Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Божјето Царство е во твоето срце?

Дали Божјето Царство е во твоето срце?

Читателите прашуваат

Дали Божјето Царство е во твоето срце?

Денес мнозина мислат дека одговорот на ова прашање е „да“. На пример, една енциклопедија тврди: „Божјето Царство значи... дека Бог владее со нашето срце“ (The Catholic Encyclopedia). Така свештениците ги поучуваат своите верници. Дали Библијата навистина учи дека Божјето Царство се наоѓа во човечките срца?

Некои мислат дека лично Исус прв ја изнел идејата дека Божјето Царство се наоѓа во срцето на луѓето. Всушност, Исус рекол: „Еве, царството Божје е меѓу вас“ (Лука 17:21). Некои преводи овој дел го преведуваат со: „Божјето Царство е во вас“, па дури и „во вас внатре“. Дали тоа е точен превод на изјавата на Исус? Дали тој навистина мислел дека Божјето Царство се наоѓа во човечките срца?

Прво, размисли што е човечкото срце. Кога се спомнува во Библијата, симболичното срце ја означува внатрешната личност, односно изворот на мислите, ставовите и чувствата на еден човек. Идејата дека нешто толку возвишено како Божјето Царство се наоѓа во човечкото срце — во таа смисла што, на пример, ги менува и ги облагородува луѓето — можеби звучи привлечно, но дали е разумна?

Библијата ни кажува: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Еремија 17:9). Самиот Исус рекол: „Однатре, од човечкото срце, излегуваат лоши мисли: блудства, кражби, убиства, прељуби, лакомства, злоба“ (Марко 7:20-22). Размисли: зарем голем дел од бедата што ја гледаме во светот денес не потекнува од грешните човечки срца? Тогаш како може Божјето совршено Царство да дојде од таков извор? Всушност, Божјето Царство може да биде во човечкото срце исто толку колку што можат трња да родат грозје (Матеј 7:16).

Второ, размисли со кого разговарал Исус кога ги кажал зборовите запишани во Лука 17:21. Во претходниот стих стои: „Кога фарисеите го прашаа кога ќе дојде Божјето царство, тој им одговори“ (Лука 17:20). Фарисеите му биле непријатели на Исус. Тој кажал дека тие лицемери нема да влезат во Божјето Царство (Матеј 23:13). Според тоа, ако фарисеите немало да влезат во Божјето Царство, како можело Царството да биде во нивните срца? Тоа е невозможно! Тогаш, што сакал да каже Исус?

Во повеќе поточни преводи на Библијата, овие зборови на Исус се преведени на сличен начин како и во Преводот Нов свет. Некои велат дека Царството е „меѓу самите вас“ или „кај вас“. Во која смисла, во тоа време Божјето Царство било меѓу овие луѓе, вклучувајќи ги и фарисеите? Во таа смисла што меѓу нив бил Исус кого Јехова Бог го поставил за Цар на тоа Царство. Како иден Цар, Исус бил меѓу тие луѓе. Тој поучувал за Божјето Царство, па дури и правел чуда, и со тоа им покажал однапред што ќе постигне Царството. Значи, во многу реална смисла, Царството било меѓу нив.

Јасно е, Библијата со ништо не укажува на тоа дека Божјето Царство е во срцето на луѓето. Напротив, тоа е вистинска влада, која ќе направи драстични промени на Земјата, токму како што претскажале пророците (Исаија 9:6, 7; Даниел 2:44).