ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Никогаш не зажали за одлуката што ја донел во младоста
ВО ПОСЛЕДНИТЕ години од својот живот, мојот дедо Николај Дубовински, кој беше брат на баба ми, ги запиша своите искуства — и радосни и болни — од својот живот во службата за Јехова. Многу од нив ги доживеал во поранешниот Советски Сојуз, кога нашето дело беше под забрана. И покрај сите предизвици и тешкотии, тој му остана верен на Јехова и имаше незгаслива желба за живот. Дедо Николај честопати велеше дека младите треба да ја слушнат неговата животна приказна, и затоа сакам да раскажам некои делови од неа. Тој беше роден во 1926 год., во селото Подвиривка, кое се наоѓа во областа Чернивци, во Украина.
КАКО НИКОЛАЈ ЈА ЗАПОЗНАЛ ВИСТИНАТА
Дедо Николај запиша: „Еден ден, во 1941 год., мојот постар брат, Иван, ги донесе дома книгите Божја харфа и Божјиот план низ вековите, неколку списанија Стражарска кула и неколку брошурки. Ги прочитав сите до една. Бев многу изненаден кога дознав дека Ѓаволот, а не Бог, е изворот на сите неволји во светот. Освен овие публикации, ги прочитав и евангелијата, и сфатив дека ја пронајдов вистината. Воодушевено ја споделував мојата надеж за Царството со другите. Додека ги проучував овие публикации, сѐ повеќе ја разбирав вистината и кај мене се роди силна желба да му служам на Јехова.
Ми беше јасно дека ќе страдам поради моите верувања. Во тоа време беснееше војна, а јас сфатив дека не смеам да убивам. За да се подготвам за неволјите што ме очекуваа, се трудев да запомнам некои библиски стихови, како што беа Матеј 10:28 и 26:52. Цврсто решив секогаш да му бидам верен на Јехова, дури и по цена на мојот живот!
Во 1944 год., кога наполнив 18 години, добив покана за воена служба. Тогаш за првпат се најдов меѓу соверници — млади браќа кои исто така беа дојдени на регрутација. Сите решително изјавивме дека нема да учествуваме во војната. Воените службеници збеснаа и ни се заканија дека ќе нѐ изгладнат, дека ќе нѐ присилат да копаме ровови или дека ќе нѐ стрелаат. Ние бестрашно одговоривме: ‚Во ваши раце сме. Но, што и да направите со нас, ние нема да ја прекршиме Божјата заповед: „Не убивај!“‘ (2. Мој. 20:13).
На крајот, бев испратен во Белорусија заедно со уште двајца браќа за да работиме на полињата и да ги поправаме оштетените куќи. Уште не можам да ги заборавам ужасните последици што ги имаше предизвикано војната во околината на Минск. Од двете страни на патот се нижеа јагленосани дрвја, а во ендеците и во шумата лежеа мртви човечки тела и подуени лешеви на коњи. Видов многу напуштени топови и друга опрема, па дури и остатоци од урнат
авион. Со свои очи ги гледав жалните последици од кршењето на Божјите заповеди.Иако војната заврши во 1945 год., ние сепак бевме осудени на десет години затвор затоа што одбивме да се бориме. Во првите три години, немавме состаноци ниту духовна храна во печатен облик. Успеавме да контактираме со неколку сестри преку писма, но подоцна и тие беа уапсени. Беа осудени на 25 години принудна работа и беа испратени да ја отслужуваат казната во работни логори.
Во 1950 год., ни беше укината затворската казна, и се вративме дома. Додека бев в затвор, мајка ми и помладата сестра, Марија, станале Јеховини сведоци. Моите постари браќа сѐ уште не беа Сведоци, но ја проучуваа Библијата. Бидејќи ревносно проповедав, КГБ (Службата за државна безбедност на СССР) повторно сакаше да ме фрли в затвор. Тогаш браќата кои предводеа во делото ме замолија да помагам во скришното печатење на нашата литература. Имав само 24 години.
ПЕЧАТЕЊЕ НА ЛИТЕРАТУРАТА
Сведоците имаа обичај да кажат: ‚Ако делото на Царството е забрането во јавност, ќе продолжиме да го вршиме во тајност‘ (Изр. 28:28). Во тоа време, поголемиот дел од печатењето се извршуваше во тајни подземни простории. Мојата прва ‚работилница‘ беше еден бункер ископан на имотот на мојот постар брат Дмитриј. Понекогаш не излегував од бункерот по цели две недели. Кога петролејската ламба ќе згаснеше поради недостиг на кислород, ќе легнев и ќе чекав додека во сопчето повторно не влезеше свеж воздух.
Еден ден, еден брат кој работеше со мене ме праша: ‚Николај, дали си крстен?‘ Иако
му служев на Јехова 11 години, сѐ уште не бев крстен! Тој поразговара со мене во врска со тоа и таа ноќ, на 26 години, се крстив во едно езеро. Три години подоцна, добив додатни одговорности така што станав член на Одборот на земјата. Во тоа време, некои браќа што сѐ уште беа на слобода беа именувани да ги заменат оние кои беа уапсени, и така делото за Царството продолжуваше да се извршува.ОПАСНОСТИТЕ ОД ТАЈНОТО ВРШЕЊЕ НА ДЕЛОТО
Печатењето во тајност беше многу потешко од издржување затворска казна! Во текот на седум години, за да ги избегнам шпионите на КГБ, не можев да одам на собраниските состаноци и морав сам да се грижам за својата духовност. Се гледав со семејството само кога одев на гости кај нив, а тоа беше ретко. Сепак, тие имаа разбирање за мојата ситуација и ова многу ме охрабруваше. Но, бев исцрпен затоа што постојано бев под стрес и морав да бидам претпазлив. Моравме да бидеме спремни на сѐ. На пример, една вечер двајца полицајци влегоа во куќата каде што престојував. Веднаш скокнав од прозорецот во задниот дел на куќата и истрчав во шумата. Кога излегов на отворено, слушнав чудни свирежи. Но, чув и истрели и сфатив дека околу мене, всушност, свират куршуми! Едниот полицаец скокна на коњ и јавајќи продолжи да пука кон мене сѐ додека не му се потроши муницијата. Еден куршум ме погоди во раката. На крајот, откако бегав околу пет километри, успеав да се скријам во шумата. Подоцна, на судењето, дознав дека во мене пукале 32 пати!
Бидејќи поголемиот дел од времето го минував во подземната просторија, бев многу блед. Поради тоа, лесно можеше да се открие што правам. Затоа, се трудев колку што можев да се изложувам на сонце. Освен тоа, овој начин на живот ми го наруши здравјето. Еднаш дури не можев да присуствувам на важен состанок со другите браќа бидејќи крвавев од носот и од устата.
АПСЕЊЕТО НА НИКОЛАЈ
На 26 јануари 1957 год. бев уапсен. Шест месеци подоцна, Врховниот суд на Украина ја објави пресудата — смрт со стрелање. Но, во меѓувреме смртната казна во земјата се укина и затоа мојата казна
беше заменета со 25 години затвор. Јас и седум други браќа бевме осудени на вкупно 130 години принудна работа. Нѐ испратија во работните логори во Мордвинија, каде што имаше околу 500 Јеховини сведоци. Скришно се собиравме во помали групи за да проучуваме Стражарска кула. Откако разгледа некои од списанијата што ни беа запленети, еден од чуварите ни рече: ‚Ако продолжите да ги читате, ништо нема да ве скрши!‘ Секогаш чесно работевме и честопати правевме повеќе отколку што се бараше од нас. И покрај тоа, управникот на логорот се пожали: ‚Работата што ја вршите тука нам воопшто не ни е важна. Потребна ни е вашата лојалност и оддаденост‘“.„Секогаш чесно работевме и честопати правевме повеќе отколку што се бараше од нас“
ТОЈ ОСТАНА ВЕРЕН ДО КРАЈ
Откако беше пуштен од работниот логор во 1967 год., дедо Николај помогна да се основаат собранија во Естонија и во Санкт Петербург (Русија). Во почетокот на 1991 год., беше укината пресудата од 1957 год. поради недостиг на докази дека е извршено кривично дело. Во тој период беа ослободени од обвиненија и многу други Јеховини сведоци кои беа малтретирани од претходниот режим. Во 1996 год., дедо Николај се пресели во градот Великије Луки во областа Псков, на оддалеченост од околу 500 километри од Санкт Петербург. Таму си купи мала куќа, а во 2003 год., на неговиот имот беше изградена сала за состаноци. Денес, две големи собранија одржуваат состаноци во истата сала.
Јас и мојот сопруг служиме во подружницата на Јеховините сведоци во Русија. Во март 2011 год., само неколку месеци пред својата смрт, дедо Николај нѐ посети за последен пат. Тој нѐ допре до срце кога со жар ни рече: „По сѐ изгледа, седмиот ден на обиколувањето на Ерихон започна!“ (Ис. Нав. 6:15). Тогаш имаше 85 години. Иако животот не му беше лесен, тој го опиша со следниве зборови: „Многу сум среќен што во младоста одлучив да му служам на Јехова. Никогаш не зажалив за тоа!“