Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Бидете непоколебливи во верата“

„Бидете непоколебливи во верата“

„Бидете непоколебливи во верата... бидете јаки!“ (1. КОР. 16:13)

ПЕСНИ: 60, 64

1. а) Што му се случило на Петар во една бура на Галилејското Море? (Види ја сликата погоре.) б) Зошто Петар почнал да тоне?

ЕДНА ноќ, апостол Петар и некои други ученици на Исус пловеле со чамец на Галилејското Море кога фатила голема бура. Додека се мачеле да довеслаат до брегот, го здогледале Исус како оди по водата. Петар повикал кон него: „Заповедај ми да дојдам кај тебе по водата!“ Кога Исус му рекол да дојде, Петар излегол од чамецот и се случило чудо — тој навистина можел да оди по разбрануваната вода! Но, кога го видел бурниот ветар, се исплашил и почнал да тоне. Тогаш повикал кон Исус, кој веднаш ја испружил раката и го фатил, па му рекол: „Маловерен, зошто се посомнева?“ (Мат. 14:24-32).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Да разгледаме три работи што можеме да ги научиме од оваа случка со Петар: 1) како тој во почетокот покажал вера дека Бог ќе му помогне, 2) зошто во еден момент верата му ослабнала, и 3) што му помогнало повторно да си ја зајакне. Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да видиме како може ‚да бидеме непоколебливи во верата‘ (1. Кор. 16:13).

ВЕРА ДЕКА БОГ ЌЕ НИ ПОМАГА

3. Зошто Петар излегол од чамецот, и во кој поглед и ние сме направиле нешто слично?

3 Петар покажал силна вера. Кога Исус го повикал, тој излегол од чамецот и почнал да оди по водата бидејќи имал доверба дека со Божја помош може да го стори тоа. На сличен начин, кога му го заветувавме својот живот на Јехова и се крстивме, и ние го прифативме повикот на Исус да бидеме негови следбеници. Со тоа покажавме вера и во него и во Бог, како и доверба дека тие ќе ни помагаат на разни начини (Јован 14:1; прочитај 1. Петрово 2:21).

4, 5. Зошто верата е скапоцена особина?

4 Верата е навистина скапоцена особина. Исто како што му помогнала на Петар да оди по водата, ни помага и нам да правиме работи што се чинат невозможни од човечка гледна точка (Мат. 21:21, 22). На пример, мнозина од нас направиле толкави промени во своите ставови и навики, што оние кои нѐ знаат од порано едвај можат да нѐ препознаат. Јехова ни ја давал потребната помош бидејќи сме ги правеле овие чекори поттикнати од вера. (Прочитај Колошаните 3:5-10.) Поради верата во Бог, ние сме му се заветувале и сме станале негови пријатели — нешто што никогаш не би го постигнале без негова помош (Еф. 2:8).

5 Нашата вера и понатаму ни влева сила. Ни помага да се спротивставиме на нападите на Ѓаволот, кој е наш моќен непријател (Еф. 6:16). Освен тоа, довербата во Јехова ни помага да не се грижиме премногу кога се соочуваме со неволји. Бог ветува дека ќе ги задоволи нашите материјални потреби ако поради својата вера го ставиме Царството на прво место (Мат. 6:30-34). Што е уште поважно, бидејќи покажуваме вера во него, Јехова ќе ни даде вечен живот — прекрасен дар што никој не може да го добие поради своите заслуги (Јован 3:16).

ШТО МОЖЕ ДА НИ ЈА ОСЛАБНЕ ВЕРАТА

6, 7. а) Со што можат да се споредат ветрот и брановите од кои се уплашил Петар? б) Зошто мора да сфатиме дека е можно да ја изгубиме верата?

6 Додека одел по водата, Петар се уплашил од ветрот и од брановите. Тие можат да се споредат со неволјите и испитите со кои се соочуваме како Божји слуги. Но, дури и ако таквите проблеми се многу тешки, Јехова може да ни помогне и да нѐ зајакне. Сети се дека Петар не почнал да тоне поради силниот налет на ветар или некој голем бран. Библијата вели: „Кога го виде бурниот ветар, се исплаши“ (Мат. 14:30). Тој се поколебал во верата откако го тргнал погледот од Исус. И ние би можеле да почнеме да тонеме во симболична смисла ако ‚го гледаме бурниот ветар‘, односно ако мислиме само на тоа колку се тешки проблемите и се сомневаме дека Јехова ќе ни помогне.

7 Зошто мора да сфатиме дека е можно да ја изгубиме верата? Бидејќи Библијата укажува дека недостигот на вера е ‚грев, кој лесно може да нѐ намами во замка‘ (Евр. 12:1). Како што видовме од случката со Петар, верата може лесно да ни ослабне ако го насочиме погледот на погрешни работи. Од каде може да знаеме дали нашата вера е во опасност? Следниве прашања ќе ни помогнат да се преиспитаме.

8. Зошто Божјите ветувања би можеле да ни изгледаат помалку реални од порано?

8 Дали Божјите ветувања ми се исто толку реални како порано? На пример, Бог ветил дека ќе го уништи сегашниов свет. Дали можеби верата во ова ветување ни ослабнала затоа што дозволуваме разните видови забава кои ги нуди светот да ни го одвлечат вниманието? Ако да, би можеле да почнеме да се сомневаме дека крајот навистина е близу (Авак. 2:3). Да земеме и еден друг пример. Бог ветува дека ќе ни прости на темел на откупнината. Но, ако постојано нѐ измачуваат чувства на вина поради грешките од минатото, можеби ќе почнеме да се сомневаме дека Јехова ‚ги избришал‘ сите наши гревови (Дела 3:19). Како резултат на тоа, би можеле да ја изгубиме радоста во службата и да престанеме да проповедаме.

9. Што би можело да се случи ако се посветиме на лични цели?

9 Дали сѐ уште му го давам најдоброто на Јехова? Павле рекол дека, ако и понатаму трудољубиво му служиме на Бог, ќе бидеме ‚потполно сигурни во исполнувањето на нашата надеж‘. Меѓутоа, што би можело да се случи ако им се посветиме на лични цели како, на пример, работа која е добро платена, но нѐ спречува да му служиме целосно на Јехова? Верата би можела да ни ослабне, и би можеле да ‚станеме мрзливи‘, односно да правиме за Јехова помалку отколку што ни дозволуваат околностите (Евр. 6:10-12).

10. Како покажуваме вера во Јехова кога им простуваме на другите?

10 Дали ми е тешко да простувам? Кога некој ќе нѐ навреди или повреди, можеби мислиме само на своите чувства. Од таа причина, би можеле да му се налутиме или да не му зборуваме. Но, ако спремно простуваме, покажуваме вера во Јехова. Во која смисла? Кога некој ќе ни згреши, тој ни станува должник исто како што и ние му стануваме должници на Бог кога му грешиме (Лука 11:4). Сепак, свесни сме дека Божјиот благослов зависи од тоа дали сме спремни да им ги простиме „долговите“, односно грешките на другите. Затоа, кога простуваме, ние покажуваме доверба дека Јехова ќе нѐ благослови поради тоа, а неговиот благослов ни е поважен отколку да ги натераме оние што ни згрешиле да ни платат. Учениците на Исус сфатиле дека им е потребна вера за да простуваат. Кога тој им рекол да им простуваат дури и на оние кои многупати им грешат, тие го молеле: „Дај ни уште вера“ (Лука 17:1-5).

11. Како би можеле да пропуштиме да извлечеме корист од некој библиски совет?

11 Дали се лутам кога ќе добијам совет? Труди се да извлечеш поука наместо да бараш грешки во советот или да му наоѓаш маани на оној што ти го дал (Изр. 19:20). Немој да ја пропуштиш можноста да го доведеш своето размислување во склад со Божјето!

12. Што можеби не е во ред со некој што постојано зборува негативно за именуваните браќа?

12 Дали негодувам против именуваните браќа во собранието? Во една прилика, Израелците почнале да мрморат против Мојсеј и Арон затоа што се концентрирале на лошиот извештај на десетте извидници. Тогаш Јехова го прашал Мојсеј: „До кога нема да ми веруваат?“ (4. Мој. 14:2-4, 11). Со своето негодување, Израелците, всушност, покажале дека не му веруваат на Бог, кој ги поставил Мојсеј и Арон. Ако и ние постојано зборуваме негативно за оние преку кои Јехова го води својот народ, зарем тоа не покажува дека нашата вера ослабнала?

13. Зошто не треба да се разочараме ако увидиме дека нашата вера донекаде ослабнала?

13 Дали можеби ова разгледување ти помогна да сфатиш дека твојата вера донекаде ослабнала? Ако да, не се разочарувај! Дури и апостол Петар понекогаш се борел со страв и сомнежи. Всушност, Исус понекогаш ги прекорувал сите апостоли бидејќи во некои ситуации не покажале доволно вера (Мат. 16:8). Сепак, може да извлечеме важна поука од случката со Петар. Забележи што направил откако се посомневал и почнал да тоне.

ЗА ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕШ ВЕРАТА, ВПЕРИ ГО ПОГЛЕДОТ ВО ИСУС

14, 15. а) Што направил Петар кога почнал да тоне? б) Како може да го ‚впериме погледот‘ во Исус?

14 Што направил Петар откако се уплашил и почнал да тоне? Како добар пливач, можел да се обиде да отплива до чамецот и да се спаси. Всушност, тоа можеби било првото нешто што му паднало на ум (Јован 21:7). Сепак, наместо да се потпре на себе, тој го насочил вниманието кон Исус и прифатил помош од него. Ако чувствуваме дека верата ни ослабнала, треба да го следиме примерот на Петар. Како?

15 Исто како што Петар го насочил вниманието кон својот Господар, и ние мора „да го впериме погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус“. (Прочитај Евреите 12:2, 3.) Се разбира, не можеме дословно да го видиме Исус како што го гледал Петар. Наместо тоа, ‚го вперуваме погледот‘ во него кога читаме и размислуваме за неговите учења и постапки, и кога се трудиме да го следиме во сѐ. Така ја добиваме помошта која ни е потребна за да си ја зајакнеме верата. Да разгледаме во кои работи би можеле да бидеме послични на Исус.

Може да останеме цврсти во верата ако го впериме погледот во Исус и ако во сѐ ги следиме неговите стапки (Види во пасус 15)

16. Како може Библијата да ни ја зајакне верата?

16 Зајакни ја својата доверба во Библијата. Исус бил уверен дека Јеховината реч е вистина, и дека може да ни даде најдобро водство (Јован 17:17). За да имаме слична увереност, ние мора да ја читаме Библијата секој ден, да ја проучуваме и длабоко да размислуваме за она што го учиме. Освен тоа, мора да истражуваме потемелно за да ги најдеме одговорите на прашањата кои можеби ги имаме. На пример, ако детално ги проучиш библиските докази што покажуваат дека живееме во последните денови, уште повеќе ќе се увериш дека крајот на овој свет навистина е близу. Зајакни си ја довербата во библиските ветувања за иднината така што ќе ги проучуваш исполнетите пророштва. Увери се во практичната вредност на Библијата со тоа што ќе читаш за браќа и сестри на кои таа им помогнала да си го подобрат животот * (1. Сол. 2:13).

17. Зошто Исус му останал верен на Бог иако се соочил со страшни испити, и како можеш да го следиш неговиот пример?

17 Мисли на благословите што ни ги ветил Јехова. Иако се соочил со страшни испити, Исус му останал верен на Бог затоа што мислел на ‚радоста што стоела пред него‘ (Евр. 12:2). Тој не дозволил работите во светот ни за миг да му го одвлечат вниманието (Мат. 4:8-10). Можеш да го следиш неговиот пример така што ќе размислуваш за прекрасните Божји ветувања. Би можел да напишеш или да нацрташ што би сакал да правиш откако Бог ќе го отстрани овој злобен поредок. Тоа ќе ти помогне уште поживо да си го замислиш новиот свет. Запиши си кои луѓе едвај чекаш да ги сретнеш кога ќе воскреснат и што би сакал да им кажеш. Гледај на овие ветувања како на нешто што Бог ти го дал тебе лично, а не само на луѓето општо земено.

18. Како може молитвата да ти помогне да си ја зајакнеш верата?

18 Моли се за посилна вера. Исус ги поучил своите следбеници да бараат свет дух од Јехова (Лука 11:9, 13). Кога го правиш тоа, моли се и за посилна вера, бидејќи таа е еден од плодовите на духот. Биди конкретен во молитвите. На пример, ако сфаќаш дека ти е тешко да простуваш, моли го Јехова да ти ја зајакне верата за да ја совладаш таа слабост.

19. Како можеме да избереме добри пријатели?

19 Дружи се со оние што имаат силна вера. Исус внимателно ги избирал своите пријатели. Апостолите, кои му биле најблиски пријатели, му останале верни така што ги слушале неговите заповеди. (Прочитај Јован 15:14, 15.) Затоа, кога избираш пријатели, добро е тие да бидат лица кои ја покажуваат својата вера со тоа што му се послушни на Исус. Вистинските пријатели се искрени и отворени еден со друг, дури и кога треба да дадат или да добијат совет (Изр. 27:9).

20. Каква корист имаме кога им помагаме на другите да си ја зајакнат верата?

20 Помагај им на другите да си ја зајакнат верата. И со збор и на дело, Исус им ја зајакнувал верата на учениците (Мар. 11:20-24). Ние треба да го следиме неговиот пример бидејќи на тој начин ќе ја зајакнеме и својата вера (Изр. 11:25). Кога проповедаш или ги поучуваш луѓето, истакни ги доказите кои покажуваат дека Бог постои, дека се грижи за нас и дека Библијата е негова Реч. Помагај им и на своите браќа и сестри да си ја зацврстат верата. Ако забележиш дека некои се борат со сомнежи — можеби така што почнуваат да мрморат против именуваните браќа — немој веднаш да ги избегнуваш. Наместо тоа, потруди се тактично да им помогнеш да преземат чекори да си ја зајакнат верата (Јуда 22, 23). Ако на училиште се дискутира за еволуција, смело брани ја својата вера во создавањето. Би можел да се изненадиш како ќе влијае тоа врз другите!

21. Каква помош му дава Јехова секому од нас?

21 Преку Исус, Јехова му помогнал на Петар да ги победи стравот и сомнежите. Во подоцнежните години од животот, овој апостол бил пример на вера за христијаните. Јехова му помага секому од нас да остане цврст во верата. (Прочитај 1. Петрово 5:9, 10.) Затоа, да даваме сѐ од себе за да си ја зајакнеме верата бидејќи тоа ќе ни донесе неспоредливи благослови!

^ пас. 16 Види ја рубриката „Библијата менува животи“ во Стражарска кула, издание за јавност.