе долго време чекаме да дојде крајот?

3 Како слуги на Бог, ние копнееме неговата ‚волја да се врши како на небото така и на земјата‘ (Мат. 6:10). Но, ако со години го чекаме крајот на овој свет, можеби се прашуваме: ‚Дали навистина имаме цврсти причини да продолжиме да го чекаме?‘ Да видиме.

ЗОШТО И ПОНАТАМУ ДА ЧЕКАМЕ?

4. Зошто е важно да ‚бдееме‘?

4 Библијата јасно кажува каков став треба да имаме кон претстојното уништување на овој свет. Лично Исус им заповедал на своите следбеници да ‚бдеат‘ и да ‚бидат будни‘ (Мат. 24:42; Лука 21:34-36). Тоа само по себе е доволна причина да бидеме во исчекување! Но, и Божјата организација ни дава добар пример во овој поглед. Таа постојано нѐ потсетува ‚да го очекуваме и да го имаме на ум Јеховиниот ден‘, и да ги насочиме мислите на ветениот нов свет. (Прочитај 2. Петрово 3:11-13.)

5. Зошто е особено важно да бидеме будни денес?

5 Штом христијаните во првиот век требало да го очекуваат Јеховиниот ден, колку повеќе треба да го очекуваме ние, кои живееме за време на Христовата присутност! Знакот што го дал Исус јасно покажува дека тој владее како Цар на Божјето Царство од 1914 год., и дека ние живееме во последните денови, односно во „свршетокот на овој поредок“. Во склад со ова пророштво, условите во светот стануваат сѐ полоши, а добрата вест за Царството се проповеда по целата Земја (Мат. 24:3, 7-14). Бидејќи Исус не кажал колку долго ќе траат последните денови, денес е особено важно да бидеме подготвени и духовно будни.

6. Зошто може да очекуваме условите во светот уште повеќе да се влошуваат додека се ближи крајот?

6 Библијата прорекла дека „во последните денови“ луѓето ќе стануваат сѐ полоши (2. Тим. 3:1, 13; Мат. 24:21; Отк. 12:12). Според тоа, иако сега условите се лоши, знаеме дека ќе се влошат уште повеќе. Затоа, некој би можел да се праша: „Можно ли е изразот ‚свршетокот на овој поредок‘ да се однесува на некој период во иднина кога ќе биде уште полошо?“

7. Што покажува Матеј 24:37-39 во врска со условите во светот во последните денови?

7 Некои можеби мислат дека, пред да почне „големата неволја“, ќе има војна во секоја земја и дека најголемиот дел од луѓето ќе гладуваат или ќе бидат болни (Отк. 7:14). Се разбира, во такви услови, на сите би им било јасно дека се исполнуваат библиските пророштва, дури и на оние што не веруваат во Бог. Но, Исус рекол дека повеќето луѓе ‚нема да обрнуваат внимание‘ на неговата присутност, и ќе си продолжат со своите секојдневни активности сѐ додека не биде предоцна. (Прочитај Матеј 24:37-39.) Според тоа, Библијата покажува дека условите во светот во последните денови нема да бидат толку неподносливи што луѓето ќе бидат принудени да веруваат дека крајот е близу (Лука 17:20; 2. Пет. 3:3, 4).

8. Во што сме уверени затоа што го гледаме исполнувањето на знакот кој го дал Исус?

8 Исус го дал знакот за последните денови за да им помогне на своите ученици да бидат свесни во кое време живеат, и да останат будни (Мат. 24:27, 42). Од 1914 год. почнале да се исполнуваат разните обележја на овој знак. Затоа, ние сме цврсто уверени дека сега живееме во „свршетокот на овој поредок“ — ограничен временски период кој ќе заврши кога злобниот свет на Сатана ќе биде срамнет со земја.

9. Од кои причини треба и понатаму будно да чекаме да дојде крајот?

9 Значи, зошто мора и понатаму да чекаме да дојде крајот? Прво, затоа што сме му послушни на Исус Христос. Второ, јасно гледаме дека се исполнува знакот што го дал тој. И трето, уверени сме дека крајот е близу, не затоа што сме лековерни, туку затоа што имаме цврсти библиски докази за тоа. Многу е важно и понатаму да бидеме будни и подготвени за да го дочекаме уништувањето на овој злобен свет.

УШТЕ КОЛКУ ДОЛГО?

10, 11. а) Што им рекол Исус на своите ученици дека е можно да се случи? б) Што требало да прават учениците на Исус ако крајот не дошол толку брзо колку што очекувале? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Мнозина од нас со години верно му служат на Јехова и со душа го очекуваат неговиот ден. Но, сеедно колку долго чекаме, и понатаму да бидеме решени да останеме духовно будни. Мора да бидеме спремни кога Исус ќе дојде да му стави крај на Сатановиот свет. Сети се дека тој им го кажал следново на своите ученици: „Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа. Тоа е како човек кој отпатува во туѓина и ја остави својата куќа и им го довери управувањето на своите робови, секому давајќи му ја неговата работа, а на вратарот му заповеда да бдее. Затоа бдејте, бидејќи не знаете кога доаѓа господарот на куќата, дали навечер, или на полноќ, или кога ќе пропеат петлите, или рано наутро, за, кога ќе дојде ненадејно, да не ве најде како спиете. А ова што ви го велам вам, им го велам на сите: Бдејте!“ (Мар. 13:33-37).

11 Кога сфатиле дека Исус почнал да владее во 1914 год., неговите следбеници заклучиле дека крајот може да дојде во секое време. Затоа се подготвиле така што продолжиле уште поревносно да проповедаат. Сепак, Исус кажал дека Господарот би можел да се врати во кое и да било време во текот на ноќта, што значи дека било можно да дојде и подоцна, „кога ќе пропеат петлите, или рано наутро“. Што требало да прават неговите ученици во таков случај? Тој им рекол: „Бдејте!“ Затоа, дури и да чекаме веќе долго време, тоа воопшто не значи дека крајот е далеку или дека нема да дојде во текот на нашиот живот.

12. Кое прашање му го поставил Авакум на Јехова, и што му одговорил Тој?

12 Да го земеме за пример пророкот Авакум. Јехова го испратил за да го претскаже уништувањето на Ерусалим. И други пророци пред него со години ја разгласувале истата порака. Авакум гледал дека имало злоба и неправди повеќе од кога и да е порано. Затоа не е чудо што прашал: „До кога, Јехова, ќе викам за помош?“ Иако не му кажал кога ќе дојде крајот, Јехова го уверил овој верен пророк дека прореченото уништување „нема да задоцни“. Тој го поттикнал да продолжи да чека. (Прочитај Авакум 1:1-4; 2:3.)

13. Како можел да размислува Авакум, и зошто тоа можело да биде погубно за него?

13 Замисли си што би можело да се случи доколку Авакум се обесхрабрел и си рекол: ‚Веќе со години чекам да биде уништен Ерусалим. Што ако неговото уништување е сѐ уште далеку? Тогаш не мора јас да пророкувам. Некој друг нека го прави тоа‘. Ако Авакум размислувал на ваков начин, ќе ја изгубел Јеховината милост. А веројатно ќе го изгубел и својот живот кога Вавилонците го уништиле Ерусалим.

14. Зошто во новиот свет ќе бидеме благодарни што Јехова нѐ предупредувал будно да го чекаме крајот?

14 Во новиот свет, ќе можеме да размислуваме како се исполниле сите проречени настани во врска со крајот на овој поредок. Тоа уште повеќе ќе ја зајакне нашата доверба во Јехова и во сите други ветувања кои допрва ќе треба да се исполнат. (Прочитај Исус Навин 23:14.) Тогаш сигурно ќе бидеме благодарни што Бог, кој ‚ги има времињата и раздобјата под своја власт‘, нѐ предупредувал будно да го чекаме крајот кој сега е толку близу! (Дела 1:7; 1. Пет. 4:7).

ДОДЕКА ЧЕКАМЕ, ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ПРОПОВЕДАМЕ!

Дали ревносно ја проповедаш добрата вест? (Види во пасус 15)

15, 16. Зошто треба да имаме што е можно поголем удел во проповедањето кое се извршува во ова време на крајот?

15 Јеховината организација и понатаму ќе нѐ потсетува да му служиме на Бог со чувство на итност. Овие потсетувања ни помагаат да останеме зафатени во службата, но и да не заборавиме дека знакот на Христовата присутност се исполнува пред наши очи. Најдоброто нешто што може да го правиме денес е да го бараме најнапред Царството и Божјата праведност така што ревносно ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест (Мат. 6:33; Мар. 13:10).

16 Една сестра рекла: „Со нашето проповедање... можеме да им помогнеме на луѓето да се спасат од сигурна смрт во катастрофата што му претстои на овој свет“. Таа знае што значи некој да биде спасен. Заедно со својот сопруг, успеала да преживее кога потонал големиот патнички брод Вилхелм Густлоф, во 1945 год. Ова се смета за една од најстрашните поморски несреќи на сите времиња. Дури и во една таква опасна ситуација, човек може да има погрешно гледиште за она што е вистински важно. Сестрата се сеќава дека една жена постојано викала: „Куферите! Куферите! Накитот! Целиот накит ми остана во кабината. Изгубив сѐ!“ За разлика од неа, неколку самопожртвувани патници си го ризикувале животот за да ги спасат оние кои паднале во студеното море. Слично на тие несебични луѓе, и ние правиме сѐ што е во наша моќ за да им помагаме на другите. Постојано размислуваме за тоа колку е важно да проповедаме за да им помогнеме да ја преживеат неизбежната катастрофа што му се заканува на овој свет.

Донесувај мудри одлуки и не дозволувај ништо да ти го одврати вниманието од проповедањето (Види во пасус 17)

17. Зошто треба да бидеме уверени дека крајот може да дојде во секој момент?

17 Настаните што се случуваат на светската сцена јасно покажуваат дека библиските пророштва сега се исполнуваат и дека крајот на овој свет само што не дошол. Не треба да заклучиме дека мора да помине уште многу време пред „десетте рогови“ и „ѕверот“, за кои се зборува во Откровение 17:16, да го нападнат Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Не заборавај дека Бог ќе „им стави во срцата“ да го направат тој чекор — а тоа може да се случи брзо и во секој момент! (Отк. 17:17). Крајот на овој свет навистина не е далеку! Имаме добра причина да го послушаме следново предупредување на Исус: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка“ (Лука 21:34, 35; Отк. 16:15). Да бидеме решени да му служиме на Јехова со чувство на итност, уверени дека тој ќе ‚направи нешто за оној што го чека него‘ (Иса. 64:4).

18. Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Додека го очекуваме крајот на сегашниов свет, да ги послушаме следните зборови што ги напишал ученикот Јуда под водство на светиот дух: „Сакани, изградувајќи се врз својата најсвета вера и молејќи се со светиот дух, стојте во Божјата љубов додека го чекате милосрдието на нашиот Господар Исус Христос и се надевате на вечниот живот“ (Јуда 20, 21). Но, како можеме да покажеме дека живееме со Божјиот нов свет во мислите и дека навистина со душа го очекуваме да дојде? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

^ пас. 1 Во книгата Што навистина учи Библијата?, на страница 200, е даден список со некои библиски пророштва за Месијата и нивното исполнување.