Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е Бог што комуницира

Јехова е Бог што комуницира

„Те молам, слушај ме, а јас ќе зборувам“ (ЈОВ 42:4)

ПЕСНИ: 113, 114

1-3. а) Зошто може да се каже дека начинот на кој Бог размислува и комуницира е далеку повозвишен од нашиот? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ВЕЧНИОТ Бог ги создал ангелите и луѓето бидејќи сакал и други суштества да му се радуваат на животот (Пс. 36:9; 1. Тим. 1:11). Јехова најпрво го создал Исус, кого апостол Јован го нарекол „Речта“ и „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Јован 1:1; Отк. 3:14). Бог комуницирал со својот првороден Син, и ги споделувал своите мисли и чувства со него (Јован 1:14, 17; Кол. 1:15). Апостол Павле вели дека и ангелите зборуваат на свој јазик, кој многу се разликува од јазикот на луѓето (1. Кор. 13:1).

2 Јехова многу добро ги познава милијардите суштества обдарени со разум — и оние на Земјата и оние на небото. Тој може истовремено да ги слуша молитвите на милиони луѓе кои му се обраќаат на различни јазици. Додека ги слуша сите тие молитви, Јехова продолжува да комуницира со небесните суштества и да им дава упатства. Ова значи дека начинот на кој Бог размислува и комуницира е далеку повозвишен од нашиот. (Прочитај Исаија 55:8, 9.) За да можат луѓето да го разберат, Јехова им ги пренесува своите мисли на многу поедноставен начин.

3 Во оваа статија ќе разгледаме какви чекори преземал нашиот семудар Бог низ историјата за да може да комуницира со својот народ. Освен тоа, ќе видиме како го менувал начинот на комуникација во зависност од околностите.

БОГ КОМУНИЦИРА СО ЛУЃЕТО

4. а) На кој јазик Јехова комуницирал со Мојсеј, Самоил и Давид? б) Што содржи Библијата?

4 Кога комуницирал со Адам во рајската градина, Јехова веројатно му зборувал на старохебрејски јазик. Подоцна, Бог комуницирал со други луѓе кои зборувале хебрејски, како што биле Мојсеј, Самоил и Давид. Иако се изразувале со свои зборови, овие библиски писатели, всушност, ги запишувале Божјите мисли. Освен што запишале директни изјави од Јехова, овие мажи пишувале и за тоа како Бог постапувал со својот народ. Библијата содржи извештаи за верата и љубовта на Божјите слуги, но и за нивните грешки и за нивната неверност. Сето тоа било запишано за наша корист (Рим. 15:4).

5. Дали Јехова комуницирал со луѓето само на хебрејски јазик? Објасни.

5 Но, Јехова не комуницирал со луѓето само на хебрејски јазик. По изгнанството во Вавилон, некои Израелци го користеле арамејскиот јазик во секојдневниот живот. Можеби од таа причина — и под водство на светиот дух — пророците Даниел и Еремија, како и свештеникот Езра, напишале делови од Библијата на арамејски. *

6. Зошто Хебрејските списи биле преведени на грчки?

6 Кога подоцна Александар Велики (Македонски) го освоил поголемиот дел од древниот свет, народниот грчки јазик (познат како коине или кини) станал меѓународен јазик. Многу Евреи почнале да го зборуваат тој јазик и на крајот Хебрејските списи биле преведени на грчки. Овој превод бил наречен Септуагинта. Тоа е првиот и еден од најважните преводи на Библијата. Стручњаците сметаат дека го направиле 72 преведувачи. * Бидејќи е дело на толку многу луѓе, во него се забележуваат различни стилови на преведување — од дословен до прилично слободен. Сепак, Евреите кои зборувале грчки, а подоцна и христијаните, го сметале преводот Септуагинта за Божја Реч.

7. На кој јазик Исус веројатно ги поучувал своите следбеници?

7 Кога дошол на Земјата, Божјиот првороден Син веројатно зборувал и поучувал на хебрејски (Јован 19:20; 20:16; Дела 26:14). Со оглед на тоа што хебрејскиот јазик во првиот век очигледно бил под влијание на арамејскиот, Исус можеби користел и некои арамејски изрази. А го знаел и старохебрејскиот јазик што го зборувале Мојсеј и пророците, чии списи секоја седмица се читале во синагогите (Лука 4:17-19; 24:44, 45; Дела 15:21). Исто така, во тоа време во Израел се зборувало на грчки и на латински. Меѓутоа, Библијата не кажува дали Исус ги зборувал и тие јазици.

8, 9. Зошто некои библиски книги биле напишани на грчки, и што учиме од тоа за Јехова?

8 Првите ученици на Исус знаеле хебрејски, но по неговата смрт многу од нив зборувале други јазици. (Прочитај Дела 6:1.) Освен тоа, сѐ поголем број луѓе кои зборувале грчки станувале христијани и главно комуницирале на овој јазик. Затоа и евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован се рашириле на грчки јазик. * Исто така, посланијата на апостол Павле и другите библиски книги од првиот век биле напишани на грчки.

9 Интересно е тоа што, кога писателите на Христијанските грчки списи се осврнувале на некои делови од Хебрејските списи, честопати цитирале од Септуагинтата. Овие цитати понекогаш не се напишани од збор до збор како во Хебрејските списи. Сепак, иако се дело на несовршени преведувачи, тие станале дел од Божјата вдахновена Реч. Тоа покажува дека за Јехова ниту еден јазик и култура не се подобри од другите. (Прочитај Дела 10:34.)

10. Што учиме од начинот на кој Јехова комуницира со луѓето?

10 Од овој краток преглед, видовме дека Јехова одлучува на кој начин ќе комуницира со луѓето во зависност од околностите. Тој не очекува од нас да научиме одреден јазик за да го запознаеме него или неговите намери. (Прочитај Захарија 8:23; Откровение 7:9, 10.) Исто така, видовме дека, иако го водел пишувањето на Библијата со светиот дух, Бог им дозволил на писателите да ги напишат неговите мисли со свои зборови.

БОГ ЈА ЗАЧУВАЛ СВОЈАТА ПОРАКА

11. Зошто различните јазици не го спречиле Бог да им ја пренесе својата порака на луѓето?

11 Дали тоа што луѓето зборуваат на различни јазици го спречило Бог да им ја пренесе својата порака на луѓето? Не. На пример, иако Исус зборувал хебрејски, во Библијата се запишани само неколку негови изјави на тој јазик (Мат. 27:46; Мар. 5:41; 7:34; 14:36). Сепак, Јехова се погрижил Христовата порака да се пренесе на грчки, а со текот на времето и на други јазици. Божјата порака била зачувана и благодарение на тоа што Евреите и христијаните секогаш одново ги препишувале светите списи. Подоцна тие биле преведени на уште многу други јазици. Јован Златоуст, кој живеел во четврти и петти век од н.е., рекол дека, до негово време, учењата на Исус биле преведени на јазикот на Сиријците, Египќаните, Индијците, Персијците, Етиопјаните и многу други народи.

12. Какви напади претрпела Библијата?

12 Низ историјата, самата Библија, како и оние што ја преведувале и им ја давале на другите, претрпеле многу напади. На пример, во 303 год. од н.е., римскиот император Диоклецијан наредил да бидат уништени сите примероци на Библијата. Во 16 век, Вилијам Тиндејл почнал да ја преведува Библијата од хебрејски и грчки на англиски јазик. Тој му го рекол следново на еден свештеник: „Ако ме поживее Бог, ќе се погрижам за неколку години момчето што ора со плугот да го познава Светото писмо подобро од тебе“. Бидејќи бил прогонуван, Тиндејл морал да побегне од Англија во друга земја во Европа за да го заврши и да го отпечати својот превод. Иако свештенството се обидело јавно да ги изгори сите примероци од овој превод, Библијата што ја превел Тиндејл стигнала до рацете на многу луѓе. На крајот, тој бил предаден и задавен, а потоа бил запален на клада. Но, неговиот превод на Библијата опстанал. Тој бил користен во подготовката на еден многу познат англиски превод наречен King James Version. (Прочитај 2. Тимотеј 2:9.)

13. Што покажало истражувањето на древните ракописи?

13 Точно е дека меѓу некои древни примероци на Библијата има одредени разлики, а понекогаш во нив има и мали грешки. Но, библиските изучувачи внимателно проучиле илјадници ракописи, делови од ракописи и стари преводи на Библијата. Откако ги споредиле, откриле дека само во неколку стихови има мали разлики. Меѓутоа, тие воопшто не ја менуваат пораката на Библијата. Ваквите истражувања на древните ракописи им влеваат доверба на искрените лица кои ја проучуваат Божјата Реч дека таа ја содржи истата порака што Јехова дал да се запише во изворните списи (Иса. 40:8). *

14. Колку е достапна Библијата денес?

14 И покрај немилосрдното противење од непријателите, Јехова се погрижил неговата Реч да биде најпреведуваната книга во историјата на човештвото. Дури и денес, кога многумина немаат речиси никаква вера во Бог, Библијата е најпродавана книга. Таа сега е достапна, целосно или делумно, на повеќе од 2.800 јазици. Ниедна друга книга не е толку распространета и достапна како Божјата Реч! Иако некои преводи на Библијата не се лесни за читање или не се толку точни, речиси од сите нив може да се дознае основната и едноставна порака на надеж и спасение.

ПОТРЕБА ОД НОВ ПРЕВОД НА БИБЛИЈАТА

15. а) Каква промена имало во нашата литература од почетокот на 20 век досега? б) Зошто нашите публикации најпрво се пишуваат на англиски јазик?

15 Во почетокот на минатиот век, една мала група искрени истражувачи на Библијата биле поставени да служат како ‚верен и разборит роб‘. Во тоа време, овој ‚верен роб‘ комуницирал со Божјиот народ главно на англиски јазик (Мат. 24:45). Но, сега библиската литература се преведува на повеќе од 700 јазици. Слично на грчкиот јазик во минатото, англискиот јазик денес нашироко се користи во трговијата и во образованието, и го зборуваат многу луѓе во светот. Од таа причина, нашите публикации најпрво се пишуваат на англиски, а потоа се преведуваат на други јазици.

16, 17. а) Каква потреба имал Божјиот народ? б) Како била задоволена таа потреба? в) На што се надевал брат Нор во врска со Преводот Нов свет?

16 Сите наши публикации се темелат на Библијата. Во почетокот, Божјиот народ го користел преводот King James Version, кој излегол во 1611 год. Но, јазикот во овој превод бил застарен и тешко разбирлив. Освен тоа, Божјето име се појавувало само неколку пати во текстот, иако во древните библиски ракописи го има на неколку илјади места. Во тој превод имало и некои грешки, како и додадени стихови кои ги нема во веродостојните стари ракописи. И другите англиски преводи на Божјата Реч исто така имале недостатоци.

17 Така се јавила потреба од точен превод на современ јазик кој лесно може да се разбере. Затоа бил основан Одбор кој требало да го направи Преводот Нов свет. Овој превод излегувал во делови во период од 10 години (од 1950 до 1960). Првиот од шесте тома бил објавен на еден конгрес, на 2 август 1950 год. Во таа прилика, брат Нор рекол дека Божјите слуги имале потреба од современ превод на Библијата кој ќе биде точен и лесно разбирлив, и кој ќе им помогне појасно да ја разберат вистината. Таквиот превод требало да биде јасен и разбирлив исто како што изворните грчки списи биле јасни и разбирливи за обичниот народ во времето на Исус. Брат Нор искрено се надевал дека Преводот Нов свет ќе им помогне на милиони луѓе да го запознаат Јехова.

18. Со кои одлуки се забрзало преведувањето на Библијата?

18 До 1963 год., она на што се надевал брат Нор станало реалност. Дотогаш Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи веќе бил достапен на уште шест јазици — германски, италијански, португалски, француски, холандски и шпански. Во 1989 год., Водечкото тело на Јеховините сведоци формираше нов оддел во главното седиште со цел да им пружи помош на преведувачите на Библијата. Потоа, во 2005 год., беше донесена одлука Божјата Реч да биде преведена на јазиците на кои веќе излегуваше списанието Стражарска кула. Како резултат на тоа, Преводот Нов свет сега е достапен — во целост или делумно — на повеќе од 130 јазици.

19. Кој историски настан се случи во 2013 год., и што ќе разгледаме во следната статија?

19 Англискиот јазик многу се промени откако излезе првото издание на Преводот Нов свет. Стана очигледно дека е потребна ревизија. На 5 и 6 октомври 2013 год. се одржа 129. годишен состанок на Јеховините сведоци, кој го следеа директно или преку видеопренос 1.413.676 лица во 31 земја. Сите беа воодушевени кога еден член на Водечкото тело го најави излегувањето на ревидираното издание на Преводот Нов свет на англиски јазик. Многумина беа трогнати до солзи кога редарите почнаа да делат примероци од овој нов превод. Додека говорниците читаа стихови од ревидираната Библија, на сите им стана јасно дека овој превод е многу полесен за читање и разбирање. Во следната статија ќе разгледаме повеќе информации за ова ревидирано издание, а ќе видиме и нешто повеќе за Преводот Нов свет на други јазици.

^ пас. 5 Во изворните списи, следниве стихови биле напишани на арамејски јазик: Езра 4:8—6:18, 7:12-26; Еремија 10:11 и Даниел 2:4б—7:28.

^ пас. 6 Зборот Септуагинта значи „седумдесет“. Се смета дека работата на овој превод започнала во Египет во третиот век пр.н.е., и можеби била завршена до 150 год. пр.н.е. Овој превод сѐ уште е од голема важност затоа што им помага на изучувачите да го разберат значењето на некои нејасни хебрејски зборови и стихови.

^ пас. 8 Некои сметаат дека Матеј најпрво го напишал своето евангелие на хебрејски, а подоцна тоа било преведено на грчки. Можеби самиот Матеј го направил овој превод.

^ пас. 13 Види го Додатокот А3 во ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет; види и во Книга за сите луѓе, стр. 7-9, „Како преживеала книгата?“