Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како Јехова покажува дека нѐ сака?

Како Јехова покажува дека нѐ сака?

„Видете каква љубов ни дал Таткото“! (1. ЈОВ. 3:1)

ПЕСНИ: 91, 13

1. На што нѐ поттикнал апостол Јован, и зошто?

ВО 1. Јованово 3:1, апостол Јован нѐ поттикнал да размислуваме за неизмерната љубов која ни ја покажува Јехова. Тој напишал: „Видете каква љубов ни дал Таткото“! Кога длабоко размислуваме за љубовта на Јехова и за начинот на кој ја покажува кон нас, стануваме поблиски со него и уште повеќе го сакаме.

2. Зошто на некои им е тешко да сфатат дека Бог ги сака?

2 За жал, на некои им е тешко да сфатат дека Бог ги сака. Тие сметаат дека тој не се грижи за луѓето, туку само поставува закони и ги казнува оние што не му се послушни. Поради некои длабоко вкоренети лажни учења, можеби веруваат дека Бог е немилосрден и дека е невозможно да го сакаме. Од друга страна, има и такви кои мислат дека Божјата љубов е безусловна, и дека тој ги сака сите без разлика како постапуваат. Но, проучувањето на Библијата ти помогнало да ја дознаеш вистината за Јехова. Си сфатил дека љубовта е негова главна особина и дека таа го поттикнала да го даде својот Син како откупнина за тебе (Јован 3:16; 1. Јов. 4:8). И покрај тоа, ако си имал лошо искуство во животот, можеби ти е тешко да разбереш колку многу Јехова те сака.

3. Што ќе ни помогне да сфатиме дека Јехова нѐ сака?

3 За да сфатиме дека Јехова нѐ сака, најпрво треба да признаеме дека ни дал живот — тој е нашиот Творец. (Прочитај Псалм 100:3-5.) Затоа Библијата го нарекува Адам „син на Бог“, а Исус ги поучил своите следбеници да му се обраќаат на Јехова со „Татко наш, кој си на небесата“ (Лука  3:38; Мат. 6:9). Бидејќи е наш Татко, Јехова нѐ сака исто како што еден грижлив татко ги сака своите деца.

4. а) Каков Татко е Јехова? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

4 За жал, на некои им е тешко да го поврзат зборот „татко“ со личност која е полна со љубов. Можеби тие имаат болни спомени од детството бидејќи нивниот татко бил суров кон нив, и тоа им оставило длабоки рани во душата. Но, Јехова во никој случај не е таков татко (Пс. 27:10). Ако знаеме колку тој нѐ сака и колку се грижи за нас, сигурно ќе бидеме поттикнати уште повеќе да се зближиме со него (Јак. 4:8). Во оваа статија ќе разгледаме четири начини на кои Јехова ја покажува својата љубов кон нас. Во следната статија ќе видиме на кои четири начини ние може да му покажеме дека го сакаме.

ЈЕХОВА Е ГРИЖЛИВ ТАТКО

5. Што им кажал апостол Павле на Атињаните за Бог?

5 Кога бил во Атина, апостол Павле забележал дека градот е преполн со идоли на разни божества. Атињаните верувале дека тие нивни богови им дале живот. Затоа Павле бил поттикнат да им каже: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него... им дава на сите живот и здив и сѐ. Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:24, 25, 28). Да, Јехова е тој кој ни дава сѐ што ни е потребно за да нѐ одржува во живот. Да размислиме за некои работи кои тој со љубов ни ги дал.

6. Како се гледа љубовта на Јехова од начинот на кој ја создал Земјата? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Размисли за Земјата, која нашиот Создател, Јехова, „им ја дал на синовите човечки“ (Пс. 115:15, 16). Научниците потрошиле огромни суми пари за да ја истражуваат вселената и да најдат други планети слични на нашата. Иако досега биле откриени стотици планети, научниците се разочарани што ниту една од нив нема сѐ што е потребно за да можат луѓето да преживеат. По сѐ изгледа, Земјата е уникатна Божја творба. Замисли си, од неброените планети во вселената, Јехова не само што ја создал нашата Земја со услови за живот, туку и ја претворил во удобен, прекрасен и безбеден дом за луѓето! (Иса. 45:18). Ова јасно покажува колку многу нѐ сака. (Прочитај Јов 38:4, 7; Псалм 8:3-5.)

7. Како се гледа дека Бог нѐ сака од начинот на кој нѐ создал?

7 Освен што се погрижил за нашите материјални потреби, Јехова ја покажал својата љубов и така што ги создал луѓето според својот лик (1. Мој. 1:27). Ова значи дека им дал способност да ја чувствуваат неговата љубов и грижа, и да му возвратат. Тој знае дека токму тоа нѐ прави вистински среќни. Впрочем, зарем едно дете не е најсреќно кога добива љубов и внимание од своите родители? Освен тоа, Исус нѐ поучил дека ќе бидеме среќни ако сме блиски со нашиот Татко, Јехова, кога рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Како грижлив Татко, Јехова „богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“. Тој навистина великодушно се грижи за сите наши материјални и духовни потреби! (1. Тим. 6:17; Пс. 145:16).

ЈЕХОВА СО ЉУБОВ НЀ ПОУЧУВА ЗА ВИСТИНАТА

8. Што покажува дека ‚Богот на вистината‘ нѐ сака?

8 Татковците ги сакаат своите деца и се трудат да ги заштитат за да не бидат измамени или заведени. Сепак, многу родители не можат да им дадат исправно водство на децата бидејќи самите ги отфрлаат библиските мерила. Како резултат на тоа, сите во семејството се збунети и несреќни (Изр. 14:12). Од друга страна, Јехова е ‚Богот на вистината‘ (Пс. 31:5). Тој ги сака своите деца и со радост ги поучува. На кој начин? Така што дозволува вистината да им го осветли патот на секое поле од животот, вклучувајќи го и начинот на кој треба да му служат. (Прочитај Псалм 43:3.) Која вистина ни ја открил Јехова, и како тоа ни покажува дека нѐ сака?

Татковците го следат примерот на Јехова кога ги поучуваат своите деца за вистината и им помагаат да станат блиски со својот небесен Татко (Види во пасуси 8-10)

9, 10. Како Јехова покажал дека нѐ сака со тоа што ни ја открил вистината а) за себеси? б) за нас?

9 Пред сѐ, Јехова ни ја открива вистината за себеси. Тој ни го кажува своето лично име, кое во Библијата се појавува повеќе пати од кое и да било друго име. На тој начин, Јехова ни се приближува и ни дозволува да го запознаеме (Јак. 4:8). Бог исто така ни ги открива своите особини, односно ни кажува каков е. Видливата вселена сведочи за неговата моќ и мудрост, а Библијата ни ги открива неговата правда и неговата неизмерна љубов (Рим. 1:20). Тој е како татко кој е силен и мудар, но истовремено е праведен и полн со љубов, и затоа неговите деца можат да бидат блиски со него.

10 Јехова ни ја открива и вистината за нас, односно ни кажува какво место имаме во неговата намера. Освен тоа, ни објаснува што треба да правиме за да можеме обединето да соработуваме и да бидеме во мир со сите во неговото семејство. Библијата ни кажува дека луѓето не се создадени да бидат независни од Бог и сами да одлучуваат што е исправно, а што не. Последиците од непочитувањето на оваа основна вистина се трагични (Ерем. 10:23). Многу е важно да сфатиме дека Јехова знае што е најдобро за нас. Само ако го почитуваме неговиот авторитет, ќе може да живееме во мир и хармонија. Бог ни ја открил оваа важна вистина затоа што многу нѐ сака!

11. Кое ветување од Јехова покажува колку многу тој нѐ сака и се грижи за нас?

11 Еден грижлив татко е многу заинтересиран за иднината на своите деца и сака тие да водат исполнет и среќен живот. За жал, денес повеќето луѓе не знаат што им носи иднината или, пак, го трошат животот на работи кои не им носат трајна корист (Пс. 90:10). Но, како Божји деца, ние навистина се чувствуваме сакани бидејќи нашиот Татко ни ветил прекрасна иднина. Тоа му дава вистинска смисла на нашето постоење.

ЈЕХОВА ГИ СОВЕТУВА И ГИ УКОРУВА СВОИТЕ ДЕЦА

12. Како Јехова со љубов ги советувал Каин и Варух?

12 Кога видел дека Каин е во опасност да направи нешто многу лошо, Јехова се обидел да му помогне така што го прашал: „Зошто се разгневи и зошто ти е смуртено лицето? Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил?“ (1. Мој. 4:6, 7). Овој совет бил за доброто на Каин и Јехова му го дал навреме. За жал, Каин не го послушал предупредувањето, и последиците биле страшни (1. Мој. 4:11-13). Друг пример е Варух, писарот на Еремија. Кога тој се почувствувал исцрпено и обесхрабрено, Јехова му дал совет за да му помогне да сфати дека не размислува исправно и дека треба да направи промена. За разлика од Каин, Варух го прифатил Божјиот совет, и си го зачувал животот (Ерем. 45:2-5).

13. Зошто Јехова дозволил неговите верни слуги да трпат неволји?

13 Јехова ни дава водство и нѐ укорува затоа што нѐ сака како свои деца. Освен што нѐ исправа кога е неопходно, ни помага и да станеме подобри личности (Евр. 12:6). Тоа го прави на разни начини. На пример, во Библијата се зборува за некои верни слуги на Бог кои тој ги обликувал додека трпеле тешки неволји. Некои од нив биле Јосиф, Мојсеј и Давид. Она што го научиле во текот на тие испити им помогнало да ги извршуваат поголемите одговорности кои Јехова им ги доверил подоцна. Кога читаме дека тој бил со своите слуги и им помагал додека страдале, чувствуваме колку многу нѐ сака и се грижи за нас. (Прочитај Изреки 3:11, 12.)

14. Како Јехова ни покажува љубов кога ќе постапиме неисправно?

14 Јехова продолжува да ни покажува љубов дури и кога ќе постапиме неисправно. Ако го прифатиме укорот и ако се покаеме, тој ‚великодушно ќе ни прости‘ (Иса. 55:7). Што значи тоа? Давид го дал следниов прекрасен опис на Јеховиното простување: „[Тој] ти ги простува сите престапи... ти ги лекува сите болести... животот од гробна јама ти го избавува, и со милост и со милосрдие те крунисува. Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Пс. 103:3, 4, 12). Јехова нѐ советува и нѐ укорува на разни начини. Дали веднаш ги правиме потребните промени? Никогаш да не заборавиме дека Јехова нѐ укорува затоа што нѐ сака (Пс. 30:5).

ЈЕХОВА НЀ ШТИТИ И НЀ ЧУВА

15. На кој друг начин Јехова покажува дека нѐ сака?

15 Еден грижлив татко го штити и го чува своето семејство од секаква можна опасност. И нашиот небесен Татко, Јехова, постапува така. Во врска со Бог, псалмистот рекол: „Тој ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува“ (Пс. 97:10). Исто како што би сакале брзо да ги заштитиме очите затоа што ни се скапоцени, така и Јехова веднаш презема нешто за да го заштити својот народ бидејќи е скапоцен за него. (Прочитај Захарија 2:8.)

16, 17. Објасни на кои начини Јехова го штител својот народ и во минатото и денес.

16 Јехова понекогаш користи ангели за да ги заштити своите слуги (Пс. 91:11). На пример, еден ангел го избавил Ерусалим од асирските непријатели така што за само една ноќ убил 185.000 војници (2. Цар. 19:35). Во првиот век, ангели ги избавиле Петар, Павле и други од затвор (Дела 5:18-20; 12:6-11). И во нашево време, Јеховината рака не е прекратка. Еден претставник на главното седиште кој посетил една подружница во Африка известил дека земјата била опустошена од политички и верски судири. Поради постојаните престрелки, кражби, силувања и убиства, насекаде владеел хаос. Сепак, ниту еден од браќата и сестрите не загинал, иако мнозина од нив изгубиле сѐ што имале. Кога братот од главното седиште ги прашал како се справуваат со ситуацијата, со широка насмевка му рекле: „Фала му на Јехова, добри сме!“ Тие чувствувале дека Бог ги сака.

17 Точно, понекогаш Јехова им дозволува на непријателите да му го одземат животот на некој негов верен слуга, како што бил ученикот Стефан. Сепак, тој го штити својот народ како група така што го предупредува на лукавите сплетки на Сатана (Еф. 6:10-12). Библијата и библиските публикации што ги издава Божјата организација ни помагаат да сфатиме колку може да биде опасно измамливото богатство, неморалната и насилната забава, злоупотребата на Интернет итн. Јасно е дека, како грижлив Татко, Јехова прави сѐ за да нѐ заштити.

НАЈГОЛЕМА ЧЕСТ

18. Што мислиш за Јеховината љубов кон тебе?

18 Откако разгледавме неколку извонредни начини на кои Јехова ја покажува својата љубов кон нас, сигурно се чувствуваме како Мојсеј. Кога размислувал за долгите години во кои му служел на Јехова, тој рекол: „Насити нѐ наутро со својата милост за да извикуваме радосно и да се веселиме во сите свои денови!“ (Пс. 90:14). За нас е најголема чест и благослов што можеме да ја разбереме и да ја чувствуваме Јеховината љубов. Затоа, со сето срце се согласуваме со апостол Јован, кој рекол: „Видете каква љубов ни дал Таткото“! (1. Јов. 3:1).