Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажи дека ја цениш дарежливоста на Јехова

Покажи дека ја цениш дарежливоста на Јехова

ЈЕХОВА е дарежлив Бог (Јак. 1:17). Од бескрајното ноќно небо начичкано со ѕвезди до зелениот килим кој ја покрива Земјата, творештвото ја возвишува дарежливоста на Јехова (Пс. 65:12, 13; 147:7, 8; 148:3, 4).

Псалмистот толку многу го ценел својот Творец што бил поттикнат да напише песна со која се величаат Јеховините дела. Прочитај го Псалм 104, и размисли дали и ти имаш слични чувства. Псалмистот рекол: „Ќе му пеам на Јехова додека сум жив, со песна ќе го фалам својот Бог сѐ додека постојам“ (Пс. 104:33). Зарем не го посакуваш и ти истото?

НЕСПОРЕДЛИВ ПРИМЕР НА ДАРЕЖЛИВОСТ

Јехова сака да бидеме дарежливи како него, а ни објаснува и зошто треба да бидеме такви. Забележи што напишал апостол Павле под водство на Божјиот дух: „На оние што се богати во сегашниов свет заповедај им да не бидат вообразени и да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог, кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа. Заповедај им да прават добро, да се богатат со добри дела, да бидат дарежливи, спремни да го делат со другите она што го имаат. Со тоа ќе го собираат она богатство што е добар темел за иднината, за да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тим. 6:17-19).

Во своето второ послание до собранието во Коринт, Павле нагласил каков став треба да имаме кон давањето. Тој рекол: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Кор. 9:7). А потоа кажал кој ќе извлече корист од великодушното давање: 1) оние на кои им се дава, бидејќи нивните потреби ќе бидат задоволени и 2) оние што даваат, затоа што ќе добијат духовни благослови (2. Кор. 9:11-14).

Павле го завршил тој дел од посланието така што го спомнал најсилниот доказ за Божјата дарежливост. Тој напишал: „Му благодариме на Бог за неговиот неопислив дар!“ (2. Кор. 9:15). Очигледно, овој дар ја вклучува сета добрина што Јехова им ја покажува на своите слуги преку Исус Христос. Тој дар е толку величествен што не може да се опише со зборови.

Како може да покажеме дека го цениме сето она што Јехова и неговиот Син веќе го направиле и ќе го направат за нас во иднина? Еден начин е така што великодушно ќе ги трошиме своето време, сила и средства во делото за Царството, сеедно дали можеме да дадеме малку или многу (1. Лет. 22:14; 29:3-5; Лука 21:1-4).