Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето Царство владее повеќе од 100 години!

Божјето Царство владее повеќе од 100 години!

„Богот на мирот... нека ве опреми со секое добро, за да ја вршите неговата волја“ (ЕВР. 13:20, 21)

ПЕСНИ: 136, 14

1. Колку му било важно на Исус да проповеда за Царството? Објасни.

ИСУС многу сакал да зборува за Божјето Царство. Додека бил на Земјата, тој зборувал за Царството почесто отколку за што и да било друго. Во евангелијата, тоа е спомнато на повеќе од 100 места, најчесто во изјави што ги кажал Исус. Царството навистина му било многу важно! (Прочитај Матеј 12:34.)

2. Колкумина најверојатно ја чуле заповедта на Исус запишана во Матеј 28:19, 20, и од каде доаѓаме до тој заклучок?

2 Кратко откако воскреснал, Исус им се појавил на повеќе од 500 души (1. Кор. 15:6). Веројатно во таа прилика им заповедал да им ја проповедаат веста за Царството на „луѓето од сите народи“. Оваа задача воопшто не била лесна! * Исус им кажал дека проповедничкото дело ќе се извршува долго време — сѐ „до свршетокот на овој поредок“. Кога проповедаш денес, и ти учествуваш во исполнувањето на ова пророштво (Мат. 28:19, 20).

3. Кои три работи ни помогнале да ја проповедаме добрата вест?

3 Откако на своите следбеници им ја дал заповедта да проповедаат, Исус рекол: „Јас сум со вас“ (Мат. 28:20). Со тоа им ветил дека тој ќе го води проповедничкото дело и дека ќе им помогне да сведочат низ целиот свет. Нашиот Бог ‚нѐ опремил со секое добро‘, односно ни го дал сето она што ни е потребно за да ја извршиме таа задача (Евр. 13:20, 21). Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве три работи: 1) средствата за проповедање што ни ги дал, 2) методите со кои сме се служеле и 3) обуката што сме ја добиле. Најпрво да разгледаме некои од средствата што сме ги користеле во последните 100 години.

ЦАРОТ ГИ ОПРЕМУВА БОЖЈИТЕ СЛУГИ ДА ПРОПОВЕДААТ

4. Зошто низ годините сме користеле различни средства за проповедање?

4 Исус ја споредил „речта за царството“ со семе кое е посеано на различна земја (Мат. 13:18, 19). Исто како што еден градинар користи разни алатки за да ја подготви земјата пред да го посади семето, така низ годините нашиот Цар ни давал различни средства за да ги подготвиме срцата на милиони луѓе да ја прифатат пораката за Царството. Некои се користеле одредено време, но други играат важна улога до ден-денес. Како и да е, сите тие средства ни помогнале на некој начин да ги подобриме нашите вештини на проповедање.

5. Што биле картичките за сведочење, и како се користеле?

5 Од 1933 год., објавителите почнале да користат картички за сведочење кога проповедале од врата до врата. Ова им помогнало на многумина да започнат со службата. Картичката била широка околу 8 сантиметри, а долга околу 13 сантиметри, и содржела кратка библиска порака. Одвреме-навреме била отпечатувана нова картичка со друга порака. Брат Чарлс Ерленмајер имал околу десет години кога почнал да сведочи на ваков начин. Тој објаснил: „Обично ќе кажевме: ‚Ве молам, прочитајте ја оваа картичка‘. Откако станарот ќе ја прочиташе, ќе му понудевме литература и ќе си заминевме“.

6. Од каква помош биле картичките за сведочење?

6 Картичките за сведочење им помагале на објавителите на разни начини. Иако некои многу сакале да проповедаат, биле срамежливи и не знаеле што да кажат. Други, пак, сакале многу да зборуваат. За само неколку минути, тие му кажувале на станарот сѐ што знаеле, но нивната презентација не била секогаш тактична. Картичките за сведочење, кои содржеле неколку добро избрани мисли, на некој начин, ‚зборувале‘ наместо објавителот.

7. Со какви предизвици се соочиле некои објавители кога користеле картички за сведочење?

7 Се разбира, овој начин на сведочење си имал и свои предизвици. Сестра Грејс Естеп, која долги години му служела на Јехова, рекла: „Понекогаш станарот ќе нѐ прашаше: ‚Па, што пишува? Не можете ли едноставно да ми кажете за што се работи?‘“ Освен тоа, некои станари не можеле да ја прочитаат картичката. А други, пак, мислејќи дека картичката е за нив, ја земале од објавителот и ја затворале вратата. Ако на некој станар не му се допаѓала нашата порака, понекогаш ќе ја искинел картичката. Како и да е, нашите браќа учеле слободно да им пристапуваат на луѓето и отворено да им кажат дека проповедаат за Царството.

8. Како браќата проповедале со преносливи грамофони? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Друго средство кое објавителите го користеле во 1930-тите и почетокот на 1940-тите бил преносливиот грамофон, кои некои браќа го нарекувале „Арон“, бидејќи зборувал наместо нив. (Прочитај 2. Мојсеева 4:14-16.) Ако станарот дозволувал, објавителот му пуштал снимка со краток библиски говор од четири и пол минути, а потоа му нудел литература. Понекогаш се собирале цели семејства за да ја слушаат снимената библиска порака! Во 1934 год., нашата организација почнала да изработува преносливи грамофони кои биле посебно наменети за службата. Со текот на времето, биле достапни плочи со говори на 92 различни теми.

9. Колку биле делотворни преносливите грамофони?

9 Откако слушнал еден од овие говори, Хилари Гослин го замолил објавителот да му го остави грамофонот една седмица за да им ја пушти библиската порака на своите соседи. Кога објавителот се вратил, го чекале неколку заинтересирани лица. Со текот на времето, некои од нив ја прифатиле вистината и се крстиле. На крајот, двете ќерки на Хилари присуствувале на Школата Гилеад и биле испратени како мисионери во други земји. Исто како картичките за сведочење, и грамофонот им помогнал на мнозина да започнат да проповедаат. Подоцна, преку Теократската школа за служба, Царот Исус Христос ги поучил своите следбеници како да зборуваат.

БОЖЈИОТ НАРОД КОРИСТИ РАЗНИ МЕТОДИ ЗА ДА ПРОПОВЕДА

10, 11. Како се користеле весниците и радиото за да се рашири библиската вистина, и зошто овие методи биле делотворни?

10 Под водство на Царот, Божјите слуги користеле најразлични методи за да им проповедаат на колку што е можно повеќе луѓе. Ова особено било важно кога ‚имало малку работници‘. (Прочитај Матеј 9:37.) Со помош на весниците, во почетокот на 20 век добрата вест допрела до многу луѓе кои живееле на подрачја каде што имало само неколку Јеховини слуги. Секоја седмица, преку телеграф, брат Расел испраќал проповед до една новинска агенција, која подоцна ја препраќала до разни весници во САД, Канада и Европа. Се проценува дека, до 1913 год., проповедите на брат Расел излегувале во 2.000 весници кои ги читале 15 милиони луѓе!

11 По смртта на брат Расел, објавителите почнале да користат една друга метода за да ја шират добрата вест. На 16 април 1922 год., на радио бил емитуван еден говор на брат Ратерфорд, кој го слушале околу 50.000 луѓе. Потоа, на 24 февруари 1924 год., почнала да работи првата радиостаница на нашата организација, наречена WBBR. Во врска со оваа нова метода, во Стражарска кула од 1 декември 1924 год., пишувало: „Сметаме дека радиото е најекономичниот и најефикасниот начин за ширење на добрата вест кој бил користен досега“. Слично на весниците, и радиото помогнало да се пренесе добрата вест до голем број луѓе, особено на подрачја каде што имало само неколкумина објавители на Царството.

Многу објавители сведочат на јавни места и им ја посочуваат на луѓето нашата интернет-страница, jw.org (Види во пасуси 12-13)

12. а) Кои видови сведочење на јавни места најмногу ти се допаѓаат? б) Што ќе ни помогне ако се плашиме да учествуваме во некој вид сведочење на јавни места?

12 Денес се обрнува сѐ повеќе внимание на сведочењето на јавни места: на автобуски постојки, на железнички станици, на паркиралишта, на плоштади и на пазари. Ако некои од овие видови служба те плашат, добро е да се молиш во врска со тоа. Размисли и за она што го рекол Анџело Манера, долгогодишен патувачки надгледник: „За нас, секој нов вид служба беше уште еден начин на кој можевме да му ја покажеме својата лојалност на Јехова, уште еден испит на нашата беспрекорност. Затоа бевме спремни да му служиме на секој начин што ќе го побараше од нас“. Кога успеваме да го совладаме стравот и да ги користиме новите методи на проповедање, ја зајакнуваме својата доверба во Јехова и уште подобро ја извршуваме службата. (Прочитај 2. Коринќаните 12:9, 10.)

13. Зошто е добро да им ја посочуваме на луѓето нашата интернет-страница, и какви искуства имаш ти во овој поглед?

13 Многу објавители со задоволство им ја посочуваат на луѓето нашата интернет-страница, jw.org, каде што можат да читаат или да преземат библиска литература на повеќе од 700 јазици. Секој ден, се регистрираат повеќе од 1,6 милиони поединечни посети на нашата страница. Слично како радиото во минатото, денес со помош на jw.org добрата вест стигнува до многу луѓе кои живеат дури и во зафрлени подрачја.

ОБУКА ЗА ОБЈАВИТЕЛИТЕ НА ДОБРАТА ВЕСТ

14. Каква обука им била потребна на објавителите, и која школа им помогнала делотворно да ги поучуваат другите?

14 Разгледавме неколку средства и методи кои биле користени за да се шири добрата вест. Но, каква обука добиле Божјите слуги низ годините? На пример, понекогаш станарот не се согласувал со она што ќе го слушнел на снимката. А некогаш, пак, сакал да дознае нешто повеќе од она што ќе го прочитал на картичката за сведочење. Објавителите требало да научат тактично да ги совладаат приговорите и да допрат до срцето на искрените луѓе. Несомнено поттикнат од Божјиот дух, брат Натан Нор увидел дека објавителите треба да бидат обучени како да зборуваат во службата. Затоа, почнувајќи од 1943 год., во собранијата почнала да се одржува Теократската школа за служба. Оваа школа до ден-денес ни помага да ги поучуваме луѓето на делотворен начин.

15. а) Како се чувствувале некои кога имале точка во Теократската школа за служба? б) Како Јехова го исполнил ветувањето од Псалм 32:8 во твојот случај?

15 На мнозина им требало време за да се навикнат да зборуваат пред публика. Хулио Раму се сеќава на својот прв говор кој го одржал во далечната 1944 год. За што требало да зборува? За Доик, човек кој е спомнат само во пет стихови во Библијата! „Нозете и рацете ми се тресеа, а гласот ми трепереше“, рекол Хулио, додавајќи дека целиот говор морал да го темели само на тие пет стиха. „Го изнесов за три минути. Тоа беше моето прво излегување на бина. Но, не се откажав“. Во школата можеле да учествуваат и деца, иако за некои воопшто не било лесно да одржат говор пред целото собрание. Анџело Манера, кој беше спомнат погоре, се сеќава кога едно детенце го одржало својот прв говор. Анџело вели: „Имаше толку многу трема што почна да липа уште на првата реченица. Но, беше решен да не се откаже, и липаше до крајот на говорот“. Дали некогаш си се воздржувал да коментираш или да имаш учество на состанокот поради срам или од некоја друга причина? Моли го Јехова да го совладаш стравот. Тој сигурно ќе ти помогне исто како што им помагал и на тие први учесници во Теократската школа за служба. (Прочитај Псалм 32:8.)

16. а) Која била целта на Школата Гилеад во минатото, и кој можел да присуствува на неа? б) Кој добива обука на оваа школа од 2011 год.?

16 Јехова им дава обука на своите слуги и преку други школи. Една од нив е Школата Гилеад. Според еден инструктор, целта на оваа школа е „да им всади желба на учениците со уште поголема ревност да ја извршуваат службата на проповедање“. Од 1943 год. наваму, Школата Гилеад ја посетиле повеќе од 8.500 браќа и сестри, кои биле испратени да служат како мисионери во околу 170 земји. Од 2011 год., на Гилеад можат да присуствуваат само објавители кои веќе се во некој вид специјална полновремена служба — специјални пионери, патувачки надгледници, бетелски слуги и мисионери кои сѐ уште не биле на оваа школа.

17. Какви биле резултатите од обуката на Школата Гилеад?

17 Какви биле резултатите од оваа додатна обука? Размисли за следниов пример. Во август 1949 год., во Јапонија немало ни 10 објавители. Но, до крајот на годината, таму биле испратени 13 мисионери од Гилеад кои почнале ревносно да проповедаат. Денес во Јапонија има повеќе од 216.000 објавители, а над 40 отсто од нив служат како пионери!

18. Кои други школи ги имаме?

18 Имаме и многу други школи, како што се: Школата за именувани браќа, Школата за пионери, Школата за полновремени објавители, Школата за покраински надгледници и нивните сопруги, и Школата за членови на одборите на подружниците и нивните сопруги. Тие се наменети да им помогнат на браќата и сестрите да си ја зајакнат верата и поделотворно да ги извршуваат своите одговорности. Без сомнение, Царот продолжува да ги обучува своите поданици!

19. Што рекол Чарлс Расел за проповедничкото дело, и како неговите зборови се обистинуваат денес?

19 Божјето Царство владее повеќе од 100 години! Нашиот Цар, Исус Христос, и понатаму нѐ обучува. Чарлс Расел бил цврсто уверен дека добрата вест ќе се проповеда низ целиот свет. Кратко пред да умре во 1916 год., тој му рекол на еден свој близок соработник: „Проповедничкото дело брзо се шири, и ќе продолжи да се шири бидејќи ‚евангелието за Царството‘ мора да се проповеда насекаде во светот“ (Faith on the March, од А. Мекмилан, стр. 69). Тој навистина бил во право! Колку сме благодарни што Богот на мирот продолжува да нѐ опремува да го вршиме ова дело кое ни носи неопислива радост! Јехова ни дава сѐ што ни е потребно за да ја извршиме неговата волја!

^ пас. 2 Има причина да веруваме дека повеќето од оние што биле присутни во таа прилика подоцна станале дел од христијанското собрание. Кога ги спомнал во своето послание до Коринќаните, апостол Павле ги нарекол ‚браќа‘. А потоа додал: „Повеќето од нив се живи, а некои умреа“. По сѐ изгледа, Павле и другите христијани во првиот век познавале мнозина од оние кои со свои уши ја чуле заповедта на Исус.