Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Благословите од Јехова ми го збогатија животот

Благословите од Јехова ми го збогатија животот

РОДЕНА СУМ во 1927 год., во гратчето Вако (Саскачивен, Канада). Уште од мала бев научена да бидам меѓу луѓе бидејќи пораснав во големо семејство. Бевме седум деца — четири сина и три ќерки.

Моето семејство ги почувствува последиците од големата економска криза во 1930-тите, позната и како Големата депресија. Сепак, иако не бевме богати, секогаш имавме храна. Чувавме неколку кокошки и една крава, и затоа никогаш не ни фалеа јајца, млеко, кајмак, кашкавал и путер. Сите во семејството имавме свои задолженија на фармата.

Имам многу убави спомени од тоа време. Се сеќавам на пријатниот мирис од јаболка кој го исполнуваше нашиот дом. Кога тато наесен одеше во градот за да ги продава производите од фармата, честопати се враќаше дома со гајба свежо набрани јаболка. Бевме многу радосни што можевме секој ден да се почестиме со сочно јаболко!

МОЕТО СЕМЕЈСТВО ЈА ДОЗНАВА ВИСТИНАТА

Имав шест години кога моите родители првпат слушнаа за вистината. Неколку години пред тоа, умрело нивното прво синче, Џони. Скршени од болка, тие го прашале тамошниот свештеник: „Каде е Џони?“ Тој им рекол дека, затоа што не било крстено, бебето не е во рајот, туку во чистилиштето. А потоа им рекол дека, ако му платат, ќе се моли Џони да излезе од чистилиштето и да оди во рајот. Како би се чувствувале вие да сте биле на нивно место? Татко ми и мајка ми биле толку разочарани што никогаш повеќе не зборувале со тој свештеник. Сепак, сѐ уште се прашувале што се случува со Џони.

Еден ден, мајка ми добила брошурка со наслов Каде се мртвите?, издадена од Јеховините сведоци. Таа веднаш ја прочитала. Кога татко ми си дошол дома, мајка ми возбудено му рекла: „Знам каде е Џони! Тој сега спие, но еден ден ќе се разбуди“. Истата вечер и татко ми ја прочитал целата брошурка. Моите родители многу се утешиле кога дознале што вели Библијата за мртвите — дека тие спијат и дека ќе бидат воскреснати во иднина (Проп. 9:5, 10; Дела 24:15).

Тоа што го дознаа ни го промени животот на подобро, и ни донесе утеха и радост. Мајка ми и татко ми почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и да одат на состаноци во малото собрание во Вако, каде што повеќето браќа имаа украинско потекло. За кратко време, моите родители почнаа да проповедаат.

Недолго потоа се преселивме во Британска Колумбија, каде што продолживме да одиме на состаноци во едно собрание кое срдечно нѐ пречека. Сѐ уште имам пријатни спомени од миговите кога заедно како семејство ја подготвувавме Стражарска кула за состанокот во недела. Тоа ни помогна на сите да развиеме длабока љубов кон Јехова и кон библиската вистина. Водевме исполнет живот и чувствувавме како Јехова нѐ благословува.

Се разбира, нам децата не ни беше лесно да зборуваме со другите за нашите верувања. Но, многу ни помогна тоа што со помалата сестра, Ива, честопати ја подготвувавме презентацијата за тековниот месец и ја изнесувавме на Состанокот за нашата служба. Многу сум благодарна за таа извонредна обука која нѐ оспособи да разговараме со луѓето за Библијата, иако по природа бевме срамежливи.

Како деца, бевме пресреќни кога ќе ни дојдеа на гости полновремени слуги. На пример, многу ни беше убаво кога нашиот покраински надгледник, Џек Натан, спиеше кај нас додека беше во посета на нашето собрание. * Тој секогаш ни раскажуваше интересни искуства, а неговите искрени пофалби нѐ поттикнаа верно да му служиме на Јехова.

Се сеќавам дека си велев: „Кога ќе пораснам, сакам да бидам како брат Натан“. Дури подоцна сфатив дека неговиот пример, всушност, ми помогна да се подготвам за мојата долгогодишна полновремена служба. На 15 години, веќе имав донесено одлука да му служам на Јехова. Јас и Ива се крстивме во 1942 год.

ИСПИТИ НА НАШАТА ВЕРА

За време на Втората светска војна, кога светот го зафати бран на национализам, госпоѓица Скот, една наставничка која беше посебно нетолерантна, ги избрка од училиште моите две сестри и еден од моите браќа. Зошто? Затоа што одбија да го поздрават знамето. Потоа отиде кај мојата наставничка со цел да ја натера да ме избрка и мене. Но, наставничката ѝ рече: „Живееме во слободна земја, и имаме право да не учествуваме во патриотски церемонии“. И покрај силниот притисок од госпоѓица Скот, мојата наставничка решително изјави: „Тоа е моја конечна одлука“.

Тогаш госпоѓица Скот ѝ возврати: „Не си ти таа што одлучува. Ќе те пријавам ако не ја избркаш Мелита“. Наставничката им објасни на моите родители дека, за да не ја изгуби работата, ќе мора да ме избрка иако лично сметаше дека тоа е погрешно. И покрај тоа што нѐ избркаа, успеавме да набавиме учебници за да можеме да учиме дома. Кратко потоа, се преселивме во друго место кое беше оддалечено 32 километра, каде што се запишавме во друго училиште.

Во тие воени години, кога нашата литература беше забранета, проповедавме од врата до врата со Библијата. Така научивме повешто да ја пренесуваме добрата вест директно од неа. А тоа, пак, ни помогна уште подобро да се запознаеме со Божјата Реч и духовно да напредуваме.

ПОЧНУВАМЕ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА

Имав дарба за фризерка, дури добив и неколку награди за тоа

Кога завршивме со школувањето, јас и Ива почнавме со пионерска служба. Во почетокот, се издржував така што работев во ресторанче во една поголема продавница. По некое време, завршив шестмесечен фризерски курс. Тоа беше нешто коешто уживав да го правам уште дома. Најдов работа во еден фризерски салон каде што работев два дена во седмицата. Освен тоа, двапати месечно давав обука за фризери. На тој начин, можев да продолжам да служам полновремено.

Во 1955 год., сакав да одам на конгресот „Победоносното Царство“ во Њујорк (САД) и во Нирнберг (Германија). Но, пред да заминам за Њујорк, имав можност да се запознаам со брат Натан Нор, кој служеше во главното седиште. Тој и жена му беа дојдени на конгрес во Ванкувер (Канада). За време на нивната посета, имав прилика да ѝ направам фризура на сестра Нор. На брат Нор му се допадна како ѝ ја средив косата, и сакаше да ме запознае. Додека разговаравме, му спомнав дека планирам да одам во Њујорк пред да одам за Германија. Тој ме покани да работам во Бетелот во Бруклин девет дена.

Тоа патување беше пресвртница во мојот живот. Кога бев во Њујорк, се запознав со еден млад брат по име Теодор (Тед) Џерес. Кратко потоа, се изненадив кога ме праша: „Дали си пионер?“ Му одговорив дека не сум. Но, мојата пријателка, Лавон, го слушна тоа и дофрли: „Пионер е!“ Тед ја праша Лавон: „Чекај сега, кој знае подобро, ти или таа?“ Му објаснив дека порано бев пионер и дека сакам пак да почнам со пионерска служба кога ќе се вратам дома по конгресот во Германија.

ЧОВЕКОТ ЗА КОГО СЕ ОМАЖИВ

Тед беше роден во 1925 год., во Кентаки (САД). Тој се крстил како Јеховин сведок на 15 години. Иако никој од неговото семејство не ја прифатил вистината, тој станал општ пионер две години подоцна. Така започнал со својата полновремена служба која траеше речиси 67 години.

Во јули 1946 год., кога имал 20 години, Тед дипломирал во седмиот клас на Библиската школа Гилеад. Потоа служел како патувачки надгледник во Кливленд (Охајо). Околу четири години подоцна, во 1951 год., бил именуван за слуга на подружницата во Австралија.

Тед дојде на конгресот во Нирнберг, и таму поминавме повеќе време заедно. Меѓу нас се роди љубов. Бев среќна бидејќи најважно од сѐ му беше да му служи на Јехова со сета душа. Тед беше посветен на службата и му беше целосно оддаден на Бог, а со другите беше љубезен и срдечен. Беше очигледно дека ги става потребите на другите пред своите. По конгресот, тој се врати во Австралија, а јас во Ванкувер. Сепак, продолживме да контактираме преку писма.

Следната година, Тед отиде во САД, а потоа дојде да служи како пионер во Ванкувер. Ми беше мило што моите многу го засакаа. Постариот брат, Мајкл, кој беше заштитнички настроен, често изразуваше загриженост кога некој млад брат се интересираше за мене. Но, брзо се спријатели со Тед. Во една прилика ми рече: „Мелита, ова е добар човек. Внимавај како се однесуваш со него и пази да не го изгубиш“.

Откако се зедовме со Тед во 1956 год., поминавме многу среќни години во полновремена служба

И јас уште повеќе го засакав Тед. Се зедовме на 10 декември 1956 год. Најпрво служевме заедно како пионери во Ванкувер, потоа во Калифорнија, и на крајот во патувачкото дело во Мисури и во Арканзас. Додека ја вршевме оваа служба околу 18 години, пропатувавме низ голем дел од САД и секоја седмица престојувавме во различни домови. Имавме прекрасни искуства во службата и се дружевме се најразлични браќа и сестри. Иако моравме речиси секоја седмица да спиеме во друг кревет, уживавме во патувачката служба.

Една работа што навистина ја ценев кај Тед беше тоа што многу му значеше односот со Јехова и светата служба што ја вршеше за највеличествената Личност во вселената. Многу сакавме заедно да ја читаме и да ја проучуваме Библијата. Навечер, пред да си легнеме, имавме обичај да клекнеме покрај креветот и тој се молеше за нас. А потоа му се молевме одделно на Бог. Секогаш знаев кога нешто го мачеше Тед, бидејќи тогаш ќе станеше од кревет, повторно ќе клекнеше и долго ќе се молеше во себе. Многу ми значеше тоа што бараше водство од Јехова и за големи и за мали работи.

Неколку години откако се зедовме, Тед ми објасни дека ќе почне да зема од симболите на Спомен-свеченоста. Тој рече: „Горливо се молев за оваа работа за да бидам потполно сигурен дека го правам она што го сака Јехова“. Не бев многу изненадена што беше помазан со свет дух за да служи на небото во иднина. За мене беше огромна чест што можев на посебен начин да му давам поддршка на еден од Христовите браќа (Мат. 25:35-40).

НОВ ВИД СВЕТА СЛУЖБА

Во 1974 год., бевме многу изненадени кога Тед беше поканет да стане член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. По некое време, бевме повикани да служиме во Бетелот во Бруклин. Додека Тед се грижеше за своите одговорности во склоп на Водечкото тело, јас ги чистев собите и работев во фризерскиот салон.

Една од задачите на Тед беше да посетува разни подружници. Тој беше особено заинтересиран за проповедничкото дело зад Железната завеса, односно во комунистичките земји во источна Европа. Еднаш, додека бевме во Шведска, на одмор кој навистина ни беше потребен, Тед рече: „Мелита, ти знаеш дека проповедањето е забрането во Полска, но јас би сакал да им помогнам на браќата таму“. Затоа, извадивме визи и отидовме во Полска. Тед се сретна со некои од браќата кои се грижеа за делото, и отидоа заедно на долга прошетка за да не може никој да го прислушкува нивниот разговор. Во текот на четири дена браќата имаа многу состаноци, но бев среќна што гледав колку Тед се радува што му помага на своето духовно семејство.

Повторно отидовме во Полска во ноември 1977 год. заедно со Фредерик Франц и Даниел Сидлик. Тоа беше првата официјална посета на Полска од членовите на Водечкото тело. Иако делото сѐ уште беше под забрана, Тед и другите двајца браќа од Водечкото тело имаа можност да одржат состаноци со надгледниците, пионерите и долгогодишните Сведоци во разни градови.

Тед и некои други пред Министерството за правда во Москва откако добивме законско признание

Следната година, Милтон Хеншел и Тед уште еднаш ја посетија Полска. Тогаш одржаа средби со некои владини службеници, кои веќе имаа потолерантен став кон нас и кон нашите активности. Во 1982 год., полската влада им дозволи на нашите браќа да одржат еднодневни собири. Следната година се организираа и поголеми конгреси, од кои повеќето се одржаа во изнајмени сали. Иако во 1985 год. делото сѐ уште беше под забрана, ни беше дозволено да одржиме четири конгреси на големи стадиони. Потоа, во мај 1989 год., додека се правеа планови за уште поголеми конгреси, полската влада им даде законско признание на Јеховините сведоци. Тоа беше еден од најрадосните мигови за Тед.

Областен конгрес во Полска

ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ

Во 2007 год., тргнавме на пат за Јужноафриканската Република, каде што требаше да присуствуваме на свеченото отворање на подружницата. Додека бевме во Англија, Тед имаше проблеми со притисокот и лекарот го советуваше да го прекине патувањето. Откако закрепна, се вративме во САД. Но, по неколку седмици доживеа тежок мозочен удар кој му ја парализира десната страна.

Тед закрепнуваше бавно, и во почетокот не можеше да оди во својата канцеларијата за да работи. Сепак, бевме благодарни што ударот не му го наруши говорот. И покрај ограничувањата, тој се трудеше да ги задржи своите духовни навики, па дури и учествуваше во седмичните состаноци на Водечкото тело така што беше поврзан со телефон од нашата дневна соба.

Тед беше многу благодарен за физикалната терапија што ја доби во Бетел. Малку по малку, почна да се движи. Можеше да се грижи за некои свои теократски задолженија и секогаш беше весел.

По три години, Тед доживеа уште еден мозочен удар. Тој мирно почина во среда, на 9 јуни 2010 год. Иако бев свесна дека еден ден ќе го заврши својот живот на Земјата, не можам да опишам колку голема болка ми причини неговата загуба и колку многу ми недостига. Сепак, секој ден му благодарам на Јехова што можев да му помагам на Тед. Заедно бевме во полновремена служба над 53 години. Благодарна сум што Тед ми помогна да станам уште поблиска со мојот небесен Татко. Сигурна сум дека сега ужива во својата нова задача.

НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

Многу уживав да работам и да давам обука во фризерскиот салон во Бетел

После толку многу исполнети и среќни години поминати со мојот сопруг, тешко се навикнувам на новите околности. Јас и Тед многу сакавме да се дружиме со браќата и сестрите кои доаѓаа во посета на Бетел и на нашето собрание. Но сега, кога мојот сакан сопруг повеќе не е покрај мене и немам толку сила како порано, не можам да поминувам многу време со другите. Сепак, сѐ уште се радувам на друштвото на моите драги браќа и сестри во Бетел и во собранието. И покрај тоа што темпото во Бетел понекогаш е напорно, многу сум среќна што можам да му служам на Бог на овој начин. Освен тоа, во мене сѐ уште гори љубов кон проповедањето. Иако брзо се изморувам и не можам долго да стојам на нозе, со задоволство сведочам на улица и ја проучувам Библијата со луѓето.

Кога гледам какви лоши работи се случуваат во светот, многу сум радосна што можев да го посветам мојот живот на Бог и да му служам заедно со еден прекрасен животен сопатник. Благословите од Јехова навистина ми го збогатија животот! (Изр. 10:22).

^ пас. 13 Животната приказна на Џек Натан излезе во Стражарска кула од 1 септември 1990 год., стр. 10-14 (англ.).